Friday, November 19, 2021

Петар Дарвингов: ИСТОРИЈА НА МАКЕДОНСКО-ОДРИНСКИТЕ ДОБРОВОЛЦИ

Том втори

Животот и дејствата на Ополчението во војната со сојузниците през 1913 год.

Глава IV

Боевите на Македонско-одринското ополчение на Султан-тепе

20 јуни

ДЕЈСТВИЈАТА НА ЛЕВАТА КОЛОНА

Обезбедување на левото крило на ополчението.

 

Како што видовме, Дебарската дружина беше расположена на позиција над селата Рудари и Шталковица, и таа ги имаше 3-а и 4-а рота во првата линија, 2-а рота во поддршка, а 1-а рота во застава и постови за врска кон десно со соседните единици. 4-а с. батерија под закрила на една рота заземаше позиција 400-500 метри пред главната позиција на дружината. Во 6 часот наутро и 11 часот претпладне капетан Величков ги поднесе до Штабот на ополчението следните:

 

Положбата е непроменета. Испратив една набљудувачка застава која ќе стои на крстосниците кои водат од Шталковица, Зелениград, Ратковица и Злетово. Заставата од себе ќе испрати еден пост околу с. Семери. Сигнал во случај на српско настапување ќе биде потпалување на копа сено и грмеж на бомба. Тој сигнал може да се види ако се постават постови од левата колона и од маневарските војски на позицијата на Пониква и од алтитудата 1050 и др. Бр. 43, 20.VI. 13 год. Позиција источно од Рударе, 6 ч. претпладне.

 

Состојбата пред 2 бригада од 4-а Преславска дивизија до пладне била спокојна. Кон 10 ч. кога се мислело дека непријателот тука оставил слаби единици, а со главните сили се насочува другаде, од истата бригада се испратени напред кон Злетовска река 5 роти во извидувачки одреди. Меѓутоа, кон 1 ч. напладне откај височината кај с. Дренак и јужно од неа се појавиле силни непријателски постројби, околу два полка, Околу 3 ч. непријателските пешадиски снаги заврзале бој со споменатите роти. Во 3,30 ч. заради одбивање на непријателот, артилеријата на Преславската дивизија стартува урагански оган, којшто до вечерта, го приковува непријателот на линијата кај с. Бунеш и висовите непосредно до левиот брег на Злетовска река. 4-а с.с. батерија исто така, уште во 3 ч. отворила оган кон непријателот и продолжила да стрела по настапувачките непријателски делови се’ до вечерта. Околу 6 ч. попладне 4-а батерија била цел на непријателска пл. батерија без да и’ бидат причинети никакви загуби, бидејќи плотуните не ја достигнувале нејзината позиција. Тој ден 4-а батерија истрелала 384 шрапнела и 15 гранати.

Во 5,20 ч. капетан Величков го донесол ... следното:

 

Во тој момент, на фронтот меѓу Рудари и с. Врбица противникот настапува со околу 3 полка пешадија и 3 батерии. Нашата бригада зазеде позиција на висовите околу Злетовска река. Вод артилериски и 3 роти се при мене. Артилериски вод со 1-а рота се над с. Ратковица. Во овој момент давам распоред ротата и водот кои остануваат на одбранбената застава во таа точка, штом го забележат противникот да настапува наспроти позицијата на дружината, да се спушта влево и со оган да го поддржат отстапувањето на крилото. Позиција над Шталковица, 20.VI.13 г. 5 ч. 20 мин. попладне.

 

Штом забележите дека противникот ја минал Злетовска река, и се покаже кон нашата позиција, веднаш заедно со двете орудија спуштете се на баирот над самото село Шталковица за да може ... на алтитуда 200-300 чекора над селото, откако ќе оставите приметно набљудување на крилото од десно, имено каде што беше порано заставата. На врвот над Ратковица оставете посматрачки пост. Орудијата ќе стрелат само тогаш кога ќе им се определи целта од овдешните орудија. Горе колоната има успех. 7-а Рилска дивизија кај Штип такуѓере има успех. И тука ќе бидат одбиени. Предајте им го ова на вашите храбреци и кажете им да бидат одлични јунаци. Бр. 46...

 

Нападот се води и против фронтот на мојата дружина. Непријателски вериги се појавија отдесно над с. Шталковица и одлево над Рудари. Бојот против фронтот на 2-а бригада од 4-а Преславска дивизија продолжува да се води најжестоко. Српските вериги ја минаа Злетовска река, се искачина на висовите предни, резултатот каков е не знам. Бидејќи изгледа дека бојот ќе биде доста силен, заради тоа заповедав ноќеска ротацијата да се прибере. Молам да се испрати на местото каде што беше ротата за одбрана над с. Ратковица друга рота за обезбедување на тоа место, зашто од мене до таму има повеќе од 7 километри. Бр. 47...

Меѓу позицијата која што сум ја зазел до десното крило на поверената Ви бригада има голем „промежуток“, кој „промежуток“ не може да се отстрелува со оружен оган, дотолку повеќе што месноста е многу испресечена. Затоа молам тој „промежуток“, ако е возможно, да се пополни. Дотолку повеќе што денеска, откај Лесновскиот рид, зад отстапувачките роти, слезе околу една или повеќе дружини, која ако ги атакува моите роти, може со едно завивање на левото крило, да го застраши Вашето десно крило, а против една таква нивна операција, можам кон неа да се насочам само со артилериски оган. Молам соопштете ми ја Вашата наредба. Бр. 48...

 

Меѓутоа, тој рапорт през ноќта не можел да биде предаден по назначение, бидејќи ординарецот не можел да се промолкне низ навалицата предизвикана од отстапувањето на дотичната бригада. Во 2,30 ч. пр. пл. следниот ден командирот на Дебарската дружина го донесе до началникот на левата колона следново:

 

По информација на Пројко Манев, коњски ординарец, дружината од 8-ми полк, која ги заземаше катовите на Злетовскиот масив, отстапила за с. Бања. Тој не можел да си го пробие патот за да ја донесе информацијата до бригадниот командир од 4-а дивизија. Во овој момент го испраќам по втор пат. Командирот на истата дружина дошол во манстирот и испратил 2 души да ме викаат за совет. Откажав, како што реков, оти не можам да се делам од дружината на 3 км. растојание. Утре изутрина по самнување, откако подобро ќе ја расјаснам ситуацијата, дополнително ќе Ве информирам. Бојот што го водев со противникот оваа вечер беше ренџерски бој. Замолувам да ми се каже, во случај бригадата од 4-а дивизија да се повлече, дали да го водам бојот или да отстапам. Бр. 49...

 

Со смрачувањето, 4-а батерија се пореместила од положбата 500 метри наназад и јужно од Дебарската дружина, која останала укрепена на главната позиција, Дружината през денот имала 6 ранети ополченици. Батеријата загуби нема. Загубите на дружината се сосема скромни, меѓутоа не треба да се заборави дека, според местоположбата и задачата, таа заземаше една третостепена „посока“.

 

ДЕЈСТВИЈАТА НА СРЕДНАТА КОЛОНА

 

Потполковник Пчеларов со Воденската дружина се извлекол од позицијата на „ариегард“ во 3,30 претпладне и во 5,30 пристигнал при Одринската дружина и 5-а батерија на височината Бабиште. Тука тој го преземал тактичкото командување на тие единици означени со името Средна колона на ополчението, без да направи никакви особени промени. Одринската дружина останала на позицијата со трите роти во прва линија, и 5-а батерија помеѓу двете десни роти, а Воденската дружина се распоредила зад позицијата како поддршка. Вдесно по падините на височината Бабиште биле расположени на позиција 2 роти од Штипската дружина и 9-а с. с. пл. батерија, под команда на капетан Парапанов, составувувајќи лева колона на 3-а бригада. Таа лева колона на 3-а бригада била насочена тука не врз основа на некаква заповед од Штабот на ополчението, ами напросто заради тоа што потполковник Протогеров по сопствено решение, беше наредил, како што знамеме, неговите единици да се повлечат. На тој начин, по слемето што се спушташе од Пониква кон Долгидол, се појавиле мошне значајни сили, вклучувајќи ја Битолската дружина - 3 ипол дружини и 2 планински батерии – коишто сили през денот, со еден слаб исклучок, нема да земат учество во бојот. И додека бојот кипеше на Пониква меѓу левата колона и непријателот, овие драгоцени батерии и дружини, како и 10-а дружина сосе 8-а с. с. батерија, наместо да седат и да го чекаат врагот, којшто беше необеспокојуван од левото крило, требаше да нанесат удар, да се воспламенат од свештениот оган на борбата и на свој начин да настапат напред и да го застрашат напријателот. Такви дејствија врз крилото на противникот ќе го натераа истиот да ги распрсне силите, и даже да отстапи. Но, како што ќе видиме, такви загреани за борба началници тој ден тука нема да сретнеме.

Како што видовме, кога ги опишувавме дејствата на Битолската дружина, рано утрината, уште пред потполковник Пчеларов да има време да се ориентира за положбата, и за тоа какви сили има против него, тој доби информација од капетан Каназирев, кој што молеше да се држи Воденската дружина поблизу до Битолската или да му се испрати рота на припомош. Таа молба потполковник Пчеларов не ја исполни, и како што видовме, во 7,44 претпладне на пликото на рапортот одгвори дека фронтот на средната колона бил многу голем, па во моментот не можел да помогне со роти, но дека ќе помагал со пушчен и артилериски оган. Но, не минало многу време и кога почнало да се разденува се увидело оти пред средната колона непријател нема и ќе го нема и подоцна. Потполковник Пчеларов, земајќи ја како повод престрелката на 4-а Битолска дружина, што почнала во 8 ч. претпладне, како и бојот полево при Пониква, наместо најмалку да испрати еден извидувачки одред, кој ќе можеше да одигра и активна роља, испраќа последователно во 9,30 и 11,50 ч. три роти како испомош на Битолската дружина, од какви што во дадениот момент немаше никаква нужда. Меѓутоа, токму во времето кога и началникот на ополчението со началникот на Штабот беа во обиколка на позициите на левата колона, од Арамиска чука не само што јасно се гледаше, туку и лесно се сфаќаше дека активноста на таа колона може да биде од решавачко значење за исходот на тековниот бој. И во тој дух, во 11,30 ч. се испрати следната заповед до началникот на средната колона:

 

Не стојте во бездејствие: ако наспроти вас има противник, настапете, пронајдете го и разбијте го; поставите си за цел најенергично да содејствувате со левата колона, во случај на атака, за да ја прими така како што се фрла на нож. Информирајте постојано. Бр. 14...

 

Каков впечаток произведе тој силен јазик на заповед врз потполковник Пчеларов не може да се утврди. За неа тој не говори ниту во релациите, ниту во дневникот на бригадата. Треба да се претпостави дека тој не можел да го сфати тактичкиот  дел таа заповед. Пред војната, Пчеларов беше долго време во Картографскикот институт, и не беше го преживеал кипежот на тактичките идеи, којшто си го проби патот во нашата армија во периодот 1908-1912 година. Иначе, тој лесно можеше да дојде, ако не до идејата тој самиот со дружините и батеријата да се пробие напред – тоа треба да се исклучи, зашто тој уште беше под импресија на дејствијата со „ариегардот“ минатиот ден – ама барем да испрати еден извидувачи одред со еден смел началник. Но, тој тоа нема да го стори, како што ќе видиме после малку, ни по повторната и покатегорична наредба.

Меѓутоа, во 1,10 напладне, преку началникот на 7-а Рилска дивизија, Штабот на ополчението доби заповед од командантот на армијата, ополчението енергично да го атакува Султан-тепе, за да се олесни дејствувањето на 5-а армија. По повод таа наредба, веднаш до началникот на средната колона се напиша следното:

 

Неодложно преминете во напад со цел да содејствувате како со левата, така и со десната колона, на којашто и е наредено да мине во офанзива и заеднички со 5-а армија да го атакува Султан-тепе. Местоположбата и отсуството на противник пред вас ви помага за тоа. Информирајте најмалку трипати на ден за положбата на колоната. По заповед. Бр. 19...

 

Точно во истото време, во 1,10 ч., потполковник Пчеларов му пишува на началникот на ополчението следното известување, кое во Штабот ќе стаса час и нешто покасно:

 

Известувам дека за исполнение на заповедта по ополчението Бр. 50 денеска во 2,15 ч. пр. пл. 8-а Костурска дружина се дигна од своите позиции, за да влезе во составот на маневарските војски. Јас со 14-а Воденска дружина во 3,30 тргнав и пристигнав околу 5 ч. пр. пл. на трите врвчиња североисточно од с. Пашаџиково, каде што веќе се беа расположиле 5-а Одринска дружина и брзострелната батерија. После тоа, го испратив аѓутантот со ординарци за да ги изучи патишатата, од позицијата кај с. Градче и Костиндол. Тој ми дојави дека, за да отиде како во Костиндол, така и во с. Градче, треба да се слезе по една многу стрмна патека во реката и оттаму да се искачи по иста таква до коларскиот пат, што води за град Кочани, а минува низ с. Градче. Од патот до Костиндол се запира, и се искачува по една слична патека. Речиси по целата должина, патот е тежок но по него сепак може да слегува и да се качува брдска артилерија. Совршено е прикриен од погледот, па дури и од оганот на противникот.

До сега, картечната рота не се јави. Исто и пионерската полу-рота. Имајќи ја предвид зачестената престрелка која што ја води 4-а Битолска дружина, и мошне широкиот фронт на нејзината позиција, испратив во 9,30 една, а во 11,50 уште две роти од 14-а Воденска дружина заради поткрепа. Бр. 23...

 

Меѓутоа, след добивањето на Бр. 19 од Штабот на ополчението, потполковник Пчеларов престанува да дејствува. Во 2 ч. тргнува со 5-а дружина и 5-а пл. батерија и не како што се заповедаше и како што требаше да се разбере, напред, ами лево, во насока на Битолската дружина, кадешто бој не се водеше и кадешто немаше никава потреба да се оди. Веднаш ќе забележиме дека тоа движење е движење по позиција, тогаш кога требаше да се настапи напред, искрено и од срце; требаше таа колона да се спушти надоле кон маалото Лисобрдо и оттаму да се насочи кон Касёро и Равнобрдо, кон крилото и тилот на непријателот, којшто дејствуваше кон Пониква, како што и продоложи следниот ден.

 

Кон 3 ч. попладне – пишува потполковник Пчеларов во својата релација – лично јас со 5-а дружина и батеријата се приближив кон позицијата на Битолската дружина, каде што ги затекнав порано од мене испратените роти во некаква резерва. Од получените објаснувања разбрав дека командирот на Битолската дружина имал категорична заповед само да се брани, но не и да атакува. Бидејќи се стемнуваше (на 20 јуни се стемнува во 8,40 ч., белешка на авторот) и атакувањето в шума и во ноќно време само ќе ги растрои деловите, наредив колоната одново да ја заземе позицијата на трите „вершини“.

 

Веднаш да напоменеме дека, при враќање на средната колона на своите позиции, командирите на дружината и батеријата, капетан Атанасов и капетан Стефанов, со неколку војници, се спуштиле пред позицијата, разузнавале и навечер се вратиле на положај. Во 5 ч. потполковник Пчеларов – се гледа од разговорот со 3-а бригада Мановски, кој во тоа време престојува во участокот на средната колона, за да пристигне потоа во Штабот на ополчението – со посредство на капетан Парапанов, го испраќа следното писмо:

 

-Драги Протогеров

1. Јас не знам каква е состојбата.

2. Не ми е познато каква позиција ќе се заземе утре.

3. Не знам што може да прави левата колона од 3-а бригада.

4. Јас добив наредба да нападнам, а при мене имам само три роти, та се чудам што да правам.

Друга заповед немам. Да, во заповедта беше кажано дека и десната и левата колона добиле наредба да настапат. Арно ама, гледам дека и едната и другата си стојат на местата. 20.VI.13 г. 5 ч. попладне.

Твој Пчеларов

 

Во 7,40 попладне, три часа откако дружините и батеријата се вратија на позициите, потполковник Пчеларов му го напиша на началникот на ополчението следново:

 

Во исполнение на заповедта бр. 19 од денеска, со останатите три роти од колоната и батеријата настапив напред, за да содејствувам во офанзивата на левата и десната колона, ама колоните останаа на своите места, така што и јас го зазедов првобитното положение, а имено на позицијата на трите источни врвчиња североисточно од Пашаџиково, кога до себе ја прибрав и 14-а Воденска дружина. Таа ноќ поверената ми колона ќе преноќи на позицијата. Бр. 25...

 

Ние мислиме дека сите тие документи наполно ја оцртуваат психолошката слика и нема потреба од дополнителни коментари. Батеријата дента истрелала 34 шрапнела, и тоа само претпладне, по доловите и гората пред Битолската дружина, кадешто се гледале дека се меркат одделни непријателски војници и од каде се слушала пушчана престрелка. Дружините не стрелале и никакви патрони не биле потрошени. Единиците на колоната немаат никакви загуби.

 

ДЕЈСТВИЈАТА НА ДЕСНАТА КОЛОНА

...

 

(Софија 1925, печатница „Нов Живот“)

 

No comments:

Post a Comment