Екскурс – Филозофијата на идентитетот и
дијалектичката теорија на војната
Кај воспитанието, како и во
случајот на филозофијата и на државата, се работи за целината
Петер Брикнер
Карл фон
Клаузевиц, Предавања за малата војна – увод во моите предавања:
Предмет на
моите предавања е малата војна. Разлог поради којшто овие предавања се одвоени
од главните предавања за војната е намерата механичкото да го одвојам од
научното... Малата војна додуша не е нешто механичко или пуко занаетско, но во
неа повеќе се работи за извесна вештина, демек за развивање и увежбување на
природни способности, додека кај великиот рат повеќе владејат големите научни и
промислени идеи.
Стратегијата „одозгора“ – колонизација на срцето
Хегел во Франкфурт:
Образованието е формирање на народ уз
уништување на секој привид, и тоа 1) како формирање таленти во уметноста и
науката; 2) како дресура во поединечното, т.е. како полиција; 3) еден народ во
само-произведувањето постојано се превозмогнува себеси или пак објективно
произведува некој друг: колонизација.“
Хегел како
гимназиски директор во Нирнберг: Ние додуша сме навикнати на старата представа
за поделеноста на главата и срцето... Но, веќе општото воспитание, по својот
облик, е најтесно поврзан со моралниот одгој.“
Карл фон
Клаузевиц: „За војната“: -Кога зборуваме за уништување на непријателот не мора
посебно да истакнуваме дека ништо не не присилува овој поим да го ограничиме
само на физичките сили, туку овде треба да се вклучат и моралните, зашто тие се
проникнуваат со физичкиве до најситни делчиња и поради тоа не можат да се
раздвојат.-
Филозофијата на
идентитетот и дијалектичката теорија на војната не учат дека нововековниот поим
на војната треба наново да се промисли: малата војна стана облик на репродукција
на секојдневието, „границите помеѓу малиот и големиот рат се претопуваат една
во друга“. Освен големите операции на освојување, широко засновани и водени од
научен дух, на сите страни избиваат мали војни, кои го прават бесмислен секој
обид за повлекување на фронтова линија. Границата меѓу двата спротивставени
света – некогаш тоа била кожата, границата на телото – стана нејасна,
извршувањето на моќта децентрализирано: целта на освојувањето не е веќе само
телото и животот, ами пред се’ „душата“ (срцето). Во душата на поданиците треба
да се најде упориште за сојузништво со владеењето на доушниците, слабо место во
одбраната, поткупливата страст, нишка со чие повлекување чудесно лесно се
расипува наизглед цврстото ткаење. Границата на која некогаш се манифестирало
владеењето на еден свет над друг, сведочела за опсадната или вонредна состојба,
Луѓето доаѓале до неа за да му се поклонат на освојувачот и да му ги остават
предметите преку кои е објективизирана потчинетоста (...). Сега треба да се
работи на тоа како да се избрише впечатокот за вонредна состојба. Владеењето
треба да добие лик на нормалност. Тензијата на телото попуштила, не затоа што
притисокот бил слаб, ами затоа што кожата станала порозна и заправо веќе не преставува
никаква одбрана.
Терористичката
нормалност ја стеснува дисидентноста на она различното во се’ потесни ќошиња.
Дијалектичката теорија на војната упатува на тоа дека треба одново да се одреди
поимот и функцијата на одбраната. Мора да се исклучи секоја можност за реметење
на големата хармонија, демек мора да се прозре субверзивноста на одбраната.
Генерал фон
Клаузевиц: „Ние значи тврдиме дека со секој нов одбранбен степен расте надмоќта
или поточно, расте противтежата во корист на одбраната, а оттаму и снагата на
противударот.“
Се’ додека за
противникот постои можност за одбрана, дијалектичкиот ум нема право својата
работа да ја смета за завршена: беспомошноста на противникот е единствениот
статус од којшто таа може да биде задоволна: „Ако противникот треба да и’ се
покорува на нашата воља, мора да се доведеме во положба која за него е
понеповолен дури и од жртвата која што од него ја бараме; природно,
неповолноста на ова положение не смее да биде временски ограничена (барем не
смее така да изгледа) зашто инаку противникот нема да се предаде, туку ќе
сочека поволен момент“.
Теоријата
(политиката) на идентитетот, во последната инстанца, е теорија (политика) на
војната. Идеалистичката претпоставка според која поединечноста (различноста) по
сопствена развојна логика такаречи се само-испорачува на општоста е очигледно
лицемерна, бидејќи во таков случај чуму е државата? Образование и држава. Патем,
идентитетот функционира само по себе, само треба тука и таму малце да се
поддржи. Консеквецата која од ваквата ситуација следи за индивидуумот можеби не
е хомогеност на моќта во неговиот животен простор (...), ама секако ќе биде
таква што животниот простор ќе биде наполно проникнат со моќта, иако
нерамномерно. Впрочем, подрачја коишто биле очистени од моќ и можеле да
опстојуваат само затоа што моќта за нив не била заинтересирана (а не затоа што
одбраната била ефикасна). Сега моќта е заинтересирана не само за целината, туку
и за секое нејзино делче. Одамна повеќе не станува збор само за потчинетост. Се
инсистира и на учество. Колонизираното срце мора да се загрее за целите на
колонизаторот.
Како што
просветителството радо ја користи фигурата на воспитувањето, така и
тоталитарното просветителство може да се посматра како грандиозен проект на
одгој, тоест како проект на нормализирање на владеењето. Масовно воспитување и
особено „превоспитување“; негова цел е идентитет помеѓу одгледувачот и
одгледуваниот – за момент постигнат во знаменитите московски процеси во кои
обвинетите, фасцинирани од пропорциите на проектот за превоспитување, сами за себе
си барале смртна казна.
Хегел исправно го
одредува образованието како уништување на привидот. Се работи за тоа како
индивидуумот да му се препушти на зафатот на вистината, да не сокрива ништо од
својот „Велики брат“. Нормално, се работи за тоа индивидуумот да му се отвори
на зафатот на моќта.
Прва голема
синтеза – филозофија: „Последната цел и интерес на филозофијата е да ги помири
мислата и поимот со стварноста“.
Втора голема
синтеза – држава: „Со тоа имаме пред себе едно единство – единство на објективната
страна и субјективната страна. Објективната егзистенција на ова единство е
државата, која што со тоа станува основа и средиште на другите конкретни страни
на животот на народот: уметноста, правото, обичаите, религијата и науката.
Филозофијата и
државата кај Хегел често се покажуваат само како две имиња на една иста
активност, имено на демонстрирање на „смртта на конечното“ во бесконечното. Она
што е индивидуално, различно, не вреди ништо, општоста е единствено вистинита.
Трикот на целата конструкција лежи во тоа што индивидуалноста не е напросто
прогласена за лажна, туку е и повикана на учество: воспитанието и корупцијата,
а не борбата и ропството, се механизмот на новиот начин на владење. „Се работи
за тоа законот на Умот и посебната слобода да се проникнуваат и мојата посебна
цел да биде идентична со општата, обратно – државата виси во воздух.“ Станува
збор за тоа да се избрише границата помеѓу внатрешното и надворешното. Карл фон
Клаузевиц - „За одбраната“: -Предноста на внатрешната линија расте со просторите
кои со таа линија се опфатени-. Потребно е да се покаже дека во тие простори
веќе владее надворешноста како нивна вистина.
Во метафората на
господарот и робот, марксистите се обиделе да го препознаат интендираниот
триумф на светот на трудот (конкретната поединечност) над светот на доколицата (апстрактната
општост).Теодицејата во владењето видела „историска нужност“ која ќе се разреши
со победа на потлачениот. И навистина, интендираната синтеза води кон расторање
на владењето, но така што тоа, како флуид, се вовлекува во коските и постанува
јазик на секојдневието. Чудни нешта понатаму се случувале со дијалектиката на
господарот и робот. Во секој случај, тоа што робот стана господар не му донесе среќа.
Не погрешиле
многу оние кои што во дешифрирањето на Хегеловата метаформа барале
филозофско-историски аргументи за својата политичка програма. По пат на синтеза
во која станала невидлива спротивноста помеѓу господарот и робот може мирно да
се проповеда надоаѓањето на светото царство на слободата. Само е потребно
буквално да се сфатат пораките на просветителството: Одгој и држава.
Хегел како
гимназиски директор: „Младината треба енергично да се спречува да се усмерува
кон сопствено размислување и резонирање, оти основната цел на образованието
токму во тоа да се искоренат сопствените идеи, мисли и рефлексии кои младината
може да ги има, како и начинот на кој таа нив може да ги има; како и во
случајот со вољата, така и кај мислењето, мора да се започне со послушност“.
Хегел како
теоретичар на новата држава: „Кај слободата не мора да се појде од
поединечноста и од поединечната самосвест, ами само од битта на самосвеста,
затоа што без обзир на тоа дали некој човек знае или не, оваа бит се реализира
како самостојна сила, во која поединечните индивидуи представуваат само
моменти“.
Стратегија „оздола“ – повлекување
Онаа општост во
индивидуумот, привлечна како медиум за афирмирање на различноста, е уиграна во
улогата на Тројански коњ. Од неа, во моментите на смалена будност, излегуват
освојувачи. Маскирани во одеждата на мештаните, стануваат тешко препознатливи
дури и за очите на стражарите, чија должност е да ги препознаат. Во ретките
мигови на препознавање сепак изостанува драмскиот ефект: одбраната се предала
пред тешко видливиот противник, а немала ни прилика да ја окуси издржливоста на
својот отпор. Ништо не се случило, нормалноста владее.
(изд. ССО Србија
1982 г.)
No comments:
Post a Comment