Wednesday, March 29, 2017

ЏОРДАНО БРУНО: За Причината, Принципот и Едното


ТЕОФИЛ: Ако, демек, духот, душата и животот се наоѓаат во сите објекти и по одредени степени ја исполнуваат сета материја, сигурно дека духот станува вистински акт и вистинска форма на сите ствари. Демек, светската душа е конститутивен формален принцип на универзумот и на она што универзумот го содржи; тоест, ако животот се наоѓа во сите предмети, душата е форма на сите предмети; таа е секаде редна моќ на материјата и владее во сложеното: го обавува составувањето и одржувањето на деловите (...)
Морате значи, накратко да знаете дека светската душа и божеството не се присутни сегде и во секој дел на начин како некоја материјална ствар, бидејќи тоа е невозможно за било кое тело или дух, какви годе биле тие; туку на начин којшто не е лесно поинаку да ви биде протолкуван, освен вака. Мора да знаете, кога се вели дека светската душа и универзалната форма се секаде, тоа не се смета телесно и според обем, оти такви тие не се и не може да бидат во едно тело; ами тие се духовно сегде цели. Како груб пример може да си представите некој глас кој сиот е во една соба и во секој нејзин дел, затоа што секаде го наоѓаме во целост, како што овие зборови кои јас ги говорам ги слушаат сите; и да има иљада присутни, и да мојот глас може да го десегне целиот свет, би бил сегде во целост. Ви кажувам, значи, учителу Полиниј, дека светската душа не е како неделива точка, туку на некој начин како глас (...)
Еве ти знакови и потврди со кои што пожелувам да завршиме за тоа дека спротивностите се слеваат во едно: најсетне, од нив нема да биде тешко да се изведе оти сите работи се едно, како што секој број, бил тој парен или непарен, конечен или бесконечен, се сведува на единство, кое помножено со конечното дава бројка, а помножено со бесконечното го негира. Тие знакови ќе ги земам од математиката, а потврдата од други морални и спекулативни науки. Значи, најпрвин за знаковите. Кажете ми, што е поразлично од правата црта и кругот? Што му е на правото поопречно од кривото? Па сепак тие, во принцип и во најмалиот дел (минимата), се поклопуваат; зашто – како што прекрасно забележал Кузанус, откривачот на најубавите тајни на геометријата – каква разлика може да пронајдеш помеѓу најмалиот лак и најмалата рамна нитка? Освен тоа, (при најголемото): каква разлика може да пронајдеш меѓу бесконечниот круг и рамната линија? Зарем не приметувате дека закривеноста на кругот, како што тој расте, се’ повеќе се приближува до правата црта? Оттаму треба секако да се каже и да се верува дека правата линија, колку што е подолга - толку е и порамна, па според тоа најдолгата од сите прави всушност е и најрамна од останатите; така што, на крајот од краиштата, бесконечниот правец и бесконечниот круг стануваат едно те исто. Еве, демек, како се’ се слива во еден биток, како што порано докажавме (...)
Ако добро просудиме, сигурно забележуваме дека пропаѓањето не е ништо друго ами настанување, а настанувањето – пропаѓање; љубовта најодзади е омраза, а омразата - љубов. Омразата кон спротивното е љубов кон блиското; љубовта спрема ова, е омраза спрема она. Значи, во коренот на супстанцијата, љубовта и омразата, како и пријателството и кавгата, се една та иста работа. Од каде лекарот го зема противотровот, ако не од змијата-отровница? Во најсилните отрови е и најдобрата медицина. Зар една моќ не престојува кај две спротивни ствари?... Да не говориме за тоа дека кружницата мора да лежи на рамнина, дека конкавното се крие и лежи во конвексното, дека срдитото живее поврзано со стрпливото, дека на оној што е најохол највеќе му се допаѓа понизниот, а на скржавиот – дарежлив итн. (...)


(„Повест на филозофијата“ Борис Калин, Школска книга – Загреб)

No comments:

Post a Comment