Monday, November 29, 2021

ЕРСКИН КОЛДВЕЛ: Џени, женка по природа


IV

...Џени продолжи да си ја пегла полата, а Клара, набљудувајќи ја над ивицата на чашата, го допи кафето. Минутите течеа во тишина.

По извесно време, Клара стана од столот и ги однесе чашата и тацната во умивалникот. Застана свртена со грб кон кујната и фати прилежно да ги мие во струјата од топла вода. Само што ги избриша, се сврте и погледна кон Џени.

Џени безгрижно си потпевнуваше та-на-на-на-на-на и со ја движеше пеглата напред-назад долж полата.

-Не знам колку е вистинито, но чув дека си сакала да го откажеш кираџиите – дофрли Клара, старајќи се да говори со најбезразличен тон. – Кога слушнав, многу се изненадив и веднага си кажев: нема шанси.

Џени ја исправи пеглата на даската за пеглање. Реско запре да пее.

-Што си чула? – праша по малку  време. – Што рече?

-Чув дека твоите кираџии сакале да те напуштат и да се преселат другаде, но како што ти кажав, не знам вистина ли е, не ли е...

Свртувајќи се пополека, Џени ја погледна Клара право в очите. Лицето и се вцрви, усните леко потреперува, божем неочекувана болест ја беше повалила, ја потпре раката на даската и тешко се навали над неа.

-Каде ги чу тие нешта? – остро ја запраша. Гласот и‘ беше сув. Кој е тој што оговара низ градот? Од каде ги научувате овие работи, ма? Сакам се’ да разберам.

Спуштајќи ги очите за да го избегне погледот на Џени, Клара се врати на столицата и седна. Џени ја остави даска, мина през кујната и застана пред неа.

-Ајде, каж`вај.

-Што да ти кажам. Претпоставувам дека досега целиот град разбрал – рече Клара. – Јас вообичаено последна ги дознавам нештата.

-Кога чу?

-Утринава.

-Кој ти кажа?

-Норма Поуп.

-Што ти кажа таа?

-Предмалку бев во мојата градина, таа се приближи до оградата и се’ ми раскажа, но таа од каде слушнала, не знам. Сигурно некој од соседите. Нели и сама знаеш, Џени, како се пренесуваат гласините од улица до улица. Секогаш било така. И една думичка да пуштиш, ќе стигне до другиот крај на Солисо како пожар во шумата, кога има ветер.

Џени ја засука розевата хаљина и се бапна врз најблискиот стол. Длабоко зеде здив, а округлото лице и се вцрви уште повеќе.

-Ајде, раскажи ми што си чула – гласот на Џени беше напрегнат, таа ги скрсти рацете. – Сакам да знам се’ до најситни подробности. Кажи Клара, што се зборува за мене?

-Клара ја дигна сукњата и ги прекрсти нозете.

-Види вака Џени, не сакам после мене да ме обвинуваат. Таа се навали и си ја гладеше ногата. – Го повторувам само тоа што ми го рекоа. Норма Поуп ми кажа. Ние двете со тебе сме добри комшики и пријателки веќе извесно време, така да и самата знаеш дека не би ти зборела зад грб нешта коишто би можела да ти ги кажам в лице. Е сега, може и јас си имам некои свои недостатоци, ама не сум од оние пријателки кои... – Клара се испружи, воздивна и фати да си игра со најгорното копче на кошулата.

-Не ти реков дека ќе ти се срдам – само сакам да знам што точно си чула.

Втеренчена во здолништето, Клара усрдно зеде да си ја мазни со раце.

Ами, дека... почна таа, сеуште без да ја погледне Џени во лицето – чув оти... всушност, ќе ти го кажам само она што Норма Поуп ми го расправаше утринава... е па, чув, тоест Норма ми каже дека... некои луѓе... сакам да кажам, таа чула оти некои луѓе сакале да ти причинат страотни непријатности; такви непријатности, што ќе си сакала се’ да распродадеш и да го напуштиш градот... освен ако не ја принудиш Бети Вудроф моментално да ти ја напушти куќата.

Џени ја разгрна хаљината уште поенергично и самоуверено се насмевна. Сега таа седна на столица.

-Ич не ми е гајле што прават оние од Црквата на Суровиот Крст. Мојот адвокат вели...

-Но, тоа што јас го начув не иде од луѓе на црквата.

-Па, кој друг може за мене да збори така?

-Жени кои дознале дека нивните мажи им се видени ноќно време со Бети Вудроф во мотелите по авенијата.

Џени зјапна со трепкави, но негледачки очи.

-Мојот живот е низа од искушенија и страдања, едно врз друго – неочекувано рече таа, - и како што тргнало, може така да остане додека сум жива. Мислев дека, кога ќе се преселам, сите главоболки веднаш ќе престанат. Пред долги години, бев уште младо девојче и мажите ме пожелуваа, и многу-многу не се секирав што луѓето говорат за мене. А, сега тие случки всушност ја покажуваат разликата на однесувањето на светот кон една жена, тогаш кога таа е млада и убава и тогаш кога е стара и грозна. Нешто друго дали си начула?

-Како да ти кажам...

-Кажи ми, Клара.

-Муабетот е дека Бети Вудроф се симнувала кон центарот на градот секое претпладне, за сите да ја видат, а кон крајот на денот, легнувала со мажите еден по друг, а тие кога ќе заминеле од мотелите, раскажувале скандалозни стории. Кажувале дека таа може секого да го соблазни. Низ градот се збори дека била скандалозно различна од другите жени. Не знам што мислат под тоа, може само да препоставам. Како и да е, се говори дека ти си била виновна, затоа што мажучишта се јавувале на твојот телефон за да и’ се јават, и по 15 минути таа ќе одлетала некаде.

-Друго, Клара? – Џени ги стисна устите.

-Тоа е мање-више се’. Ах да, уште се зборува дека Бети Вудроф го усвоило целото нејзино искуство од тебе, - иначе од кај ќе знаела како се прават скандали.

Ти, Клара Клокмор, подобро гледај си го сопственото поведение, а за моето да му ја мислиш! Јас сум уважавана возрасна жена, и не сум бетер од другите. Освет тоа, секоја девојка е должна да знае што сакаат мажите од неа.

-Џени, не се љути што го кажав ова – рече Клара. – Нели сама сакаше да знаеш што сум чула. Ти го повторив она што некои веќе го споделиле со Норма Поуп.

-Имам право да му се лутам на кого што сакам, а особено на тие што кои не веруваат дека сум поштена жена. И, ако со добро срце насамо ја советувам Бети Вудроф, тоа никого не го интересира. Разговорот меѓу две жени е нешто сосема природно, исто како и меѓу двајца мажи кога ќе се сретнат наутро. Ти тоа многу добро го знаеш. А, малку ли и беше на Бети што оној тренерот ја шутна? Таа има потреба од некој како мене да и’ даде напатствија. Има момичиња кои, кога ќе преживеат таков удар, повеќе нејќат маж да видат и остануваат стари моми. Други пак искачаат на улица и се продаваат за по некој долар. Со Бети не сакав да се случи ни едното, ни другото. – Таа замолча. – А сега, кажувај, што друго си чула за мене?

-Друго не ми текнува – претпазливо одговори Клара.

-Сигурна ли си? Ништо друго не кажаа?

-Па, може и да има уште нешто плус.

-А што?

-Некој спомна, бидејќи си била на овие години, дека немало смисла да си ги менуваш навиките и дека не било многу позитивно тоа што живееш врата до врата со црквата.

Џени стана и тргна напред-назад низ кујната. Беше толку вознемирена што, без да сети, го изостави едниот чевел.

-Мошне добро знам од каде доаѓат таквите долни озборувања – со горчина рече Џени. – Верниците од Суровиот крст и нивниот проповедник Клиф. Друг никој не може да такви подлости за мене да прикажува. Ми идат вчера и ми велат, ако не сум ја избркала Бети, ќе сум имала непријатности. Тоа е само изговор, оти всушност имаат намера да ми го присвојат имотот и да направат депанданс за црквата. Но јас до даска ќе се спротивставувам, додека имам сили. Ќе ги научам на памет. И дупло повеќе пари да ми понудат, пак нема да им ја продадам куќата. Ќе видат тие.

Најсетне, сфати дека и’ се соблекла едната кондура, замолкна и разгледа по кујната. Го виде, ја протегна ногата и го натна, одново кинисувајќи напред-назад.

-Ќе им се спротивставам, ќе видиш! А, Бети Вудроф може да остане кај мене уште десет години, ако сака. Ќе земам уште такви како неа, ниту едно празно легло нема да оставам в куќи. И кога ќе си ја наполнам куќата со кираџијки, тие – верниците од Суровиот Крст – ќе зажалат за своите патетични прикаски. Додека светот светува, мојата куќа ќе биде попот на Солисо.

Очите и’ се наполнија со солзи, се разбаца, месата и‘ затреперија. Внедоапица, за миг ослепе, се довлечка до столот на Клара и и’ падна крај колената. Клара ја прегрна и зеде утешително да ја поттапкува. Расплакана како мало дете, Џени го притисна лицето во скутот на Клара.

-Не плачи, душо, не плачи – нежно и’ беседеше Клара, поправајќи и‘ ја разбушавената фризура. Зошто допушташ такви да те измачуваат и да ти го трујат животот? Никој неможе да те исфрли од сопствената куќа. Ти имаш право да си живееш тука дури сакаш.

Џени пружи рака, го фати долниот крај на хаљината и ги избриша очите.

-Понекогаш ми се чини дека немам ниеден пријател на светот – сломена, продолжуваше да липа. – Луѓето се однесуваат кон мене како кон стара употребувана пачавра, погодна само за в ѓубре. – А, кога бев млада и убава, никој не постапуваше подло со мене. Остарев, станав грда, од се’ се откажав и веќе никој не дава ни пет пари за мене. Што мислат тие, каде да се вдене жена како мене? Нели и јас треба негде да живеам? Нели сум штедела пари, заарем не сум платила за ова куќа? Сум! Тогаш зашто и јас да немам право да си живеам во сопствената куќа и спокојно да дишам?

Да Џени, да Џени – ја успокојуваше Клара.

-Срамота е и греота така да се однесуваат кон мене! Кога бев млада и убава, на четириесет милји немаше да сретнеш маж кој не ме посакал, а сега кога сум стара и грозна, сите гледаат само да се отарасат од мене. Кога бев младо чупенце, што да посакав – го имав, а сега не ми даваат да живеам во сопствената куќа, за која пари сум потрошила. Можам да ти изнаредам имиња на неколкумина од тие, кои пред да влезат во црквата, доаѓаа при мене – и добро си поминаа, веруј ми – а, сега истите се против мене и ме тераат да го напуштам градот. Толку ми е криво, што можам пљукнам на триесет метри.

-Џени, јас сум ти пријателка и на мене можеш секогаш да сметаш – рече Клара, нежно галејќи ја по косата. – Не обрнувај внимание на хорски приказни. За која ли жена не тропаат, сега тебе ти дошол редот.

Подголтнувајќи си ги солзите, Џени се риближи до печката и си нали кафе. Во чашата тури неколку лажички шеќер, и фати енергично да го меша, па кафето и се разсипа по розевата хаљина.

-Дали запомни што ти реков Клара? – рече Џени со тврд глас. – Решив, нема да ја бркам Бети. Неодамна верниците од Суровиот Крст и проповедникот Клиф ме тераа да го изфрлам и Визи Гудвили, но тој и сега е овде. Ми рекоа, дека било грев, неморално било Визи и јас да живееме под ист покрив. Немам поим како дознале што јас правам со Визи понекогаш, зашто навечер секогаш ги спуштам пердињата, но ајде, дознале, - нема ли жената право на приватен живот, кога ќе и’ дојде? Било-небило, од својата трисетипетта се’ вака терам, и сега заради нив ли да се откажам?

Клара се исправи среде кујната.

-Да си одам, дојде време ручек – и се упати кон задната врата, меѓутоа после два-три чекора запре. – Џени, ако се случи нешто... Сакам да кажам, ако биде наредено Визи Гудвили да те напушти... Клара беше ем смутена, ем возбудена, па мораше да земе воздух, пред да се доискаже – како да ти кажам, дома имам една соба, ако сака, нека повели.

Џени ги испушти чашата и тацната во мијалникот и тие бучно ѕвекнаа. Го впери погледот во Клара, поцрвене од гнев и се исправи насреде кујната.

-Тоа е најзлобното и најдолното нешто што сум го чула во сиот живот, Клара Крокмор! Знам јас на што ти целиш! Овде тоа не ти минува! Сакаш Визи Гудвили кај тебе да се вгнезди, а? И мислиш дека можеш да ми го преземеш, а? Слушај што ќе ти кажам, Клара Крокмор. Тој е мој и нема да ти дозволам да го завлечеш – ти да се сладиш, а ја не, така ли?

Клара посегна да ја отвори вратата, ама Џени се втурна пред неа. Клара не успеа да ја отвори. Џени ја зграпчи со две раце нејзината плава коса и дивјачки и‘ ја протресе главата. Со пресечен пат за бегство, вриштејќи колку ја држи грло, Клара почна да го дрпа и кине розевиот фустан на Џени, се’ додека не успеа да и го слече од плеќите. Џени се помачи да и‘ ја см`кне сукњата на Клара. И двете паднаа на подот. Како поцврста, Клара успеа да се измолкне и да ја отвори вратата. Слезе од скалите на верандата и без да се сврти, се упати кон својот двор.

Кога се увери дека е на сигурно, таа сопре и погледна наназад. Џени стоеше на верандата со парче од розевото здолниште в рака.

-Само смеј да ми стапнеш вкуќи се дури си жива, долна мизернице! – викаше Џени. – Ако ми припариш дома уште еднаш, ќе те искубам до череп! И „дрешките“ ќе ти ги накёсам, така што ќе ми станеш ѓоа варено пиле! Од денеска натаму, не ти правам муабет! И ако те фатам некогаш дека се обидуваш да го намамиш Визи Гудвили кај тебе, ќе те задавам, животот ќе ти го истискам низ нос! Од мене маж никоја не може да украде, штом јас не сакам да го дадам! Визи ми е моето мало џокејче, убаво да го запомниш тоа!

 

V

 

( Erskine Caldwell – “Jenny, by nature”, 1961)

 

No comments:

Post a Comment