Monday, July 29, 2019

Марија Радовчиќ: МИЛОВАН ЃИЛАС во судирот на книжевната левица



5. ПОВОЕНОТО РАЗДОБЈЕ  ДО ЉУБЉАНСКИОТ КОНГРЕС 1952 год.

По завршувањето на Втората светска војна во Југославија настануваат потполно нови услови за книжевен и теоретски труд, што – како што тврди Станко Ласиќ – резултирало со тоа некои аналитичари да сметаат дека сукобот на книжевната левица завршил во Книжевните тетратки, што според него не било точно. Иако во добата на теоријата на социјалистичкиот реализам (1945 – 1948) не ги имало претходните судири, длабинските наслаги биле „пронижени со остри конфронтации“. Во секој случај, меѓу Крлежа и Партијата немало судир. Социјалистичкиот реализам станал службен уметнички правец во СССР после Конгресот на советските писатели 1934 год. а по Втората светска војна се проширил и на останатите земји на комунистичкиот свет, па така и во Југославија. Со основната намера глорифицирање на владејачкиот режим, тој ја исклучувал можноста за било каква критика и така им ја оневозможил на уметниците слободата на уметничкото изразување. Во Југославија е востановен Агитпроп – Одделение за агитација и пропаганда, тело кое се грижело постановките на социјалистичкиот реализам да се спроведуваат во пракса, а на чие чело стоел Милован Ѓилас.
Крлежа во 1945 год. се смирил со Партијата. Околу Крлежиното помирување со КПЈ и неговата прва повоена средба со Тито 1945, Ѓилас рекол:
„Помирувањето беше обично, без големи маки... Најнапред се прочу дека, набргу по ослободувањето, Крлежа се приближува, оти дава знаци на лојалност, дури дека би сакал Тито да го прими. Тоа можеби било веќе во 1945... Тито не сакал да го прими сам, ами да биде уште некој... Тито е шпицлов, нејќеше да му се каже дека тој нешто глави со Крлежа, дотолку повеќе што некои другари негодувале кога чуле дека Тито ќе разговара со Крлежа, со кого Партијата за-малце-не до вчера се карала и пресметувала. И Тито ме викна мене “ – рекол понатаму Ѓилас, додавајќи што и во која смисла Тито му говорел на Крлежа: „Но, Крлежа, што било нека било, се морало онака да се постапи, потребна ни е единствена Партија заради одбраната на Југославија, а ти како Југославен тоа мора да го знаеш и разбираш“.
Истата година, Крлежа сефте се јавува после „Печат“, и тоа со есејот Книжевноста денес, објавен во првиот октомвриски двоброј на „Република“. Со него се навраќа на темата на уметничкиот чин и неговата општествена функција, ама сега Крлежа грижливо ги заобиколува алузиите во кои би можеле да се препознаат неговите предвоени ставови. Признавајќи ја како битна задача на современата книжевност сведочењето за „клетата реалност“, Крлежа и натаму инсистира на значењето на уметничките изразни средства бидејќи, без обзир на ооправданоста на социјалниот ангажаман, лишена од ументичката изразност, секоја порака се претвора во фраза:
„Како сведок на ова проклето време пред идните поколенија, нашата денешна книжевност треба да биде свесна за своите изразни средства, постојано бдеејќи над нив, за изразното средство да не и’ се изроди во фраза. Фразата го претвора човековиот збор во сврха, а чувствата ги става во калапи, шеми и клишеја; фразата од најплеменитите замисли создава црковна хиерархија и клопот на костурот во скапоцен брокат.“
Крлежа во Дневник и Записите од Тржич тврди оти тој негов текст предизвикал незадоволство кај Ѓилас, кој се погрижил да се забрани книгата „Господа Глембаеви“ во издание кај С. Орешковиќ, ама и да се симне од репертоарот на белградското Народно позориште драмата „Во агонија“. Меѓутоа, Станко Ласиќ оценува дека Крлежините искази се претерани, дека не станувало збор за прави забрани, туку дека „веројатно дошла некаква директива одвеќе да не се фаворизираат дела кои ‘повеќе не ја одразуваат нашата стварност’ и во кои нема ‘позитивен јунак’“. Самиот Ѓилас тоа го демантирал во разговор со Момчило Ѓорговиќ: „Крлежа се јадосува како јас сум ги спалувал неговите книги и сум ги исфрлал од бибилотека. Ни тоа не е точно: никој ничии книги не спалувал. Крлежа всушност беше маза на Политбирото“.
Петиот конгрес на КПЈ одржан е во јули 1948 год. само дваесетина дена по Резолуцијата на Информбирото, со цел покажување на југословенската правоверност кон СССР, на којшто уште еднаш е потврден социјалистичкиот реализам како единствен вистински правец. Со огледа на тоа што тогаш никој не ни слутел дека КПЈ наскоро ќе ги негрира теоретските поставки на сталинистичкиот комунизам, конгресот е усмерен на одбрана и афирмација на таквиот марксизам. На Конгресот присуствувал и Крлежа. Ѓилас, кој на Конгресот е избра за член на Политбирото на ЦК КПЈ, во својот реферат Извештај за агитационо-пропагандната работа, уочил дека судирот со Информбиро носи опасност од неверување во марксизмот. Укажувал оти денешната книжевна и естетска ориентација е само продолжение на онаа борба којашто КПЈ уште од 1935 год. ја водела против „декадентните и антипартиски сфаќања околу апсолутната слобода на уметничкото творење“. Во тој рефереат Ѓилас се осврнува и на предвоениот сукоб со Печатовците и Крлежа, чие име не го спомнал во Рефератот.
„Во таа борба за идејно единство на Партијата, озбилна опасност претставуваше мнозинството интелектуалци кои од разни побуди се беа збрале околу списанието Печат... Постоеше опасност и сите други марксистички и антипартиски групи да се најдат на куп околу Печат... Идеолошката пресметка со групата околу Печат всушност значеше завршен удар во борбата за идејно-политичко единство на партијата и работничкиот покрет.“
Во разговор со Калезиќ, на неговото прашање зошто тогаш го спомнал судирот со Печат, Ѓилас одговорил дека на Петиот конгрес на КПЈ тоа не се можело да се пемолчи, тоа бил „историски момент и еден конгрес мора да ја оценува историјата“. Знаел оти Крлежа присуствува на Конгресот, и дека не му е пријатно, но тоа не можело да се заобиколи и преќути. Држи дека било доволно што не го спомнал Крлежиното име. Од други слушнал дека Тито му се налутил поради тоа, ама нему тој никогаш ништо не му рекол, како што ни Крлежа истото не му го споменувал во подоцнежните контакти.
После 1949 год. доаѓа до промена на полето на книжевноста. Социјалистичкиот режим се отвара кон послободни тези од социјалната литература. Уметноста веќе не е конципирана како средство за реализација на партиската стратегија и тактика. Поимот на социјалистички реализам е редефиниран и тоа најјасно доаѓа до израз на III Конгрес на Сојузот на писателите од Југославија, одржан од 5. до 7. октомври 1952 во Љубљана. Крлежа во својот Љубљански реферат се обидува да балансира помеѓу осудата на нормативната поетика на социјалистичкиот реализам од една страна, но и неприфаќањето на онаа врста „идеолошки скептични текстови“ кои ги пишува дел од книжевната интелигенција која не ја прифаќа материјалистичката метода. Како одговор на тие крајности, Крлежа заговара сопствена социјалистичка литература и уметност која што:
„треба да се оствари во сите сектори на социјалистичката културна дејност, а нарочито во литературата, што – како што мислиме – е еден од најосновните предуслови за изградба на нашата социјалистичка културна свест. Една од главните задачи на нашата книжевност и нашата книжевна критика би била, не да води дискусии за генералната линија широкопотезно, в одбрана на некои материјалистички мисловни и методски принципи (grosso modo), туку применувајќи го аналитичкиот метод детаљно да влезе во стварно испитување на елементите на нашата сопствена конзервативна свест во сите нејзини видови и нијанси, како и во сите нејзини трикови и начини.“
Поголемиот дел од културната јавност, особено младите модернистички ориентирани уметници, Крлежиниот Љубљански реферат го доживеале како објава на дефинитивниот раскин со поетиката на социјалистичкиот реализам; Крлежиниот дел од рефереатот кој што инсистира на непобитноста на методата на дијалектичкиот материјализам и формулите на социјалистичката уметност останал во втор план.
Станко Ласиќ смета дека со тој реферат завршува Судирот на левицата оти Крлежа дефинитивно избил во самиот центар на книжевниот и општествениот живот на Југославија. Ѓилас во своите мемоари се осврнува на тој Крлежин Реферат, бидејќи „обожавателите“ на Крлежа го сметаат истиот за „преломен историски настан во ослободувањето на југославенските култури, посебно на југословенската книжевност, од догматските сталинистички стеги“, додавајќи дека тоа не бил самостален Крлежин испад, туку дека бил договорен во Це-Ка со Ѓилас и Кардељ. „Тоа не ја намалува Крлежината иницијатива и оригиналност, ами само открива дека тој – Крлежа – не го направил преломот, зашто не ни можел да го стори тоа, него дека преломот е направен порано,,, во врвовите на партијата“.

6. ЃИЛАСОВАТА И КРЛЕЖИНАТА ПОВОЕНА СОРАБОТКА ВО НОВА МИСЛА
...


(дипломски труд, Филозофски факултет – отсек Историја, Свеучилиште Загреб 2013, ментор: Иво Банац)

No comments:

Post a Comment