Поглавје осмо
... Декарт во
неговото доба, а во поглед на геометријата која тој чудесно ја проширил,
применувајќи врз неа алгебра и некои други негови пронајдоци, освен неколкумина
луѓе, никој не го разбирал. Слично на тоа му се случило и на Њутн. И навистина,
положбата на луѓето кои со знаењето се необично над своето доба не е многу
различна од положајот на книжевниците и учените луѓе кои живеат во градовите
или покраините каде никој не се бави со книгата, зашто ни овие – како што ќе
докажам подоцна – не се почитувани од своите сограѓани или земјаци, како што би
заслужувале. Дури и мошне често ги „ниподаштавале“ поради разликите во животот
и нивните сфаќања од сфаќањата на останатите луѓе, како и заради општото недоволно
познавање на вредностите на нивните способности и дела.
Нема сомнеж дека
во ова време, па и од обновата на цивилизацијата, човечкиот род непрекинато
напредува во знаењето. Ама, неговиот напредок е бавен и одмерен, додека
најголемите и необичните духови кои се посветуваат на разгледувањето на овој
сензибилен и достапен свет, како и на пронаоѓање на вистината, идат – даже и
трчаат – брзо и речиси без никаква мерка. Затоа на светот, гледајќи ги како
напредуваат, му е невозможно да го забрза чекорот и да стаса заедно со нив или
малку после ним, таму каде што тие најпосле застануваат. Светот дури и не го
менува чекорот и воопшто не стигнува до оваа или онаа граница, освен во размак од еден или два века по
стасувањето таму од страна на великиот дух.
Може да се каже
дека чувството е оти човековото знање поголемиот дел од својот напредок му го
долгува на оние највиши умови, кои се јавуваат од време на време, сега еден -
сега друг, скоро како чуда на природата. Меѓутоа, напротив, јас сепак сметам
дека тоа знаење сепак им должи повеќе на обичните умови, додека на необичните доста
малку. Да претпоставиме дека еден од нив, откако со својата наука го исполнил
просторот за знаење на своите современици, напредува во учењето со десет
чекори. Останатите осредни умови не само што не се решаваат да го следат, ами
го исмејуваат неговиот напредок. Меѓутоа, бројни медиокритети, белким со
делумна помош на мислите и откровенијата на великанот, а сепак највеќе со
сопствени изучувања, заеднички прават еден голем исчекор, кој пак (поради
кусоста на размакот, т.е. малата
новина на заклучкот, како и заради големиот број на оние што до него дошле) за
некоја година го прават и рестото луѓе. Така, напредувајќи со обичен тек,
постепено, а низ трудот и примерот на осредните умови, луѓето најпосле го чинат
и десетиот чекор, а заклучоците на оној највисокиот дух бидуваат признати за
вистинити од сите цивилизирани народи. Арно ама, тој е веќе одамна мртов и за
тој успех не постигнува дури ни позна и
задоцнета слава, делумно затоа што споменот на него веќе избледел или што
неправедното мислење за него додека бил жив, а потврдено со друга наука, го
надвладеало секој друг обзир; делумно што луѓето не дошле до тој степен на
знаење со помош на неговиот труд; и делумно поради тоа што сега се сите веќе
изедначени со него во знаењето, па набргу ќе го престигнат, а можеби и веќе
сега се изнад него. Заради тоа што во долгиот тек на времето можеле подобро да
се докажат и поарно да ги објаснат вистините до кои тој дошол, неговите
претпоставки да го донесат до извесност, да дадат подобар ред и облик на
неговите пронајдоци и да направат тие да созреат. Освен ако некој научник,
повторно испитувајќи ги записите на минатите времиња, проверувајќи ги
заклучоците на оној великан и споредувајќи ги со тие на неговите потомци, не се
сети како и за колку тој му претходел на човековиот род, па му пружи неколку
пофалби, кои ќе предизвикаат мал вител прашина, ама брзо се забораваат.
Иако напредокот
на човечкото знаење, како падот на тешки предмети, се постигнува од миг в миг
се’ поголема брзина, сепак едно исто поколение луѓе тешко се случува да го
смени своето мислење и толку да ги признае своите грешки, што денес би верувало
во нешто спротивно од тоа во што верувало претходно. Но, тоа подготвува такви
средства за следното поколение за ова да може да осознае и да верува во нешто
друго. Само, како што никој не го осеќа непрекинатото движење на Земјата која
не’ носи наоколу, така ни сите луѓе не се свесни за разгранувањето на своите
сознанија, ниту пак за перманентното менување на сопствените судови. Човек
впрочем никогаш не ги менува своите мненија така да знае дека ги менува.
Поглавје девето
Да речеме дека,
минувајќи секаква препрека, во својата вредност и потпомогнат од среќа, стварно
си постигнал не само да бидеш прочуен, туку и славен, и тоа не после смртта,
ами уште за време на животот. Да погледнеме каков плод тоа ќе ти донесе. Прво и
прво, желбата на луѓето да те видат и лично да те запознаат, да те покажуваат
со прст, онаа чест и почитување кои присутните би ти ја укажувале, а во што
лежи наголемата полза од славата што произлегува од пишување, по се’ изгледа
дека би можел полесно да го доживееш во малите градови, отколку во големите,
каде очите и душите се расејани и занесени со богатството и со вештините кои
служат за забава и веселост на некорисниот живот. Ама, со оглед на тоа што во
малите градови речиси секогаш недостасуваат средства и потпора врз база на која
се доаѓа до совршенство во книжевноста и науката, односно поради тоа што се’
што е ретко и вредно се збира во големите градови, малите градови – кои се
ретко престојувалишта на учени лица и се обично без добри школи – обичаваат
толку ниско да ја ценат не само науката и знаењето, туку и прочуеноста таму не
е предмет дури ни на завидливост. А, доколку случајно некоја важна личност или
необичен ум и живее во некое мало место, тоа што таа е една и единствена не
само што не ја увеличува нејзината вредност, туку и штети, бидејќи во
секојдневниот живот, оваа персона е најзанемарена и најнепозната во тоа место.
Како што таму каде што златото и среброто се непознати и без вредност, секој
што би нив би ги поседувал, а би немал друг имот, воопшто не би бил побогат од
другите, туку напротив би бил сиромашен, исто така и онаму каде што умот и
знењето не се познати и не се ценат, оној интелект кој би таму би се нашол не
би имал прилика да биде над останатите, а немајќи други добра, он би бил
омаловажуван. И тој во таквите места е далеку од можноста да биде почитуван. Во
времето кога, уште дури бев млад, одев во своето родно Бозизио и со оглед на
тоа што таму се знаеше дека го сакам учењето, а и дека се занимавам со
пишување, моите земјаци ме сметаа за поет, филозоф, физичар, математичар,
лекар, правник, теолог и познавач на сите јазици на светот, притоа не правејќи
било каква разлика за секое прашање за кое случајно ќе се поведеше разговор. И
покрај тоа, мештаните многу не ме почитуваа, чак и ме сметаа многу помал
од сите учени луѓе од другите места. А, доколку дозволев тие да се спосомневаат
дека моето знаење е спак малце помалку прекумерно отколку што тие си мислеа, јас
во нивните очи паѓав уште подолу и најсетне тие доаѓаа до уверување дека моето
знење не ништо пошироко од нивното.
...
(Белград, 1964)
No comments:
Post a Comment