Критиката за Верлен
Тоа е стар
скитник, уморен од 30-годишното „акање“ по сите патишта. Кога ќе се погледне,
би се рекло дека е селски врач. Черепот гол, бакарен, џумкаст како старо котле,
очите мали, коси и светликави, ноздрвите потечени. Со својата кратка, ретка и
тврда брада, личеше на некаков Сократ без филозофија и без власт над самиот
себе. Изненадува и запрепастува погледот. Изгледот во исто време му е и груб и мил,
див и присен. Сократ полн со нагони
или подобро да се каже: фаун,
сатир, створ коjшто е пола
животно, пола бог, коj плаши
како природна сила, неподлегната под никакви природни закони. Ох, да, тоа е
скитник, стар скитник од друмовите и предградијата.
Anatol France
Го виѓавав речиси
секојдневно како проаѓа, излегувајќи од своето чудно дувло. Гестикулирајќи, ќе
одеше кон некаква меана, близу Политехничката школа. Тој клет, тој блажен
човек, удираше куцајќи по земјата со својот тежок стап на скитник и инвалид.
Беден, со очи полни со пламен, ќе ја зачудеше улицата со своето сурово
достоинство и со бескрајната галама. Следен од пријателите, наслонет на раката
на една жена, одејќи тој непрекинато нешто и’ кажуваше на својата придружба.
Ненадејно ќе застанеше и ќе почнеше мавнато да се дере некому. Тогаш ќе се
развиеше расправија. Верлен со своето друштво ќе се оддалечеше, уз мачно лупање
на галошите и стапот, запаѓајќи во величествен бес, што по некое чудо,
понекогаш ќе се прометнеше во смеа, и тоа во чиста детска смеа.
Paul Valery
За него беше
битна неговата сила на чувствување и приемливиот тон на неговите болки,
неговите смелости, мошне отворени, на француски начин, со таа мека и трогателна
убавина, подударајќи се само со една друга уметност, каква што е Патот во Китера (од Бодлер).
Maurice Barres
Верленовата
поезија, како облик и мисла, сосем е непосредна; како да е потоната во мекотија; таа е таму каде што не е; тука воопшто не се забележува некое
дотерување. Начинот не се менува, без оглед дали се работи за религиозна или за
развратничка инспирација. Тоа е секогаш истата чиста флуидност, јали поточето
да тече низ тревата или камењата-облутоци, а неговиот глас секогаш изговара
иста љубовна песна, јали љубовта да му се насмевнува на жени и анѓели – тоа е
безмалку истата чулност.
Remy de Goumond
Верлен остава
велико име, ама незнам дали остава и дело... Од него треба да се сочува по
некој издвоен стих кој знае да биде чудесен... Роматничарите се повикале на
слобода на уметноста, а Верлен неа и ја остварил и тоа со дива и луда
горливост. Тој го расипа јазикот, го уништи стилот, а мислата ја сведе на
ништо. Од толку низок пад, сиот тој плоден дух едвај да можел малку да отскокне
кон светлината, кон редот, снагата, кон мажевната дражест и другите дисциплини на убавината.
Charles Maurras
Среќен ли поет,
се осмелувам да повторам, иако знам колку Пол Верлен пропати во своето болно
тело и јадно срце. Ева! Како дете бил без било каква заштита, па животот често окрутно го рануваше. Но страдањето е
откуп за генијот и таа реч може да се изрече кога се говори за Верлен, оти
неговото име нас секогаш не’ потсетува на потполно нова поезија, која што во
француската поезија има значење на откритие.
Да, Верлен создал
поезија која е само негова, поезија во која истовремено наоѓаме и наивна и
суптилна инспирација, сета во нијанси, која што упатува на „најтанкоќутни“
треперења на нервите, на најтајновити одеци на срцето; поезија природна, никната од изворите кои
понекогаш се и пучко-народни; поезија во која ритамот, слободен и преломен, чува во себе милен склад, во
која строфите се вртат и пејат као детска песна, во која стихот, останувајќи
секогаш стих – и тоа еден од најособените – е целиот создаден од музика. И во
таа неповторлива поезија, тој ни ги кажа сите свои занеси, сите свои погрешки,
сите свои грижи, сите нежности, сите соништа, и ни ја покажа својата душа, така
вознемирена, а така бенигна. (Од надгробниот говор)
Francois Coppee
Верленовата
особеност пред се’ ја наоѓаме во тоа што знаеше да ги изрази магловните и
угодните таинства, тихо, во сутон.
Сам, тој ја имаше способноста да ги одгатне оностраните возбудливи состојби на
душата, нечујното шепотење на мислите, „отчитувања“ така промрморени и така
испрекинати, што увото кое ги прима би останало неодлучно, а во душата би се
преточувала папсаност, распламтена со тајните на тој дух, до кои дошол повеќе
со чарање, отколку со чувствување.
J.-K. Huysmans
Тоа беше варвар,
дивјак, дете...
Само што тоа дете
во душата носеше музика, и во поединечни прилики, тоа слуша гласови кои што
никој пред него не ги чул..
Поезија
магловита, мошне наивна и мошне барана... Поезијата на господин Верлен за мене
претставува последна степеница ем на несвесноста, ем на истенченоста, што мојот
слаб дух може да ја прифати.
Anatole France
Што се однесува
до наивноста на Верлен и неговото дело, вон сомнение е дека таа никогаш не ни
постоела. Неговата поезија е далеку од тоа да биде наивна, оти невозможно е вистински
поет да биде наивен. Лесно се заборава дека поетот, според нужноста на неговата
положба, мора да биде последен меѓу луѓето кој би се задоволувал само со
зборови... Тој наивец е всушност организиран примитивец каков што немало и тој
произлегува од мошне вештиот и свесен уметник.
Paul Valery
Требаше да минат
доста години од неговата смрт (а така беше и со Бодлер) за Верлен да биде
признат како еден од најголемите француски поети. Ако Бодлер го соголи своето
срце психички, Верлен го соголи музички. Ниеден збор не бил толку блиску на она
што не може да се искаже, како неговиот, ниедна друга реч не е така свежо
вткаена во тишината и полнотијата. Неговиот стих има еластичност на гласовите
кои замолкнале или кои се’ уште не проговориле. Тој стих не наликува на ништо
што е створено пред него, на ништо што е создадено после. Секој друг стих
изгледа тврд пред таа мека, овошна срж. Бил човек без воља, грешник носен од
водните струи, но сето тоа можеби било потребно за да се обликува тој снег и да
се изложи таа песничка граѓа.
A. Thibaudet
Во Верленовите,
секогаш меланхолични стихови, од кои одѕвонува длабока тага, може јасно да се
чуе крик на очај, бол на осетлива и нежна душа, која е желна за светлина, желна
за чистотија, го бара Бога и не го наоѓа, сака да ги љуби луѓето, ама не може.
Максим Горки
Недостатоците што
му ги наведуваат неговите противници би биле во тоа дека ја повредил
остроумноста, дека грешел против Минерва, дека нашата поезија ја задоил со лоша
илузија на магловитиот интуиционизам. Меѓутоа, не-вистина е дека вредноста на
едно уметничко дело се мери според тоа колку тоа ја задоволува остроумноста и
Верлен може да биде голем поет и без да ни пружи ништо друго сем веродостоен
исказ на својата чудесна и вознемирена душа. Зашто носел во себе еден цел свет
на соништа, носталгии, загубени раеви, зашто животот му бил една долга драма
полна со страдање, падови и искуства, затоа што неговото дело не буди во нас
некакви површни подрачја што ги осветлува ладната светлина на интелигенцијата,
ами оние зони кои се истовремено и најтемни и највистински во нас самите, при
што го изложуваме и сопствениот живот, уз непрекинато и чисто чувствување на
неговата присутност.
A. Adam
Верленовиот чар
не е од оние кои ги брише една сезона, една деценија, па дури и едно столетие.
Тоа е благодарение на неговата сензибилност, така исклучителна и секогаш жива, во
која што се среќаваат и стопуваат изразити нежности и суровости, вера и сомнеж,
желба за признавање и комедијанстство, добра воља и млитавост, ангелизам и по
малку детинест сатанизам. Од таа сензибилност се ослободува еден израз,
едновремено и простодушен и натегнат (второто лице на неговата наивност) ама
точен и адекватен, во кој се чувствува ударот и покретот на зборовите, устреми и падови, како и неповторлива
музика.
Marcel Arland
Тој „неумерен
човек“ (така самиот се дефинирал) имал дарба, во мелодични зборови, да искаже
се’ она што го проживувал, од најдоброто до најлошото. Неговите најубави песни
пејат во нашето сеќавање, зашто во нив извонредниот темперамент знаеше на себе
да ги подреди изворите на префинетата и многукратната уметност. И уште нешто е
содржано во неговото дело:
непрестајна присутност на надежта, дури и во најголемите јадови и невољи.
Jean Richer
Верлен се фрлил
на религијата како што се фрлил себеси во брак. Збирката Ла бон шансон веќе ја навестувала Мудрост, а бегството во Брисел означува исти реакции: едно слабо и вознемирено срце верува дека
смогнало сила и нашло сокровиште; осаменикот леко се впушта во најнеочекувани разговори. И тогаш тие
разговори се прекинуваат, еден во омраза, друг во носталгија. А, разговорот на
Верлен со Христос завршува лошо.
Оти, што останало
од вдахновението во збирката Мудрост,
кога се појавила: желба да се
продолжи со траењето неспоиви работи, да се искаже како христијанин на
страниците на весниците Шат ноар и Лутес, водејќи живот кој е во потполна
спротивност со христијанскиор морал; тежнеење за публицитет, заради што можеме да се запрашаме дали можеби тој
– во своите најдобри песни од Мудрост
- понекогаш не се преправа? Така што, тоа е заправо едно религиозно брборење,
молитви кои се пљампаат, збирка
апстрактни формули, накусо – само една надворешност од религија, тек-тук
понекој вистински доим.
Jacques Robichez
Ако имаме на ум
дека големите пустоловини, што надмоќно ја збогатиле и оплодиле поезијата,
можеби исто така придонеле и за нејзиното се’ поголемо оддалечување од
читателите, тогаш ќе му бидеме благодарни на Верлен кој со своето дело не
потсети дека едноставноста не мора нужно да биде осреден глас на безначајноста.
Навистина, залудно ќе бараме метафизички одеци во неговите најпознати совети,
како што е: „Дајте музика“,
меѓутоа начинот на којшто Верлен тоа го остварил во своето дело, би можел да му
даде за право, повеќе отколку кај Валери, на своите песни да им даде наслов
Шарме, оти неговиот спев е стварно полн со магија. А, не се работи за тоа да му
се додели некаква ситна пофалба, која не ја ни заслужил, туку треба јасно да се
каже дека вештата и чиста јаснотија на неговиот глас го уврстува во долгата
традиција на Шансон, која што влече корен од нашиот Среден век, за да расцвета
во „тажалките“ за нељубениот (кај Аполинер).
Верлен е полесен
(од Маларме). Не бараме во него сила на обликот или мечтовитост: он себе си се прати со гитара или со
виолина, меѓутоа би се задишал кога би морал да се усклади со некој оркестар.
Тој дури и во славните христијански сонети ми изгледа како поет од пониска
вредност. Арно ама, како што Вијон и Бодлер се поети на страдањето и
„гризодушјето“, Верлен е песник на сентиментот и жалењето. Тој умееше да даде
најмузикален, најфин и најтајновит израз. Тој е еден од поетите што се најдраги
на нашето срце. Ќе речам и тоа дека тој бил бил лош учител, да не беше
Аполинер.
Georges Pompidou
…
(изд. „Аугуст
Цесарец“ Загреб, 1988 год.)
No comments:
Post a Comment