VIII
...Чуму говореше?
Па ете, тој човек беше во состојба да посвети цел саат на прашањето „зошто
Бетовен не го напишал третиот став од клавирската соната опус 111“ – предмет
без сомнение вреден за расправа. Но, ајде да помислиме на оглас истакнат на
куќата за „Општокорисна работа“ или објавен во „Железнички весник“ па да се
запрашаме за љубопитноста којашто тој оглас ја побудил во јавноста. Напросто,
никого не го засегаше зошто опус 111 има само два става. Ние, кои се собравме
да го чуеме излагањето, се здобивме со една вечер која што необично не’ збогати,
и покрај тоа што сонатата за која стануваше збор ни беше сосема непозната.
Меѓутоа, на самата приредба ние ја
запознававме неа и тоа мошне подробно, оти Кречмар ја изведуваше на извонреден
начин, со помош на мало пианино, додуша со придушен земјан звук, кое што му
стоеше на располагање (големиот концертен клавир не беше одобрен) испрекинато и
со голема впечатливост анализирајќи ја психичката содржина на спомнатата
соната, уз опис на животните
околности под кои што, заедно со две други, била напишана, нашироко впуштајќи
се – со уфрлување зајадлива шега – во мајсторовото сопствено објаснување зашто
се откажал од трет став, кој би кореспондирал со првиот. Немал време! Згора на
се‘, тоа го изговорил „сосем смирено“. Омаловажувањето на оној кој го поставил
прашањето очигледно не било забележано во овој одговор, ама прашањето било
оправдано. Тука говорникот го исцрта Бетовеновото состојание околу годината
1820, кога неговиот слух, што незадржливо слабеел, веќе тонел во се’ поголема
пустош и веќе се испоставило дека тој веќе нема да биде во состојба да раководи
со изведувањето на сопствените дела. Тој ни раскажуваше како тогаш се’ повеќе
се ширеле гласини дека великиот мајстор е готов и дека напишал што треба да
напише, дека неговите продуктивни сили се веќе исцрпени и дека тој – ете –
бидувајќи неспособен за големи дела, ќе морал како стариот Хајдн да се занимава
само уште со запишување стари шкотски песни – а сето тоа поради тоа што на
музичкиот пазар последните години веќе не доаѓало ниедно значајно дело кое би
го носело неговото име. Меѓутоа, во доцната есен, враќајќи се во Виена од
Медлинг, каде што го провел летото, седнал мајстерот и во еден потег, такаречи
ниеднаш не дигајќи го погледот од нотната хартија, ги напишал оние три
композиции за пианофорте, известувајќи го за тоа својот покровител грофот
Брунсвик, за да го смири во поглед на состојбата на својот дух. И тогаш Кречмар
говореше за сонатата во Ц-мол, која се разбира не е лесно да се сфати како во
себе заокружено и средено психичко дело и која што за тогашната критика, како и
за неговите пријатели претставуваше тврд орев: и како тие пријатели и обожувачи – така велеше
Кречмар – напросто не можеа да го следат уважениот мајстор преку оној врв до
којшто, во добата на својата зрелост, ја беше довел класичната симфонија,
клавирската соната и класичниот гудачки квартет; како соочени со делата од последниот период, со
тешко срце присуствувале на процесот на распаѓање, отуѓување и застранување од
она што веќе не било родокрајно ни присно, та стоеле пред некое plus
ultra, во кое што не биле кадри да
согледаат изродување на оние склоности кои што кај него отсекогаш постоеле –
мудрувањето и спекулативноста кои се претвориле во екцесивност, потоа прекумерната
минуциозност и одвеќе научниот приод кон музиката – а кои што биле применувани
на толку едноставен материјал, каков што е на пример малата арија во огромниот
став со варијации кој го сочинува вториот дел на таа соната. Да, точно онака
како што темата на овој став, која што доживува стотици судбини, минува низ
стотици светови на ритмички контрасти, се надрастува себеси и на крајот се губи
во вртоглави височини, кои човек би ги нарекол онострани или апстрактни, баш
така Бетовеновата уметност се надраснуваше самата себе: од блиското подрачје на традицијата, таа уметност,
пратена со престрашените очи што ја следеа, се искачи во сферите на она што е
лично, - Јас – болно изолирано во апсолутното, поради губењето на слухот
изолирано дури и од сетилната реалност. Од самотниот кнез во царството на
духовите ги лазеа морници дури и неговите најблагонаклонети современици заради
тоа што во неговите застрашувачки пораки тие за миг умееја да се пронајдат
себеси.
...Кречмар ни
раскажа една морничава прикаска која во нашите души втисна страотно-незаборавна
слика на светата тежина на таа борба, сликата на личност/творец кој западнал во
страданија. Тоа било кон крајот на 1819, во времето кога во Хефнеровата куќа во
Медлинг, Бетовен работел на миса, очаен што секој став му испаѓа подолг отколку
што предвидел, па ќе било невозможно да се задржи терминот за привршување на
работата, што ќе рече мартовскиот датум идната година, за кога било закажано
востоличувањето на на надвојводата Рудолф за архибискуп на Оломуц. Тогаш го
побарале двајца пријатели и ученици, но веќе при самото влегување во куќата
дознале за ужасите кои таму се одигруваат. Имено, тоа утро побегнале двете
мајстерови слугинки, затоа што претходната ноќ, околу 1 часот, дошло до
дивјачка караница, сцена која што целата куќа ја тргнала од сон. Таа вечер
господинот до длабоко во ноќта работел на Кредо, на Кредо со фуга и воопшто не
помислувал на вечерата, која што стоела на огништето, крај кое пак, везден
чекајќи, двете слугинки конечно заспале, совладани од сон. Арно ама, кога
мајсторот помеѓу полноќ и еден побарал да јаде, ги наоѓа девојките како спијат,
а оброкот исушен и јагленосан, поради што пламнува со најжесток гнев, кој ја
кренал во воздух куќата, дотолку повеќе што композиторот не можел да се чуе
колку јако вика. „Зарем не можете ни еден саат да пробдеете со мене?“ –
повторувал грмеејќи. Но, се работело за 5-6 часови, па навредените девојки
взори побегнале, препуштајќи го господарот сам на себе и кој поради сето тоа
два дена немал јадено. Наместо тоа, работел во својата соба на Кредо, на
Кредото со фуга – учениците го слушале низ затворената врата како работи.
Глувиот професор пеел, урлал и удирал со нозете по подот – било толку језиво
потресно што на оние кои зад вратата слушале крвта им замрнала во вените. Но,
токму кога онака, до дно премрени, посакале да се оддалечат, вратата нагло се
отворила и во неа стоел Бетовен – како ли само изгледал? Најстрашно! Во
запуштена облека, со црти на лицето така искривени што човека го фаќаше уплав.
Со унеѕверен и збркано-отсутен поглед зјапал во нив, оставајќи впечаток дека
доаѓа од битка на живот и смрт со сите непријателски духови на контрапунктот.
Најпврин промумљал нешто неразбирливо, а потем експлодирал, карајќи и жалејќи
го своето прекрасно домаќинство, на тоа дека сите му отишле и го оставиле да
гладува. Се обиделе да го смират, еден му помогнал околу тоалетот, другиот
истрчал до гостилницата да му нарача обед... Мисата била завршена дури после три
години.
(изд. Нолит - Белград 1989)
No comments:
Post a Comment