Saturday, February 11, 2017

Ерих Фром: ДОГМАТА ЗА ХРИСТОС

IV
ТРАНСФОРМИРАЊЕТО НА ХРИСТИЈАНСТВОТО И ХОМОУСИСКАТА ДОГМА

Раните верувања за Исус претрпеле промени. Човекот воздигнат до Бога станал Син Човеков, кој секогаш бил Бог и кој постоел пред сето сторено, кој бил едно со Бога, но кој требало да биде и разликуван од Него. Има ли тоа менување на идејата за Исус и социо-психолошко значење, како што можевме да покажеме во случајот со раноадапциското верување? Одговорот на тоа прашање ќе го најдеме преку проучување на луѓето кои, 200 – 300 години подоцна, ја створиле догмата за Христос и во неа верувале. На тој начин, ќе можеме да ја разбереме нивната стварна животна ситуација и нејзините политички аспекти.
Најважни се овие две прашања: Кои биле Христијаните во првите столетија после Христа? Дали Христијанството останува религија на страдалничките палестински Евреи–занесеници, а доколку не, тогаш кој доаѓа на нивно место и им се придружува?
До првата голема промена во составот на верниците дошло кога христијанската пропаганда им се обратила на паганите и кога во победоносниот поход се здобила со симпатизери помеѓу нив и тоа во речиси целото Римско царство. Значењето на промената на националноста меѓу следбениците на Христијанството не би требало да се потценува, иако таа не одиграла никаква решавачка улога се’ додека битно не се променил социјалниот состав на христијанската заедница, тоест се’ додека таа се состоела од сиромашни, угнетени и обесправени луѓе, кои чувствувале заедничко страдање, заедничка омраза и заедничка надеж.
Познатата Павлова осуда на заедницата на Коринтјаните, без сомнение, вреди и за втората и за третата генерација на мнозинството од христијанските заедници, како и за апостолскиот период.
„Оти, погледајте го знаењето свое браќо, да нема ни премудри по тело, ни многу силни, ни многу племенити; Туку, она што е лудо пред светот, тоа го избра Бог да ги посрамоти премудрите, и она што е слабо пред светот, тоа го избра Бог да ги посрамоти јаките; И она што е неплеменито пред светот и уништено, тоа го избра Бог, и она што е не – да го уништо тоа што е“ (I Кор. 1:26-28).
Меѓутоа, иако грото следбеници кои Павле ги придобил за Христијанството во првиот век се’ уште било од најниските класи – скромни занаетчии, робови и ослободени робови – во заедницата постепено повчал да се вовлекува еден друг социјален елемент: образованите и имашливите. Павле навистина бил еден од првите христијански водачи кој не потекнувал од нижите класи. Тој бил син на имотен римски граѓанин, бил фарисеј и оттаму еден од интелектуалците кои ги презирале Христијаните и кого тие го мразеле.
„Тој не бил пролетер кој не бил запознаен со политичкиот поредок, ниту пак бил оној што немал интерес за негово траење, надевајќи се на негова пропаст. Од самиот почеток бил одвеќе близок до моќниците од власта и премногу добро ги познавал благодетите на светиот ред, за да би имал сосема поинакво мислење за етичката вредност на државата од – да речеме – некој член на домашната партија на зелотите или од некој од сопствените колеги–фарисеи, кои во римската доминација гледале, во најдобар случај, помало зло во споредба со полу-еврејските Херодовци.
Преку ширењето на своето учење, Павле во прв ред му се обраќал на најнискиот општествен слој, но зацело и на некои од поимотните и пообразованите луѓе, особено на трговците, кои преку лутањата и патувањата, неспорно станале значајни за експанзијата на христијанството. Арно ама, се’ до длабочината на второто столетие, реалната основа на заедницата ја претставувале припадниците на нижата класа. Тоа го покажуваат поединечни одломки од изворната литература која што, како на пример Посланијата на Јаков или Книгата на Откровението, просто дишат со пламена омраза спрема моќните и богаташите. Неизвештачената форма на таквите литературни честици и општата смисла на есхатологијата покажуваат дека „членовите на христијанските заедници, непосредно по апостолското доба, се’ уште биле примани од редовите на сиромашните и неослободените“.
Од средината на вториот век, Христијанството започнало да придобива следбеници помеѓу средните и вишите класи на Римското царство. Првенствено, жените на истакнати позиции и трговците го прифатиле ширењето на тоа учење; Христијанството се проширило во нивните кругови и потоа постепено продрело во круговите на владејачката аристократија. Кон крајот на второто столетие, Христијанството веќе престанало да биде религија на сиромашните занаетлии и робови. И пред да стане државна религија под царот Константин, тоа уште во Римското царство станало религија на широките општествени кругови на владејачката класа.
Околу 250 до 300 години после раѓањето на Христијанството, симпатизерите на таа вера биле потполно различни од првите Христијани. Тие веќе не биле Евреи, кои пострасно од било кој друг народ верувале во месијанското време кое наскоро ќе дошло. Тие сега, заправо, биле Грци, Римјани, Сиријци и Гали – накусо, членови од сите народи во Римското царство.
Во врска со таа промена во социјалната структура на христијанските цркви, мора да ги посматраме и општите економски и политички прилики во Римското царство, кое доживеало темелни промени во тој период. Националните разлики внатре Светското царство постојано исчезнувале. Чак и странец можел да стане римски граѓанин (Едиктот на Каркала, 212). Истовремено, царскиот култ делувал како соединувачка врска која што ги укинува националните разлики. Економскиот развој бил обележен со процес на постепено, но се’ побрзо воспоставување на феудалниот систем:
„Новите односи, што се консолидирале по крајот на третиот век, веќе не познавале никаков слободен труд, ами само присилна работа во статусни групи (или малцинства) кои станале наследни кај селанското население и во колониите, ама и кај занаетлиите и црквите, како и (што е добро познато) кај патрициите, кои станале главни носители на даночните приходи. Така кругот се затворил. Развојот се вратил на точката од која што започнал. Се воспоствил средновековниот поредок.“
Политичкиот израз на таа економија во опаѓање, која се враќала кон новата „природна економија“ врзана за државата, била апсолутистичката монархија, која што ја обликувале Диоклецијан и Константин. Се развил еден систем на бескрајни потчинетости, на чиј врв била личноста на божествениот цар, кому масите морале да му укажуваат почит и љубов. Во релативно краток временски период, Римското царство станало феудален класен систем со строго утврден поредок, во кој нижите слоеви не можеле да очекуваат дека ќе им се поправи положбата затоа што стагнацијата предизвикана од рецесијата на производствените сили го оневозможувала прогресивниот развој. Општествениот систем бил стабилизиран и со него се управувало од врвот, а за поединецот кој бил на дното, морало да се стори нешто посебно, за полесно тој да можел да го поднесе својот положај.


(Загреб, 1989 год.)

No comments:

Post a Comment