Sunday, September 20, 2020

Данило Коцевски: ПОЕТИКАТА НА ПОСТМОДЕРНИЗМОТ

 

ЧИТАЊА, ФРАГМЕНТИ, ТЕЛА

...

            *

Д. Т. Сузуки во книгата „Зен будизмот и психоанализата“ (Сузуки – Фром), одбира еден необичен и оригинален начин да ја покаже разликата меѓу духот на Исток и Запад. Тој одбира една песна (хаику) од јапонскиот поет од XVII век, Башо, и ја споредува со една песна на Тенисон, поет на западната традиција. И едната и другата песна за свој предмет го имаат – цветот, но според начинот како му се пристапува Сузуки открива извонредни паралели меѓу двата начини на „чувствување“ и „мислење“, меѓу оној на Исток и оној на Запад. Башо му приоѓа на цветот „одвнатре“, Тенисон „однадвор“. Башо чувствува, Тенисон размислува. Башо не го скинува, не го уништува цветот. Само го посматра. Тенисон не го остава цветот „на мира“. Го скинува, го анализира, цветот мора да умре. Башо, во еден вид поетска екстаза е на пат „да стане цвет“. Тенисон (конечно) да го објасни цветот. Башо е „субјективен“, Тенисон „научно објективен“. Според тоа, заклучува Сузуки, „својствата на западниот ум се следниве: аналитичност, разликување, раздвојување, индуктивност, индивидуализам, интелектуалност, објективност, научност, воопштување, концептуалност, шематичност, склоност кон правните обрасци, организирање, господарење, истакнување на себеси, склоност кон наметнување на својата воља на другите итн. Наспроти на овие својства на Западот, одликите на Исток би можеле вака да се карактеризираат: синтетичност, стремеж кон целината, соединување, неразликување, дедуктивност, несистематичност, догматичност, интуитивност (поточно: афективност), алогичност, субјективност, спиритуален индивидуализам и колективизам (во општествена смисла) итн.

Сето ова можеби и не би го споменувале, ако денес повторно не постои една тенденција за, не би рекле директно враќање кон Исток, туку повеќе кон „категориите“ и особеностите кои му се блиски, пред се’ на уметничкиот (постмодернистички) чин, како што се: алогичност, субјективизам, спиритуален индивидуализам, неразликување, несистематичност... се разбира, земени само како појдовна основа за нови (пре)обликувања и трагања.

 

            *

Денес особено се актуелни авторите како што се: Бенјамин, Адорно, Ниче. Како тоа да се објасни? Се чини, се работи за еден „начин на апишување“ кој не само што „преживеал“, туку успеал и многу работи да иницира, да го поттикне денешниот филозофско-теориски, па и белетристички дискурс, (истиот) на поинаков начин да се (пре)формулира. Тоа е всушност онаа традиција на „мислителите како уметници, и уметниците како мислители“, која делува современо, (пост)модерно и актуелно. Иако можеби звучи противречно, исцело би преземал една мисла на Бенјамин, кој неа ја преземал од Брехт, а која гласи: „не треба да се надоврзува на доброто старо, туку на лошото ново“.

 

            *

Бартовата мисла дека „денес не постојат веќе критичари, туку само писатели“, неговата ученичка Сузан Сонтаг, на брилијантен начин ја презема и понатаму ја доразвива во своите есеистички книги. Во една своја најнова изјава таа вели: „Себеси веќе воопшто не се сметам за критичар туку за писател, кој премногу време поминува пишувајќи есеи“. А, за жанровските недоумици, толку присутни во последно време, и за начинот на пишување кој произлегол од Бартовата горна изрека, Сонтаг вели: „А тоа подразбира и таков начин на пишување кој ги разбива жанровите, така што тие веќе не се онакви какви што ги замислуваме“.

 

            *

Во една белешка за критиката од 1977 година сум запишал: „За критиката денес се’ помалку може да се зборува како за една компактна, синтетичка дисциплина. Таа, како и филозофијата, се’ повеќе се парцијализира, и можеби во неа се’ повеќе ќе се изделуваат (под)дисциплини како во филозофијата (естетика, етика, онтологија, гносеологија...). Денес на критиката уште гледаме како на компактна дисциплина, што е можеби погрешно. Критиката мора да се „парцијализира“ (лингвистичка поетика, стилистика, теорија-наратологија). „Сеопфатноста“ на критиката би требало да постои на еден сосем поинаков начин.

 

            *

Во „Полемичниот увод“ од својата книга „Анатомија на критиката“, Нортроп Фрај загатнува и едно прашање со кое критичкиот дискурс постојано се соочувал и веројатно и во иднина ќе се соочува, но кое ретко кога било на задоволителен начин решавано. Имено, на критиката секогаш и’ се наметнувало (или таа себеси самата си наметнувала), да биде поврзана со нешто надвор од неа, едноставно – да биде детерминирана! „Лесно би можело да се направи еден долг список на таквите детерминираности на критиката, од кои ниту една, било да е таа марксистичка, томистичка, јунговска, или егзистенцијалистичка, не предлага за критиката да се изнајде појмовна рамка внатре во книжевноста, туку сака критиката да се спои со некоја од разновидните рамки надвор од книжевноста“. Првото што мора критичарот да го чини, смета Фрај, тоа е да и „верува“ на книжевноста, а врз база на читањето и индуктивната постапка која произлегува од него, да ги обликува своите критички начела кои ќе му бидат иманентни на истражувачкото подрачје на книжевноста. „Критичките начела не можат готови да се преземаат од теологијата, филозофијата, политиката, науката или од некои нивни комбинации.“

...

 

(ДАНИЛО КОЦЕВСКИ „Поетиката на постмодернизмот“, „Култура“ – Скопје, 1989 год.)

 

No comments:

Post a Comment