Седмо поглавје БЛИСКА ИДНИНА
Фашистичките тоталитаризми и комунистичкиот
тоталитаризам
А, под
претпоставка ништо да не се стори и христијански инспирираната политика да не
се оживотвори, или да се покаже како слаба и немоќна или пак да тргне кон слепа
улица – се чини оти би било тешко да се избегне народите, на кои не им биле
знајни благодетите на тоталитарните режими, да потпаднат под истите; фашистички
или комунистички, во повеќе или помалку жесток, умерен или мешан облик.
Поради
рефлексниот, механичкиот, а не човечкиот автоматизам, комунизмот ги поттикнува
и потхранува одбранбените реакции на фашистичкиот или расистички тип, а овие
пак ги поттикнуваат одбранбените комунистички реакции; на тој начин, тие две
масовни сили едновремено растат во меѓусебен
судир; и едната и другата сила од омразата направила доблест, и едната и
другата и’ се одадени на војната – војната помеѓу нациите и војната меѓу
класите, и едната и другата бара заедницата да се љуби со месијанска љубов со
која всушност би требало да се љуби царството Божје; и едната и другата го
потчинува поединецот на своевиден нечовечен хуманизам т.е. атеистичкиот
хуманизам на диктатурата на пролетаријатот, или на идолатрискиот хуманизам кој
му се клања на цезарот, или пак на хуманизмот на крвта и расата.
Но, комунизмот се
исчитува како систем во заблуда, кој истовремено го поттикнува и изобличува,
инаку позитивниот, процес на историско „раѓање и расипување“, кој пак би довел
до нова цивилизација, вон претходно уништената граѓанска, при што зависи од
тоа каква морална физиономија на човечковата слобода ќе и’ се даде во таа нова
цивилизација. Напротив, од самиот почеток настанаа различни видови „фашизам“
како одбранбени механизми против комунизмот; тие – демек, заради одржување на
историскиот развиток во рамки на капиталистичката цивилизација – макар што се
работи за одбранбени реакции настанати поради цивилизацискиот лом, попримија
револуционерна жестина и на големо посегнаа по државниот социјализам; ваквите
облици може да го потхрануваат својот морален и страствен динамизам само
посегнувајќи во историјата по некакви минати идеални форми: италијанскиот
фашизам посегнува по Империјата на римските цареви, германскиот национален
социјализам по митскиот свет на примитивното германство, додека диктатурата од
католички тип – кон Светото кралство.
Забележавме дека
разните облици фашизам се мошне различно специфицирани и би било многу погрешно
да не се признаат тие разлики, кои понекогаш се должат на различните интереси,
но и на различниот дух; како италијанскиот фашизам, така и
национал-социјализмот, ги докинуваат политичките и граѓанските слободи во
корист на „авторитарната демократија“ и диктатурата на еден господар, но првиот
е повеќе усмерен кон одредена политичка цивилизација, додека другиот со својата
телурска снага, покренува посложени нагони на елементарниот живот и на
чувственоста; фашистичкиот тоталитаризам дури и претрпел извесно ублажување.
Меѓутоа, наспроти своите специфични разлики, на различните врсти фашизам
заеднички им се темелните генерички црти, особено оние на кои предмалку
преупредивме.
На тој начин,
фашистичкиот и расистички тоталитаризам ги буди и ги арчи моќните ирационални
сили кои му осигуруваат енормна повесна енергија; тие сили потекнуваат од
некоја автентична човечка вредност, на пример од чувството за национално
единстство и љубов спрема татковината; притоа тој тоталитаризам се повикува на
бројни општествени и политички вистини (тука мислам на критиката на
либералистичкиот индивидуализам и фиктивната демократија на XIX век, или на креативната напрегнатост, или
пак на директниот „народен“ смисол на авторитетот, па дури и на виталистичкиот
поим на националната заедница); тие вистини зацело
може да се остварат на величествен начин, ама тие се однесуваат само на
поединечни цели – на реформата на државата, на обновата на независноста и
суверенитетот, на империјалните амбиции, на повторното будење на етничките
енергии или на психичкото ослободување на тежнеењата на некој народ; со обзир
на подлабоките и поуниверзални историски појави, кои се однесуват на
преобразбата на човечката цивилизација, тие општествени и политички вистини се
остваруваат само внатре материјалниот процес на распаѓање и мутација на
капитализмот, без можност да се управува тој процес; притоа, недостасува
внатрешното креативно начело подредено на виша супстанцијална форма;...За по расулото на капиталистичката
цивилизација да настапи нов, комунистички надмоќен свет, пред се’ потребно е
целовито персоналистичко и хуманистичко начело во најширока смисла и пред се’,
потребни се енергии на духовно и општествено воскреснување; а за тоа човекот не
може да го оспособи државата, туку љубовта која ја оживува неговата лична
слобода и која средиштете на неговиот живот го става бескрајно над државата.
...
Духовни темели на тоталитарното начело
Слични посматрања
важат и на духовното подрачје. Бележито е дека декларираниот атеизам не е
единствен облик на „безбожност“ во антички смисол, ниту единствен облик на
практични негирање на Бога. Постои атеизам кој што изјавува дека Бог не постои, па од некој идол прави
свој господ; постои пак атеизам кој изјавува дека Бог постои, ама од Бога прави идол, зашто ги порекнува – не
со зборови, ами со дела – Божјата нарав, Божјите атрибути и славата Божја; тој
го ѕивка Господа, но само како дух-заштитник, приврзан кон некој народ или
некоја држава, и противник на сите останати, или пак како демон на одредена
раса.
Овде ќе пазиме да
не западнеме во грешка на чија сериозност предупредивме, па да не го помешаме
апстрактното начело со историските стварности во кои тоа се отелотворува.
Познато ни е како во конкретниот живот, со „тоталитарното“ начело може да
влезат во спрега не само сите политички прилагодби,
туку и реалната добронамерност, добрата човечка воља, искреното верување во
вистинскиот Бог и слабо просветлената лојалност кон религијата. Познато ни
едека тоа начело се остварува во различни облици кои му ја продлабочуваат
злобата. Меѓутоа, овде има моменти кои филозофот треба да ги земе в обзир. А,
граѓанската власт после цар Константин повеќе или помалку настојувала да ја
искористи христијанската религија и да ја подреди на сопствените цели. Сепак,
тие нереди и ќор-сокаци ги дели цела провалија од лакомиот апсолутизам кој
денес се реализира, и кој изискува комплетен човек да биде во функција на
историската зедница или на државата.
Мошне е значајно
што во Италија, демек онаму каде што самиот назив тоталитарна држава најпрвин и
се појавил, тоталитарното начело било ублажено поради отпорот на Католичката
црква, со која црква ова начело – заради историски околности – морало да се
спогоди. Така, барањето целокупниот човек да и’ биде подреден на државата,
силум приликите, се претворило во барање човекот да се подели – државата да
биде душа на неговата душа во
подрачјето на временскиот живот, а на подрачјето на духовниот живот поединецот
да има друга „душа на сопствената душа“. На тој начин, политичкиот
тоталитаризам бил сведен на полу-тоталитаризам (ако тоа не е противречност).
Но, и покрај тоа, државата претендирала да биде апсолутна суверена стварност и
апсолутно суверен регулатор на човечкиот живот и на неговата совест, а во
крајна линија сепак и на сиот живот; „Се’ во Државата, ништо против Државата“ –
вели Бенито Мусолини; политичкиот тоталитаризам
пожелува сам „како душа на душата“ да ја обликува општествената енергија
за однесување во земскиот живот; тој ќе тражи
духовното и совеста да се вклопат во државата или во народниот дух и да им
служат – барем онаму каде што е засегнат „граѓанскиот живот“ и цивилизацијата.
[фуснота:
„Членови сме на држава која ги надѕира сите деловни сили во нацијата. Ги
надѕираме политичките, моралните и стопанските сили, ние сме во потполн замав
на корпоративната фашистичка држава“ (Б. Мусолини, Scritti
e Discorsi, 1926).
„Повторно и не помалку енергичноја изрекувам својата формула од Говорот во
миланската Скала: - Се’ во Државата, ништо вон Државата“ (иб. 1927).
...„Фашистичката држава, највишиот и најмоќниот облик на особноста, е снага ама духовна. Таа ги присвојува сите облици на
моралниот и интелектуалниот човечји живот. Оттаму, таа не може да се ограничи
на улогата на прост чувар на јавниот ред, како што сака либерализмот, таа не е пука
механика, ограничена од сферата на индивидуалните слободи. Таа е облик,
внатрешно мерило и стега за секоја личност; таа ја проникнува ем вољата, ем
умот. Нејзиното начело, насочувачкото вдахновение на човечката особеност,
обединета во општеството, слегува до длабочините на битието, та се гнезди, како
во срцето на трудбеникот, така и во срцата на мислителот, уметникот и
научникот: „душа в душата“ (Dottrina)…]
(изд. „Кршчанска
садашњост“ – Загреб, 1989 год.)
No comments:
Post a Comment