Thursday, February 11, 2016

Витомил Зупан: ЛЕВИТАН

5
...Девет месеци, наводно, сум висел измеѓу животот и смртта, од тоа неколку месеци бев во собата за умирање во амбулантата, каде доаѓаа да ме гледаат шефовите „за издржување казна“ божемски кога ќе ги „истегнам папците“. Ама тоа никако не беше мртво време. Кога би знаеле полицајците колку живот клопотеше во мене! Колку цврсто имав одлучено да преживеам, уште и да им идам на погреб и да не цркнам се’ додека тоа нив би ги веселело! Јасно, првите прегледи во болницата покажаа безнадежно состојание. Цивилните лекари одмавнуваа со глава. Некое време лежев во болничката затвореничка барака, а потоа ме одведоа во собата на амбулантата, од која требаше да излезам со нозете напред, како толку души пред мене. Проблемот Левитан за многумина најпосле би бил решен. Бидејќи на потенцијалните мртовци нема смисла да им се подтура печење, добивав некаква смеѓа супа со комадиња коски и тетиви, тнр. Мртовечки гулаш. Кога најнакрај дојде да ме прегледа референтот на внатрешната управа за „издржување казни“, некаков мршав, закржлавен злобник, разочарано воскликна:
„Левитане па вие воопшто не изгледате лошо!“
Можеби мислеше дека ќе ме најде во задните кркљања и во локва крв, оти не беше задоволен со мојата жолтобела лушпа. А, само ако ја поттргнеше прекривката, би се запрепастил колку книги, ливчиња и тетратки би здогледал. Онде беше Куран на арапски – за час по учење на читање и пишување на арапскиот јазик. Го добив од складиштето како позајмица, му го беа одземале на некој муслиман. Овде беше Хујзинга на италијански. Такуѓере од складиштето. Беше и некоја Американка, психолог, која што ја добив на мошне замрсен начин, на неколку дена, од преведувачот кои го беа превеле да работи за полиција. По ѓаволите, се замислив, и полицајците се развиваат; пази Левитане, да не заостанеш. Подоцна по слични патишта дојдов до низа занимливи дела, од Меккинси, до некои американски психометриски и психотехнички трудови (си реков: сега барем знам зашто психологијата не може напред; ние во Европа изработуваме само класификациски системи без основа. Американците трупаат статистики и врз база на нив прават тестови, а немаат систем на класифицирање!), ја добив Раселовата „Историја на западната филозофија“, па книга за нирнбершките процеси во процесот за воените злочинци, со комплетен говор на американскиот обвинител Тејлор. Мошне му се радував и на Швејк кој што тогаш, во затворот, се` уште беше строго забранет. Да не се оддалечувам премногу. Референтот испод покривката би нашол цели низови фино распоредени листови и тетратки. Таму, на пример, имаше концепт за граматика на циганскиот јазик, којшто го учев во северната зандана од затворените Цигани кои ме почитуваа оти така им наредил нивниот старешина, многу мудар стар човек, со сосем индиски црти на лицето, кого и јас го почитував; меѓу нас владееше однос како помеѓу кнезови. Јазикот ме занимаше затоа што илјада години ја сочувал својата санскритска основа. Мро водји патанинла те на оиха мри – моето срце ќе пукне ако не бидеш моја; мег аја раџ ту сите сал мри – веќе оваа ноќ ќе бидеш моја; три жувли хи лумни – твојата жена е курва (а тоа е прав цигански поздрав).
...
Бидејќи никако нејќев да ги истегнам „папките“, после доготрајна борба лекарот – со кого во младоста идевме на логорување – се избори да ми ги оперира белите дробови во воената болница. Под јака стража ме одвезоа таму, на торакоакустика која траеше скоро 2 саата (само на аортата ми беше одлуштил, како што ми кажа, израслина величина околу 5 цм.), а тоа ми овозможи лев пнеумоторакс. Операцијата се изведува така што лекарот ќе направи една дупка под пазувите, а друга на градниот мускул, во градниот кош ќе воведе сијалица, тораскоп и каутер. Гледав како во темнината светев како лампион. После операцијата ме положија на канабето во малата соседна соба. Но штом лекарот кидна, „шефот“ на затворската амбуланта, бивш сладоледџија, кој со уживање учествуваше во операцијата, нареди да станам и: „Гремо“! Станав, од тоа се закашлав и од раните ми шприцна воздух и крв. „Шефот“ со гадење го бришеше оделото и лицето. Веројатно поради таа непристојност ме врзаа при превозот во затвор. Бев прв опериран и прва птица – весник на идните операции. Пред мене, само според моите истражувања, од сушица умреле повеќе од триесет.
Потворно лежев во амбулантата на централниот затвор. Пнеумоторексот ми го даваа воени лекари. (Долга игла се боде помеѓу ребрата, па меѓу плеврата и поребрицата се впумпува воздух, што ги стиска белите дробови, а со тоа и каверната.)
А јас имав и резервна дупка на десната страна на плуќата.
...
Со оглед на тоа што мојата „резервна дупка“ на десната страна почна да цвета, ме преместија во воената болница, каде основаа затворско одделение. Но за животот и збиднувањата онаму, та околу занимливостите во затвореничката барака на општата болница, ќе раскажувам подоцна. По неколку месеци, а и поради спорот со чуварот, лекарите по казна ме фрлија назад во апс, право в ќелија, од каде со ноќен транспорт, на мојот роденден во јануари, наново ме префрлија во северната зандана.
После речиси година дена лежење бев – природно – слаб и осетлив. Ме врзаа околу полноќ, ми го дадоа мојот багаж во заврзаните раце и околу два часа, со уште тројца, чекорев по заледена патека. Имаше 20 степени под нула, од страната беа стражари со автомати.Сосема испотен стигнав на железничката станица, каде што не уфрлија во вагон студен како мраз. Не мрдај! Чекавме најмалку 2 саата. Настинав и добив екскудат во белите дробови, што значи вода. Досегнуваше толку високо што срцето едноставно ми пливаше по неа. Од северната зандана мораа – значи – да ме водат во антитуберкулозен центар, на пнеумоторкас и пункција на плуќата.
Дури сега можам да го  опишам она криумчарење на моите книги.


(ЧГП „Дело“, Љубљана – 1983)

No comments:

Post a Comment