ТРЕТ ОГЛЕД
Кон дефиниција на пикарското
II
8) Романот за
којшто станува збор е лабаво епизодичен, составен е како товарен воз и привидно е без друга заедничка спојка
освен јунакот. После Лазариљо,
меѓутоа, на овој основен склоп доградени му се други раскажувачки средства.
Употребата на мотивите кои се повторуваат, циркуларни обрасци и процес на
нараснување посебно е често во пикарската проза. Обликот во прво лице е додатна
рамка. Овие различни средства образуваат извесен објективен и субјективен
поредок под, или над линеарниот низ на случувања. Во врска со ова, доста може
да се осознае од истражувањето на полифониската музичка ренесанса и тајниот
систем musica ficta на Едвард
Е. Ловински. Како примери на „двојно значење“ во ренесансата, не само во
толкувањето на Светото писмо, туку и во уметностите, Ловински ги разгледува
дуплите ликови во сликарството како што се „анаморфозите“ на XVI век, произведувани со примена на
перспективи кои создаваат илузија. Слично на ова, пикарската структура
традиционално, му додавала на „животоликата“ или биографската низа збиднувања,
извесна формална „мелодиска линија“ на повторување и крешчендо. Овој тип
раскажување овозможува безброј приказни-во-приказни. Та може да има продолжение
или може да биде оставена недовршена, или пак може да биде со продолжение и
недовршена (како што се Гусман и Феликс Крул). Романот за крадец е – така
да се изразиме - формално отворен, а идеолошки затворен.
Сега би сакал да
кажам по некој збор за првите две одлики (приказната за сиромавиот кој станува лопов и функцијата на автобиографијата)
кои се посебно значајни за дефинирање на
пикарскта проза stricto sensu.
Темата на
сирмаштвото очигледно била откритие: таа подразбирала одвоеност на пикаро
од историското минато или присуството на Бога, од „суштинската“ представа за
човекот. Таа навестувала самодоверба и „бездомништво“ на јунакот – Obdachloskiet, според зборовите на Лукач од неговата
рана Теорија на романот. Протагонистот без татко ќе биде извонреден предмет за
психоаналитичарите на книжевноста. (Асексуалноста, па и антифеминизмот на
бројните шпански романи за кои станува збор се неспорни.) Меѓутоа, пред оваа
тема да се подложи на понатамошно толкување, читателот – наѕирам – можеби би
сакал да изложам некој дополнителен факт. Во врска со тоа, не ми е познат пикаро
кој би го надминувал главниот лик на Bachiller Trapaza од 1637 г. на Кастиљо Солорзано, јунакот кому
таткото му умрел пред тој да се роди; или јунакот Алонзо, слугата на многу господари
(1624-1626), кој останал сирак 20 дена откако ја здогледал светлоста на
животот. Ова рано лишување на јунакот добро е прикажано, јали со хумор јали
тажно, во англиските романи од XVIII век. Мол Фландерс се раѓа во затвор, ја напушаат кога има 18 месеци, таа
преминува од раце в раце, додека не наполни три години. Си припомнуваме на
Смолетовиот Родерик Рандом „сирачето без пријатели“ кому мајката му умрела една
седмица по неговото раѓање, поради што неговиот татко се мрднал од умот;
Родерик најсетне се спријателува со вујко му поморски офицер. Фердинанд – грофот
од Федом „не го признавал ниеден смртен предок“, макар што неколку наредници на
Британската војска биле уверени дека му се татковци. (Тука сиротинството е
комбинирано со незаконитоста.) Згора на тоа, Федом се родил в кочија во движење
– тој е луталица и космополит од
самиот почеток, така-речи: „за него би можело да се каже – пишувал Смолет –
дека е чедо на две различни земји; зашто иако прво светлината на денот ја
здогледал во Холандија, не се родил се’ додека кочијата не стасала во
Фландрија“. Меѓутоа, има пикарски романи во кои стварните околности на
сиромаштвото изрично не се кажуваат. Родителите на Жил Блас не умираат, ами
него го одгледал стрико му; а Лесаж во текот на целата приказна го нагласува
фактот дека на јунакот му е пружено малку или нималку љубов. Оваа иста
двосмислена ситуација ја содржат современите романи со лоповско обележје. Енгелберт Крул, таткото на Фелиск Крул на Томас Ман бидува осрамотен и врши самоубиство;
семејството се разидува на сите четири страни, макар што Феликс овде повеќе не
е момче. Но, кој може да каже дека кумот Шимелпрестер не бил вистинскиот
Феликсов предок? Во романот Кловн на
Алфред Керн од 1957, таткото го усмртува кола. Во романот од 1943 Хујунго на еквадорскиот писател Адалберт
Ортиз, црниот протагонист го напушта својот „џангризав“ отец. На прашањето:
имаш ли татко? тој одговара: „јас сум сираче“. Во романот на Џојс Кери Од прва рака (The Horse`s mouth, 1944) Гали Џимсон се сеќава: „кога бев
дете, татко ми умре и прејдов да живеам со чичко ми, кој имаше обичај да
проверува што е потврдо – неговата чизма или мојот задник“. Изгледа има многу
примери за истакнатата улога која во пикарските романи ја играат чичковците.
Карл Росман во Кафкината Америка го
раздвојуваат од фамилијата, тој го минува Атлантскиот океан и по доаѓањето во
Америка го даваат под старателство на строгиот вујко Џејкоб. Умесно би било да
се укаже и на влијанието на „стварните“ автобиографии врз пикарските романи и
обратно. Постојат мнштво примери за ова во XVIII век: во делата на Торес Виљароел на пример; и без
сомнение во делата на Жан-Жак Русо, кого навистина го подигнале две тетки и
Вујко Бернер, кој пак подоцна си ги напуштил сопствените деца и од нив направил
сирачиња. Првото поглавје на Исповедите
се читат како пикарски роман, а последните џанам – како Робинзон Крусо.
Русоовото име
подсетува на една важна димензија од темата сиротанство:
можниот премин од невиноста на блиската природа кон коварноста на тнр. etat
de societe. Дека животот е една „бескрајна
ситуација на учење“, дека представува процес, дека белким има облик на морален
устрем – тоа во текот на многу векови го подучувал христијанскиот поглед на
свет. Една од аксиомите на верата гласи дека човековата врска со Творецот –
постојано обновувана преку сакраментот – на поединецот од почетокот му го
прибавувала неопходниот духовен статус и неопходниот услов за неговиот растеж и
подобрување. Успонот на пикарската
проза представува преод од Средниот век кон Просветителството. Видовме дека
раната изложеност кон светот на пикаро се поклопува со извесна состојба
на „природно“ незнаење, и дека потоа пикаро наново го „открива“ сите
вредности. Нашиот сирот јунак учи, ама не станува подобар. Тој краде,
дисимулира, го затапува срцето на емоции, ја подобрува својата суднина за
сметка на другите. Него „општеството го расипува“ во смисла дека сознанијата
кои ги стекнува не му ги пренесува некој друг: локусот на културниот
континуитет пренесен е од поединецот или црквата на заедницата. Иако трансферот
може да го започне некој друг (како слепецот во Лазариљо) процесот на учење започнува нагло со извесна криза или со
обреден премин, каков што е удирањето на дечковата глава во камениот бик во Лазариљо, или како во многу други
романи, со предавство на некој меанџија. Понекогаш носителот е збирен, како што
е полкот војници кои пљачкосуваат и силуваат во јунаковото домаќинство на
почетокот од Simplicius Simplicissimus (1668) од Гримелсхаузен. Лазариљо
е карактеристичен за оној вид пикарска
повест во која протагонистот постепено исчезнува како поединец и се лие во
извесна улога, извесен општествен статус, извесна маска. Постои уште една
традиција, која води потекло од Алемановиот Гузман
од Алфараче. Во која јунакот станува преобратеник и најпосле триумфира како
примерен христијанин. Процесот којшто води до метаморфоза – и конечно
повлекување од општеството – може да се засновува на раното „природно“
состојание. Simplicissimus е
класичен пример за ова: Гримелсхаузеновиот рустикален јунак на почетокот е тек
нешто повеќе од младунче кое го
открива учењето на христијанството дури откога воените невољи го принудиле да
побегне во сокровиштето на некој пустиножител, „затоа што глатката плоча на
мојот дух беше потполно празна, и во неа не беа врежани никакви слики кои би
можеле да осуетат додавање на што било друго“. Без обзир дали станува збор за
приказна за обраќањето или не, почетното незнаење на сирачето подлежи на
потребата за дисимулација, натпревар, славољубивост, на начин кој потсестува на
моралното пропаѓање што Русо и’ го припишува на цивилизацијата во Расправата за потеклото на нееднаквоста меѓу
луѓето.
„Валидно е заради
сопствена корист – пишува Русо – човек да се покажува поинаков од она каков
навистина е. Да се биде и да се изгледа - станаа две сосема различни нешта; и
од таа разлика проистекоа: величествена раскош, преварантско лукавство и сите
пороци што ги следат“. Како што понапред се нафатив да истакнам, ова
разликување меѓу битието и привидот, помеѓу „внатрешното“ и „надворешното“ на
човекот, особено е значајно за пикарската проза и за вонредно итрата примена на
автобиографската форма во неа.
(изд. Нолит,
Белград)
No comments:
Post a Comment