Wednesday, January 11, 2017

Димитар Влахов: МЕМОАРИ

ВТОР ДЕЛ
Мојата револуционерна, политичка, општествена и публицистичка дејност, од јули 1924, до крајот на 1935 година
***
После Конгресот нашиот нов Комитет, во чиешто централно раководство јас бев избран како представител на национално-револуционерните организации на Балканот и воопшто на национално-угнетените народи и национални малцинства, ние се собравме за да се конституираме. Но тука, кај нас се сретнаа извесни тешкотии.
Седум-осум месеци порано, во Амстердам ние бевме избрале специјален Комитет за борба против војната. Тој комитет навистина имаше специјална задача, но борбата против војната не можеше да се оддели од борбата против фашизмот и империјализмот. Затоа што, како фашизмот, така и империјализмот, беа главните елементи за да избувне војна. Според тоа, борејќи се против војната, ние бевме принудени, по силата на самата природа на војната, да ги одправиме нашите главни стрели против нејзините главни елементи и специјално против нејзиниот главен елемент во моментот, а тоа беше европскиот, а можеби и меѓународниот фашизам. Во таа наша борба имаше едно полно комплетно совпаѓање со бробата против европскиот, респективно против меѓународниот фашизам. Од друга страна, многу од избраните во раководството на ЦК во борба против војната беа избрани во Централниот комитет против фашизмот, кој тукушто беше избран на конгресот во Плеел. Бидејќи главните пружини на тие акции – против војната и против фашизмот – се наоѓаа во Москва, и ни ги правевме сите усилби да ја помогнеме младата, недостатно закрепната советска држава, која во тоа време за нас комунистите од други земји, беше наша втора татковина, тоа требаш да му се обрне внимание на раководството на Комунистичката интернационала за ова положба и да се бара од него да ја даде својата согласност за слевањето на двата централни комитети во еден централен комитет против фашизмот и војната. Со таа задача се нагрби самиот Анри Барбис, чисто по своја иницијатива, затоа што тој согледуваше во тој момент дека Москва се стреми да му даде предност на комитетот против фашизмот и да ја остави на заден план борбата против војната.
Во тој однос Барбис беше силно поткрепен и од Вили Минценберг, кој навистина беше на чело на комитетот на Меѓународната лига против империјализмот, но кој исто така сфаќаше дека борбата на таа Лига во дадениот момент нема такво актуелно значење како борбата против фашизмот, којшто претставуваше непосредна опасност за народите во Европа.
Во Москва, Барбис за да го објасни своето гледиште, а тоа беше и гледиштето на мнозинството од членовите на централните комитети на двете меѓународни организации – против фашизмот и против војната – сретнал видни раководители на Комунистичката интернационала, вклучително и Сталин, на кои им го објаснил своето гледиште и го изложил својот предлог, а имено овие две меѓународни организации да се слејат и да имаат општо раководство, за да не се врши една паралелна работа. Своето гледиште Барбис успеал да го спроведе до Москва и се врати со специјалниот предлог пред раководствата на овие две организации да се слеат, образувајќи едно општо раководство на Комитетот против фашизмот и војната.
За председател на овој Комитет, кој имаше свое седиште во Париз и имаше специјален апарат, беше определен Анри Барбис. За генерален секретар на тој Комитет беше определен еден француски социјалист, кој не се слагаше многу со работата на Комитетот, бидејќи мислеше дека преку тој комитет Француската комунистичка партија ќе сака да ги спроведува своите барања. А тој француски социјалист, за неговото име не можам да се сетам сега, макар и од левицата на социјалистичката партија, се однесуваше скептички кон лозунгите кои ги издигаше Комунистичката партија и сосема не беше готов да ги поткрепи овие лозунги.
Комунистичката интернационала, за да биде сигурна дека ќе се спроведуваат нејзините дикрективи од Москва, беше испратен од Париз еден унгарски комунист, веројатно по предлог на Бела Кун, кој се викаше Урлих. (Тука треба да укажам дека во апаратот на Комунистичката интернационала имаше многу Пољаци – до 1935 година тие беа првата виолина таму; многу Германци, Унгарци, а и Бугари. Тие луѓе имаа и свои покровители таму и зето-шуро-баџанакизмот се применуваше во полна пареа).
Така, после враќањето на Барбис во Париз, двата комитета имаа заседание и се слеаја, образувајќи еден комитет, кој се нарече Светски комитет против фашизмот и војната. Преку тој Комитет, ние представителите на угнетените и потиснати народи на Балканот, продолжувавме да ја вршиме својата работа и раководителите на самиот комитет, особено Барбис, се однесуваа со големи симпатии кон нашата борба и ни услужуваа во се’.
            ***
Кон тоа време, есента 1933 година, се врати од Бугарија Георги Караџов, за кого зборував порано, но веќе доста надуен, со големи претензии, бидејќи беше извесно време нелегален во Бугарија. Караџов му реферира на нашето представителство за состојбата на нашата организација во Бугарија и неговиот извештај беше поскоро формален, затоа што тој не ни даде ништо ново што ние не го знаевме дотогаш за положбата во Бугарија и во Пиринска Македонија. Тој посака да замине за Москва, да реферира таму за положбата во Бугарија, а среде македонската емиграција и Македонците во Пиринска Македонија и наскоро тој доби разрешение да замине во Москва. Истовремено, со тоа за Москва побараа и јас за заминам таму за да имаме советување за идната политика на нашата Организација и составот на нејзиното идно раководство.
Караџов замина за Москва. После извесно време и јас, откако ја добив потребната дозвола, заминав за таму преку Данкерк, Копенхаген, Штокхолм, Або, Хелсинки, Москва. Со доаѓањето во Москва, ние го започнавме советувањето. Претходно бугарските комунистички дејатели имаа свое советување во балканскиот секретаријат на КИ, кој во тоа време го раководеше полскиот комунист, член на Полската социјалистичка партија Валецки. На ова советување, Васил Коларов не’ покани како мене, така и Караџов (Рилски) да присуствуваме како слушатели. И ние присуствувавме таму. На советувањето се разгледуваа многу прашања, кои ја засега БКП. На ова советување учествуваа Васил Коларов, Искров, Павлов член на ЦК на БКП, дојден од Бугарија, Трајчо Костов, Станке Димитров, кој беше еден од видните членови на БКП, Антон Иванов и уште неколку други дејатели. Фактички раководител на советувањето беше Искров, кој беше многу коректен. На советувањето се разгледува прашања односно минатата дејност на Партијата и тактиката што комунистите треба да ја спроведуват во идната своја дејност во Бугарија. На советувањето не учествуваше В‘лко Червенков. Која јас, на следниот ден, го сретнав – тој дојде во хотелот каде бев отседнат и му предадов некои работи кои му ги беше испратила жена му од Париз за неговите деца и му соопштив дека имаше советување - тој ми одговори дека ништо не знаел за тоа советување, никој не го известил за тоа.
За забележување беше дека, како Коларов, така и Антон Иванов, идниот секретар на ЦК на БКП, молчеа, не земаа скоро никакво учество. Главните говорници беа раководителите на БКП, а тоа беа таканаречените отпосле левосектанти, кои во 1937/38 г. беа ликвидирани, откако Димитров се врати од Лајпциг во Москва, како троцкисти, непријатели на работничкото и социјалистичкото движење. Сите присутни од тоа раководство лица, беа подоцна ликвидирани и само Трајчо Костов, кој извесно време по тоа советување замина за Бугарија со задача да ја спроведе новата линија на Партијата, т.е. линијата кој Димитров и Коларов сака да се спроведе, само тој велам остана жив и се ползуваше со големо влијание среде новото раководство на БКП: Димитров, Коларов, Станке Димитров, Белов, В‘лко Червенков, сите живееја во Москва. Впечатлението што јас го добив од тоа советување беше дека Коларов, Станке Димитров – за Антон Иванов не зборувам, затоа што ни еден збор не кажа за време на советувањето - беа во дефанзива, молчеа, а Искров, Трајчо Костов и Павлов главно зборуваа и нивните предлози се примаа од Собранието.
Тука треба да одбележам, дека Христо Кабакчиев не учествуваше на тоа советување, макар и да беше теоретичарот и третата личност во партијата, после Коларов и Димитров, и неговата роља во дејноста на БКП беше сведена на минимум. По тоа време, Комунистичката Интернационала одржуваше свој пленум. И ние, македонските дејатели – Караџов и јас - бевме поканети да присуствуваме во текот на повеќе од една недела на заседанијата на овој Пленум. На Пленумот на Комунистичката Интернационала се држеа реферати и се усвојуваа резолуции. Васил Коларов поднесе реферат за работата на Меѓународниот аграрен институт, а Тодор Павлов дојде од Бугарија, како представител на ЦК од внатрешноста, изнесе реферат за положбата во Бугарија и политиката што ја водеше БКП во својата борба против владата таму.
Откако беше завршен Пленумот на КИ, Балканскиот секретаријат доби ново раководство во лицето на Богомил Шмерал, познат како десничар во Чешката комунистичка партија. Самиот Секретаријат во едно од своите заседанија реши да го постави на разгледување пред Извршниот комитет на КИ нашето македонско прашање, организирајќи претходно во една од салите на Коминтерната, собрание на балканските комунисти, кои во тој момент се наоѓаа во Москва, т.е. комунисти, кои беа било студенти или аспиранти во Комунистичкиот универзитет за национални малцинства (КУМС), било во Ленинската школа – тоа беше повисока школа за подготовка на комунистички дејатели, било лица кои работеа во разни установи. На ова собрание присуствуваше доста свет, но за одбележување е дека меѓу тој свет не се наоѓаше ниту Коларов, ниту Антон Иванов, ниту Станке Димитров, ниту В‘лко Червенко. Тука, на собранието се зборуваше за македонскиот проблем и специјално за постоењето или непостоењето на македонската нација. Отсуството на овие лице за кои зборувам погоре, ме наведуваше уште тогаш да мислам дека тие луѓе не признават дека постои македонска нација и се противници на нејзиното оформување и развиток.
Тука меѓутоа, треба да одбележам дека водачот на Септемвриското востание од 1923 година, Гаврил Генов од Берковско, не само што присуствуваше на собранието, туку зеде и збор за да ја поткрепи тезата дека македонската нација постои и според тоа балканските комунисти би требало да го укажат нужното содејство за олеснување и потпомагање на нејзиниот понатамошен развиток. На собранието зборува уште Искров, јас, Караџов и други лица. Караџов беше од тие лица кои недраго ја примаа таа констатацијија и сосем не им се сакаше таа да биде прифатена на едно големо публично собрание на балканските комунисти.
Меѓутоа прашањето веќе беше назреало и Балканскиот секретаријат при КИ требаше отворено да си го каже своето мислење по ова прашање, уште повеќе што прашањето за формирањето на македонската нација и за евентуалното разработување на литературниот македонски јазик се подигнуваше веќе меѓу самите Македонци во земјата.
Ќе го одбележам тука и тоа дека некои од присутните направија забелешка дека ако ние ја примиме констатацијата за постоењето на македонската нација, и заработиме во тој правец, многу македонски дејатели ќе се откинат од нас и ќе претпочитаат да отидат кај македонските фашисти Иванмихајловци или кон другото фашистичко крило, следбениците на Протогеров. (Овие две терористички организации взаемно се гонеа и самоистребуваа, истовремено особено првите од нив убиваа дејатели и приврзаници на ВМРО-Обединета макар и да постоеја на една иста линија.) Такви случаи да не се прима постоето на македонската нација и да не се сака да се изработи литературен македонски јазик, имавме ние среде македонската емиграција во Бугарија, главен представител на кој се јавуваше Васил Хаџи Кимов, кој отворено мина во лагерот на михајловистите, за кој можеби и беше испратен од нив да влезе во нашата Организација во Бугарија. И тој човек, како што спомнав порано, бидејќи во раководството на нашиот Областен комитет во Бугарија, имајќи можност да знае кои лица учествува во таа Организација, предаде цел список на наши дејатели на самата бугарска влада. Тој човек стана предател, а можеби бил таков уште кога влегол во нашата Организација и поради лекомисленоста на Караџов беше вмолкнат во нејзиното раководство.
Спомнав порано, дека самата КИ сакаше да биде разгледан македонскиот проблем на едно од советувањата на нејзиниот Извршен комитет. И еден ден јас бев известен дека такво советување ќе се одржи. И тоа се одржа. Пред да се одржи ова советување, тесното раководство на овој комитет беше веќе установило свое становиште по прашањето, вклучително и по прашањето за македонската нација и беше го натовариле Балканскиот секретаријат да изработи соодветна резолуција. Валецки, кој уште продолжуваше да го раководи Балканскиот сркретаријат, натовари еден од своите соработници, негов пријател исто така Пољак, кој може да се каже, немаше поим од македонскиот проблем, да изработи соодветна резолуција. Јас бев лицето кое одблизу го запознав со македонскиот проблем и му помогнав да ја изполни возложената му задача. ...


(изд. НИП „Нова Македонија“, Скопје 1970 год. стр. 344-348)

1 comment:

  1. Сакам да споделам со сите вас овде за тоа како го добив мојот заем од г-дин Бенџамин кој ми помогна со заем од 400.000,00 евра да го подобрам мојот бизнис. Беше лесно и брзо кога аплицирав за заемот кога работите беа груби со мојот бизнис . Г-дин Бенџамин ми даде заем без одлагање. Еве ја е-поштата на г-дин Бенџамин/ 247officedept@gmail.com.

    ReplyDelete