Monday, January 23, 2017

Жељу Желев: ФАШИЗАМ

1.СРАСНУВАЊЕ НА ДРЖАВНИОТ АПАРАТ СО ПАРТИСКИОТ

ж) Државно плаќање на апаратот на фашистичката партија

Во овој случај се разоткрива финансовиот карактер на сраснувањето на фашистичката партија со државата, нивниот неразрушив финансиски сојуз, врз којшто почива идеолошкото им единство. Владеејќи ја државата, фашистичката партија низ неа, си осигурува неограничени финансиски средства. Таа може не само да раздава државни функции и синекурни должности на своите членови, туку и непосредно да користи државни средства за своите специфично партиски нужди: прво, за плати на партиските функционери, и второ – за финансирање на бучните партиски проекти и кампањи.
За својата дејност, партиските функционери примаат плата како чиновниците, а ја губат истата доколку вишите партиски инстанци одлучат дека не се веќе неопходни. Во своето иследување на италијанскиот фашизам, С. М. Слободској приведува конкретни цифри и податоци за годишниот буџет на апаратот на фашистичката партија, што се одобрува од министерот за финансии.
Притоа, личниот доход на партискиот функционер е многукратно повисок не само од просечната плата во земјата, ами и од тие на специјалистите (инженер, лекар, учител, уметник итн.) затоа што за системот тој е поценет од секаков специјалист: политичкиот систем се потпира на него, а не на специјалистот. На тој начин, тој се покажува во привилегиран положај наспроти широките маси население. Благодарение на тоа, партискиот апарат на фашизмот набргу се откинува од масата и се оформува како специјален слој, којшто во Германија се нарекуваше „корпус на политички раководители“, но кој е поправилно да се именува како каста.
Неговата особеност се изразува не само во тоа што тој раководи и управува со државата, туку и во буржоаско-аристократскиот начин на живот, обусловен од финансовите возможности. При таквата положба, фашистичката партија се корумпира, а нејзините функционери не ја избегнуваат „участта“ на бирократи, повеќе врзани со апаратот на својата партија, отколку со идеологијата, повеќе со кастата – отколку со партиското членство.
Со ова може да се објасни чудното положение – од аспект на строгиот фашистички морал – дека токму луѓето од партиската врхушка, посочувани од страна на широките маси како образец за подражавање, имено: Хитлер, Геринг, Гебелс, Химлер, Розенберг, Лај, Рибентроп и др., после падот на нацистичката држава, испаднаа баснословно богати, со големи суми во странските банки. Оние што распалуваа најбесни националистички чувства в народот и младината, сеејќи омраза кон се’ што е негерманско, беа ги внесувале своите пари во странски, главно швајцарски банки! Само од издавањето на „Мајн Кампф“, која што всушност се дистрибуираше принудно, Хитлер „получил“ 4 милиони долари; на почетокот на војната, Гебелс имал имот вон границите проценет на 4,6 милиони долари; Химлер во странски банки имал околу 6 милиони долари (...). Најбогат меѓу претставниците на фашистичката врхушка се покажал Геринг, со неговите фабулозни вили и дворци, како и сопствена бања, чијшто патос бил поплочен со плочки од масивно злато.
Се разбира, партиските финансии не се единствениот извор за богатење на апаратусот. Паралелно со партиската каса на НСДАП, постојат и државни должности, синекурни позиции во големите индустриски компании, коишто поради исклучителното положение на фашистичката партија, држат при себе нејзин платен претставник. Дури 78 места во директоратите и надзорните одбори на 24 од најкрупните монополи се окупирани од членови на фашистичката партија (...).
Заземањето на неколку такви должности во комбинација – партиска, државна плус синекурна позиција во некој труст – даваат можност за мошне брзо збогатување. Но, тоа е карактеристично повеќе за самата врхушка на нацистичкиот партиски апарат, отколку за средниот и нижиот слој. Кога крупно индустриско претпријатие бара партиски функционер, кој ќе ги претставува неговите интереси пред фашистичката партија и држава, тој го претпочита вишиот партиски чиновник пред обичниот функционер, од разбирливи причини. Ете зошто инкорпорирањето на партиските функционери во финансовата олигархија предимно се случува на ниво на рајхслајтери и гаулајтери.
Во таа точка, особено рељефно се истакнува паразитскиот карактер на фашистичката партија. Создавајќи огромен високоплатен партиски апарат (околу 800.000 души во Германија) паралелно со државниот, таа фактички него го дуплира. Така, покрај државниот апарат, се изградува друг – наддржавен – како социјална опора на режимот и оправдание за привилегиите, претставени во видните поткрепувачи на истиот тој режим. Во начело, лишени од секакви реални функции, тој партиски апарат стимулира трескавична активност со организирањето паради, митинзи, демонстрации, манифестации, факелни шетања, поклоненија на гробни места на загинати фашисти, колективни излети, воени и спортски мечеви, национални празнувања, коишто ги претвораат во прашина доделените грамадни државни пари. Со други зборови, не само апаратот, ами и целата му дејност има паразитски карактер и тие скапо го коштаат општеството и државата. Достаточно е да се споменат „конгресните дни“ на нацистичката партија в „престолнината на конгресите“ – Нирнберг. Долж цела една седмица, неколку стотини иљади души, дојдени од сите краишта на Германија, се на полн пансион кај НСДАП, по однос на патни трошоци, храна, ноќевање итн.
Неопходноста од подлабоко осветлување на тие проблеми изискува принципиелно да ги разгледаме новите односи помеѓу парите и власта во фашистичката држава. Тука тие си ги менуваат местата. Ако за класичната буржоаска демократија е карактеристичен принципот „Кој ги има парите – тој располага со власта“, кај фашистичката држава се случува обратното. Апсолутното господство на политиката над останатите сфери на општествениот живот го истакнува спротивниот принцип – „Кој има власт, има и пари“. Според принцпот на пропорционалност, оваа зависност ја одразува и разликата во хиерархиските нивоа, па така: „поголемата власт носи повеќе пари“.

Со тоа се објаснува разбеснетата борба за власт, карактеристична за партиските функционери и државниците, која се разликува во голема мерка од аспирирањето кон власта од страна на буржоаските демократи. Порадни нивното лично богатство („именија“, заводи, фирми и др.) тие се финансиски независни од државата и не секогаш се директно врзани со нејзините интереси, додека за нацистичката партија и нејзиниот апарат, државата е главен и единствен источник на приходи. Така, фашистичката партија и поконкретно нејзиниот апаратус, ја извртува државата в орудие за колективна експлоатација на граѓанското општество и националната економија.

No comments:

Post a Comment