Monday, January 30, 2017

Мухамед Филиповиќ: ФИЛОЗОФИЈА НА ЈАЗИКОТ I

XI глава
ИСТОРИЗМОТ, ФЕНОМЕНОЛОГИЈАТА И ФИЛОЗОФИЈАТА НА ЕГЗИСТЕНЦИЈА И ПРАШАЊЕТО НА ЈАЗИКОТ ВО ФИЛОЗОФИЈАТА

...Дилтај во изградувањето на една таква метода, која би овозможувала разбирање и толкување на смислата и значењето на историските и воопшто животните појави, посегнал кон една – во фолозофијата позната и стара метода – за која што говорел уште Аристотел во своите списи, и која што долго представувала темелна метода за изведување значења и смисол на тајните значенија на божествените и човечките ствари. Тоа била херменевтиката. Таа кај Аристотел значи метод или постапка за толкување врз темел на местото и улогата на елементите коишто остваруваат одредено значење во структурата на јазикот и на ставот како веројатен исказ. Тоа е таква метода која овозможува нешто да се спознае, иако тоа нешто во своето значење е скриено и затворено во некоја целина и како такво, демек, не може да се разбере преку самото себе, туку само преку целината во која што е дадено…
Дилтај ја сметал филозофијата како наука за животот како темел на се’ што постои, како сила или снага на движење, која што се’ поставува и креира, а тој живот се случува во повеста и има изрично историски карактер. Природата на спознавање на тој живот и неговиот медиум – историјата, е разбирањето, а основната метода за разбирање – постапка која овозможува да се влезе во структурата и значењето на историските животни појави и збиднувања … тоа е методата на толкување или херменевтика. Ставовите до кои со помош на таквите методи се доаѓа нужно се аксиолошки, односно вредносни ставови и тие се однесуваат на супстанцијата на спознавање, како ставови кои за таа супстанција вредат, а не ја дефинираат истата, ниту таксономично ја одредуваат. Сознанието од таков вид не може да биде аксиоматски или нумеречки искажливо, туку тоа е феноменолошко и аксиолошки според врстата, односно тоа се искажува како конституција на еден духовен факт којшто станал предмет на спознавање на еден исто таков факт –  човековата свест.
Меѓутоа, ова значи дека толкувањето е таква постапка со која го откриваме значењето на некои појави, нивниот однос кон одредена целина и кон дадениот систем на вредности кој го имаме, и со тоа - во тој вредносен аспект – ги спознаваме. Основата на толкување на било која појава секако го сочинува медиумот и целината на медиуми во кои што таа појава се јавува. Медиумот, единствениот медиум во кој што сите појави на духот можат да се искажат … е јазикот.
Во своите творевини, кои се творби на човекот, јазикот секогаш ја изразува супстанцијата на значењето, која пак ги изразува смисолот и важењето на животните и историските творби  на човекот и неговото делување во нив. Јазикот е медиум во којшто се кристализира целокупниот однос на човекот спрема животта и повеста, како сума на смислови и значења на историскиот опстанок, дејствување и спознавање. Животот и околностите на историското бидување се однесуваат на човекот и за него се дадени како отворени и спознатливи. Човекот е вклучен во нив, активно учествува со своите осети, чувства, спознавања и дела, додека јазикот е темелен медиум во којшто се одигрува таквата положба и односот на човекот  и животот, како и место каде што се’ – преломено и изразено како човеково чувство и сакање или мисла и делување по пат на комуницирање – за човекот се разоткрива како значење. Тоа значи дека толкувањето и разбирањето на духовните и историските феномени можеме да ги сведеме, во извесна смисла, на толкување на структурата и значењето на јазикот, неговите творевини, односот и и начинот на изразување кои представуваат клуч за разбирање на значењето на сите други појави на животот и духот, културата и создавањето повест. На тој начин и филозофијата, како духовна наука, заправо се сведува на една методологија на толкување на духовните, животните и историските творевини и појави, на утврдување на нивното значење и смисол, а тоа значи дека се претвора во филозофија на јазикот, бидејќи основата на херменевтиката – т.е. толкувањето на значењето и смислата на она што за човекот има вредност, значење или смисла – дадена е во јазикот и само со негово посредство.

(изд. „Свјетлост“ – Сараево, 1987 год.; стр. 304-306)

No comments:

Post a Comment