Monday, May 1, 2017

Руже Д’ Лил: МАРСЕЉЕЗАТА


Allons, enfants de la Patrie…
На својата земја деца – в бој!
На славата и’ дојде час.
Крвав барјак крена свој
тиранијата против нас.
Ја познавате ли бедата? –
Среде поле рик од батаљон;
Пред очи, див, ги закла он
Другарите и чедата!

Во бој, граѓани! Сите во редот прв!
Да врвиме! Нека ниви ни пои злата крв!

Што сака таа  орда – робје
на предавства, на кралот гален?
За кого тие пранги, гробје,
Тој оков толку долго кален?
Ах, за нас, Французи! За срам!
Што занес може да не’ крене?
Да мислиме ни падна нам:
ил в старо ропство, ил со венец!

Во бој, граѓани! Сите во редот прв!
Да врвиме! Нека ниви ни пои злата крв!

Но, што? Зар тие туѓи чети
во домот да ни кројат ред?
Што? Овој купен џган си ветил
да згази се’ во крајот свет?
Од окови сме, боже! – рана.
На вратов стегнал јарем диво.
Зар подли деспоти ќе станат
господари на овој живот?

Во бој, граѓани! Сите во редот прв!
Да врвиме! Нека ниви ни пои злата крв!

Треперете под сиов свод,
предавници без чест и срам:
убијците на својот род
ќе платат се’ на крајот, знам.
До што е војник ваш е слуга.
Но херојот ќе падне ли
-од земјава се раѓаа другар
во борба против сили зли.

Во бој, граѓани! Сите во редот прв!
Да врвиме! Нека ниви ни пои злата крв!

Но удар, Французи, пред патот
поднесете, задавајте!
По жртвите не мавајте
што неволно се против братот!
Но секој крвав деспот, крал
Што со Бује ја толел гладта...
За тие тигри што без жал
на мајка си ја кинат градта...


Во бој, граѓани! Сите во редот прв!
Да врвиме! Нека ниви ни пои злата крв!

Татковинска, ој, љубов света,
со раце местносители!
О, драга Слободо: ти летај
Со твојте бранители!
Со знамето под наши глави,
ех! – машки Победа ќе кликне
та душманот пред смрт да крикне
пред триумфот што ќе те слави!

Во бој, граѓани! Сите во редот прв!
Да врвиме! Нека ниви ни пои злата крв!


Строфа на децата

Ќе влеземе во живот кога
од нив ќе зрачи пепелта.
Ќе тргнеме и ние тогај
по траг на добродетелта.
И желни не по живот, колку
крај нивни гроб наредени,
да дадеме ох! – клетва молкум:
одмаздени ил следени!

Во бој, граѓани! Сите во редот прв!
Да врвиме! Нека ниви ни пои злата крв!


(преп. Георги Сталев)

No comments:

Post a Comment