Thursday, November 28, 2019

Тодор Поп-Антов: СПОМЕНИ



Токму кога размислував за целиот тој комплекс мачни прашања, стражарот Тодор Каров дојде исплашен и ми вели дека двајца војници со пушки му го зеле коњот од рацете и заминале некаде. Му рекле дека тој коњ им треба ним за една брза работа. Целиот план за багажот се урна. Веќе неможеше да се направи обид повторно да го бараме багажот. Се помиривме со ситуацијата.
Намисливме да го напуштиме веќе и Царево Село. На секретарот на околиската управа му наредив да состави акт за оставање на архивите на Околиската управа и на Околиската реквизициона комисија, при што да ги истакне окколностите под кои се случило тоа оставање на сите документи на патот. Актот ќе ни биде потребен за да му го предочиме на Министерството за внатрешни работи во Софија.
Тргнавме кон границата. Патот – претрупан со војска што отстапува и др. Стасавме на Црн Камен (гранична точка). Убави места. Убави глетки на исток спрема Бугарија (Ќустендил и др.), и на запад спрема Македонија (Царево Село и др.). Се гледаат граничните знаци и стражарски пунктови. Таму се наоѓа вододелницата за реката Струма (Бугарија) и за Брегалница (Македонија). Тие места, доколку имаа уста, ќе ни раскажеа многу нешто како за постарото, така и за поновото време. Низ тој премин пребегнувале мнозина што не можеле да го поднесат турскиот режим во Македонија и доаѓале во слободна Бугарија. Оттаму преминувале на препад старите ајдути-Бугари, кои ја преминувале границата за да им се одмаздат на Турците – катили кои го малтретирале бугарското население. Во поново време, оттаму за Македонија и за Бугарија минуваа луѓе на Македонската револуционерна организација (курири, чети, пренесувачи на нелегална литература, оружје и др.).
Бегалците од Македонија тука запреа на подолга починка. Кај Црн Камен, стравот кој се беше вгнездил во душата на секого, го снема. На сите им се разведрија лицата. Од многу места се слушаа зборовите: „Сега сме веќе на слободна земја – во нашата татковина Бугарија“. Со тие зборови сакаа да кажат дека доаѓаат од туѓа земја, па и да ја земат непријателите, нема да жалат. А, не мислеа дека непријателот – победник нема да запре ни тука (зашто потаму е веќе земјата на слободна Бугарија), туку ќе ги премине и граничните знаци и граничните стражарски пунктови и ќе оди понатаму додека не го натури мирот. Други војници велеа: „Ние да си појдеме дома, а границата ако сака нека биде до нашата кошара“. Таква беше состојбата на духовите... А тоа беа веќе осум дни дотука, откога ние, кавадаречките и неготинските чиновници со семејствата и полициска стража, патувавме заедно со војската што отстапува. Со ништо не се забележуваше бунтовничкото расположение кај некои од војниците. Сите врвеа тивко, мирно.
Меѓутоа, со преминувањето на Црн Камен (преслапот) и на влегувањето во Ќустендилско, некои војници се одделија од нивниот строј и по страничните патишта тргнуваа некаде – веројатно кон нивните села, заедно со оружјето. Тоа покажуваше дека тие не чекаат да бидат демобилизирани од воената служба според уставниот строг воен закон.
Откако го минавме с. Црварица, многу распрснато со маалата, патем движењето се отклони од ќустендилскиот пат, каде што беше Главниот штаб на армијата, и тргна во друга насока кон Кадин мост на реката Струма, кон Дупница. Мостот го минавме слободно, не како оној на Вардар. На патот за Дупница повторно се забележуваше брзање и се пушти глас дека доаѓале непријателски авиони. Меѓу војниците имаше возбуденост. Колите се движеа со забрзано темпо. Јас одев пеш и бев се фатил за колата во која беа нашите. На тоа бев присилен поради многу темната ноќ. Доколку одев одделно од нашата кола, веднаш ќе се загубев од нив и ќе можев да ги барам дури изутрината и кој знае каде во таа голема врволица народ.
Се држам за колата одзади, заедно со неа брзам и јас, поттрчнувам за да не ја испуштам. Патот одеше по една угорница. Тоа траеше околу половина час. Од силната умора што ја почувствував во големата брзаница, бев се отпуштил од колата и паднав во ендекот крај патот, каде што останав извесно време речиси во бесознание. Кога се посозедов, станав и се загледав наоколу. Колата ја немаше. Недалеку од мене, десно, забележав – гори оган. Отидов таму. Околу огнот наседнале војници. Вечераа. Седнав кај нив. Ме прашаа што сум и од каде доаѓам. Им кажав. Ми одговорија дека и тие биле таму. Ги прашав војниците во која насока е џадето. Со рака ми покажаа. Тргнав во таа насока. Излегов од џадето и продолжив да одам угоре кон десно. На моја радост, по 30-40 метри пред мене стоеја во темницата коли. Ги разгледав и брзо ја најдов нашата. По таа темница, никој од нашите не разбрал дека јас веќе извесно време не одам со колата. Им раскажав што се случи.
Останавме таму до осамнување, по што се упативме кон железничката станица Дупница, од каде што требаше да го продолжиме патот за Радомир. Тука, на станицата, веќе јавно се забележуваше незадоволството кај војниците, не недостигаа дури и закани против царот и владата во Софија. Досега мирните, молчаливи војници отворија уста и се готват да вршат и други зла против својата татковина, и тоа во тие тешки моменти кога треба Бугарија да се спасува, кога претстои водењето преговори за мир. А, тоа може да го направи само одговорна и силна влада. Се компонираше возот што требаше да тргне за Радомир.
Бидејќи за мене немаше место во колата, таа замина со шесте души и двајца стражари кои одеа пеш, а јас останав да се качам во возот и по теснолинејката и со војниците да одам за Радомир, каде што ќе се најдеме со нашите. Се договоривме за местото на станицата каде ќе се чекаме. Изгледаше дека бунтовниците се организирани и некој ги води.
Без пречка од кого и да е, влегов во едно отворено вагонче, беше преполно војници како и другите. Тргнавме за Радомир. Стасавме на станицата без никаков инцидент. Имаше приказни: ова ќе направиме, она ќе направиме. Многу планови. До стемнување имаше околу еден час – час ипол. Кога слегов на станицата, ме ужасна глетката пред мене: отворени вагони, надвор изнесени вреќи, сандачиња шеќер, канти сирење, пити кашкавал, конзерви риба и месо. Ги разграбуваа. Војниците беа наседнале на многу купчиња и јадеа. И‘ се доближив на една група од 7-8 души, наседнати во круг и пред нив имаше истурени коцки шеќер, отворени конзерви месо и кашкавал. Двајца кои се враќаа во своите единици од отсуство, беа извадиле големи парчиња домашен бел леб и им раздаваа на другите. Застанав пред нив и замолив да си купам со пари малку шеќер за моите две мали деца. Сите во еден глас ми го покажаа вагонот од каде што го зеле шеќерот. Јас се престорив дека сум наивен и ги прашав таму ли го продаваат шеќерот. Еден се провикна: „Тој е веќе народен, никој не бара пари“. Додека го водевме разговорот, еден од оние што се враќаа од отсуство ми подаде мало парче леб и ми рече: „Гледеам, и ти си ја голташ плунката додека гледаш што има на трпезава, туку седни и јади“. Седнав, лебот чудесен, другото јадење убаво, каснав (многу бев гладен) и на станување ми дадоа отворена конзерва месо и шеќер. Им заблагодарив и си заминав. Токму тогаш викнаа дека во вагоните нашле фанели и крпи. Јурнаа да ги земат.
Беше веќе доцна. Се стемнуваше. Од станицата јас фатив преку нивите за да излезам на џадето што доаѓа од Дупница. Сакав да проверам дали доаѓа нашата кола. Кога зачекорив во полето, слушнав истрели кои зачестија. По нивите овде-онде се меркаа војнички фигури. Се сетив дека тоа е работа на разбунтуваните војници. Побрзав да стасам до патот. Почекав на џадето, се вслушав да доловам тропање на тркала, но не слушнав ништо. Тогаш се реков да се вратам по џадето назад во градот и оттаму на станицата, како што се бевме договориле, за да видам дали колата веќе не стасала.
Стрелбата не запираше. Темно како во рог. На моја радост, ја најдов колата со стражарите. Требаше да бараме место за ноќевање. Каде? Се’ се беше притаило, скрило. Секој чувствуваше страв од неизвесноста што ќе ни донесе темната ноќ. На улицата немаше жива душа. Се пооддалечивме од станицата, за да најдеме потивка улица. Решивме да запреме, да не се движиме, за да не тропаат тркалата од колата во таа мртва тишина и страшна ноќ. Го погледнав местото покрај еден долг, висок ѕид, зад кој стрчеа дрвја. Излезе дека таму има секакви нечистотии и не е поволно за спиење. Токму во тоа време, до една голема порта на спротивната страна од улицата, беа се притаиле тројца граѓани и тивко си зборуваа. Едниот од нив ја пресече улицата и дојде кај нас да разбере кои сме, што сме и од каде доаѓаме. Му кажавме дека сме бегалци, доаѓаме од многу далеку и бараме место да преноќеваме. Тој веднаш ни ја покажа големата порта од неговиот ан и рече дека можеме таму да појдеме. Ја свртевме колата кон анот. Таа остана во дворот заедно со братучедот Доно и сестра му Зора. Другите – жена ми со двете деца, бабата, јас и двајцата стражари, влеговме во крчмата. На едно повисочко место се сместија жената и децата, а јас и стражарите седнавме на клупите до масата. Стопанот ги затвори капаците (дрвени) на прозорците. Немаше светлина, освен за кусото време кога влегувавме во крчмата, но и неможеше да има во тоа матно време. Од улицата, покрај прозорците, често се слушаа војнички чекори.
Од големата мора сите бевме позаспале. Јас и стражарите легнавме по клупите. Кон полноќ, на портата од анот, се слушнало силно тропање (јас не слушнав) и во дворот се втурнале војници да го бараат началникот кој влегол тука. Жена ми, која била будна поради вознемиреноста на едно од децата, кога слушнала дека се спомнува зборот „началник“, многу се исплашила, мислејќи дека ме барат мене (кавадаречкиот околиски началник), станала и тргнала кон клупите да ме разбуди и да ми каже да бегам, на некој начин да се спасам, зашто надвор имало војници кои сакале да го фатат началникот. Со пипање по клупите ги нашла стражарите, ги разбудила, ги прашала за мене каде лежам. Дошла до мојата клупа и ме буди, велејќи дека сум во опасност и дека треба некаде да се скријам. Ми кажа што се случувало надвор. Оттука таа и стражарите отишле да ја потпрат вратата со маси, за да го позабават отворањето. Палијатива! Јас малку се бев поткренал на клупата, додека ми соопштуваа што се случувало надвор и, откако жена ми се оддалечила, пак сум легнал и заспал. Меѓутоа, набргу пак се разбудив. Наоколу беше тивко. Отидов да го видам возмениреното дете.
Ноќта заминуваше. Зазори. Жена ми излезе да ги види нашите луѓе во колата и да му каже на Доно да се подготви на пат. Надвор до портата имало на стража војник со пушка и на неа наденат бајонет. Го прашале можеме ли да излеме со колата и да отпатуваме кон Перник и Софија. Тој и‘ одговорил дека не е забрането излегувањето од анот и дека тој го чува началникот. Од тие зборови разбравме за каков началник се работи, а не за мене. Болшевизираните војници, кои намерно го напуштија фронтот и му помогнаа на непријателот да ја добие војната, веќе дејствуваат. По целиот пат од Кавадарци до границата (Црн Камен) тие се движеа тивко. Не пријавуваа знаци на бунт – тоа го реков и на друго место. Меѓутоа, во Дупница ги покажаа своите намери, а во Радомир веќе се разбунтуваа. За тоа зборува глетката на радомирската станица (пукањето, разграбувањето на вагоните со шеќер, конзерви, фанели, крпи и др. – напишав на друго место). Тие војници организирани, потпомогнати од Земјоделската партија на Стамболиски и комунистите, започнаа да ги бараат владините органи. Овие се криеја. Затоа и во ноќта, која ние ја поминавме мошне тревожно, слушнавме дека се спомнува зборот „началник“. Во текот на ноќта се случи и минирањето на Радомирската банка.
Се осамна и тргнавме. Му заблагодарив на анџијата кој, како што се покажа, бил од Крушево, Македонија, затоа неговата готовност да не’ прими во анот, во време опасно и критично да преноќеваш надвор на улица.
Квечерината стасавме во селото Црква, Софиско. Се сместивме во една зградичка од една соба, која порано била крчма, а сега во еден агол се чуваа грнци. Долу под душемето беше визбата на бившата крчма со внатрешна скала. Овде состојбата беше многу напната. Селото беше зафатено со немирите што го исплашиле населението. Ги бараа помладите селани за да ги мобилизираат за напад на Софија. Мажите беа испокриени. И кметот на селото не се појавувал во општината. Некои од војниците влегувале во куќите и барале да им покажат момински чеизи, за да си земат што им треба.
Пред крчмата имаше широко празно место. Тука еден од бунтовниците – војници беснееше, ги тиранизираше другите војници кои не беа приврзаници на неговите идеи. Бев очевидец на еден случај на тоа место, што силно ме возбуди. Бев застанал пред прагот на крчмата. На осум-десет метри од мене минуваше постар подофицер, кој му бил директен претпоставен на оѕверениот војник. Војникот се нафрли на него со шлаканици и закани оти ќе го убие, зашто тој, како претпоставен, божем лошо го третирал. Подофицерот му одговори: „Ништо не сум ти сторил, бре братче“. – „Да ми ги бакнеш чизмите!“ му вели суровиот војник. Подофицерот паѓа на коленици и му ја исполнува желбата. Оттаму војникот доаѓа кај мене и ме праша што сум и од каде доаѓам. Му реков дека сум бегалец од Македонија . „Виде ли што му направив на мојот стар претпоставен?“ Зборовите ги искажа со големо самозадоволство. Офицерите што ги имаше, си ги симнале еполетите за да ги одбегнат непријатностите.
Во селото Црква останавме три дена, зашто не можевме да минеме натаму, за Софија. Организираните бунтовници презедоа напад на престолнината. Веројатно Владата во тоа време не располагала со војска во престолнината, зашто сета армија беше на фронтот, затоа напаѓачите зазедоа некои места патем кон Софија. Откако беше организирана одбраната со војска, набрзина собрана, состојбата се измени. Борбите се водена на патот Перник-Црква-Владаја. Час едни минуваа низ Црква, час другите. Куршумите фрчеа над селото. Сите беа притаени во куќите или на посигурни места. Третиот ден околу пладне во селото влезе коњички ескадрон (од софиската војска). Прашавме дали патот кон престолнината е слободен. Ни одговорија позитивно.
Ние веднаш ја подготвивме колата и тргнавме...
...Кај Групчеви ни дадоа една соба со постели и покривки. Вечерта не можевме да заспиеме, иако бевме многу уморни. Во нашите облеки најдовме многу вошки. Тие не не’ полазиле на друго место, туку во полето кај Павлово, каде што бевме минатата ноќ и каде што имало војнички логор. Со чистење, попарување ги исчистивме до една. Следниот ден (3. октомври 1918 г.) излегов да барам на плоштадот „Св. Никола“ (бит-пазар) некои ќебиња, чаршафи и др. Минав покрај дворецот, каде што се собрале многу луѓе. На балконот од дворецот беше министерот за внатрешни работи Такев, кој ја соопшти веста за абдикацијата на Фердинанд и качувањето на престолот на принц-престолонаследник Борис.
На плоштадот „Св. Никола“ најдов едно многу големо ќебе, два чаршафи од некоја воена болница и едно македонско женско џубе (убава горна облека, поставена со скапа кожа). Нашата баба имаше такво џубе и бев сигурен дека тоа е нејзиното, што ни остана сосе целиот багаж на патот за Царево Село. Го продаваше војник као да беше негов трофеј од непријателот.
Бабата многу тагуваше по него. Јас пак се израдував дека го купив нејзиното џубе. Со голема брзина се вратив дома да ја израдувам, велејќи дека го најдов нејзиното џубе. Кога го разгледа, таа рече дека многу личело на нејзиното, но не е истото. Сепак, така се успокои. Во продавниците немаше никакви штофови за да се купи нешто да им се сошијат облеки на децата. Нашите роднини во Софија, кога разбраа за нашата жална состојба, ни помогнаа со облека и др. и ни се најдоа во прво време барем децата да се облечат. А, брат ми Христо од Ѓумурџина испрати штоф за костум за жена ми и за мене мантил. Пак одев на пазар да барам некои потребни нешта.
Поготвив опстоен извештај до Министерството за внатрешни работи, во својство на околиски началник на Кавадарци, при што го изнесов случајот со оставањето на архивата на џадето помеѓу Кочани и Царево Село, при нашето отстапување. Кон извештајот го приложив и актот за архивата што го бев составил. Секретарот на Околиската управа ги подготви извештаите за платите на чиновниците и стражарите и ја подигна сумата која беше разделена по список. Истото го стори и жена ми како одговорен учител. Таа ја подигна сумата и им ја раздели на оние што имаа право на тоа.
Откако помина извесно време и се смирија духовите, сите чиновници и другите граѓани, како и стражарите – кавадаречки жители, се вратија во Кавадарци. Некои, кои не сакаа да си одат, останаа во Софија и на други места.
Кон средината на ноември 1918 година мојата сопруга, поради големиот умор, поради сето преживеано и лишувањата, тешко се разболе и беа потребни многу грижи за нејзино оздравување.


(стр. 235 – 245)

No comments:

Post a Comment