Monday, September 23, 2019

Дино Буцати: ТАТАРСКА ПУСТИНА



XIV

...„Татари“, се осмели да изусти стражарот Андронико, како некаква смела шега, од што неговото лице пребледе како крпа. Пополовина час, поручникот Мадерна нареди од Ново утврдување да се испука од топ, во знак на предупредување, онака како што беше предвидено со прописите, во случај на приближување на странски вооружени формации.
Со години наназад оттаму се немаше огласено звук на топ. Бедемите малку се затресоа. Истрелот одекна со придушен татнеж, како некој кобен звук на рушење меѓу клисурите. А очите на поручникот Мадерна се свртеа кон плоснатиот профил на Тврдината, очекувајќи оттаму реакција. Сепак, топовскио истрел на предизвика чудење, бидејќи странците се движеа токму од страната на оној триаголник од низината што можеше да се види од централната кула во Тврдината и сите веќе беа информирани. Веста стигна дури и во најистурениот ров, каде што левиот бедем завршуваше во карпите, веста стигна дури и до стражарот што го чуваше магацинот со фенери и со градежен материјал, кој не можеше ништо да види, затворен во темниот подрум. И едвај чекаше да помине времето, да му заврши смената, за и тој да се качи горен на бедемот и да види.
Се’ се одвиваше како и претходно, стражарите остануваа на своите места, одејќи горе-долу по пропишаниот простор, писарите ги препишуваа извештаите чкртајќи со перата и натопувајќи ги во мастилницата со вообичаениот ритам, додека од север доаѓаа непознати луѓе за коишто со право можеше да се претпостави дека се напријатели. Коњушарите ги тимареа коњите, од кујнскиот оџак спокојно се извиваше чадот, тројца војници го метеа двориштето, но сите ги обземаше интензивно и свечено чувство, сите духови беа напрегнати како веќе да дошол големиот час и ништо не можеше да го запре.
Офицерите и војници длабоко го вдишуваа утринскиот воздух за да почувствуваат дека во нив блика млад живот. Артилерците почнаа да ги подготвуваат топовите и, шегувајќи се, се трудеа околу нив небаре се живи суштества кои треба добро да се одржуваат, гледајќи со доза на загриженост: можеби по толку време нема да бидат во состојба да пукаат, можеби порано не биле секогаш грижливо чистени, требаше на некој начин, се’ да се доведе во ред, зашто наскоро се’ ќе се реши. И никогаш дотогаш куририте не трчале толку брзо по скалите горе-долу, никогаш униформите не биле толку уредни, сабјите толку светнати, звуците на трубите толку војнички. Значи, чекањето не беше залудно, толкуте години чекање не беа залудно потрошени, конечно старата Тврдина сепак за нешто ќе послужи.
Сега се очекуваше посебен повик на трубата, знакот за голема тревога, што војниците досега немале можност да го слушнат. За време на вежбите, што ги изведува надвор од Тврдината, во една мала скриена долина – за звукот да не дојде до Тврдината и да не предизвика недоразбирање – трубачите, за време на мирните летни попладниња, го вежбаа тој фамозен звук, повеќе заради претерана ревност (сигурно дека никој од нив не мислеше дека за нешто ќе може да послужи). Сега се каеја зошто доволно не го извежбале; беше тоа еден долг продолжен висок тон кој се извишуваше до максимална острина, и сигурно дека можеше да се чуе и некој погрешен тон.
Единствено командантот на Тврдината можеше да даде наредба за таков сигнал, и сите мислеа на него; војниците веќе го чекаа да дојде во инспекција на бедемите, веќе го гледаа како со горда насмевка оди напред, гледајќи ги сите право в очи. За него сигурно ова требаше да биде убав ден, целиот свој живот го помина во очекување на таа прилика?
Полковникот Филимор меѓутоа, остануваше во својата канцеларија и, преку прозорецот, го гледаше на северната граница малиот триаголник на пустата рамница која карпестите врвови не ја покриваа, и гледаше линија од црни точки кои се движеа како мравки, токму кон нив, во правец на Тврдината, и се чинеше дека навистина беа војници.
Одвреме-навреме ќе влезеше по некој офицер или потполковникот Николоси или дежурниот капетан, или дежурните офицери. Влегуваа со различни изговори, нетрпеливо очекувајќи ја неговата наредба, го известуваа за безначајни работи: дека од градот стигнал нов контингент со прехранбени артикли, дека утрото започнале работите околу поправката на печката, дека на десетина војници им истекуваше воениот рок, дека на терасата од средишната кула беше наместен двоглед, ако господинот полковник е расположен да се послужи со него.
Го известуваа, удирајќи со петиците, и не можеа да сфатат зошто полковникот останува нем и не ја дава наредбата што ја очекуваат. Се’ уште не нареди засилување на стражарските позиции, ниту удвојување на резервите муниција за поединците, ниту пак нареди да се даде сигналот за „голема тревога“.
Речиси со некаква таинствена затапеност, тој ладнокрвно го набљудуваше доаѓањето на туѓинците, ни тажен ни весел, како сето тоа да не го засега.
Освен тоа, беше прекрасен октомвриски ден, сонцето чисто, воздухот лесен, идеално време за војување. Ветрот го виореше знамето ставено на врвот од кулата, во двориштето блескаше жолтата земја на која војниците, кога поминуваа, фрлаа јасни сенки. Прекрасно утро, господине полковник.
Но командантот јасно им ставаше на знаење дека претпочита да остане сам, и кога ќе излезеа сите од канцеларијата, шеташе од работната маса до прозореецот, од прозорецот до масата, не можејќи да донесе решение. Си ги мазнеше без причина побелените мустаќи, длабоко воздивнуваше, што е својствено само за стари луѓе.
Сега веќе црната линија на туѓинците не се забележуваше повеќе на малиот триаголник од низината видлив од прозорецот, што беше знак дека се под Тврдината. За околу отприлика четири-пет часа можеби ќе стигнеа до подножјето на планините.
Но полковникот продолжуваше без причина да ги чисти со шамивчето  стаклата од очилата, ги прелетуваше извештаите натрупани на масата: требаше да го потпише дневниот распоред, една молба за отсуство, дводневниот извештај на лекарот, потврдата за расходување на шталата.
Што чекате полковнику? Сонцето е веќе високо, дури и мајорот Мати, кој пред малку влезе, не ја крие својата вознемиреност, дури ни тој кој никогаш во ништо не веруваше. Барем појави се меѓу стражарите, направи обиколка на бедемите. Капетанот Форце, кој отиде на проверка на Новото утврдување, рече дека туѓинците веќе можат да се видат поединечно. Се гледа, исто така, дека се вооружени, носат пушки на рамењата, нема веќе време за губење.
Филимор сепак сака да почека. Дали тие туѓинци се навистина војници, можно е, но колку ги има? Некој рече двесте, му го предочија фактот дека, ако овие се извидница, значи дека главнината се најмалку две илјади. Но главнината се’ уште не ја виделе, можеби воопшто и не постои.
Главнината од војската се’ уште не може да се види, господине полковник, само поради маглата на север. Утрово многу се рашири, северниот ветер ја потера наваму, така што покри  голем дел од рамницата. Нема никаков резон да се појават двесте луѓе ако по нив не доаѓа силна армија, пред да дојде пладне сигурно ќе се појават и другите. Дури еден стражар пред малку рече дека видел нешто како се движи на работ од маглата.
Но командантот продолжува да оди нагоре-надолу, од прозорецот до масата, и безволно ги прелистува извештаите. Зошто странците би сакале да ја нападнат Тврдината – размислува тој. Можеби се работи за вообичаена вежба за да ги испитаат тешкотиите на теренот. Времето на Татарите е минато, тие се само една дамнешна легенда. А кој друг би имал интерес да ја нападне границата? Во сета оваа работа има нешто што не може сосем да го убеди.
Можеби не се Татари господина полковник, но сигурно се војници. Од пред повеќе години со северното кралство имаме сериозни несогласувања, тоа веќе не е тајна за никого, и не е прв пат да се зборува за војна. Сигурно се војници. Има и коњица и пешадија, веројатно наскоро ќе пристигне и артилеријата. Предвечер, и тоа без никакво претерување, многу лесно можат да не нападнат, а ѕидините на Тврдината се стари, стари се всушност и топовите, се’ е апсолутно застарено, освен војничките срца. Немајте многу верба господине полковник.
Верба! Ох, тој би сакал да може да не верува, во тоа му отиде целиот негов живот, уште малку години му остануваат, и ако ова не е вистинскиот момент, за него нема да има друга шанса. Не го задржува него стравот, ниту помислата дека би можел да загине. Ни на крај памет не му паѓа тоа.
Работата е во тоа што, кон крајот на неговиот живот Филимор гледа како ненадејно му доаѓа среќата со сребрен оклоп и со сабја натопена со крв; тој (кој веќе имаше изгубено секаква надеж) ја гледаше како чудесно се приближува, и тоа со благонаклоност. А Филимор, и ова е правата вистина, не се осмелуваше да и’ тргне во пресрет и да одговори на нејзината насмевка, премногу пати досега се беше измамил и веќе му беше доста од тоа.
Сите останати офицери од Тврдината и’ потрчаа радосно во пресрет. За разлика од него, и’ пристапуваа полни со верба и однапред уживајќи, небаре веќе го вкусиле остриот и моќен мирис на битка. Полковникот напротив чекаше. Се’ додека не го допре со рака убавото привидени, се’ дотогаш тој нема да мрдне, можеби поради некакво суеверие. Можеби ќе беше доволно само малку да мавне со раката во знак на поздрав, само да ја признае желбата, и среќата да се распрсне и да исчезне засекогаш.
Затоа се ограничуваше само на тоа да одмавне со главата, како да сакаше да каже дека тоа е неможно, дека среќата веројатно згрешила. И со неверување гледаше наоколу, зад себе, можеби немаше други луѓе, оние што среќата навистина ги бараше. Па сепак, не можеше да види никој друг, не можеше да има никаква забуна, мораше да си признае дека токму нему му е определена таа завидна судбина.
Имаше еден момент во раните утрински часови, кога на белата пустина му се прикажа онаа мистериозна црна линија, момент кога неговото срце затрепери од радост. Потоа ликот со сребрен оклоп и со крвава сабја почна да станува се’ понејасен, и точно е, се’ уште се движеше накај него, но реално не успеваше повеќе да се приближи, да го скрати малото, но сепак бесконечно растојание.
Причината е во тоа што Филимор предолго имаше чекано, и на одредена возраст тешко е да се надеваш на нешто, човек не може да верува онака како кога има дваесет години. Премногу долго време помина во залудно чекање, неговите очи имаа прочитано премногу дневни распореди, премногу утра неговите очи испитувачки ја гледале таа проклета пустина. И сега, кога се појавија туѓинците, има јасно претчувство дека мора да е во прашање некоја грешка (би било прекрасно да е поинаку), зад тоа сигурно се крие огромна грешка.
Дотогаш, ѕидниот часовник наспроти работната маса и понатаму го голташе животот, а ковчестите прсти на полковникот, исушени од годините, упорно со шамивче ги брижеа стаклата на очилата, иако за тоа немаше никаква потреба.
Стрелките на часовникот покажуваат речиси десет и половина часот кога во канцеларијата влезе мајорот Мати за да го потсети полковникот за рапортот на офицерите. Филимор сосема изуми и тоа непријатно го изненади: ќе мора да зборува за странците што се појавија во низината, нема да може да ја одложува повеќе одлуката, ќе мора и официјално да ги прогласи за непријатели, или пак да се шегува за сметка на тоа, или можеби да нејде некое средно решение, да нареди преземање безбедносни мерки, а во исто време да покаже дека е скептик, како да нема причина да се мисли на тоа. Но некаква одлука сепак мораше да донесе, и тоа не му беше по воља. Најрадо би почекал, би останал апсолутно неподвижен, речиси како да и’ пркоси на судбината додека таа навистина не избувне.
Мајорот Мати, со онаа негова двосмислена насмевка, му рече: „Се чини дека овој пат навистина се случи!“ Полковникот Филимор не одговори. Мајорот продолжи: „Сега веќе се гледа како пристигнуваат и други. Во три реда се, и одовде може да се видат“. Полковникот го погледна право в очи и за миг речиси му стана мил. „Доаѓаат и други велите?“
„И одовде можат да се видат господине полковник, веќе ги има многу.“
Војна, војна, помисли полковникот, напразно обидувајќи се да ја истера таа мисла, како да беше некоја забранета желба. На зборовите од Мати надежта повторно силно се разбуди во него и сега целиот беше исполне со занес.
...

(изд. ТНИД „Ѓурѓа“ – Скопје, 2007 год.; стр. 121-128)


No comments:

Post a Comment