VI
ЗОШТО БОГ ГО
ДОЗВОЛУВА ТОА?
Во светот се
одигруваат страшни настани!
Се случи тоа во
Есен, мислам дека беше во 1937 година. Одејќи по улица, сретнав едно 16-годишно
момче што го знаев од нашите младински состаноци. Тоа беше сосем растроено. Го
прашав: „Што се случило?“, а
тоа ми одговори: „Ме одведоа
в болница и ме стерилизираа, бидејќи мајка ми е Еврејка. Кога се вратив дома,
родителите беа одведени некаде“. Момчето никогаш веќе не ги видело. Татко му
бил уапсен. Мајка му стигнала во концентрационен логор во Аушвиц! Јас успеав да му помогнам на
момчето да пребега во Холандија. Оттаму тоа замина во Америка, но никогаш нема
да ја заборавам сликата на тоа растроено момче: „Ме одведоа в болница и ме стерилизираа, бидејќи
мајка ми е Еврејка. Кога се вратив дома, родителите беа одведени некаде“! Вакви
случки имаше милиони на број. Автоматски на луѓето им се јавуваат прашања: „А Бог?“ – „Каде е тогаш Бог?“ – „Зар Тој
нема што да каже да ова?“ – „Зошто Бог молчи?“
Во Келн еден лудак
влегол во едно училиште со фрлач на пламен. Убил 12 деца. И пак луѓето
прашуваат: „А Бог?“ – „Зошто
Бог молчи?“
Или се сеќавам на
една жена што имаше рак. Полека и со грозни маки умираше пред своите деца. Кој
го доживеал ова, мора да праша: „А Бог?“ – „Зошто Бог молчи? “
Има многу луѓе
што имаат свои истории за раскажување и на крајот прашуваат: „А Бог?“ – „Каде бил тогаш Бог?“ – „Зошто
Бог молчи?“
Нашиот омилен
германски поет Фридрих Шилер по еден повод напишал песна што ја нарекол „Песна
на радоста“. Во неа се наоѓа и стихот: „Браќа, над ѕвезденото небо нема никаков мил Татко!“
Кога некој ќе
почне да размислува вака, ќе го спопаднат прашањата: „Каде е Бог?“ – „Зошто Бог тоа го дозволува?“ –
„Зошто Бог ги дозволува тие страшни работи?“, веројатно ќе дојде до точката
кога ќе го нападнат опасни мисли: „Па можеби нема никаков Бог?! Можеби небото е празно?! Можеби атеизмот
сепак е во право?“
Драги пријатели,
оној кому му доаѓаат вакви мисли треба да се уплаши. Кога би било вистина дека
нема Бог, тоа би било страшно. Тогаш ние луѓето би биле сами и напуштени – како
диви животни! Би биле како загубени деца што не знаат да се вратат дома. Да
нема Бог!? Би било ужасно! Кога луѓето ќе ми речат: „Јас сум атеист!“, им велам: „Вие не знаете што изразувате со тоа. Да не постои ништо над нас! Да сме
напуштени! Да сме препуштени сами на себе!“ Нема ништо пострашно за луѓето од
самиот човек, зар не? Римјаните ја изрекле поговорката: „Хомо хоминис лупус“. Тоа е страшно!
Не можам да ви
опишам колку често луѓето ми велат: „Како може Бог тоа да го дозволи? Зошто Бог молчи?“ Бидејќи така често
ме прашуваат, би сакал сега да одговорам.
Но, пред се’
морам да кажам: Јас не сум му
на Бог министер за внатрешни работи. Тој не ми ги доверил своите планови, ниту
ми диктирал во стенограм. Дали ме разбирате? Освен тоа, само по себе е малку
глупаво да се поставуваат вакви прашања, како божем ние Бог да можеме да го
разбереме. Таков Бог, што ние би можеле да го разбереме, би бил само декан или
врховен црковен поглавар. Ако е таков, тогаш и јас би го разбрал. Но, кога јас
целосно би го разбирал, тоа не би бил Бог. Во Библијата на едно место се вели: „Моите мисли не се ваши мисли и моите
патишта не се ваши патишта“. Тоа е доволно јасно, нели?
Но, со помош на
Библијата јас сепак сум дошол до извесни сознанија и јас сега би сакал со нив,
колку што можам подобро, да ви одговорам на прашањето: „Зошто Бог молчи?“
1.Погрешно поставено прашање
Прво, би сакал да
нагласам дека прашањето:
„Зошто Бог молчи?“ е наопаку поставено прашање. Имено, тоа прашање се поставува
како да постои некој судски процес: На судскиот стол седи госпоѓа Шулце или пастор Буш. На клупата за обвинети
седи Бог. И сега му велиме:
„Обвинет Боже, зошто ти сето ова го дозволуваш? Зошто молчиш?“ Морам јасно да
ви кажам: Таков Бог, што
дозволува да седи на клупа за обвинети, всушност не постои!
Се сеќавам на
една страшна сцена од времето кога бев сосема млад пастор. На 27 години тукушто
пристигав во Есен, кога избувна рударски штрајк, што силно ги возбуди духовите.
Еден ден минував крај еден плоштад. Таму еден човек, качен на сандак за сапун,
остро им зборуваше на насобраните луѓе. Зборуваше за гладните деца, за
надниците, за невработеноста. Наеднаш ме забележа и довикна: „Ха, еве го пасторот! Дојди малку ваму!“
Обично прифаќам љубезни повици. Така се приближив до толпата. Луѓето ми
наравија пат и јас пристапив до говорникот. Околу сто рудари стоеја околу мене.
Ми стана малку незгодно. На универзитетот не ме учеа за вакви пригоди.
Тогаш тој почна:
„Слушај ме попче! Ако има некој бог, што јас не го знам, но можеби
постои, јас кога ќе умрам, ќе застанам пред него и ќе му речам“ – притоа почна
да се дере: „Зошто дозволуваш
луѓето на бојно поле да бидат масакрирани? Зошто дозволуваш да гладуваат деца,
а други да го кошкаат јадењето, бидејќи го имаат во изобилие? Зошто дозволуваш
луѓето мизерно да умираат од рак? Зошто? Зошто? – Потоа ќе му кажам: Ти боже отстапи! Да те нема! Исчезни!“ –
викаше човекот. Тогаш и јас му се извикав: „Сосема точно! Да го нема таквиот бог!“ Наеднаш
се’ стивна. Говорникот направи чудна гримаса и рече: „Момент! Зар ти не си свештеник. Ти не смееш да
кажеш: „Да го нема таквиот
бог!“ Јас му одговорив:
„Слушај ме ти! Таков бог, пред кој така ја отвораш устата и кој би дозволил ти
да го ставиш на клупата за обвинети, да стоиш како судија пред него и да го
обвинуваш – таков бог има само во твојата фантазија. На таков бог и јас би
можел само да му кажам: `Долу
таквиот бог!` Долу таквиот будалест бог кој созадал такви услови да можеме да
го обвинуваме, да го поттурнуваме и пак да го викаме според потребите. Таков
бог не постои. Но јас ќе ви речам нешто друго: Има еден друг, вистински Бог, пред Кого ти ќе
бидеш обвинет и пред Кого не ќе можеш ниту уста да отвориш, бидејќи Тој ќе те
праша: `Зошто не ме
почитуваше? Зошто не ме повикуваше? Зошто живееше со нечист живот? Зошто
лажеше? Зошто мразеше? Зошто се караше? Зошто ...?` Така ќе те прашува. Тогаш
ќе ти застане зборот во грлото! Тогаш не ќе можеш да изустиш ниту збор! Не
постои бог на кој би можеле да му речеме: `Да те нема!` Но има еден жив, вистински, свет Бог, Кој ќе
може да ни каже: `Марш
надвор`!“
Истово ова би
сакал и вам денес да ви го кажам: ако денес слушнете луѓе што му префрлаат на Бог: „Како можеше Бог сето тоа да го дозволи? Зошто
Бог молчи?“, тогаш речете им: „Таков будалест и замислен бог, кого би можеле да го обвинуваме, не
постои! Има само еден Свет Бог Кој нас не’ обвинува, тебе и мене!“ Дали се
придржувате кон Божјите заповеди? Што си замислувате? Бог не се шегува со
своите заповеди. Ние сме обвинетите, а не Бог!
2. Божјото молчење значи Негов суд
„Зошто Бог
молчи?“ Видете, Бог често молчи и Божјото молчење е најужасна осуда врз нас.
Јас сум цврсто
уверен дека постои пекол. Тој сигурно не е таков каков што е претставен на
многу слики, место каде ѓаволот ги пече душите или слични глупости. Јас верувам
дека има пекол, каде Бог нема што да им каже на луѓето. Таму можете да се
молите, можете да го преколнувате, да викате по Него – но Тој нема да одговори!
Рускиот писател Достоевски еднаш рекол: „Пеколот е место каде што Бог не погледнува“ – тоа е место каде што
конечено сме оставени, наполно напуштени од Бога. Да, Божјото молчење е Негов
суд. Треба да ви биде јасно:
Пеколот затоа и почнува овде на земјата, кога Бог молчи.
(„Исус наша
судбина“, Љубители на Христијанското
Евангелие во РМ – трето издание, Скопје 2000 г.)
No comments:
Post a Comment