Социолошка студија за олигархиските тенденции во модерните демократии
Идентификација на
партијата со лидерот („Партијата – тоа сум јас“)
Покажавме дека во
битката со непријателите внатре в партијата, лидерите на лабуристичките движења
применуваат тактика и усвојуваат ставови кои многу малку се разликуваат од оние
на „буржоаските“ влади во борбата против „субверзивните“ елементи. Терминологијата
мутатис мутандис е идентична во двата случаја. Истите обвинувања се лансираат
против бунтовниците, исти аргументи се ползуваат во одбрана на етаблираниот
поредок: во првиот
случај упатен е повик за зачувување на државата; во вториот на партијата. Во обата случаја,
гледаме идентична конфузија на идеите при обидот да се направи разлика помеѓу
ствар и личност, меѓу индивидуалното и колективното. Авторитарниот дух на
официјалните претставници на Германската социјалистичка партија (дух кој што ја
карактеризира секоја јака организација) покажува грст фрапантни аналогии со
авторитарниот дух на официјалните претставници на Германското царство. Од една
страна, го имаме Вилхелм II
кој ги советува бунтарите – тоест оние негови потчинети кои не се согласуваат
со тезата дека неговата империја е најдобра меѓу најдобрите – да си ги обујат
кондурите и да појдат на друго место. Од друга страна, го имаме Бабел, кој вика
дека треба еднаш за секогаш да се расчисти со сите незадоволници и сејачи на
неслога внатре в партијата, а искажува мислење и дека, доколку опозицијата не е
задоволна од тоа како нејзиното раководство ги води политиките, тогаш поарно
„нека се чисти“. Може ли да се најде разлика помеѓу тие два става поинаква од
таа што постои меѓу доброволна организација (партијата) кон која секој
може, ама и не мора, слободно да пристапи, и државата како принудна организација, кон која сите припаѓаат со самиот чин на раѓање?
Би било возможно
да се каже дека не постои партиски лидер кој, доколку поседува жив темперамент
и искрен карактер, не би го следел примерот на Кралот на Сонцето Луј XIV и да кликне – Партијата тоа сум Јас!
Секој бирократ
себеси комплетно се идентификува со организацијата, сопоставувајќи ги личните
интереси со нејзините. Секоја објективна критика кон партијата тој ја прима
како лична увреда. Тоа е причината за очигледната неспособност на сите партиски
лидери да имат спокоен и справедлив поглед кон непријателскиот критицизам.
Лидерот се декларира себеси како лично навреден, правејќи го тоа делумно со
добра воља, ама делумно и намерно, со цел да го „шифтува“ бојното поле,
претставувајќи се себе како безопасен објект кој е цел на неоправдан атак, а
истовремено генерирајќи антипатија кон своите теоретски опоненти, која што секогаш
се јавува тогаш кога критиките кон лидерот се инспирирани од злоба. Во случај,
пак, кога лидерот е нападнат лично, негова прва грижа е да направи тоа да
изгледа како атак врз партијата како целина. Тој тоа го прави не само на полето
на дипломатијата, а со намера да си ја обезбеди за себе партиската поддршка и да
обезбеди надмоќ врз агресорот преку бројчаната супериорност. Тоа е најчестиот
исход предизвикан не само од слепиот фанатизам, ами и поради цврстата
убеденост. Според Нечаев, револуционерот има право да ги експлоатира, измамува,
ограбува, а во случај на потреба и тотално да ги уништува сите оние кои
безусловно не се согласуваат со неговите методи и цели, бидејќи тие не се ништо
друго освен дел од „заговор“. Негов единствен таргет мора да биде да осигура
триумф на неговите есенцијални идеи без никаков респект кон индивидуите –
Револуцијата – тоа сум Јас! Бакуњин искажа силна критика кон ваквиот модус на
размислување кога рече дека нивната мотивација лежи во несвесната, но сепак
гнасна амбициозност на тој Нечаев.
Деспотизмот на
лидерите не извира само од вулгарната похота за моќ или од неконтролиран
егоизам, туку честопати е израз на длабоката и искрена убеденост во нивната
сопствена вредност и од вербата дека служат на заедничка кауза. Бирократијата
која е најверна и најефикасна во исполнувањето на своите должности е такуѓере
диктаторска. Да го цитирам Волфганг Хајне:
„Тврдењата дека
некорумпираноста и ефикасноста на нашите партиски официози, како и нивната
љубов кон великата кауза, се доволни за да издигнат бариера против развојот на
автократија внатре во партијата, напросто се невалидни.Вистината е токму
спротивна на тоа.“
(Херстова интернационална библиотека, Њујорк, 1915)
No comments:
Post a Comment