Tuesday, September 1, 2020

Том Волф: ОГНОМЕТ ОД СУЕТИ

 


 

26. СМРТ ВО ЊУЈОРШКИ СТИЛ

...Фелоу го исправи Раскин на клупата и почна да бара помош. Рафаил, келнер, двајца главни келнери и помошник келнер се врткаа околу големата, тркалезна маса за госпоѓа Такаја и нејзиното друштво.

Фелоу извика: „Се извинувам!“ Никој не го слушна. Беше свесен колку глупаво звучи британското се извинувам кога, всушност, сакаше да каже ПОМОШ! Па рече: „Келнер“ со испаничен глас. Еден од главните келнери покрај масата на госпоѓа Такаја ја крена главата и се намурти, и зачекори кон нив.

Со една рака Фелоу го држеше Раскин исправено. Со другата рака покажа кон неговото лице. Устата на Раскин беше полуотворена, а очите полузатворени.

„Г-н Раскин претрпе нешто – не знам што!“ Фелоу му рече на главниот келнер.

Главниот келнер го погледна Раскин на начин на кој би погледнал гулаб кога би влетал во ретсторанот и би седнал на најдоброто столче. Се сврти и го викна Рафаел, и Рафаел внимателно се загледа во Раскин.

„Што се случи?“ го праша Фелоу.

Претрпе некаков удар!“ рече Фелоу. „Има ли некој лекар тука?“

Рафаел ја погледна просторијата. Не можеше да се забележи дека бара некого конкретно. Се обидуваше да си замисли што би се случило ако викне во просторијата и побара лекарска помош. Погледна на часовникот и опцу.

„Викни лекар да ти се плукнам!“ рече Фелоу. „Викни полиција!“ Замавна со двете раце и кога ја тргна раката со која го држеше Раскин, лицето на старецот се зари во чинијата со „сел д`ањо“. Жената од соседната маса вресна, „Аааааа!“ Зазвучи како да квичи, и си го покри лицето со салфетка. Просторот меѓу двете маси не беше поголем од петнаестина сантиметри, и некако раката на Раскин се заглави меѓу масите.

Рафаел им свика на главниот келнер и на двајцата келнери што стоеја околу масата на госпоѓа Такаја. Келнерите почнаа да ја тргаат масата од клупата. Но целата тежина на Раскин беше потпрена на масата, па телото почна да се лизга нанапред. Фелоу го фати околу половината за да не падне на подот. Но масивното тело на Раскин му беше голем товар. Лицето му се излизга од чинијата. Фелоу не можеше да го додржи. Старецот се лизна од масата и удри со главата на тепихот. Телото се најде на подот, легнато настрана со споени нозе. Келнерите уште повеќе ја извлекоа масата и го блокираа патот меѓу масите крај клупата и масата на госпоѓа Такаја. Рафаел викаше по сите. Фелоу разбираше малку француски, но не можеше да разбере што кажува. Двајца келнери што носеа послужавници со храна стоеја и погледнаа надолу, па погледнаа кон Рафаел. Се создаде гужва. За да ја реши ситуацијата, Рафаел се наведна и се обиде да го крене Раскин за рамена. Не можеше ни да го помрдне. Фелоу стана. Поради телото на Раскин не можеше да излезе од местото. Го погледна лицето на Раскин и јасно му беше дека умрел. Лицето му беше сиво, размачкано со француски сос и парчиња спанаќ и целер. Носот и устата му посинуваа. Отворените очи изгледаа како заматено стакло. Луѓе го креваа, но просторијата се’ уште беше исполнета со разговори. Рафаел цело време гледаше кон вратата.

„Аман“, рече Фелоу, „викнете лекар“.

Рафаел луто го погледна и одмавна си раката во знак на несогласување. Фелоу се зачуди. Потоа се налути. Ни тој не сакаше да заглави со мртов старец, но малиот арогантен шеф го разлути. Му стана сојузник на Раскин. Клекна на подот, и му ги рашири нозете на Раскин. Му ја одврза краватата и му ја искина кошулата. Му ги откопча ременот и панталоните и се обиде да му ја соблече кошулата, но му беше прилепена за телото, веројатно поради начинот на кој падна.

„Што му е? Се дави? Се дави ли? Дај да го изведам Хајмлиховиот зафат!“

Фелоу ја крена главата. Крупен, румен маж, голем пастув, Јенк, стоеше над него. Очигледно еден од гостите.

„Мислам дека имаше срцев удар“, рече Фелоу.

„Така изгледа и кога ќе се задават од храна!“ рече мажот. „Боже, дозволи да го изведам зафатот!“

Рафаел ги крена рацете во обид да го тргне човекот. Мажот се тргна и клекна покрај Раскин.

„Хајмлиховиот зафат!“ му рече на Фелоу. „Хајмлиховиот зафат!“ Звучеше како да му дава наредба. Ги бутна рацете под пазувите на Раскин и успеа да го исправи во седечка позиција, а потоа повторно ги протна рацете под пазувите на Раскин, но одзади. Го стисна телото на Раскин, но загуби рамнотежа, и двајцата, тој и Раскин, падна на подот. Изгледаше како да се борат. Фелоу се’ уште клечеше. Хајмлиховиот зафат стана, и се држеше за раскрвавениот нос и со нишање си замина. Успеа само да му го извлече кошулата и поткошулата на Раскин и сите може да го видат огромното сало на старецот.

Фелоу се исправи и почувствува притисок на рамото. Жената од клупата се обидуваше да помине. Ја погледна во лице. Израз на паника. Го туркаше Фелоу, небаре се обидува да го фати последниот воз за дома. Случајно згазна на раката на Раскин. Погледна надолу. „Аааааа!“ Уште една завивање. Направи уште два чекори. Потоа погледна нагоре кон таванот. Почна бавно да се врти. Како низ магла, Фелоу забележа некакво движење. Рафаел. Се затрча кон масата на госпоѓа Такаја, грабна еден стол и го намести до жената токму навреме, пред да се онесвести и да падне. И во следниот миг, жената седеше, комирана, а едната рака и висеше од столот.

Фелоу стана и го прескокна телото на Раскин и застана меѓу Раскин и масата на госпоѓа Такаја. Раскиновото тело беше оптегнато низ целиот простор за поминување, како огромен бел кит заринкан на плажа. Рафаел стоше на два чекора и разговараше со азискиот телохранител со кабел на увото. И двајцата погледнаа кон вратата. Фелоу ги слушна како повторуваат госпоѓа Такаја, госпоѓа Такаја, госпоѓа Такаја.

Копиле! „Што ќе правите?“ Фелоу праша.

„Господине“, налутено рече Рафаел, „викнавме полиција. Брзата помош ќе дојде. Не можеме ништо повеќе да направиме. Ни вие нема што да направите“.

Му даде знак на еден келнер со огромен послужавник во рака и келнерот го прескокна телото и почна да служи на маса оддалечена само неколку метра. Фелоу погледна наоколу. Сите ја гледаа ужасната представа, но никој ништо не направи. Огромен старец лежеше на подот во многу лоша состојба. Најверојатно умираше. Секој што го погледна сигурно си претпостави дека умира. На почетокот беа љубопитни.  Ќе умре тука пред нас? На почетокот ги скокоткаше интересот за нечија катастрофа. Но сега веќе драмата премногу се развлече. Разговорната бучава замре. Старецот изгледаше одвратно со откопчаните панталони и огромното сало на стомакот што му стрчеше. Прерасна во протоколарен проблем. Ако некој старец умре на тепихот на неколку сантиметри од вашата маса, што би требало да направите? Да се понудите да помогнете? Но веќе имаше турканица на патеката меѓу масите. Да излезета од прозорецот за да влезе малку воздух и после да се вратите за да довршите со јадење? Но како празните маси би му помогнале на човекот? Да се престане со јадење додека да заврши драмата и додека да го изнесат старецот? Но веќе беа направени нарачките и храната пристигнуваше и немаше знак за некој застој – а јадењето чинеше околу 150 долари по човек, ако се додаде и трошокот за виното, а од друга страна, па и не е лесно да се резервира маса во ваков ресторан. Да се тргне погледот? Па веројатно тоа е и единственото решение. Па ги тргнаа погледите и се свртеа кон живописните чинии ... имаше нешто депресивно во целата сцена, затоа што тешко е да не ти заталка погледот за да провериш дали, аман, се’ уште не го тргнале трупот. Маж на умирање! Смртност! И во просторијата. Старите артерии се затнуваа, микромилиметар по микромилиметар, ден по ден, месец по месец, од сите сочни меса и сосови, и лебови, и вина, и кафиња, и суфлеа... Така ли ќе изгледа? Ќе лежат на подот на некое јавно место со син круг околу устата и заматен поглед, полуотворени очи и мртви? Проклето лоша слика. Да ти се слоши. Човек да не може да ужива во скапите парчиња храна наредени како убави слики на чиниите. Па љубопитноста прерасна во неудобност, која сега прерасна во навреда – емоција што ја забележа сопственикот и менаџерот на ресторанот.

Рафаел ги стави рацете на половината и налутено, речиси гневно, погледна кон старецот. Фелоу доби впечаток дека ако Раскин само трепне со окото, Рафаел веднаш ќе почне да му држи педавање преплетено со огорчена и ладна љубезност и завиени навреди. Просторијата повторно се исполни со разговорен џагор. Гостите успеваа да заборават на телото. Но не и Рафаел. Госпоѓа Такаја ќе дојде. Келнерите го прерипуваа телото толку вообичаено, небаре секоја вечер имаше понекое тело оптегнато во ресторанот, што дури и ритамот на чекорење им се вгнезди во нервниот систем. Но како императорката на Индонезија да влезе преку трупов? Па дури и да седне на маса во присуство на трупот? Зошто полицијата уште ја нема?

Грозни, проклети, детинести Јенки, си мислеше Фелоу.Никој, освен оној смешнион со Хајмлиховиот зафат, не мрдна ни со прст за да му поомогне на кутрото старо копиле. Конечно, пристигна полицијата и двајца од Брза помош. Вревата повторно стивна бидејќи сите се загледаа во луѓето од Брзата помош, едниот беше црнец, а другиот Латиноамериканец, и во нивната опрема, што се состоеше од расклоплива носилка и боца за кислород. Му ставија маска за кислород на Раскин. Од начинот на кој комуницираа меѓу себе луѓето од Брзата помош, Фелоу сфати дека не добиваат никакви знаци од Раскин. Ја расклопија носилката и го префрлија телото на Раскин на леглото и го врзаа.

Кога се упатија кон влезната врата со носилката, се спојави голем проблем. Немаше шанси да ја изнесат носилката низ ротирачката врата. Носилката беше раширена, плус имаше и тело на неа, и беше премногу долга за да помине низ вратата на вртење. Се обидоа да извиткаат едно од крилата на вратата, но очигледно не знаеја како. Рафаел повторуваше: „Исправете го! Исправете го! Изнесете го исправено!“ Но очигледно според лекарската процедура не смееја така, да го наместат телото во вертикална позиција, во случаи со срцев удар, и болничарите мораа да си ги следат прописите. И така, се најдоа во претсобјето, пред статуата на Сребрениот вепар, и се расправаа.

Рафаел почна да мавта со рацете и да тропа со нозете: „Мислите дека ќе дозволам вакво нешто“ – покажа кон Раскиновото тело, замолчи, и се откажа од наоѓање именки за телото – „да остане во ресторанот, пред сите! Ве молам! Снајдете се! Ова е главниот влез! Тука водиме бизнис! Луѓе доаѓаат! Госпоѓа Такаја ќе пристигне секој момент!“

Полицаецот рече: „Добро, ајде смири се. Има ли друг излез?“

Уште дискусии. Келнерот спомна дека женскиот тоалет има прозорец што излегува на улицата. Полицаецот и Рафаел отидоа да ја разгледаат можноста. Се вратија брзо и полицаецот рече: „Добро, мислам дека ќе успееме“. И Рафаел, главниот келнер, полицаецот, носачите на носилката, другиот келнер, Фелоу и инертниот труп на Артур Раскин повторно влегоа во просторијатаза јадење. Поминаа низ истата патека меѓу масите со клупи и масата за госпоѓа Такаја, каде што Раскин триумфално чекореше пред непол час. Повторно беше во центарот на вниманието на поворката, само што овој пат лежеше мртов. Вревата во просторијата наеднаш стивна. На гостите не им се веруваше што гледаат. Искривеното лице на Раскин и белиот мев парадираа покрај нивните маси – мрачните остатоци од радоста на месото. Како меѓу нив да се врати некоја чума што мислеа дека е искоренета, и тоа уште поопасна.

Поворката помина низ малата врата на крајот од просторијата. Вратата водеше кон мало претсобје во кое имаше уште две врати, едната за машкиот, другата за женскиот тоалет.Во женскиот тоалет имаше мала чекална со прозорец кон улицата. Откако видно се намачија, едн од келнерите и полицаецот успеаја да го отворат прозорецот. Рафаел извади клучеви и ја отклучи шарката на шипките со кои прозорецот беше заграден од надворешната страна. Се почувствува свежо струење. Ги освежи. Купиштата луѓе, брзањето и мртовецот ја направија атмосферата во ресторанот неподнослива.

Полицаецот и еден од болничарите излегоа низ прозорецот на тротоарот. Другиот болничар и келнерот го подадоа едниот крај на носилката, од страна на Раскиновата глава, и почнаа да го туркаат кон двајцата мажи надвор. Последното нешто што го виде Фелоу од смртните останки на Артур Раскин, капетанот на Мека и Арапите, беа ѓоновите на рачно изработените англиски чевли кои исчезнаа низ прозорецот во женскиот тоалет во „Ла бу д`аржан“.

Веќе следниот миг, Рафаел помина како струја покрај Фелоу, излезе од женскиот тоалет и се врати во салата за јадење. Фелоу тргна по него. Среде просторијата, Фелоу беше пресретнат од главниот келнер одговрен за нивната маса. Го погледна Фелоу и свечено му се насмевна, како што би му се насмевнал некому во моменти на жалост. „Господине“, рече љубезно, но тажно насмевнат, и му подаде на Фелоу парче хартија. Личеше на сметка.

„Што е ова?“

„Сметката господине.“

„Сметката?“

„Да, се разбира. Си нарачавте вечера и ви беше подготвена и послужена. Жал ни е за вашиот пријател...“ Потоа ги крена рамената, ја наведна брадата и направи гримаса. (Ама тоа нема никаква врска со нас, и животот си тече, и се разбира, мора да заработите за живот.)

Фелоу се избезуми. А, уште пострашно му беше дека ќе треба да плати вечера во ваков ресторан.

„Е па ако толку инсистирате на сметката“, рече, „мислам дека би требало да разговарате со господин Раскин’. Го одмавна главниот келнер и се упати кон излезот.

„Нема шанси!“ рече главниот келнер. И тоа не со типичниот љубезен глас на келнер. „Рафаел!“ извика, и потоа кажа нешто на француски. Кај влезот се појави Рафаел и се соочи со Фелоу. На лицето имаше суров израз.

„Само малку господине!“

Фелоу занеме. Но во истиот миг Рафаел се сврте кон вратата и на лицето му се појави професионална насмевка. Низ вратата на вртење влезе голем намуртен Азиец во деловен костум и со очите ја разгледуваше просторијата. Зад него се појави мала женичка со сјајна кожа, на педесетина години, темни црвени усни и собрана густа, црна коса, долго црвено палто од свила со кинеска јака и црвен, свилен фустан под наметката, долг до подот. Носеше накит доволно за да ја осветли целата просторија.

„Госпоѓо Такаја!“ рече Рафаел. Ги крена двете раце, небаре фаќа бидермаер.

Следниот ден, насловната страница на „Сити лајт“ се состоеше од четири огромни збора, најголемиот фонт што некогаш Фелоу го видел во весник:

СМРТ

ВО ЊУЈОРШКИ СТИЛ

А над насловот, со помали букви:

ОТМЕНИОТ РЕСТОРАН НА ТАЈКУНОТ: „ВЕ МОЛИМЕ, ЗАВРШЕТЕ СО УМИРАЊЕТО ПРЕД ДА ДОЈДЕ ГОСПОЃА ТАКАЈА“.

А долу, на дното на страницата, ексклузивна приказна за „Сити лајт“ од човекот што седеше на масата, Питер Фелоу.

Освен главната приказна, во која беше раскажана целата вечера со богати детаљи, дури и за келнерите кои го прескокнуваа телото на Артур Раскин, имаше и уште една приказна која еднакво привлече внимание. Насловот гласеше:

ТАЈНАТА НА МРТВИОТ ТАЈКУН:

КОШЕР НА 747 ДО МЕКА

До пладнето бесот на муслиманскиот свет пристигнуваше преку телепринтерот во аголот на канцеларијата на Глушецот. Глушецот си се смешкаше и си ги триеше рацете. Интервјуто на Раскин беше негова идеја.

Радосно си потевнуваше со толкава среќа што не можеше да се купи со ниедни пари на светот. „Ох, јас лично сум член на печатот, јас сум си член на печатот, јас сум си член на пеееечатот“.

 

(ориг. Tom Wolfe: BONFIRE OF VANITIES; Конгресен Сервисен Центар/Микена/Макавеј – Скопје 2014, Ѕвезди на светската книжевност – Проект целосно финансиран од Владата на Република Македонија. Стр. 535-541)

 

No comments:

Post a Comment