Tuesday, April 4, 2017

ДЕЈВИД ХЕРБЕРТ ЛОРЕНС: Порнографија и бесрамност


Конечно, што е тоа порнографија? Тоа не е „сексапил“ или сексуална надразнетост во уметноста. Тоа не е смислена уметникова намера да предизвика или да поттикне сексуални емоции. Ништо лошо нема во сексуалните емоции, под услов да се искрени, а не притаени или подмолни. Добрата сексуална возбуда е мошне драгоцена за секојдневниот човеков живот. Без неа светот би бил суморен. На драга воља секому би му тутнал в раце скокотливи ренесансни приказни: тие би ни помогнале да „баталиме“ од голем дел на нашата вообразеност, таа болест на модерните луѓе.
Меѓутоа, јас сепак би можел да ја цензурирам вистинската порнографија; и тоа строго. Тоа не би задавало никакви потешкотии. Пред се’, правата порнографија речиси секогаш е прикриена. Таа не го открива своето лице. Освен тоа, неа може да ја препознаеме по навредите кои неизбежно им ги нанесува на човековиот дух и секс.
Порнографијата настојува да го увреди сексот, да го изблати. Тоа е непростливо. Земете најобичен пример: сликичките кои скришум се продаваат во сомнителните квартови на многу градови. Тоа што сум го видел во нив е грдо до солзи. Навреда на човечкото тело, навреда на најбитните човечки односи! Тие нудат грда и гнасна голотиња, ружен и понижувачки, вулгарен, лош и огавен сексуален чин.
Сосем ист е случајот со книгите кои се продаваат во сомнителните квартови. Или се толку грди да ви се смачи или се до таа мера бедни, што единствено кретени или простаци може да ги напишат, односно читаат.
А, така е и со шеговитите бесрамни песни кои се рецитират по вечера, или со одвратните сказни кои трговските патници ги раскажуваат во пушилниците. Понекогаш ќе се најде по некоја навистина смешна, но мнозинството се грди и огавни, а наводниот „хумор“ служи како повод сексот да се фрли во кал.
Додуша, голотилакот на голем број денешни луѓе напросто е грд и унижен, како што сексуалниот чин денес е често ружен и понижувачки. Но, со тоа не смееме да се гордееме. Тоа е зла коб на нашата цивилизација. Уверен сум дека ниедна друга цивилизација, вклучувајќи ја и римската, немала во така големи размери толку срамна и понижена голотиња, така грда, валкана и одвратна сексуалност. А, разлогот лежи во фактот дека ниедна друга цивилизација не го протерала сексот во ќумези меѓу шљамот, а голотилакот во клозетите, како што тоа го стори нашава.
Фала Богу, изгледа дека разборитите млади луѓе се решени да ја променат ваквата состојба на нештата. Тие ја избавуваат својата млада „обнаженост“ од загушливите, порнографски и тајни ќумези во кои ги втерале постарите генерации, а се и подиректни во сексуалните односи. Строгите постари генерации ја осудуваат таа промена, ама таа претставува силно подобрување и вистинска револуција.
Зачудува, меѓутоа, дека обичниот и прост свет манифестира јака желба да го изблати сексот. Како дете, негував илузија дека оние здрави и прости луѓе што се среќаваат по возовите, автобусите и крчмите имаат здрави чувства и дека безгрижно, здраво и грубо гледаат на сексот. Тоа е заблуда! Чиста заблуда! Искуството не’ учи дека ваквите поединци пројавуваат одбојност, па и презир спрема сексот, со лута желба да му нанесат увреда. Кога таквите поединци имаат однос со жена, од него извлекуваат победничко чувство кое порано го плиснале со кал, а кое сега е уште попростачко, поодвратно и понедолично од претходно.
Тоа се оние луѓе кои кажуват мрсни вицеви, носат со себе скаредни сликички и читаат бесрамни книги. Тоа е голема порнографска класа, вистински жени-и-мажи од тротоарот. Кон сексот одгледуваат презир и омраза, со што се поистоветуваат со најзакоравените пуританци. Тоа се оние кои сакаат јунакињата во некој филм да биде неутрална, несексуална ствар, бледа и чиста; тие кои сакаат сексуалното чувство – таа грда желба – да ја манифестира само подлец и ‘рѓава жена; тие кои што Тицијановите и Реноаровите слики ги сметаат за бесрамни и нејќат нивната жена и ќерка да ги видат.
Зошто? Затоа што се заразени со силна омраза кон сексот, а истовремено не можат да ја сузбијат огавната желба за него. Сексуалните функции во човековото тело блиску се поврзани со функцијата на исфрлање на изметот, но правците им се - така да се рече - потполно различни. Сексот е некој вид креативна плима, додека исфрлувањето на изметот е последица на распаѓањето, односно разградувањето. Секое здраво човечко битие прави разлика помеѓу овие две плими. Можеби нашите најснажни нагони ја прават таа разлика.
Арно ама, кај дегенерираното човечко суштество тие нагони се мртви и овие две плими се поистоветуваат. Еве во што се состои тајната на простачките и порнографските луѓе: изливот на сексот и на изметот за нив се едно те исто. А, тоа настанува кога ПСИХАТА ќе се расипе, а снажните и водечки нагони ќе одумрат. Тогаш сексот е кал, а калта - секс, сексуалното возбудување е валкана игра, а секој траг на сексуалност кај жената – доказ за нејзината развратност. Таков е светот на вулгарниот човек, кој е легионер, а чиј што глас  VOX POPULI, VOX DEI. Тоа е потеклото на секоја порнографија.
Од таа причина, треба да се признае дека Џејн Ејр или Тристан, на Рихард Вагнер, се поблиски до порнографијата него што е тоа Бокачо. Вагнер и Шарлота Бронте се наоѓат во состојба кога најсилните нагони изумреле, а сексот станал нешто прилично бесрамно, па човек може да се валка во калиштето на сексот, ама е должен истото да го презре. Сексуалната страст на г-дин Рочестер „не е за почит“ се’ до моментот кога тој е заслепен, изобличен и потполно зависен. Тогаш, сосем унижен и тотално понизен, само тогаш може тој да биде прифатен. Сите претходни емоции се прилично бесрамни, како во Памела, Воденицата на Флоса или Ана Каренина. Штом сексуалното возбудување постои истовремено со желбата да се плукне на сексуалното чувство, та да се понижи и сроза тој осет, неминовно се јавува порнографија.
Затоа во скоро целата книжевност на XIX век постои делче порнографија, како што многумина божемни чистунци носат порнографски црти или како што јачината на порнографската желба не била никогаш толкава како што е во денешното доба. Тоа е знак на болест на политичкото тело. Но, вистинскиот начин на лекување се состои во тоа сексот и сексуалното да се изнесат на видело. Правите љубители на порнографијата всушност го мразат Бокачо, оти свежата и здрава природност на италијанскиот писател го наведува денешниот накажен љубител на порнографија да сфати каков огавен црв е тој. Денес би вредело Бокачо да бида даден в рака секому, нека го чита и старо и младо. Од голема корист ќе ни биде здравата и природна отвореност во сексуалните прашања, бидејќи сме преплавени со прикриена или полуприкриена порнографија. Можеби Бокачо, Ласка или други ренесансни автори представуваат најдобар модерен лек, како што мелемот на пуританството представува најопасен медикамент што може да го земеме.
Целиот проблем на порнографијата ми изгледа, демек, како проблем на лицемерие. Без лицемерие не би имало порнографија. Сепак, лицемерието и срамот се две сосема различни работи. Во лицемерието секогаш постои делче зебња, која често оди до омраза. Срамот е благ и воздржан. Денес срамот такаречи е отфрлен, дури и во присуство на сите чувари. За возврат, лицемерието наидува на поддршка, макар што тоа е порок. „Драги девојчиња, можете да го отфрлите сиот срам, се’ додека љубоморно ја чувате својата мала прљава тајна“.
Таа „мала прљава тајна“ стана бескрајно драгоцена за нашите маси. Тоа е некој вид воспаление или болка. Кога болката ќе се мази или почеша, таа предизвикува треперења кои што изгледаат пријатни. Така човекот ја мази и чеша својата мала прљава тајна, се’ додека силно не ја надразни, со што на големо му штети на своето психичко и нервно здравје. Комотно може да се тврди дека успехот на половина од денешните љубовни романи и филмови зависи од тоа како тие кришум ја мазат малата прљава тајна. Може тоа да се нарече сексуална возбуда ако ви е воља, ама таа возбуда е тајна, скриена, прилично необична. Чистото и едноставно, сосема искрено и здраво возбудување, какво што среќаваме во некои Бокачови приказни, не смееме да го мешаме со прикриените возбудувања, кои во денешните бест-селери се предизвикани со тајно мазење на малата прљава тајна. Тоа скришно, подмукло, лукаво мазење на воспаленото место на имагинацијата представува главен придвижувач на денешната порнографија и значи крајно зло, т.е. опасност. Тешко се разоткрива зашто е ѓаволски скриен и подмолно вешт. Леки и популарни, денешните љубовни романи и филмови доживуваат процут, а штитоносците на моралот ги фалат, оти го предизвикуваат оној трепет скриен под чистотијата на нашиот неизвалкан долен веш, а притоа да не изговарат ниеден прост збор, кој би ни оддал што во нив заправо се случува.
...


No comments:

Post a Comment