Saturday, April 29, 2017

Павел Шатев: ИСТОРИЈА НА МАКЕДОНИЈА (материјали)


1.
Македонската борба

Кон крајот на април се случија солунските атентати, со цел да се посегне врз материјалните интереси на големите империјалистички европски држави и да го застрашат вложениот од нив капитал во разни банки и други трговско-индустриски претпријатија со кој (капитал) ги цедеа соковите на онеправданото и угнетено селско и градско население во Отоманската империја. Една група млади Македонци, од кои некои штотуку завршиле гимназија, се заземаат да ја реализираат идејата на С. Мерџанов, обесен во Одрин 1901 г., и планот на Јордан Поп Јорданов. Решаваат со експлозив да го кренат во воздух зданието на империската Отоманска банка, што се наоѓало на улицата Франк, една од трговските улици во Солун. Проектот што изгледа како лудост, ќе биде реализиран откако ќе биде подготвен со увереност и доследност кои немаат рамни на себе. Од заговорниците беше испланиран од еден магазин спроти Банката, во чие соседство тие најдоа мала бакалница и од нејзиниот подрум почнаа копање на тунел што води директно до Банката.
Според еден расказ публикуван во „Илинден“ од 29.04.1923 г. копањето на каналот почнало во 1900 г. и траело две години. Ми раскажуваа дека ископаната земја била изнесувана во книжни ќеси, како продукти купени божем од клиенти на бакалницата. Во почетокот на 1903 г. експлозивот бил подготвен без турската полиција да има и најмало сомневање на замислата. Експлозивите биле поставени – активност што, ако се суди според бројот на бомбените атентати во тоа време, не била споредбено лесно изводлива. Серијата на атентати со кои се целеше да се привлече вниманието на Европа, застрашувајќи го нејзиниот важен капитал-материјален интерес, започна на 28, со експлодирање на една пеколна машина на парабродот „Гвадалкивир“ на француската компанија „Месажер Маритим“, кој се’ уште не бил излезен од заливот. Парабродот изгорел, но сите патници, како и багажот, биле спасени. Автор на атентатот бил Македонец-Бугарин Павел Шатев, кој следниот ден бил фатен во воз меѓу Велес и Скопје. Осуден од специјално подготвениот воен суд на смрт, тој бил заточен во Триполитанија, во областа Фезан, кај градот Музрук, од каде се вратил благодарение на амнестијата (1908 г.), што следувала по револуцијата на младотурците.
Истиот ден вечерта, тројца од заговорниците, предводени од Димитар Мечев, се обиделе да го кренат во воздух еден од возовите на линијата „Жонксион“ што доаѓал од Цариград, малку пред пристигнувањето во Солун. Тие не успеале, освен лесно да ја оштетат локомотивата и да ги искршат стаклата на некои од прозорците на вагоните. Тој нов обид ги потврдил сомневањата околу експлозијата на „Гвадалкивир“ и ја натерал полицијата на претпазливост, но таа не можела да открие ништо од тоа што се подготвувало за наредниот ден.
На 29 април акцијата требало да почне малку по залезот на сонцето, по сигнал даден со разурнување на гасното осветлување. Заговорниците решиле да го кренат во воздух депото на светлечкиот гас, што се наоѓало на западниот крај од градот. Една среќна околност ги спречила да влезат во фабриката, но еден од нивните другари успеал со динамитна бомба да го оштети малиот мост наречен „Вардар“, што се наоѓал меѓу двете станици – таа на „Жонксион“ и на Источните железници. Водоводната и гасоводната мрежа под мостот биле прекинати и градот потонал во темнина. Тоа било очекуваниот сигнал. Експлозивите биле запалени и една страшна експлозија го разурнала зданието на Отоманската банка и силно оштетила многу соседни објекти, меѓу кои и германскиот клуб и хотелот „Коломбо“. Директорот на банката, навремено известен, успеал да се спаси заедно со целото семејство. Истовремено, искористувајќи ја темнината, младите Бугари, едни од нозе, други од пајтони, трети од прозорците на своите престојувалишта, фрлале бомби. Дошло до вистински судири во некои делови на градот, главно пред магацините за оружје, со пристигнатата војска. Многу Бугари биле уапсени, задржани, а други тепани по улиците и домовите.
Турците, кои го населувале северниот, висок дел на градот, се подготвувале да се симнат кон европската четврт и ги заплашувале со колеж христијаните. Благодарение на валијата Фехми-паша, кој можел навремено да ги преземе неопходните мерки, ја опколил со воен кордон турската четврт и со лична иницијатива успеал да ги успокои вознемирените Турци. Според еден извештај на францускиот конзул Луј Стеер, со кој го констатира безумието на полицијата, само неколку странци биле убиени или ранети, но ниту еден Французин. Извештајот покажува дека многу Бугари биле убиени, а дури тројца кои се сокриле во домот на еден Французин. Според укажувањата на Бугарите, можеби преувеличени, бројот на убиените христијани достигнувал околу 200-300 души (всушност, 42-ца од населението и приближно толку од војската б.н.). Спокојството во градот брзо било воспоставено, од друга страна, пристигнале италијански воени бродови, а подоцна и австриски, кои ја преземале заштитата на странците и немуслиманите.
Тие настани не го предизвикаа веднаш својот ефект, но не останаа без влијание врз решенијата, што требаше да се донесат до крајот на истата година. Како што можеше и да се очекува, атентатите во Солун предизвикаа вознемиреност меѓу турската власт, која во нив виде почеток на едно општо движење и, од тие причини, Револуционерната организација не ја предизвикуваше. Во Солун беа извршени многубројни апсења. Во Битола - Турците верувале дека востанието ќе избувне за Ѓурѓовден и однапред почнале да ги следат христијаните. Во целата област судирите меѓу војската и четите стануваа се’ почести и до 1.09.1903 г. се наброја 86 во трите македонски вилаети и Одринскиот, наспроти 63-те во текот на последните 4 години од 1898 до 1902 година. Тие судири честопати повлекуваат целосно разурнување на селата, како што беше случајот од наредната г. со Баница, на пример. Апсењата и заточенијата во Азија и Триполитанија, интернирањата на жителите по градовите и по нивните родни и други села, каде немаа никакви средства за живеење, па и бруталноста од секаков вид, се зголемуваше. Солунскиот конгрес најпосле решил да го објави востанието, што требаше да биде општо за Битолскиот и Одринскиот вилает, и со диверзии – делумно во останатите два вилаета...
Општото востание, како што беше предвидено, избувна на Св. Илија (20.07.1903 – 2.08. н.к.). Тој ден Илинден, стана за Македонците и за поголемиот дел од Бугарите еден свечен датум, истовремени и свечен и тажен, како Видовден – годишнината од Косово за Србите. Во еден ден казите: Битолска, Леринска, Костурска, Охридска и Кичевска, пламна. Сите турски воени и жанармериски постави беа нападнати, како и кулите при чифлиците на поголемите бегови, телеграфските линии беа прекинати, железничките разрушени, а исто така и поголемите депоа. Наспроти зголемувањето на полицијата, што го наредува султанот Абдул Хамид, изгледа дека силата на Револуционерната организација беше помоќна. Навистина, таа располагаше со помошта на голем дел од населението, презирајќи ги заканите, дури и измачувањата. Треба да се води сметка исто и за непоправливата невнимателност на Турците. Наспроти сите подготвителни знаци за големите настани, властите се најдоа изненадени од брзината со која агитираше движењето.
Во Косовскиот вилает (Скопско) и во Солунскиот, како што беше предвидено, беа преземени изолирани операции, главно оштетување на патишатата, со цел да се отежне движењето, да се обеспокои војската и да се попречи командата да ги концентрира силите врз славниот театар на востанието. Во Одринскиот вилает, востанието избувна едвај на 18 август, Преображение Господово, и се ограничи само на Лозенградскиот санџак, соседен на бугарската граница и кој е опфатен со падните на Странџа-планина. Но, операциите се водеа со голем интензитет и продолжија до крајот на септември.
Големото Илинденско-востание, вистинска македонска епопеја, продолжи близу три месеци, со периоди на затишје и засилување. Во тој период, ако се базираме врз статистиката на Мемоарите на Внатрешната организација, печатени во 1904 г. се случиле 239 судири. Според истата статистика, во нив учествувале 26.000 востаници и 350.000 војници.


(изв.Државен архив на Република Македонија, Македоника литера)

No comments:

Post a Comment