Глава XXX
АДОНИС ВО СИРИЈА
Митот за Адонис
бил локализиран и неговиот ритуал се исполнувал при голема торжественост на две
места во Западна Азија. Едното – Библос, на сирискиот брег, а другото – Пафос,
на островот Кипар. Тие исто биле големи центри на култот кон Афродита или
поточно на семитскиот хомолог Астарта, и ако им се верува на легендите, царот
на двата града се нарекувал Кинир, таткото на Адонис. Библос бил подревниот од
двата града; всушност тој
имал претензии да е најстариот феникиски град, основан во зората на светот од
великиот бог Ел, определуван соодветно од Грците и Римјаните како Хронос и
Сатурн. Но во секој случај, тој врвел во историските времиња како свето место,
религиозна престолнина на земјата, Мека или Ерусалим за Феникијците. Градот се
издигнувал на височина крај морето и в него имало големо светилиште на Астарта; во храмот, среде простран и отворен
двор заобиколен од сводести галерии,
према којшто водела една колонада, се издигнувал висок конус или обелиск –
„оброчната“ статуа на божицата. Во тоа светилиште се извршувале ритуалите во
чест на Адонис. Уште повеќе, целиот град му бил посветен нему, а реката Нар
Ибрахим, којашто се влева во морето малку појужно од Библос, го носела во
древноста името Адонис. Тоа било царството на Кинир. Изгледа дека од најрани до
најдоцни времиња, градот бил управуван од цареви, веројатно потпомогнати од
сенат или од совет на старешини.
Последниот цар на
Библос го носел древното име Кинир и бил обезглавен од Помпеј Велики поради
неверојатната му тиранија. Се раскажува дека неговиот легендарен истоименик
Кинир основал светилиште на Афродита т.е. Астарта на планината Либан, која се
наоѓа на еден ден пат од престолнината. Местото веројатно било Афака, при
изворите на реката Адонис, на половина пат меѓу Библос и Баалбек, затоа што в
Афака имало прочуена гора и светилиште на Астарта, коешто царот Константин
Велики го разрушил поради порочниот карактер на култот. Местото на храмот,
откриено од современите патешественици близу малото селце кое се’ уште го носи
називот Афака, се наоѓа на почетокот од една дива, романтична клисура на р.
Адонис. Селото е расположено среде шуми од вековни ореови дрвја на работ од
клисурата. Малку понатаму, реката излегува од една пештера, поставена во основите
на огромен амфитеатар од стрмни карпи, па се спушта преку редица водопади в
огромните длабочини на клисурата. Колку е пониско, толку погуста станува
растителноста; изникната од
пукнатините и цепнатините во скалите, таа просипува зелен вел над рикачката и
шумолечка вода што паѓа во страшната провалија. Има нешто многу пријатно,
речиси опивачко во свежината на тие жуборечки води, во слаткоста и чистотата на
планинскиот воздух, во јаркото зеленило на флората. Храмот, чиешто место се’
уште личи на неколкуте масивно исечени блокови од чудесен сиенит, бил
расположен на тераса од којашто се открива велелепна глетка кон изворот на
реката. През пењата и ревот на водопадите, погледот се отправува нагоре, кон
пештерата и уште понатаму кон врвот на грандиозната пропаст. Толку високи се
„канарите“ што за набљудувачот козите, кои се пентарат и пасат од џбуновите по
скалите кај долината, изгледаат како мравки. Особено впечатлива е глетката кон
морето и кога сонцето ќе ја исполни длабоката клисура со златеста светлина, на
неа се откриваат сите опорни точки и округлести кули на планинската крепост, а
таа потем паѓа плавно надолу кон разнообразното зеленило на гората, во
длабочините на кањонот. Таму, според легендата, Адонис ја сретнал Афродита за
прв и последен пат и таму и таму било сохрането
неговото раскинато тело. Човек тешко би можел да си претстави поубав декор за
една трагична љубов и смрт...
Глава XXXI
АДОНИС НА КИПАР
...Според се’
изгледа дека навремето, пред да се омажат, сите жени на островот Кипар требало
да се проституираат со странци во светилиштето на богињата, независно под какво
име била позната – Афродита, Астарта или друго. Какви и да биле мотивите,
очевидно обичајот не се сфаќал како похотлива оргија, ами како торжествено
религиозно задолжение, исполнувано во служба на онаа Велика божица – мајката на
Западна Азија, со различно име, но всушност еднотипна. Во Вавилон на пример,
секоја жена – бедна или богата – требало еднаш во животот да се оддаде в
прегратките на странец во храмот на Милита, тоест Иштар или Астарта, па на
божицата да и’ ги просвети парите спечалени од религиозната проституција.
Свештеното место било преполнето со жени спремни да го извршат обичајот. Некои
од нив требало да чекаат на ред со години. В храмот во Хелиопол или Баалбек во
Сирија, прочуен по своето благородно величие, обичајот во таа земја изискувал
секоја девојка да се проституира со странец в храмот на Астарта, при што
својата преданост кон божицата, на еден или друг начин, не ја докажувале само
младите момички, туку тоа го правеле и мажените сопруги. Константин Велики го
забранил обичајот и подигнал црква на негово место. Жените се давале за пари во
феникијските храмови, а во служба на религијата, оти биле убедени дека така ќа
ја смилостиват богињата и ќе го заслужат нејзиното благоволение. „Според законот за Амореј, онаа која се подготвува да
се венчава, 7 дена треба крај портата да се занимава со разврат“. Во Библос
луѓето еднаш годишно си ги бричеле главите во знак на траор за Адонис. Жените
кои одбивале да си ги жртвуваат косите, требало да се оддадат на туѓинци в
определен ден од празнувањата и да ги дадат спечалените пари за божицата. Грчки
натпис, најден во градот Трал (в Лидија), докажува дека обичајот со религиозна
проституција се одржал во таа земја дури до II век од нашата ера. Тој соопштува за жена по име
Аурелија Емилија која му служела на бога, на негово изричито барање во својство
на проститутка, зашто тоа пред неа го правеле и нејзината мајка и баба и’, и
прабаба и’ итн. Тоа јавно соопштение, исклесано во мермерна плоча, потврдува
дека ваквото заветно жртвопринесение
и таквиот живот воопшто, не се сметале за срамотни. В Ерменија, најблагороните
семејства ги заветувале ќерките во служба на божицата Анаит, во храмот на
Асилезен, а момичките работеле како проститутки таму долго време, пред да му
бидат дадени некому за жена. Никој не испитувал скрупули да земе едно од тие
момичиња за сопруга после завршувањето на нејзината служба. И во Комана, в
Понт, на божицата Ма и служеле множество свештени проститутки и на секои две
години кон светилиштете се упатувале толпи од мажи и жени од соседните градови
и региони да го чествуват празникот или да и’ оддадат почит на богињата.
Ако направиме
преглед на информациите по тоа прашање (...) ќе стасаме до заклучокот дека многу
народи од Западна Азија имале култ кон една Велика божица-мајка, олицетворение
на сите продукциони сили на природата. Под различни имиња, тие неа ја врзувале
со митови и легенди кои во својата основа се исти, со некаков љубовник или
попрецизно со редица божествени, но и смртни љубовници, со кои таа се
сретнувала година след година, а нивното полово сношение се сметало за битно неопходно за плодењето на многу
животни и растенија. Освен тоа, прикажаното соединување на божествената двојка
се стимулирало и всушност умножувало на земјата од дејствителното, макар и привремено спарување на човечките полови во
светилиштето на божицата, предодредено за да го осигури плодородието на земјата
и размножувањето на луѓето и животните.
Тврдат дека
обичајот со религиозната проституција во Пафос бил воведен од цар Кинир и бил
практикуван од страна на неговите ќерки, сестрите на Адонис, кои откако го
навлекле гневот на Афродита, требало да копулираат со странци, па ги свршиле
своите денови в Египет. Во оваа форма, преданието веројатно го стекнало детаљот
околу Афродитиниот гнев од некој подоцнежен автор, кој можел да го објасни ова
поведение, толку шокантно за нашиот морал, единствено како божја казна, а не како
жртва, принесувана редовно од поклониците. Во секој случај, легендата покажува
дека кон обичајот требало да се придржуваат и пафоските кнегињи, а не само
жените од поскромно потекло.
Според легендите
коишто се раскажуваат за Кинир, претходник на царевите-жреци на Пафос и татко на Адонис, има некои кои го
заслужуваат нашето внимание. Пред се’ за него се вели дека го создал сина си
Адонис во крвосмешателен сношај со
ќерка си Мира на празникот на житната божица, кога жените облечени во бело,
поднесувале житни венци како први плодови на жетвата и требало да запазат 9 дни
строго воздржување од блуд. За многу древни цареви се раскажуваат легенди за „крвосмешателни“
врски со ќерките. Малку е веројатно тие раскази да немаат реална основаи исто
така е неверојатно да се однесуваат на случаен изблик на неприродна
похотливост.
...
(изд. Софија,
1984)
No comments:
Post a Comment