Fourth Entry
4
КОНСПЕКТ:
Дивјакот со барометар
Епилепсија
Само ако...
Досега се’ во животот ми беше јасно (не е чудо што изгледа дека имам
пристрасност кон зборот „јасно“). Па сепак денеска ... не разбирам.
Како прво, стварно бев назначен на аудиториумот 112, како што и таа ми
кажа. Иако веројатноста беше 1.500 врз 10 милиони, што е рамно на 3/20.000 (при
што 1.500 е бројот на аудиториумите, а 10.000.000 – бројот на цифрите). И
второ, ... впрочем, да започнеме со ред, онака како што се случувааа нештата.
Аудиториумот – огромна хемисфера од стаклени масиви, целата опсјаена од
сонце. Циркуларни редови од племенито-сферични, глатко избричени глави. Погледнав
наоколу со лека тахикардија на срцето. Мислам дека го барав со поглед – преку
плавите бранови на јунифите – розевиот ожиљак
на милите усни на О. Флешот на нечии вонредно бели, остри заби, заби како на...
Но не, не е таа. Вечерва О во 22 часот ќе дојде кај мене. Беше сосема природно
што пожелував да ја видам и овде.
Ѕвоното заѕвони. Станавме и ја запевме Химната на Државството. Тогаш на
бината се зачу гласот на фоно-лекторот, блескајќи со остроумие од неговите
златни звучници.
„Почитувани бројки! Нашите археолози неодамна ископаа извесна книга од XX век во која ироничниот автор раскажува
приказна за дивјакот и барометарот. Дивјакот забележел дека секогаш кога
барометарот идницирал дожд тогаш
навистина и врнело. И кога дивјакот ќе посакал да врне, тој „пикирал“ онолку
жива од барометарот колку што требало таа да застане на дожд. (На сцената – дивјак облечен во пердуви како отстранува жива.
Смеа.) „Се смеете, а? Зарем не сметате дека Европеецот од таа ера е уште поридикулозен? И тој како и дивјакот
посакувал дожд – дожд со голема
буква, алгебарски дожд. Ама само стоел пред барометарот како мокра кокошка.
Дивјакот, ако ништо друго, барем имал малку повеќе кураж, енергија и логика,
макар што таа била примитивна логика. Тој бил способен да востанови дека постои
конекција помеѓу ефектот и разлогот. Одлуката да црпне од живата е првиот чекор
на великиот пат, којшто...
Во овој миг (повторувам, пишувам без ништо да сокријам) во тој момент
станав некако непермеабилен за животоносните фуиди кои струеја од звучниците.
Одеднаш ми се стори дека тука сум дошол за џабе (како за џабе, како сум можел
да не дојдам, ако сум добил покана?); ми се причини дека сето тоа е испразно,
само черупки. Со усилби се сосредоточив на тоа кога фоно-лекторот се префрли на
својата основна тема: музиката – математичката композиција (математичарите како
разлог, музиката како последица). Фати да го опишува неодамна измислениот
музикометар.
-Кога ќе се заврти таа рачка, секој од вас може да произведува до три
сонати на саат. А замислете колку мака со ова имале нашите прадедовци!? Тие
биле во состојба да компонираат музика дури тогаш кога ќе добиеле некаква
падавица, што ја нарекувале инспирација – една форма на епилепсијата. Тука ја
имаме најзабавната илустрација на она што тие го продуцирале: Скрјабин,
дваесети век. Ова тие го нарекувале црна кутија“ (завесата се дига од сцената, разоткривајќи
древен инструмент), „ѓоа-грандиозен и кралски инструмент, кој наново покажува
каква им била музиката“.
И потоа... ете, пак се изгубив, белким затоа што... Да, ќе бидам искрен, се
изгубив оти таа, И-330, се приближи до ројалниот сандук. Веројатно сум бил
штукнат од нејзиното ненадејно појавување на сцената.
Носеше фантастичен старински костум: припиен црн фустан кој остро је
потенцираше белината на нејзините обнажени рамења и гради, заедно со топлата
лелеава сенка која се мешаше со заслепувачки белите, безмалку срдити заби...
Насмевка – укасотина – за нас, долу. Тогаш таа седна и започна да свири. Нешто
диво, трескавично, шаролико, како нивниот живот во таа доба, ни трага од
механицистичкиот, рационален метод. И разбира се, сите околу мене се во право:
се газат од смеење. Само неколцина – но зошто и јас... Јас?
Така е, епилепсија, нездравост на духот, болка... Бавна, слатка болка –
гризање – нека биде подлабоко, поболно. И ете, споро – сонце. Не нашето, не тоа
синкаво-кристално и рамномерно през стаклените цигли – не: диво, рушилачко,
пржинско сонце – см‘кнувај се’ од себе, кини на партали.
Бројката што ми беше комшија погледна в лево кон мене и забревта. Кој знае
зашто, јасно запомнив: видов – балонче од плуканица му пукна и му се разлеа по
устите. Тоа меурче ме отрезни. Ја сум повторно Јас.
Слушав единствено бесмислено, ужурбано
брборење. Се смеев. Ми олесна: се’ беше просто. Умниот фоно-лектор успеал да ни
создаде одвеќе жива слика од примитивната ера. Тое беше се’.
Со каква наслада потем ја слушав нашата денешна музика. (Таа беше отсвире на
крај, како контраст.) Кристално-хроматичните гами на конвергентните и
дивергенти бесконечни серии, како и синтисајзерските акорди на Тејлоровите и
Мак-Лорин формулите; полнотонските, коцкасти, тромави модулации на Питагорината
теорема; тажните мелодии на малаксувачки вибрации; потем живахни тактови брејкувани со Фрауенхоферовите линии на паузирања –
како спектроскопска анализа на планетите... Каква грандиозност! Каква неисчезлива
логика! И колку само била патетична музиката на Бившите, управувана само од
нивните фантазмагории....
Како и обично, во стројни редици од по четворица излегувавме низ широките
порти на аудиториумот. Познатата дупло напупена фигура севна крај мене – се
поклонив со почит.
Милата О требаше да ми дојде за еден час. Се чувствував угодно и полезно
возбуден. В куќи – поточно во канцеларија – на дежурниот му го предадов
розевиот купон и даобив дозвола да ги спуштам завесите. Ова право се дозволува
само во тнр. Сексуални денови. Иначе, ние си живееме зад нашите транспарентни
ѕидови кои како да се изградени од блескав воздух. Ни сме секогаш визибилни,
секогаш се капеме во светлина. Немаме што да криеме еден од друг. Башка што на
тој начин им ја олеснуваме тешката и благородна задача на Гардистите. Кој знае
што би можело во спротивност да се случува? Можеби баш тие чудни, опаки станови
на поранешните луѓе ја створила таа нивна клеточна психологија: „Мојот (sic!) дом е мојот замок!“ Живти идејата...
Во 22,00 ги спуштив ролетните и токму во тој момент влезе О, лесно
задишана. Ми ги пружи своите ружичасти
усни, како и розевиот купон, нормално. И’ го цепнав талончето и се приљубив в
нејзините усни, неможејќи да се одвојам од нив се’ до последната секунда во
22,15.
После и го покажав мојот нотес и и’ зборев (мислам дека добро зборував) за
убавната на на квадратот, на конусот, на геометриската права... Таа ме слушаше
со толкаво пинк-внимание, кога одненадеж една солза капна од нејзините
плави очи – солза втора, трета – директно врз отворената страница (стр. 7).
Мастилото се размачка. Ете ти го на – сега ќе морам да ја прекопирам.
-Дарги Д, само ако, ако само...
Какво „само ако“... Пак таа со нејзината стара песна да правиме деца! Или
можеби е нешто друго во прашање... Нешто друго... Не, не, тоа би било ептен
апсурно.
5.
Конспект:
Квадрат
Владетелите на Светот
Пријатно-корисната
функција
Одново се’ е погрешно. Пак тебе ти се обраќам, мој незнаен читателу, како
да... како да си ти, ај’ да речеме, мојот стар пријател Р-13, поетот со црнечки
усти, сите го знаат, не? А, в исто време, вие сте на Месечината, на Венера,
Марс, Меркур – кој знае каде сте и кои сте.
Сега, помисли малку на квадратот, на живиот прекрасен сквер. И тој треба да
говори за себе си, за својот живот. Сфаќаш ли: квадратот тешко дека би се сетил
да ти каже дека сите негови четири агли се рамни. Тој толку е навикнат на себе,
што ова не го ни приметува. Па еве и јас преманентно се наоѓам во соодветно
квадратно расположение. Земи ги, на пример, розевите купони, и сето она што оди
во пакет со нив. За мене тоа претставува равенство на четирите агли, но за вас
може да е посложено од биномската теорема на Њутн.
Арно. Некој од древните мудреци – се разбира случајно – кажал нешто
паметно: Љубовта и гладта владејат со светот. Ерго: За да го освои светот,
човек треба да ги покори неговите владетели. Нашите предци успеале, со тешка
мака, да го совладаат Гладот; говорам за Големата Двесте-годишна војна –
војната меѓу градот и селото. Веројатно од религиозни предрасуди фанатичните
селани тврдоглаво се држеле до својот „леб“. Но, во 35-тата година пред
основањето на Државството, била измислена нашата петролејска храна. Точно, само
0,2 отсто од севкупната популација ја преживеала војната. Меѓутоа, прочистена
од нејзината милениумска прљавштина, како силно грејнало лицето на Планетава. И
тие нула-кома-два посто го спознале блаженството на сјајната палата на
Државството.
Зарем не е јасно дека блаженството и зависта се нумератор и деноминатор на
фракцијата наречена среќа? Каква смисла би имале безбројните жртви на
Двестегодишаната војна доколку во нашиот живот и натаму останеше можноста за
завидливост? А дека останала, доказ е постоењето на „копчести“ и „класични“
носови (ова ни беше муабетот за време на прошетката); зашто љубовта на едни
беше видена од сите, а на други од никого.
И природно, откако ја победила Гладта (алгебарски, по пат на сумирање на
сите екстерни блага), Државството повело војна против другиот владетел на
светот – Љубовта. На крајот, и таа стихија била победена, тоест организирана и
математизирана, па пред околу 300 години бил прогласен нашиот „Lex Sexualis“: Со оглед на сексуалните залихи, секоја бројка има право да ја добива љубовта
на друга бројка, по избор.
Сето останат е ствар на техника. Вие сте грижливо испитани во лабораториите
на Сексуалниот департмент; точниот број на сексуални хормони во вашата крв е
строго детерминиран и вам ви следува определена Табела на сексуални денови.
После тоа, вие декларирате дека во вашите сексуални денови вие желеете да ја
употребите бројката таа-и-таа, по што се здобивате со вашиот тефтер со
купончиња (розеви). И тоа е тоа.
Јасно е, повеќе нема место за никаква завист; деноминаторот на среќлиската
фракција е редуциран на нула и фракцијата е трансформирана во величествен
бескрај. И она што за древните било извор за бескрајни глупави трагедии, кај
нас е сведено на пријатно-корисната функција на организмот – како што се сонот,
физичкиот труд, исхраната, дефекацијата итн. Оттука, може да се види колку
големата моќ на логиката ги расчистува нештата до кои допира. Ох мои незнајни
читатели, кога само би можеле да ја осетите таа божествена сила, кога само би
можеле и вие да научите да ја следите до крај.
Необично. Иако денеска пишував за највисоките врвови на човечката историја,
дишејќи го притоа чистиот воздух на мислата, во мене е некако облачно,
пајажинесто, засенето од четирикракиот крст на Иксот. Или се тоа моите
влакнести шепи и бидејќи долго ми беа пред очи? Не милувам да зборувам за нив,
не ми се свиѓаат. Тие се реликт на една мината еппоха. Можеби внатре во мене
нешто е...
Сакав да го прескокнам ова, затоа што излегува од рамките на конспектот. Ама
сепак решив да го оставам. Нека мојот дневник, како најсензитивен сеизмограф,
ги регистрира и најнесигнификантните вибрации на мојот мозок: прибидејќи
понекогаш баш тие вибрации се предупредување за...
Ама ова е веќе навистина апсурдно. Треба ова да биде делетирано: па нели ги
канализиравме сите елементарни сили – нема да има повеќе катастрофи и точка.
И сега ми е сосема јасно: необичното чувство во мене е квадратното
расположение, за кое говорев на почетокот. Иксот не е во мене (тое напросто не
може да биде) – единствено што се секирам е некој Икс да не остане во вас, незнајни
мои читатели. Но, јас сум убеден дека нема строго да ме судите. Уверен сум дека
ќе разберете дека е далеку потешко ова што јас го пишувам, од било кој друг
автор во човечката историја. Некои пишувале за своите современици, други за
потомците; но никогаш никој не пишувал за своите прадедовци или за суштества
слични на тие наши далечни чукун-дедовци.
6
Конспект:
Случај
Проклетото „Јасно“
24 часа
...
(1921/1922 год.)
No comments:
Post a Comment