СПОМЕНИ И
МАТЕРИЈАЛИ
Книга 2
Првата битка што
Револуционерната организација ја поведе со поробувачите беше во пролетта 1901
година во с. Валандово. По оваа битка се случи голема провала и почна апсењето
на видни Македонци. Меѓу затворените, многумина беа наши Тиквешани. Речиси сите
поугледни нашинци беа фатени од заптиите, задржани во прочуениот солунски
затвор Еди Куле, а други беа пратени на робија.
Набргу по овие
настани, апостолот Гоце Делчев врши инспекциска обиколка и брза да го обиколи
Тиквеш за да види каква е состојбата во таа крепост на бугарштината и каков е
духот на револуционерните борци по откривањето на Валандовската афера.
Во почетокот на
септември Гоце Делчев доаѓа во Неготино пречекан од Ѓоре Слепиот и Јованче
Прекодолов. Уште со пристигнувањето, Гоце со радост констатира дека
Организацијата во Неготино е цврста и со висок дух. По неколкудневен престој во
Неготино, Гоце заминува за Кавадарци. Тука го пречекува неговиот другар Лазо
Бањански со жена му Марија Бањанска. И во Кавадарци Гоце поминува неколку дена,
кои ги користи за да ги посети состаноците во одделни маала. Преоблечен како
винар, терајќи го пред себе магарето, натоварено со кошови или со каци, Гоце и’
поминува речиси пред нос на турската полиција и го спроведува своето дело
корисно за народот.
Од Кавадарци Гоце
оди во историското село Ваташа каде што го пречекува младиот учител и
раководител на Тиквешијата Христо П. Антов. Тука Гоце имал можност да се сретне
со повеќето селски раководители. Задоволен од она што го видел во Тиквешијата,
Гоце рекол:
„Јунак без јатак
не може, а Тиквешијата е јатак за нашата голема борба“.
И денес се’ уште
по градовите и селата на Тиквешијата за апостолот Гоце Делчев се раскажуваат
легенди, кои во годините на ропството се шепотеа од уста на уста и го крепеа
будниот бугарски нациионален дух.
В. „Тиквеш“, год. I, бр. 6, Софија, 1 јуни 1942. с. 4.
(изв. Државен
архив на Република Македонија, Главна управа на архивите при Министерскиот
совет на Република Бугарија - РЕВОЛУЦИОНЕРНИТЕ БОРБИ ВО ТИКВЕШИЈАТА)
No comments:
Post a Comment