Friday, October 22, 2021

Теофило БРАГА: ФАНТАСТИЧНИ РАСКАЗИ


ВОВЕДНА БЕЛЕШКА

(Вовед кон второто издание)

 

Фантастични раскази е книга објавена пред триесет години. Во суштина, никогаш и не помислив повторно да ја погледнам книгава, која сега ми се чини како дело на некој туѓинец. Не ги прочитав повторно расказите, не поради содржаниот презир кон своето дело, презир што го осудувам кај секој писател што не се грижи за конечната координација на своите дела, туку затоа што оваа кутра книга ќе остане поврзана со некои болни сеќавања кои можеа да се избегнат со повторното објавување.

Фантастичните раскази беа објавени во една книга во 1865 год. среде немирите околу познатото прашање на Коимбра; најголем дел од нив беше објавен во Весникот на трговијата, со чија книжевна соработка можев да заработам некоја пара за да ги завршам моите универзитетски студии.

Наеднаш се најдов себеси опколен со омраза; беа намалени моите хонорари во претпријатието на весникот, во предавалните на Правниот факултет ми закачија подло академско звање, критичарите сурово ме шиканираа, книжарите одбиваа да го рекламираат она што го пишував, а патријарсите на писменоста, со тежината на нивниот авторитет, двосмислено се смееја за мојата интелектуална вредност, ширејќи гласини за депресивните нитки на мојот карактер и лошите навики, кои успеав да ги разбијам само со искрен и јавен живот полн со незнајни жртвувања. Да беше некој друг, ќе се предадеше. Бев обврзан да ги изменам основите на моето постоење, напуштајќи ја уметноста што ме заведуваше, за да се препуштам на контемплативната ведрина, и се препуштив на критиката, на ерудицијата, на науката, на филозофијата. На ова поле моите грешки заслужуваат да бидат простени. Многу подоцна, успеав да ги помирам во себе овие две духовни тенденции; но, не мислев одново да ги печатам Фантастичните раскази, ако еден ден не ги најдев во една ризница на заборавени нешта, кои ја сочинуваа наивната смеса на мојата младост.

Писмото на мојот пријател Антонио Марија Переира ме изненади, искажувајќи ја желбата да го објави ова ново издание на овие раскази.

Како можев да го одбијам овој почесен предлог?

Се согласив под услов да размислам, но немав поим за што треба да размислувам. Одлучив да ги прочитам Фантастичните раскази на дваесет и двегодишното момче што постоеше во мене. Сега, со ладна глава, можам да го проценам впечатокот што тоа читање ми го предизвика.

Таму се соочив со слабиот продор во субјективиот или морален свет, прекриен со пресилени поетски споредби и епитети; не ми се допадна стилот со кој прозата се меша со стихот, прикажувајќи го уште недостигот на јасност на некој што не мисли со сигурност; што се однесува на животната драма, која е вечната тема на сите уметнички дела, забележав, исто така, малку движење, ситуациите се раскажани, наместо да бидат случени.

Тогаш, што ќе ја спаси книгата?

Едно мало нешто, што е всушност се’ – страста. По триесет години, јас уште спознавав таму топлина, жар на организам што гори, сетилна вибрација на полна младост и машкост, која со ширум отворени гради се зафрла кон битката кон битката со животот.

Оваа флагрантна страст беше причината поради која овие раскази не беа заборавени во Весникот на трговијата од 1865 година. Враќајќи се дома од одмор во Коимбра, ми честиташе и Еса де Кеирош, велејќи дека во кафулињата на Лисабон ги сечеле страниците од книжевните весници, кога во нив излегувал некој мој расказ. Истата таа година, Жозе Фонтана посака да ги ообјави во една книга, која говореше за неговата животна патека, а освен тоа стана најславната книга на полицата на познатиот инженер Жоао Евангелиста, кој умре распарчен од насилна љубовна страст. Малата книга беше со истиот оној јад и жал сроден на неговата душа. Писмата, кои уште ги чувам, ми говорат за впечатокот од еден или друг расказ, од тоа време.

Сето ова ме потсети на она чувство дека, всушност, огнот што постои во оскудни рамки, сепак комуницира на некаков начин. И со таа дилема на двете љубови, во која уште се бори духот, привлечен од уметноста и заведен од науката, денеска, разлистувајќи ги првите страници од оваа книга со извесна носталгична сомилост, ја оставам оваа книга да заживее пак во рекламите, и запишувам со ладнокрвност на инквизиторски судија: откако беа извршени потребните корекции, може да оди во печат.

 

Февруари, 1894 год.

Тефило Брага

 

 

БЕЛИТЕ КРИЛЈА

 

Секогаш оној истиот болен поглед! Постојан израз на болка, таа напуштеност, и она што се нарекува животна досада! Зошто во цутот на годините кога постоењето станува зрело и пурпурно, и кога се насетуваат убавините само насон, и кога се облекуваш со радоста што те опкружува, како разиграно дете што се кити со набрано цвеќе, ти, убава, чувствителна, низ провидноста на твоето чисто лице зрачиш со блед и несигурен блесок како оној блесок на агониите и на очајот, како флуоросцентноста на бесконечното разбеснето море? Пред тебе човек чувствува чудна потиштеност, света немост својствена за голема шума, кочан студен ужас како кога се влегува во пештерата на некаква вештерка. Затоа што твоите дваесет години, заводливите облини на твоето витко самовилско тело, кое се извиткува до бол, но тенко и нежно небаре осамена палма завиена во тмурните топлини на бесконечната пустинска шир, како што сета оваа младост, пто те обвива небаре ореол на чинка и на волшепство, прави од тебе да се плашам, гласот ми го прави исплашен и трепрелив, само за миг се осмелувам да те прашам:

Од каде ли дојде? Со какви ли маки? Каков ли вел те вее и те повикува оддалеку? Зошто се криеш од очите што плачат да те видат толку очајна, во овој грч на непреводливата со човечки зборови, внатрешна далга? Чуму не зборуваш и не ни раскажуваш што страдаш? Зошто со часови и часови седиш молкома со дланка врз лицето, исклучена и отсутна, лебдиш во божја размисла, светиш, толку силно зрачиш, што никој не се осмелува да каже дали е тоа земјен блесок, или е отелотворение на некаква архангелска есенција што талка низ светов сакајќи да ја освети љубовта во страданието?

 

*          *          *

Понекогаш твоето лице, онаму каде што може да се прочита енигма што не се одгатнува, има модра боја на восок и, едновремено, јасност што во себе небаре содржи јаспис. И тогаш ми се чини дека во тебе гледам светица, сокриена зад изгледот на покајничка што во секој животен успех наоѓа тајно искушение во најсмешните привиди, во безгрижната и невина веселба, на истиот оној начин на кој змијата отвровница се крие во џбунот со најмирисливите цвеќиња или во смртниот сон на сенката под зелената и бујна јаболкница, како слугинка што држи чадор со кој ја засолнува со врвна смиреност плотната харемска робинка.

...

 

(изд. БЕГЕМОТ ДООЕЛ, Скопје 2017; превод од португалски јазик: Наташа Сарџоска)

 

No comments:

Post a Comment