Monday, March 21, 2016

Тодор Кондев: ЗЛЕТОВСКА ОБЛАСТ

II Посебен дел
1.Пробиштип – нова рударско-индустриска населба
с. Пробиштип
Природни услови. –Ова село се наоѓа во мала, плитка и брановидна котлинка, веднаш до истоимената индустриска населба. Лоцирано е во подножјето на конусниот рид Кала, каде минел стариот каравански пат што го поврзувал Штип со Кратово. Селото има во мала мерка разреден тип, бидејќи неговите куќи, разместени од двете страни на рекичката Киселица, една од друга обично се одделени со градинки засадени со зеленчук и овошки. Вода за пиење во селото се добива од бунари длабоки 7 – 8 м., иако селото лежи покрај рекичка. Причина за оваа појава е фактот што речната и изворската вода не е питка. Селските гробишта се наоѓаат недалеку од селото, на јужната падина на ридот Кала.
Теренот што го опфаќа синорот на ова село се состои од брановидни рамнини, чија надморска висина изнесува 550-650 м. и ниски ридишта. Рамнините во поголем дел се покриени со езерски седименти од кои се создаден плодни почви, заради што ова село се карактеризира со срамнително голем процент обработлива земја. Од 631 ха. колку изнесува вкупната површина на синорот, околу 2/3 претставуваат обработливо земјиште, нешто повеќе од 1/5 отпаѓа на пасишта, а само 3% - на шуми. На повеќе места во синорот има слаби извори, но водата на поголемиот дел од нив не е употреблива за пиење. Позначајни извори се: Чесма, Миришљавка, Ливашница, Провалија и Бела вода.
Траги од поранешни населби и потекло на населението. –На местото на денешното село несомнено постоела населба уште во античката епоха, за што сведочи фактот дека при копањето темели за куќи и при орањето се откриени надгробни плочи, старовремски тули и траги од некогашна населба. Во месноста Грамада, што се наоѓа низводно од селото, се откопани темели од згради и други остатоци од римска материјална култура, а на врвот на ридот Кала е зачуван одбранбен ѕид граден со големи неделкани камења, без употреба на малтер. Според народното предание, на три места во селскиот синор постоела по една мала црквичка. Тие места селаните ги именуваат Оброчиште.
Името Пробиштип ова село несомнено го добило по родот Пробиштитови кој во XIV век живеел во овој крај. Тоа може да се заклучи врз основа на еден документ од 1350 г. во кој се споменува Иван Пробиштитовиќ како сопственик на имот што го купил во Штип.
Средновековното село Пробиштип веројатно било раселено за време на Карпошовото востание. На таков заклучок не’ упатува фактот што во денешното село нема староседелци, туку сите негови жители припаѓаат на доселеници кои во него се доселиле во текот на последните три века. По разселувањето, во него се населиле не само Македонци, туку и Турци. Преданието знае дека Турците се погребувале во месноста Гробишта што се наоѓа нешто низводно од селото, како и дека двајца браќа од тие Турци имале свои трла во околината на селото. Трлото на едниот брат се наоѓало во месноста Дуб кај Сирков камен, а на другиот – на ридот Каља. По една верзија, Турците населени во ова село умреле од чума, а по друга – се иселиле во Кратово.
При крајот на минатиот век, ова село броело 233 жители, за да во 1971 г. тој број се покачи на 455 жители. Во него живеат следниве родови: Калиманци (Мишовци, Павловци и Дедо Спасови – вкупно 20 дом.), предците им се доселиле во првата половина на XVIII век од с. Павлешенци (Овче Поле) како чифчии. – Баратлијци (4 д.), нивните предци се доселени од Кривопаланечкиот крај во времето кога во Пробиштип живееле Турци. – Коштенарци – Шалевци (8 д.), се доселиле во средината на XVIII век., по една верзија од Скопска Црна Гора, а по друга – од пределот Костенарија (Костурско, Грција) затоа што убиле некој Арнаутин. – Самарџинци (8 д.), предците им дошле во втората половина на XVIII в. од с. Конче (Радовишко), затоа што убиле некој човек. – Марковци (12 д.) се доселиле пред крајот на XVIII в. од соседното с. Маричино. – Бојковци (11 д.) дошле исто така пред крајот на XVIII в. од с. Добрево. – Новоселци (9 д.), се доселиле во почетокот на минатиот век, по една верзија од Ново Село (Кочанско), а по друга – од с. Туралево (Кратовско). – Тренчови (2 д.), дошле во минатиот век од с. Шталковица.
Освен наброените родови, во ова село живеат уште околу 50 домаќинства, кои во него се населиле предимно од ослободувањето наваму, во врска со создавањето на новата индустриска населба Пробиштип.

(„ЗЛЕТОВСКА ОБЛАСТ географско-историски осврт“ од Група автори, изд. Собрание на општината Пробиштип - Скопје 1974 г.)

No comments:

Post a Comment