Monday, July 4, 2016

БРОНИСЛАВ МАЛИНОВСКИ: Аргонаутите на Западен Пацифик

III
Суштината на КУЛА
1.
Бидејќи ги опишавме сцената и глумците, преоѓаме на претставата. Кула е облик на размена од сеопфатен, меѓуплеменски карактер. Ја вршат заедниците кои го населуваат широкиот прстен од острови што обликува затворен круг. Тој круг може да се види и на мапата 5, претставен со линии кои поврзуваат одредени групи острови северно и јужно од источниот дел на Нова Гвинеја. Долж патот непрекинато во спротивни смерови се движат два вида и тоа исклучиво два одредени вида на предмети. Еден од нив – долги ѓердани од црвени школки, наречени соулава – се движат во правец на стрелките од часовникот. Во спротивна насока се движи друг вид на предмет – нараквици од бели школки, наречени мвали. Се движат во своја насока, во затворен круг, а секој од овие предмети среќава на својот пат предмети од другиот вид и непрестајно се разменуваат со нив. Секое движење на стоката во Кула, секој детаљ на размената, е утврден и одреден со збир од традиционални правила и конвенции, а одредени термини од таа размена се пропратени со сложени магиски ритуали и јавни церемонии.
Од секое острово и од секое село во Кула учествуваат повеќе или помалку ограничен број луѓе – тоа значи дека тие ја примат робата, ја задржуваат извесно време, а потоа ја предаваат понатаму. Така, секој човек кој е вклучен во Кула добива, но само во привремена сопственост, една или неколку мвали или соулава кои потоа треба да ги предаде некому од своите партнери, за да може за замена да добие стока од друг вид. Така никој ниту еден предмет никогаш не го задржува подолго време во лична сопственост. Партнерството во Кула не се сопира со една размена, зашто владее правилото „еднаш во Кула – секогаш во Кула“, а партнерството помеѓу два човека претставува врска која трае цел живот. Исто така, секој даден мвали или соулава може секогаш да се следи на својот пат, од човек на човек, и не постои можност никогаш да сопре, така што принципот „еднаш во Кула – секогаш во Кула“ важи и за самите драгоцености.
Церемонијалната размена на двата предмета претставува главен, суштински тип на Кула. Со нив е поврзан и зад него се крие една цела низа на секундарни настани и појави. Така, паралелно со ритуалната размена на нарквици и ѓердани, домородците извршуваат и обична трговија, разменувајќи од еден до друг остров голем број на корисни работи кои често не можат да се набават во областите од каде доаѓат, а се неопходни. Понатаму, постојат и други активности кои претходат на Кула или се поврзани со неа, како што се градбата на прекуморските кануи за Кула-походите, одредени облици на големи погребни свечености, како и подготвителни табуи.
Оттаму Кула, како според своето географско простирање, така и по многуслојноста на своите активности, претставува исклучително голема и сложена појава. Таа ги поврзува многубројните племиња и опфаќа широк комплекс на меѓусебно испреплетени дејности, кои на тој начин прават една органска целина.
Не смееме пак, да заборавиме дека она што пред нас се појавува како сеопфатна, сложена, а сепак добро уредена институција, произлегува од повеќеслојните дејности кои што ги извршуваат дивјаците, немајќи притоа никакви јасно формулирани закони, цели или договори. Тие не поседуваат знаење за некој општ карактер од било кој аспект на својата социјална структура. Ги знаат своите мотиви, ја знаат смислата на поединечни дејности, како и правила кои врз тие дејности се применуваат, но облиците на целокупната колективна институција останува вон дометот на нивната свест. Дури ни најинтелигентниот припадник нема јасна претстава за Кула како за голема организирана општествена градба, а уште помалку за нејзината социјална функција и нејзините импликации. Ако некого прашате што е тоа Кула, ќе одговори наведувајќи неколку детаљи, главно ќе говори за своето лично искуство и субјективното видување на Кула, но никако во склад со дефиницијата која ние предмалку ја дадовме. Од него не може да се добие ни делумен кохерентен опис, затоа што во неговата свест не постои целосна слика; тој се движи во своите рамки и не може да ја согледа надворешноста.
Спојувањето на сите воочени детаљи, социолошката синтеза на сите различни значајни појави, е задача на етнографот. Пред се’ то мора да ја открие смислата на извесни активности кои на прв поглед изгледаат некохерентно и неповрзано. Потоа, мора да разграничи што е тоа во нив константно и значајно од она што е случајно и небитно, односно да утврди закони и правила по кои се вршат трансакциите во Кула. Понатаму, етнографот мора да конструира слика на голема институција, многу слично на физичарот кој својата теорија ја конструира врз основа на експериментални податоци кои што секогаш биле секому достапни, но на кои им недостасувала последната интерпретација. Ова прашање на методите го допрев во своето воведно поглавје, ама нему повторно му се враќам, бидејќи е неопходно добро да се разбере, за да не се изгуби вистинската перспектива во согледувањето на односите кои владејат помеѓу домородците во Кула.

4.
...Заземајќи го повторно гледиштето на поединецот по согледување на Кула, земаме конкретен пример на еден обичен човек кој претпоставуваме дека живее во селото Синакета, важен центар од Кула на јужните Тробријански острови. Тој има неколку партнери, оние во близина и оние оддалечените, кои пак се делат на луѓе кои даваат нараквици и оние кои даваат ѓердани. Природно и непроменливо правило на Кула е школките – нараквици и ѓердани никогаш да не ги примаат од еден човек, поради што тие мора да патуваат во различни насоки. Ако мене еден партнер ми даде школка – нараквица, а јас му возвратам со ѓердан, природно е сите наши идни размени да бидат од ист тип. Оттаму, природата на работата која што ја извршуваме јас - човекот од Синакета и мојот партнер, се одредува според положбата на страните на светот. Така, јас во Синакета, примам од север и од исток само нараквици. Од југ и запад ми даваат ѓердани. Ако имам партнер во близина и доколку неговото место на живеење е  северно или источно од моето, тој секогаш ќе ми дава нараквици, а од мене ќе прима само ѓердани. Ако тој го смени живеалиштето во рамките на селото, ќе го задржи истиот однос, но доколку стане член на некоја друга селска заедница, кој во однос на мене се наоѓа на другата страна од светот, нашата врска ќе се пресврти. Сите партнери од селата северно од Синакета, значи од областа Луба, Кулумата или Киривина, мене ме снабдуваат со нараквици. Нив пак, јас ги предавам на моите партнери на југ, од кои што примам ѓердани. Во овој случај, југот го претставуваат јужните области на Бојова, како и островчињата Амфлети, како и соседните големи острови Добу.
На овој начин, секој човек е принуден да ги почитува одредените правила во однос на географската усмереност на своите трансакции. Ако го замислиме актерот во било која точка на Кула-прстенот, свртен спрема средината на кругот, тој со левата рака ќе прими школка-нараквици, а со десната ѓердани, за потоа да ги предаде потаму. Со други зборови, тој непрекинато ги пренесува школка-нараквиците од лево на десно, а ѓерданите од десно на лево.

Ако ова правило за однесување на поединците го примениме на целиот прстен Кула, можеме веднаш да воочиме конкретен резултат. Збирот на целата размена не води кон бесцелно движење на два вида предмети, до произволно пристигнување и давање на школки-нараквици и ѓердани, туку постојано течат две непрекинати струи. Едната струја се ѓердани, кои се движат во насока на стрелките на часовникот, а другата струја се нараквици, кои пак се движат во спротивна насока. Така гледаме дека е потполно исправно да говориме за циркуларна Кула-размена, за прстенот или кругот на предмети кои нон-стоп се движат. Во тој круг, сите села се сместени на точно одредени места, а се така распоредени едно спрема друго, што секогаш се или во насоката на движење на нараквиците или во смерот на кои патуваат ѓерданите.

No comments:

Post a Comment