Флорида
Застанувајќи на југозападниот аеродром на Флорида среде исончаните,
воодушевени толпи туристи, кои штотуку го празнувале Божиќ, Зајакот Енгстром
наеднаш осети несекојдневно чувство, дека тоа што дошол да го пресретне, она
што плови невидливо низ воздухот и секој момент ќе се приземји, не е син му
Нелзон и снаа му Пру, со двете деца, ами нешто многу позлокобно и лично негово
– сопствената му смрт, која што имаше некаква форма на авион. Чувството го
смрзнуваше далеку повеќе од климатизерите на терминалот. Но, и средбите со
Нелзон веќе триесет години го прават неспокоен.
Аеродромот е дефинитивно нов. За да стигнеш до него, требаше да се отклониш
кај Излез 21 на меѓуградскиот автопат 75 и да тераш неколку километри по магистрала,
која наспроти „хилавите“, наредени во низа палми, и прилично зелените и добро
подстрижани плоштини со трева, засадена покрај мантинелата, која пак како да
водеше во бескрај. По патот нема билборди и реклами, ниту пак онакви ниски куќи
со студено бели ќерамиди, кои стално ги градат на такви места. Ти се присторува
дека си се збркал. Во ретровизорот едно црвено „Камаро“ нестрпливо се прилепува
до него.
-Хари, нема потреба да брзаме. И без тоа сме пред време.
Џенис, жена му на Зајко, тоа му го беше кажала при вклучувањето на
магистралата. Го нервира стрпливиот, внимателен тон, која таа го практикуваше,
како предвремено да „искуфал“. Погледна кон неа, и виде како трга еден прамен
од посивената коса, кој што упорно виореше над веќе огрубеното, ситно и мургаво
лице.
-Медена, ме притискаат – и’ објасни тој и веќе се иставаше на десната
лента. Допушти стрелката на брзинометарот да падне под стотка. „Камарото“ брзо
го претекна. Зад воланот седеше црнкиња со какаова боја на кожата, како и сива
филцувана стјуардесина шапка, со нанапред издадени усни и брадичка, која не го
удостои со поглед. Тоа исто така го нервираше. Гледано отпозади, со така
направените багажник и каросерија, „Камарото“ како да имаше уста – две дебели
метални усни, растворени како да ќе ти се сёснат. Веројатно тогаш и се појави
она чувство на баук.
Кога најсетне го видоа терминалот, тој се покажа како долга бела, ниска
зграда, слична на големите, од сонце огреаните клиники – заболекарски,
ортопедски, ревматолошки, кардиолошки, правни, правно-медицински – кои ги
опашуваат булеварите на таа сојузна држава, наменети за возрасните. Се паркираш
на само неколку чекори од лизгачката врата направена од кафеаво стакло и целата
држава те опкружува со грижа. Внатре, на горниот спрат, каде ги пресретнуваат
пациентите, салите се долги, и ниски, облепени со фина, сива филцова материја,
како онаа на шапката на „самонадејаната“ стјуардеса. Насекаде се слуша музика,
која ќе ја чуеш само кога лифтот ќе запре, или кога стоматологот ќе престане да
го буши забот со бормашина. Ѕунат струни без вокали, музика навикната да не
биде забележувана, нешто попут килим
во воздухот кој ја прекрива тишината, која би можела да ти напомене за смртта. Тие
долги, ниски и оформени со вкус пространства, каде што – како и на магистралата
– недостигаат реклами, му наговестуваат на Зајкота нешто. Воздухопроводниците
на еркондишните, решава првично, и потоа се досетува – гробници! Тоа се
футуристички пространства како оние квадратни тунели во филмовите, кога
камерата се искривува со помош на трик и ни ја предизвикува илузијата дека
летаме во космосот од една ѕвезда до друга – 2001. Ќе бидам ли жив тогаш? Со
надеж дека ќе го успокои чувството на смрт кое внедоапица го беше обзело, тој
ја допре ткаенината на Џенис, која беше до него, и ја осети мократа од зној
бела памушна ролка. „Талијата“ и е подебела, извивката и‘ е позаоблена, се
претвора во оној тип на жени кои, кон крајот на педесетите, подзаличуваат на
буре, со клоштави нозе и обесени раце, на кои кожата им е како на преварено
пиле, што лесно може да се распадне. Над ролката за тенис, облекла жолто
плетено елече, за да се штити од ладниот воздух на клима-уредите. Џамаданчето
не е закопчано и виси на нејзините рамења. Тој се гордее со неа. Со таа ролка,
поцрнета од сонцето, наспроти белите кругови од носењето наочари за сонце околу
очите, таа изгледа како оние американски баби кои можат да си дозволат да бидат
тука, в земјата на постојаното сонце и вечна младост.
-Излез А 5 – вели Џенис, како неговото допирањето да беше прашање. – Од
Кливленд преку Њуарк – дополнува со онаа експедитивност на бизнис-дама што
зашла во средната возраст, особено по смртта на мајка и‘, која и’ ја остави фирмата
Спрингер Моторс, едно од двете представништва на „Тојота“ во Бруер,
Пенсилванија, башка сите активи. Целото семејство продолжуваше да ја нарекува
„фирма“, она што првично беше компанија за продажба коли „втора рака“,
сопственост на Фред Спрингер, мртвиот Фред Спрингер, кој според неговата
вдовица Беси и ќерката Џенис се беше преродил во Нелзон. Обајцата беа жилави,
итри „дребосци“. Токму затоа Хари и Џенис ја минуваа половина година на
Флорида, за да може Нелзон малце да ја подуправува фирмата. Хари, главен
трговски претставник веќе десет години, а заедно со него и Чарли Ставрос,
којшто лавираше помеѓу нив, воопшто не беше споменат во тестаментот на мама
Спрингер, наспроти тоа што живееше со неа толку години во големата и мрачната
куќа на Џозеф стрит, те ја слушаше кога „ѕвоцаше“ каков светец бил Фред и кога
се жалеше на потечените глуждови. Се’ отиде на име на Џенис, како тој да беше
некаков непријатен инцидент во династијата на Спрингер. Куќата на Џозеф стрит,
во која Нелзон и неговото семејство живееја, за да ги покријат трошоците и
даноците, во овој момент сигурно чинеше триста илјади. Јапиевците настапуваа отаде
планината зад северен Бруер, кон Маунт Џаџ, и тоа ги поскапуваше имотите.
Вилата во Поконос, каде што дури и цените на колибите скокнаа, како и самото
земјиште – четири акри покрај џадето бр. 111 на запад од реката – можеше да
дотера докај цирка еден милион од некоја од високо-технолошките компании,
коишто пред неколку години го презедоа Бруер, за да се офајдат од празните
фабрики и обучената, но депресирана работна рака, како и од старомодниот, евтин
начин на живот. Џенис е богата, Зајко би сакал да го сподели со неа чувството
на студ што нагло го обзеде, сенката на некаков божествен авион, но корупката
во која се беше скрила, го одврати. „Талијата“ и е студена како како влажна
кожа. Тој е сам, самиот со сопственото предчувство.
Толпа посетители се збра тој вторник после Божиќ, последната година од
власта на Роналд Реган. Дребно човече, со типична за Евреите подгрбавена става
и необична еластичност, се мота околу нив и ја вика жена си зад него, како
Енгстромови да не постојат.
-Ајде Грејс!
Грејс, си мисли Хари, чудно име за Еврејка. Може и да не е. Тие имаат
библиски имиња, како Рејчел и Естер, ама не секогаш. Некои се Барбара, Бети,
Се’ уште не навикнал на тукашните Евреи, учи од нив. Се обидува да ја разбере
нивната филозофија која ги тера така жедно да се вклучуваат во животот. Се
труди да свикне на луѓето како овој згрбавен стар човечулец, со розева карирана
кошула и кармин црвени панталони, кој се затрчал ѓоамити атерирачкиот авион да
е последниот воз од Варшава. Кога Хари и Џенис обмислуваа да се се преместат
овде, кога ја избраа Флорида, нивните советници, а највеќе Чарли Ставрос и Веб
Маркет, им рекоа дека делот накај заливот е христијански, додека оној кон
Атлантикот еврејски, меѓутоа Хари не забележува разлика. Што се однесува до
кругот на познаници, цела Флорида е толку еврејска, колку Њујорк, Холивуд или
Тел Авив. Всушност во блокот во којшто живеат, тој и Џенис се нешто како
сеопшти љубимци, бидејќи не се Евреи, арно ама сите ги сметаат за мили.
Дробниот старец беше комај седумдесет. Набљудувајќи го како се втурнува и
потскокнува цик-цак меѓу филцованите столови за прв да стигне до излезот, Хари
со жалење ја чувствуваше својата тежина – според најштедливиот кантар 104
килограми – кои на 55-годишна возраст го обвиткуват како одело, та како децении
се трупаа еден врз друг. Овдешниот лекар напрекинато му кажува да го намали
пивото и лапачките. Саноќ откако ќе се ги измие забите, тој се зарекува дека ќе
го стори тоа, но следниот ден наново осеќа глад за нешто соленко и лесно за
грицкање. Што му беше рекол стариот му тренер Марти Тотеро кон крајот на
неговите дни? Нешто од типот дека кога остарува, човек непрекинато јаде, и тоа
се' понездрав џанк-фуд. Понекогаш Зајко го има чувството оти ќе потприпадне,
влечејќи го сопственото тело. Мали бодежи му ги дразнат ребрата и се надигаат
према левата му рака. Има мигови кога се задишува и ги чувствува градите као да
се наполнети со нешто таинствено, со некаква суспстанција што го притиска. Кога
беше мал и жалеше дека нешто го боли, возрасните околу него со насмевка ги
отфрлаа тие поплаки. Сега тој дефинитивно веќе беше возрасен и требаше сам да
им се потсмева на неговите лични стравувања.
...
(John Updike – RABBIT AT REST, 1990 год.)
No comments:
Post a Comment