Tuesday, March 14, 2017

Јанош Бањаи: ШАНДОР ПЕТЕФИ


Се родил на 1. јануари 1823 во Кишкереш. Неговиот татко Иштван Петровиќ се доселил во Алфелд (средниот, рамен дел на Унгарија) од Фелвидек (Горна Маџарска). Бил месар и закупец, семејството често го менувало местото на живеење. Фамилијата на Иштван Петровиќ во тоа време живее под поволни материјални прилики, но подоцна ќе осиромаши. Татко му отпочеток сесрдно се грижи за воспитувањето и школувањето на својот син. Мајката Марија Хруз била Словакиња. Иштван Петровиќ се оженил со неа 1818 год. во Асод. Петровиќ во тоа време бил закупец во Сабадсалаш. Оттаму во 1821 г. се преселиле во поетовото родно место, каде Иштван Петровиќ такуѓере држел под закуп една месара.
Во фактот дека е роден на самиот новогодишен ден Петефи видел нешто повеќе од случајност. Трагови на ова можат да се најдат во неговата поезија.
Сразмерно имотни, Петровиќи не остануваат долгово Кишкереш. Веќе 1824 г. тие се закупци во Кишкунфелеѓихаза. Тоа е градот кој Петефи, ем во песните ем во други изјави, го нарекува свој „роденкрај“. За поетовото детство, освен мноштвото анегдоти, кои не можат да се проверат и занимливите записи, знаеме малку, ама затоа доста знаеме за неговото школување.
Како десетогодишник тој веќе се школува во Пешта, најнапред во евангелистичката, а потоа во пиетистичката гимназија, но пред „ученикувањето“ во Пешта, две ипол години учел во Кечкемет, потем во Сабадсалаш и Шарсентлеринц. Неговите успеси во текот на пештанското школување се послаби од претходните, а според записите уште тогаш радо се „мотал“ околу театарот.
Наскоро ја напушта Пешта и спрема татковите упатства минува како ученик три години – од 1835 до 1838 – в Асод, каде што успехот одново му се поправа. Од таму ни останале и првите забелешки за неговата лектира. Најрадо ги чита класичните поети Овидиј и Хорациј. Во Асод 1838 ја пишува и својата прва сочувана песна, по повод завршувањето на школската година: Опроштај, која се состои од 54 хексаметри. И според поетовата изјава, тие три години „ученикување“ в Асод биле богати со доживувања, затоа што тука почнал да пишува песни, тука прв пат се заљубил и тука сефте пожелувал дса стане актер.
Тој го напушта Асод, па го продолжува учењето во Шелмец. Ова е раздобје на првото будење на неговата самосвест: отпор кон идеите коишто владејат во лицејот, развојот на националното чувство и запознавање со минатото на унгарското песништво. Ја чита поезијата на Гвадани, Чоконаи и Верешмарти. Овде доаѓа во поблизок допир со унгарската историја. Но, и еден од преломните моменти од неговиот живот е врзан за Шелмец. Материјалната положба на неговите родители бидува расклатена, поетовите школски свидетелства се мошне слаби, а тој безмалку редовно посетува театри. Поради сево ова, татко му се откажува од него и Петефи, останувајќи без било што, навистина млад ги запознава невољите.
Заминува во Пешта и се вработува во Народниот театар како статист, разнесувач на улоги и потрчко. Наскоро ја напушта и Пешта и преку Секешфехервар и Оштфиасоњфа, заминува за Шопрон, каде што во 1839 г. стапува во војска. Со обзир на околностите на војничкиот живот, тој доста чита – Шилер, Хорациј, Ван дер Велде – а пишува и песни. Поради сево ова, еднаш го караат и го исмеваат. Арно ама, на војничкиот живот наскоро му доаѓа крајот. Неговиот пешадијски полк преоѓа во Грац, младиот песник пешачењето го истоштува и тој како болен, е сместен во загребската болница. На почетокот на 1841. се демобилизира. Доживувањата од годините проведени во војска се одразени во многу тогашни и подоцнежни негови песни.
Настанува доба на големи лутања, пешки поминува некоку иљади километри. Повторно доспева во Шопрон, оттаму во Папа, па во Братислава. Следуваат Ѓор, Пешта, Дунавече, потем одново Пешта, па позорницата на неговите ученички години Шелмец, па повторно Дунавече. А, би можело да се реди и уште. Стасува в Озор и тука наново стапува во една театарска трупа. Меѓутоа со глумците останува само до крајот на 1841 год. и потоа пак иде во Папа, каде што се запознава и склопува повеќегодишно пријателство со Мор Јокаи. Повторно многу чита, ја запознава унгарската историја, Шилеровата, Ленауовата и Хајнеовата поезија. Годината 1843. му се појавува првата отпечатена песна: Меана.
Настанува ново талкање. Преку летото е кај Јакаи во Комаром, па се упатува кон Дунавече, Пешта, Мезеберењ, Дебрецин и најсетне во Папа. Повторно станува актер, игра во Секешфехервар и Кечкемет, ама набргу ја напушта и оваа дружина и заминува, преку Пешта, Ѓор и Папа, во Братислава, но таму не го примаат во театар, па живее од препишување и мора да се наслони на помошта на пријателите, кои му помагаат пак да се добере до Будимпешта. В ова раздобје напишал приличен број свои позначајни песни, а кон крајот на 1842 г. и ја објавува својата прва песна под сопственото име Петефи во „Атенаум“.
Во Пешта преведува романи и стекнува нови пријатели. Веќе тогаш ја посетува кафеаната Pillwax, која во мартовската револуција ќе одига така битна улога. Но, не останува долго, кинисува на пат, се вработува како глумец и стигнува тешко болен во Дебрецин. Овде ја минува зимата 1843/44 во релативно спокојство, благодарејќи на помошта на пријателите. Ги собира дотогаш напишаните песни и пак пешки оди во Пешта да најде издавач. Ама издавањето му поаѓа од рака дури со Верешмартиева помош.
Следува една размерно мирна година. Повторно по препорака на Верешмарти и Бајза, станува помошник-уредник на Пештанскиот моден лист, којшто бидува покренат на 1. јули 1844, но пред тоа поминува и два месеца кај родителите до Дунавече. Тука завршува еден период од поетовиот живот; конечно ги напушта плановите за театарскиот позив. Изгледа дека за актер немал доволно дарба.
Кај пештанскиот моден весник останува скоро година дена. Во таа година многу пишува, песните му се појавуват од недела в недела, а и книгите брзо следуваат една по друга. Го проширува кругот на пријателите, а во атмосферата на Pillwax младината се напојува со идеите на една нова епоха.
Пролетта 1845 раскинува со Пести Диватлап, единствено се обврзува стихотворбите и натаму да ги објавува во таа новина. Веќе е познат и признат песник, но за чудо, повеќе го љубат и слават читателите отколку критиката и критичарите. На попатните застанувања по Горна Маџарска, кај што се движи, го поздравуваат одушевени читатели. Да ги наброиме сите постојни на неговото тогашно патување би изискувало премногу простор, па само ќе споменеме дека почитувачите го бирале за апелационен судија во Гемерската жупанија и дека во Еперјеш, каде минува месец дена, дошло до поетско натпреварување помеѓу Томпа, Керењи и Петефи.
Во почетокот на летото поторно стигнува во Пешта, три негови песни излегуваат во Виена в германски превод, од Горна Маџарска донесува ракопис на цела една книга, патни белешки, средува нова збирка песни и пишува драма. Меѓутоа, како што многумина се одушевуваат од него, така многумина и му подметнуваат нога.
Уште како помошник-уредник се запознава со Етелка Чапо, но девојчината рана смрт ја прекинуваа оваа љубов во зачеток. Циклусот песни во кои е сочуван Етелкиниот спомен е создаден од возбудливи, страсно романтични песни. Се раѓа нова неуспешна љубов, Петефи ја проси Берта Медњански, но бива одбиен. Настанува нов циклус песни Бисери на љубовта, обележан со разочарување. Во меѓувреме, на поетот се свалуваат се’ повеќе напади, го обвинуваат за простота и грубост.
Повтоно тргнува на пат, стига и до родителите во Салкасентмартон, па се враќа во Пешта. Му излегуваат од печат нови книги, запознава нови писатели. После Беранже и Хајне, сега ги чита Шели и Бајрон. Во тоа време, пишува нов циклус песни Облаци, ја довршува својата втора драма Тигарот и хиената, те работи на романот Џелатовиот коноп. Се вклучува во движењето Млада Унгарија, доспева во прв план на политичките борби, чувствува се’ поголема одговорност за судбината на нацијата. И од сите страни го признават неговиот поетски дар, неспорните вредности на неговата поезија.
Почетокот на 1846 е важно раздобје во Петефиевиот живот. Од народните корени на неговата поезија избива стеблото на политичкиот светоглед, демократските и револуционерните идеи. И организацијата Fiatal Magyar orszag станува силна, посебно благодарејќи на Друштвото на десетмината. Сите тие се писатели и поети, но воедно и почитатели и поборници на Француската револуција. По сведоштво на Јокаи, ѕидовите на Петефиевата соба ја краселе слики на Робеспјер, Сен-Жист, Мара и госпожа Ролан. Место на новното состанчење е Pillwax. Ги опкружуваат шпиони и агенти.
Во тоа време, Петефи е во Демшед и тек во средината на 1846. повторно се појавува во Пешта. В август заминува во Сатмарската жупанија и се готви за во Трансилванија, но стасува само до Наѓкарољ, каде – на жупанискиот бал на 8. септември – ја запознава својата голема љубов и подоцна жена, Јулиа Сендреи. Се распламтува страсна и полна со промени љубовна историја, којашто се’ до нашиве дни, ја преокупира мечтата на биографите и биографите-романсиери. Околу таа љубов кружат разни гласини, таа се збогатува со разводи, простувања и повторни средби, зашто Јулиа живее в Ердел, а Петефи во Пешта.
...

(изд. Белград, 1985 год.)

No comments:

Post a Comment