Thursday, February 25, 2016

Жан Пол Сартр: ЗРЕЛО ДОБА

...Тука веќе не вредеше да се трошат зборови. Матје ја припали и втората цигара. А освен тоа беше останало и малку рум на дното на чашата па го испи. Се грозеше од Даниел. Си помисли: „За две години, за четири години... дали и јас ќе бидам таков?“ И одеднаш го обзема желба да говори за тоа со Марсела: нејзе единствено може да и’ говори за својот живот, за своите надежи. Ама се сети дека веќе никогаш нема да ја види и неговата желба, задржана, безимена, полека се претвори во некоја врста на тешко неспокојство. Беше сам.
Даниел како да размислуваше: погледот му беше укочен, а усните од време на време наполу му се отвораа. Лесно воздивна и нешто како да му се измолкна од лицето. Помина со рака преку челото: на лицето му лебдеше чуден израз.
-Денеска сепак се фатив себеси, кажа полугласно.
Околу усните му заигра чудна насмевка, скоро детинеста, која никако не се согласуваше со неговото маслинесто лице, на кое лошо избричената брада образуваше модри флеки.„Тоа е точно“, попмисли Матје, „овој пат одеше до крај“. Одненадеш низ глава му прелета мисла од која што му се стегна срцето: „Тој е слободен“, си помисли. И грозата која Даниел му ја влеваше, наеднаш се претвори во завист.
-Ти мора да се наоѓаш во чудна состојба, кажа тој.
-Да, во чудна состојба, повтрди Даниел.
-Непрекинато се насмевнуваше, со добронамерен израз на лицето. Рече:
-Дај ми една цигара.
-Ти пушиш? праша Матје.
-Една. Вечерва.
Матје одеднаш рече:
-Би пожелал да сум на твое место.
-На мое место? Повтори Даниел, не одвеќе изненаден.
-Да.
Даниел слегна со рамењата. Рече:
-Во целата оваа работа, ти добиваш во секој поглед.
Матје опоро се насмевна. Даниел објасни:
-Слободен си.
-Не сум, одговори Матје, вртејќи со глава, човек не станува слободен со тоа што ја напушта жената.
Даниел љубопитно го погледа Матјеа:
-Сепак утринава изгледаше дека така мислиш.
-Не знам. Работава сепак не е така јасна. Ништо не е јасно. Вистината е дека ја напуштив Марсела за ништо.
Го вперуваше својот поглед кон завестите на прозорецот на кој се нишаше лек ноќен ветрец. Беше сит од се’.
-За ништо, продолжи. Во целата оваа работа, јас само претставував одбивање и порекнување: Марсела веќе не му припаѓа на мојот живот, но постои сето останато.
-Што?
Матје покажа кон својот астал за пишување, со широко и неодредено движење на раката: Сево ова, сето останато.
Беше опчинет со Даниел. Мислеше: „Дали е тоа слобода? Стори нешто: сега повеќе не може назад: мора да му изгледа чудно што зад себе осеќа некој непознат чин којшто веќе речиси и не го сфаќа и кој му го ремети животот. Јас се’ што правам, правам залудно; човек би рекол дека некој ми ги краде последиците на моите постапки; се’ се случува како секогаш да мора да почнувам одново. Не знам што би дал кога би можел да сторат нешто што веќе не ќе може да се поправи“.
Рече гласно:
-Прексиноќа видов еден човек кој сакаше да стапи во шпанската народна војска.
-Па?
-Ништо, му спласна одушевувањето. Сега е пропаднат човек.
-Зошто ми го кажуваш тоа?
-Не знам. Така.
-Ти имаше желба да идеш во Шпанија?
-Да. Но не доволно јака.
Замолчеа. Миг подоцна, Даниел ја фрли цигарата и рече:
-Би сакал да сум шест месеци постар.
-Јас не, рече Матје. За шест месеци би бил ист каков што сум сега.
-Само без грижа на совеста, додаде Даниел.
Стана.
-Те канам на една чашка кај Клариса.
-Не, одговори Матје. Немам желба да се опивам вечерва. Не знам што би правел ако се опијам.
-Ништо посебно возбудливо, рече Даниел. Демек нејќеш?
-Не. Ти нема уште малку да останеш?
-Морам да пијам, одговори Даниел. Збогум.
-Збогум. Дали ... наскоро ќе те видам? Праша Матје.
Даниел како да се збуни.
-Мислам дека тоа ќе биде тешко. Марсела ми кажа дека ништо не сака да измени во мојот живот, ама мислам дека би и паѓало тешко доколку и понатаму те виѓавам.
-Е? Добро! Рече Матје суво. Во тој случај, многу к‘смет!
Даниел му се насмевна и не одговори, а Матје ненадејно додаде:
-Ти ме мразиш.
Даниел му пријде и го помилува по рамото со неспретно движење:
-Не, не во овој момент.
-Ама утре...
Даниел ја наведна главата и не одговори.
-Здраво, рече Матје.
-Здраво.
Даниел излезе. Матје му пријде на прозорот и ја дигна завесата. Беше пријатна ноќ, пријатна и плава; ветрот ги беше изгонил облаците, се гледаа ѕвезди над покривите. Тој се налакти на терасата и почна да зева. На улицата под него, еден човек одеше со мирен чекор; застана на аголот на улицата Хајген и улицата Фроадво, ја подигна главата и погледа в небо: тоа беше Даниел. Некоја мелодија допираше од приодот Мен, бела светлина од некој рефлектор мина преку небото, се задржа врз еден оџак. Беше тоа небо како на селски свечености, прошарано со кокарди, кое мириса на распуст и игранки под ведро небо. Матје виде како Даниел исчезна и помисли: „Останувам сам“. Сам, ама не и послободен. Си беше рекол себеси воочи на овој ден: „Кога само би ја немало Марсела“. Но тоа беше самозалажување. „Никој не ја кочел мојата слобода, мојот живот всушност неа ја испи.“ Го затвори прозорецот и се врати во собата. Мирисот на Ивиш се’ уште лебдеше во воздух. Тој го вдиша тој мирис и повторно го согледа тој бурен ден. Си помисли: „Многу врева за бадијала“. Бадијала: овој живот му е даден за бадијала, не претставува ништо, а сепак нема да се измени; издаден е. Ги собу чевлите и остана вкочанет, седејќи на рачката од наслоњачата, со една кондура в рака; длабоко во грло, уште ја чувстуваше длабоката топлина на румот. Зевна: го заврши својот ден, раскрсти со младоста. Испробаните наравоученија веќе му ги нудеа своите услуги: тука се наоѓаше епикурејството ослободено од заблуди, насмеаното простување, помиреноста со судбината, сериозноста, стоицизмот, се’ што на човек му овозможува натенане да го слади својот живот. Го соблече капутот, почна да ја одврзува вратоврската. Си повторуваше во себе, зевајќи: „Точно е, сепак е точно – се наоѓам во зрелото доба“.

            КРАЈ

No comments:

Post a Comment