ДОБРИ ВОЈНИКОВ 1833 – 1878
8.1. Потекло и образование
Издигнат не толку од образовно-воспитните услови на бугарското училиште
колку од општествените задачи како фактор на националното самосознавање, Добри
Војников постепено допирал до областите кои ќе го изменат во значајна степен
бугарскиот културен развиток.
Добри Војников е роден на 10-ти ноември, 1833-та во Шумен, како трето дете,
но прва машка рожба на своите родители. Потекнува од стар, војнички род, кој
веќе ги изгубил привилегиите, а оттука и неговото презиме.
Татко му, Поп Васил бил свештеник, кој важел не само за примерен слуга на
црквата туку важел и за славен музичар, кој мајсторски умел да свири со чисто
бугарскиот инструмент „булгарина“. Но, за жал, тој не живеел долго: починал
кога син му се’ уште бил дете. Грижата за семејството останува на мајка му,
подоцна потпомогната од зетот Андреј Стојанов, угледен граѓанин во тоа време.
Како ученик, долги години бил запишуван како Добри Попов. Тој завршил
средно образование во шуменското училиште кое подоцна било темелно преобразено
од Сава Доброплодни и наречено Преславско-шуменска прогимназија. Овде се
предавале следните предмети: христијанска наука, бугарски јазик (стар и нов),
грчки јазик (стар и нов) француски јазик, германски јазик, турски јазик,
математика, општа историја, географија и природна историја. Овие предмети
повеќе имале за цел да ја истакнат ученоста на учителите отколку да овозможат
формално и материјално образование на учениците. Практичното обучување било
сведено на сува схоластика и, од време на време, проследено со раскази од
романтичното бугарско минато. Сепак, питомците на преславско-шуменската
прогимназија ревносно ги усвојувале знаењата за туѓите зборови и правилата за
падежните и глаголските форми, при што со особен успех се истакнувале токму
Добри Војников и неговиот сонародник Симеон Јанчев.
8.2. Полската и унгарската
емиграција во Шумен.
Токму во тој период се случува значаен настан во Шумен кој го преобразува
идниот личен и општествен живот на бугарското население. Имено, тогаш во Шумен
се населуваат околу 2000 полски и унгарски емигранти на чело со Лајош Кошут,
најнапред во касарни, а потоа и во куќите на шуменци.
Тие биле протерани од својата земја заради неуспешната револуција, а со
себе го понеле слободарскиот дух, културните навики и желбата за независност.
Во Шумен останала цела една година (од октомври 1849-та до септември 1850-та).
Иако, краток, овој нивен престој бил доволен за да даде една сосема поинаква
насока во духовната и материјална традиција на шуменци.
Дотогаш во Шумен, како град со многубројна турска војска и мнозинство
исламско население, била туѓа секаква идеја за слободен и независен живот, а
туѓи им биле и културните придобивки на западниот свет. Желбата на емигрантите
за слобода и независност, и отсуството на страв по однос на турските власти,
буквално ги „заразила“ дотогаш ропски настроените шуменци.
Полските и унгарските емигранти речиси темелно го промениле животот на
шуменските граѓани, кои почнале да се облекуваат по „француски“ – со палта и со
чевли, наместо опинци. Јавниот живот добил на интензитет, така што се
организирале литературно-музички вечери, дури и балови, каде што освен бугарски
ора, се играле и полска мазурка и унгарски чардаш. Бил организиран и оркестар,
во кој Добри Војников свирел гајда. Се изучувала дури и „азбуката на тоновите“.
8.3. Учител во родниот град.
Војников добро го изучил францускиот јазик, учителот Сава Доброплодни
настојува, пред зет му, да го прати во француското училиште на Бебек во
Цариград. Од ова идеја Доброплодни не се откажал и кога Добри Војников речиси
цела година работел во еден од дуќаните на зет му Андреј Стојанов. Најпосле се
исполнила желбата и на учителот и на ученикот, кога зетот се согласил
материјално да го поддржи Добри Војников, кој заминува во цариградскиот
француски колеџ во 1855-та.
Кога Андреј Стојанов набрзо умира, половина од школарината ја плаќа брат му
Атанас Стојанов, а другата половина ја подмирува училиштето. Тоа било причина
Добри Војников само две години да помине во ова училиште, кое сепак било
доволно да ги усвои основите на францускиот
јазик и да се запознае со француската класична литература, и да стане
познат во училишните кругови како добар музичар и основач на првиот ученички
оркестар, кој често учествувал на приредбите.
Откако бил принуден да го признае образованието за завршени, Добри Војников
заминува за родниот Шумен, каде што почнува да работи како учител во 1858-та,
заедно со неговиот другар Симеон Јанчев. Веќе во 1859-та, откако Сава
Доброплодни заминал во родниот град Сливен, Војников станува директор, кој го
преименува училиштето од Преславско-шуменска прогимназија во Шуменско народно
училиште. Ги изменил и методите на учење, а воведува и нови премети: бугарска
историја и литература.
Од преобразбата на шуменското училиште произлегува и, според Војников,
идниот карактер на бугарското училиште кое треба да дава не универзални туку
народни знаења. Ученикот треба, пред да се’ осознае како син на човештвото, да
се познава како син на својот народ. За таа цел, според сведоштвата на Илија
Б`лсков, Добри Војников почнал секоја недела во црква да говори за значењето на
народноста за човекот, но и за дадената општествена среднина и за човештвото,
воопшто. Ваквото свое убедување Војников и неговите другари-истомисленици биле
пордготвени да го поддржат не само на зборови туку и на дела. За нив, името
Бугарин било светост. Заради ова, бил убиен другарот на Добри Војников Атанас
Бљударов од еден фанатизиран Турчин.
Раководен од таквите сфаќања, тој особено ставал акцент на годишните
испити, кога подготвувал специјални тестови и песни за декламација од
учениците, составувал и разговори (=дијалози), а работел и со својот училишен
оркестар, кој броел 12 члена. За неговите текстови што биле изведувани од
учениците на завршните приредби, Илија Б`лсков пишува дека биле нарекувани
претстави (претставенија на бугарски), а кои многу влијаеле на љубопитството на
шуменските граѓани. Тие текстови третирале теми за односот на ученикот спрема
учењето, за должностите на секој еден спрема учењето и сл.
Добри Војников имал слабост спрема ваквите културни случувања, така што ја
користел секоја прилика за приредување претстави, а особено сите поголеми
празници, на кои изведувал и мали театарски претстави со своите ученици.
На првата театарска претстава што биле изведена во Шумен, на 17-ти јануари
1863-та, учествувал и Илија Б`лсков, „...немало ниту сцена, ниту кулиси, ниту
шарени завеси, ниту суфлери, ниту осветлување од ламби (тогаш во Шумен се’ уште
се користеле газиени ламби)“. Самиот салон бил во една стара куќа, во која
собирало 100-150 души и бил осветлен од лоени свеќи, залепени на прозорците.
Пиесата биле претпоставен дијалог меѓу двајца селани: едниот со бугарски
чувства, а другиот заблуден Бугарин. Претставата започнала и завршила со
музичка точка изведена од оркестарот на Војников. Оваа дејност на Добри
Војников, во училиштето и надвор од него, направила силен впечаток не само меѓу
неговите сограѓани туку и меѓу целата напредна бугарска интелигенција. Освен
како примерен во секој поглед учител, тој важел и за примерен човек.
8.4. Во Браила. „Дунавска
зора“.
Сепак, Добри Војников не можел долго да се задржи како учител во родниот
град. Прв против него се огласил влијателниот чорбаџија аџи-Симеонко, познат
како човек кој бил таен противник на бугарската просвета, иако и самиот бил
Бугарин. Тој бил длабоко убеден дека од Бугарите не можат да се изродат учени
луѓе, па затоа претпочитал туѓинци за учители. Заедно со него застанале и
еснафите, кои отсекогаш ја имале в раце црковната каса, од која пак се
исплаќала платата за учителите.
Причините за отпорот против Добри Војников биле иницирани заради неговиот
оркестар. Во тоа време се смислело дека „свирењето не храни куќа“ и дека
Војников по таков начин непримерено ги учел децата на еснафите, кои веќе биле
доволно закрепнати по Кримската војна (1853 – 1856), која Шумен го претворила
во воена база на Русија и нејзините западни сојузници.
Хаџи-Симеонко го искористил ова непријателство на еснафите спрема Војников
за своја лична корист. Нетактична била постапката на Добри Војников кога се
согласил да свири со оркестарот на една свадба, на која присуствувал и месниот
паша.
Сепак, причините биле подлабоки и тесно порзани со општествената дејност на
Војников, кој не бил во добри односи со грчкиот владика Венеамин, за што се
пишувало во печатот. Владиката бил принуден да ја продаде покуќнината и во
1861-та да ја напушти епархијата. На овие причини треба да се придодаде и
отпорот на Војников спрема суеверието и отпорот кон некој неписмен народен лекар,
кој за 40 дена, од народнот имал собрано 17 000 гроша (=годишна плата на
учител).
Војников и неговите поддржувачи, иако почитивачи на науката, силно се
спротивставувале на ваквата суеверност на народот и малоумниот лекувач, на чија
страна пак, застанал дури и „Цариградски вестник“, кој истакнувал дека работата
на „лекарот“ не се коси со Светото писмо. Ваквиот однос на Војников, во суштина
насочен спрема суеверието, предизвикал протест на учениците, пролетта 1864-та,
така што и работата на училиштето, после еден блескав живот од неколку години,
почнува да опаѓа, а неговиот столб (Војников), бил принуден да го напушти не
само родниот град, туку и татковината.
Му било предложено учителско место во Белград, но наместо таму, тој заминал
за учител во Браила. И тука, тој го продолжил својот веќе зацртан пат. На
учителствувањето му дава чист национален карактер, трудејќи се кај учениците да
ги разбуди бугарските чувства. Тоа влијаело и на нивните родители во Браила,
која била голема бугарска колонија во Романија, составена од околу 1000
семејства, а давала само 80 ученици. Исто така, и во Браила организирал јавни
годишни испити. Така, во првата учебна година овде, тој составил разговор меѓу
шест ученици, во кои се истакнувала користа од новиот начин на образование. Во
1867-та година, тој започнува да го редактира весникот „Дунавска зора“, што го
редактирал до 1870-та.
Во секојдневниот жиовот, тој и натаму си останал „смирен, разумен, искрен,
трудољубив и ревносен човек“, кој воопшто не ги изменил добрите навики и „туѓото
влијание воопшто не му го променила доброто поведение“.
8.5. Драмски претстави:
успех и слава.
Интересот спрема театарот, во чие што значење се’ повеќе и повеќе се
убедувал, станува посилен за сметка на неговите училишни интереси. Тој целосно
се оддал на драмско-театарската дејност, зашто открил во неа моќно оружје за
развиток и прогрес на неговите заостанати сонародници. На театарот како школа
за млади и стари, се’ уште не било посветено доволно внимание ниту во Турција,
ниту во Романија, ниту во која било балканска држава. А во Западна Европа
драмата, односно театарот, биле фактор кој придонел за издигнување на доброто и
убавото во животот.
Станува збор за период од почетокот на втората половина на 19. век, кога
бугарскиот театар се’ уште не можел да му се доближи на европскиот. Војников во
таа смисла се залагал тој, театарот да биде прифатен од сонародницте како една
образовна неопходност.
Војников го поттикнувал ваквото свое созание преку дијалошко претставување
на патриотски теми, а првата претстава ја извел на 29-ти јануари, 1866-та. Била
изведена од неговата театарска група „Стојан војвода“, со ученици од бугарското
училиште во Браила. Успехот бил неочекувано голем. Успехот го повторил и на
10-ти април, со претставата „Кнегинката Рајна“, која била изведена со цел да се
собере хуманитарна помош за гладните во Молдавија. Оваа претстава била изведена
во големиот театар во Букурешт, на 17-ти април, во прилог на бедните. На неа
присуствувал и романскиот крал Карол I, кој восхитен од играта, подарил поголема
сума пари.
Грчките емигранти во романската столица се обиделе да ја скандализираат
претставата, мавајќи по актерите со лук на сцената, но нивниот обид не бил
успешен. Уметничката игра на бугарските артисти ги поразила. На 27-ми април, на
истата сцена била одиграна претставата „Стојан војвода“, во полза на бугарските
сиромашни.
Претставите и настапите на музичарите се ределе едно по друго, а се
изведувале со цел една цел – да им се помогне на училиштата, на бедните граѓани
или пак како помош на настраданите сонародници. Исто така, во Букурешт, со
учениците од тамошното медицинско училиште, била изведена претставата на
Војников „Покрстување на преславскиот двор“, во полза и на повик на бугарското
букурешко читалиште „Братска љубов“.
Инаку, најголемиот успех Добри Војников го постигнал во Галац, каде што бил
пречекан со големи почести. Била изведена претставата „Велислава“, на 3-ти мај,
на која, меѓу другите присуствувале и Англичани. Воодушевувањето било толку
големо, што на сцената се фрлале букети цвеќиња, па дури и пари, а авторот, кој
едновремено бил и режисер и актер, бил изваден на сцената, на која долго му се
ракоплескало. Особено силен впечаток направиле бугарските артистки од Браила.
Реномето на театарот на Добри Војников кое почнало да расте од 1867-та,
сега веќе дефинитивно се потврдило. Тие успеси придонеле да заработи и многу
непријатели, така што некои заслугите ги припишувале на неговите актери, дека
наводно ги принудувал да се откажат од популарноста, за сметка на организаторот
на претставите. Меѓу оние кои ги оспорувале литературните вредности на драмите
на Војников, бил и неговиот сограѓанин Васил Друмев, кој тогаш бил редактор на
„Периодическо списание“. Сепак, мнозинството Бугари, меѓу кои и некои странци,
во Добри Војников гледале исклучителна личност. Нему му упатувале покани да
посети многу места со својата театарска група, во која некое време учествувал и
Христо Ботев. Војников настојувал да одговори на сите покани, со длабока верба
во себе дека по таков начин му служи на народот.
После овие случувања, Добри Војников во 1869-та заминува во руска
Бесарабија, заедно со некои свои пријатели. Присуствувал на Хусовите свечености
во август 1869-та, во Прага, како претставник на училишниот одбор и на
театарското друштво од Браила. Учествувал и на свечениот банкет, на кој
зборувал на бугарски јазик пред високите духовни претставници на словенските и
други земји: Палацки, Куртин, Ралстон, Ригер, Сладкович. Поднесува и извештај
во името на друштвата што ги претставувал.
Добри Војников бил особено почитуван меѓу Бугарите во Браила. Тие му биле
особено благодарни заради работата во училиштето, заради бугарската народна
музика, заради театарот, „со кои му направил голема чест на бугарското име во
бугарската дијаспора“. Сепак, најзначајна е неговата дејност поврзана со
работата на театарската група, на која трикратно и‘ послужил: за да го поддржи
бугарското училиште во Браила, за да го разбуди бугарското самочувство меѓу
браилските иселеници – Бугари и за да ги претстави пред сонародниците
способностите на бугарската младина, кои можат да го издигнат бугарското име.
До кога Војников останал во Браила и кои биле причините да замине оттаму,
каде што ја изградил својата слава како драматург и театарски работник –
недостигаат податоци за точно да се утврди. Може да се претпостави дека една од
причините била несреќниот брак, склучен во 1870-та, кога го имал достигнато
врвот на својата слава.
Разочаран од својата избраничка, која многу ја љубел, тој изгубил секаква
волја за работа. Со сигурност се знае само дека во 1873-та Војников станал
учител во Гјоргево, поканет од тамошните Бугари, каде што останува до 1875-та.
Тука тој основал црковен хор, кој бил прв во цела Романија: пред него немало
црковни хорови во ниту една романска црква.
Но Добри Војников веќе бил незадоволен од себе, од своето опкружување и од
својот емигрантски живот, тој се обидел повторно да се врати во родниот Шумен.
8.6. Крајот на животот.
...
(Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип/ Филолошки факултет; проф. д-р Луси
Караниколова – Чочоровска: БУГАРСКАТА КНИЖЕВНОСТ XIX век, Учебник 2018 год.)
No comments:
Post a Comment