Monday, January 2, 2017

Ана Ахматова: СИВООКИОТ КРАЛ

Првото враќање

На земјата покров тежок пак е сложен,
Камбаните ѕвонат највесело,
Пак е духот возбуден и растревожен
Од мачната скрб на Царско Село.
По лета пет сал молк, а живот нема...
Ко потоп светот да го надвесил,
Ко дамна да е исцрпена тема,
Во смртен спокој дворецот се скрил.

1910


Сивоокиот крал

Благословен да си болу најдлабок!
Умре вчера кралот сивоок.

Румена, спарна есенска вечер,
Маж ми, штом стигна, спокојно рече:

„Чу ли, крај дабот стар му нашле тело,
Во ловот смртта свршила дело.

Кралицата сал ја жалам! Бледа,
За ноќ една таа стана седа.“

Од каминот лулето го зема
И на ноќна работа тој крена.

Јас пак ќеркичката си ја будам,
На очиња сиви да се поначудам.

А надвор са ноќ тополата пее:
„Твојот крал во живи веќе не е...“

11 декември 1910
Царско Село


Гостин

Се’ ко преѓе: во прозорци струга,
Соспи трупа фуртуната сал,
И не станав самата јас друга,
А кај мене човек сминувал.

Го запрашав: „Кажи ми што сакаш?“
Тој: И в адот да те љубам јас“.
Се кикотев: „Ах, несреќа така
Ти пророчиш за двајцата нас“.

Но тој нежно, со раката сува,
Латиците сал ги потфати:
„Збори кој, и како, те целува,
Збори како дариш целув ти.“

И погледот маглив му се стврдна,
Гледајќи ми прстен занесено.
Ниту еден мускул не се мрдна
На лице злосјај проткаено.

Ох, радоста што му в срце сека-
Спознанието е тоа знам:
Дека ништо не му треба, ништо дека
Немам што не можам да му дам.

1 јануари 1914


Новогодишна балада

И месецот сред магли штом кима
Ѕирна в собата со поглед сразен.
Шест прибори таму на масата има,
И сал еден од нив стои празен.

Другарите, јас и маж ми збрани
Спроти Нова година – миг свечен.
Зошто ми се прстите ко в крвје прани,
И виното, како отров, пече?

Домаќинот, кревајќи ја својта чаша,
Беше важен, подисправен цврсто:
„За земјата пијам родна наша,
Што на сите ни го крена крстот!“

А другар ми, во очите вгледан мои,
И со спомен некој скриен:
„За песните нејни пијам јас, во кои
Живееме сите ние!“

Но третиот, не знаејќи ништо баш,
Ни кој умрел, ни што бол ме стега,
Како в мисли да ми поприсега,
Прошепоти: „Да кренеме чаша сега, долг е наш,
И за оној што не седи со на сега“.

1923


Четврта северна елегија

На епохи се делат три спомените.
Ко денот вчерашен е првата.
Под сводот нивен душата е среќна,
И телото е блажено под нивна сен.
Не замрел уште смев, и струјат солзи,
Врз маса стои дамка мастилава-
И, како печат удрен в срце, целув,
Неспоредлив, неизбришлив, за збогум...
Но сето тоа трае толку кратко...
Не свод над глава стои веќе, ами
Дом зафрлен на крај од градот негде,
Кај зиме стега студ, а лете жега,
Кај има пајак, прашина на сегде,
Кај гнијат писмата пишувани со плам,
Кај скришум се менуваат портретите;
Ко на гроб таму луѓето сминуваат,
А кога ќе се вратат мијат раце,
Ја тресат солзата застаната
На морни клепки, тешко воздивнуваат...
Но чука саатот, пролетите
Си врват и небото руменее,
Градовите имињата ги менат,
И нема веќе свидетел од прежно време,
Со кого солзи, спомен ќе поделиш.
И бавно од нас сенките си одат,
Без да ги викаме во свеста повтор-
Та страшно тоа враќање за нас би било.
И гледаме, на рассон, едно утро,
И патот не го знаеме кон тој пуст дом,
Кон него задишани од бес и срам
Јурнуваме, но (како на сон) таму се’
Поинаку е: луѓето, предметите,
Ѕидовите – и никој не не’ познава.
Не, не е тоа исто место... Боже!
И тогаш доаѓа најгоркото:
Сознаваме колку сме без моќ минатото
Во животот наш да го вградиме,
И колку ни е тоа туѓо, исто како
На соседот куќен, отспротива.
Ни мртвите не би ги препознале,
А живите, со кои Бог не’ разделил,
Се снашле прекрасно без нас – и дури
Поарно е така...

5 февруари 1945
Ленинград


Последната песна

Една, ко растревожен од некого гром,
Со здив живороден ти бувнува в дом,
Се смее, во грлото блеска,
Сал се врти, ракоплеска.

Друга, родена во полноќ глува,
Не знам никогаш од каде пристигнува,
Од празното огледало се кркори
И сурово нешто ми мрмори.

А и такви има, кои некој пат,
Среде бел ден, божем не ме гледаат,
Жуборат, се пенат по белиот лист,
Ко поток низ долина чист.

А еве уште: тајна, околу се рои-
Ни бои ни звуци, ни звуци ни бои,
Се точи, се вие, пресоздава,
А во раце жива не се дава.

Но таа!... до капка крвта ми ја испила,
Како љубовта во младост – мома зла,
И без ништо да ми проговори,
Во тишина повтор се престори.

Се’ до денес таква болка не ме стегна.
Си замина, и трагите ги протегна
До најкрајот крај што не го знам.
А без неа јас... сал умирам.

1 декември 1959
Ленинград


            *
А јас скитам таму кај залудно се’ е,
Кај што само сенката се гали,
И кај ветер од глувите бавчи вее,
А под нозе леднеат скали.

1969


(избор и препрев: Ефтим Клетников, изд. РО БИД „Мисирков“ Битола, 1987 год.)

No comments:

Post a Comment