ОСМАНЛИСКИТЕ ЧИНОВНИЦИ И ВОЕНИ ЛИЦА
Ако среде
османлиските големци, соработници на Хусеин Хилми во реорганизирањето на трите
вилаети, на прво место го ставам Махмуд Шефкет паша, тоа е поради неговата
положба на косовски валија, а не затоа што подоцна стана началник на армиски
корпус, главен инспектор и најсетне министер на војната и велик везир. Инаку,
кон него би требало да го присоединам и Талат паша, кој што во епохата на
реформите, беше најобичен сметководител во поштите и телеграфот и доаѓаше во
просториите на нашето дипломатско претставништво за лично да ја наплати сумата
што ја должевме за телеграмите, испратени конкретниот месец.
Махмуд Шефкет
паша беше од Багдад и фактот што јас таму истерав скоро 4 години, та го познавав
и брат му Халил бег, придонесе до извесен степен за нашите пријателски врски,
кои ги одржував со тој генерал дури и кога двајцата ја напуштивме Македонија. Благонаколоно
ги чувам неколкуте реда што ми ги испрати од Константинопол малку пред неговата
трагична смрт.
Тешко би било
османлиската влада да направи подобар избор од тој на Махмуд Шефкет паша за
важната позиција генерал-губернатор на Косово и тоа во времето на меѓународните
реформи. Тој ги поседуваше сите нужни способности. Воениот чин му го даваше
неопходниот авторитет;
техничките познавања на неговата воена специјалност – артилеријата беа добро
познати меѓу странските офицери (кои во Македонија ги беше збрала
реорганизацијата на жандармеријата) што го увеличуваше неговиот престиж. Тој течно
говореше и пишуваше француски и германски. Беше учел во Германија и имаше стаж
во нејзината војска. Нешто повеќе: ги покажуваше сите квалитети на добар дипломат: пред се’ – трпение, упорност и склоност кон
спогодување. Се држеше над религиозните и расните предрасуди, што беше важно
кога се имат предвид борбите и соперништвата во неговиот вилает. Пред младотурците успеваше да одржи добри врски со Илдиз-ќошк, без особено да ги
крие либералните идеи, кои му создадоа многу пријатели – меѓу сонародниците и
странците. През јули 1908-а не се поколеба да застане на страната на Енвер и
Нијази – нивните погледи соодветствуваа со неговите. Во однос на неговата роља
за време на контрареволуцијата од март1909 ќе кажам во поглавјето околу
заточението на султанот.
Среде другите
османлиски генерали кои командуваа во Македонија, имаше старотурци како Шемши
паша, кого ќе го споменам во поглавјето за Уриетот, и Хајри паша – долго време
началник на 3-ти армиски корпус во Солун. Имаше и други со модерните сфаќања на
Махмуд Шефкет паша – на пример Али паша Колонија, кој беше началник на штаб за
време на експедицијата кон Константинопол (види поглавје „Султан во
заточение“). Но најмнгубројна беше групата на средина меѓу горните две – на
пример Черкезот Сејфула паша, храбар воин, кој многу држеше до дисциплината,
но кој не можеше да се помири со падот на стариот режим и се самоуби.
Друг генерал од
таа медијана-категорија беше Осман Февзи паша, кој во својство на командант на
Скопје, има голема заслуга за дисциплината на војската и оттука за делото на
реформите, бидејќи го олесни учествувањето на христијаните. Осман паша беше
Татарин и брат на познатиот Ахмед Фејзи паша, кој одигра не баш добра улога во
Јемен и кого го видов во Багдад в мошне неблагопријатна светлина. Осман Февзи
беше во секој поглед спротивност на брата си. Но, изгледа го следеше лош к‘смет,
оти во два случаја на тој генерал му се падна доста смешна роља: првин како валија на Јанина, каде што една
неразумна постапка на Есад паша (подоцна диктатор на Албанија) му го изложи на
показ неговиот личен живот, а потоа и за време на 1908-та, кога младотурците го
извлекоа од Битола и го држеа неколку дни затворен во Ресен.
Од вишите
османлиски офицери, кои се истакнаа на еден или друг начин во периодот на
реформите, ќе го посочам само достојниот командант на косовската жандармерија
Галиб бег, кој се радуваше на пријателството и довербата на австро-унгарската
воена мисија, потоа Албанецот Исмаил Хаки бег, прикрепен кон Хилми паша и
организатор на обиколките низ земјата, коишто ги изведуваа главниот инспектор
и странските му соработници, ама пред се’ Енвер бег кој највеќе од сите направи
блескава кариера. Кој можеше да предвиди дека тој млад началник на батаљон,
кроток и скромен на прв поглед (имиџ што понекогаш го кошташе да биде предмет
на подигравки) ќе стане херој на
младотурската револуција? Има ли нешто поневеројатно од фактот дека во
предвечерјето на 23 јули 1908, Енвер ја фати шумата – тој кој што во
канцеларијата на Хусеин Хилми паша беше специјално задолжен за гонење на
четите? Се’ беше исклучително во кариерата на тој човек, кој во текот на 12
години премина како метеор низ историјата на Турција и светот, собори еден
режим и ја втера државата во светска војна, за да се бие со Русите – во неговите
очи турскиот смртен враг. Тој се бореше во африканските пустини против
Италијаните и ги заврши своите денови в битка во Централна Азија – одново во
бој со Русите - во име на муслиманската религија и за слобода туранската
раса.
Ретко се случува
еден човек да се одликува со карактеристики ем на оратор ем на водач, како што
е случајот со Енвер. Красноречивоста, чесноста и необузданоста го објаснуваа
големото влијание што го имаше врз своите сонародници; смелоста и устремот ги исполнуваа со ентузијазам
војниците. Очигледно е дека таквите карактеристики му пречеа да биде добар
дипломат. Малку после младотурскиот преврат, се уверив дека дипломатијата не му
е јака страна. Во еден момент, комитетот „Сојуз и прогрес“ дојде на мнение дека
австро-турската расправа избувната околу анексијата Босна и Херцеговина, не
напредува според желбите во Солун. Тогаш „Џемиет“ се обрати кон мене и ми рече
да побарам од мојата влада да ме овласти да преговарам со некои младотурски
делегати. Овластувањето ми беше дадено од гроф Ахрентал, се разбира во
границите што ги налага дипломатскиот протокол. Тие преговори кои се одвиваа
едно време и за кои впрочем стана збор во една статија што се појави по
неколку месеци во „Нувел прес либр“, како што можеше да се предвиди, не доведоа
до ништо. Но во тој случај, можев да се убедам дека Енвер бег ептен многу се
пали, а од друга страна нема брзи рефлекси. Во тој однос, еден друг делегат на
комитетот „Сојуз и прогрес“, со кого тогаш исто имав разговори, јасно го
надминуваше. Тоа беше Хаџи Адил бег, во тоа време со скромните функции на
директор на Солунската царина, чиј талент набргу получи признание.
Минувам кон
цивилните соработници на Хилми паша. Канцелариите им беа управувани од Халил
бег, сериозен, спокоен и љубезен човек, кој многу тактично ја исполнуваше
тешката задача да одржува ред во сложениот организам на главниот инспекторат.
Дури и архивите, во голем број случаи слабо место на администрациите, беа
наредени по таков образец каков што ретко сум видел другаде. Со страста кон
работата, Хилми паша не поднесуваше некое досие да не биде најдено веднаш. И само
ако тоа не се случеше, јас можев да го видам разгневен. Персоналот беше
навикнат на ова и наоѓаше начин да му ги носи материјалите светкавично брзо,
дури и кореспонденции кое не биле актуелни со години.
Поради различните
јазици говорени во Македонија и присуството на странски офицери, се јави
потребата од сложна преведувачка служба: за неа одговараа Милха бег Фрашери и Исмаил Талат бег. Првиот беше
образован Албанец, кој како и другите од неговиот род се разбираше во
шќиптарската литература, а денес ја има функцијата албански ополномошен
министер во Атина; Исмаил
Талат од Солун – остроумен потурчен христијанин – кој што го познавав уште од
времето на Мехмед Хафиз паша како драгоман во Косовскиот вилает, ми припомни за
следнава случка. Тој славен драгоман, кој немаше никаква склоност за туризам,
бил задолжен да придружува во Призрен еден англиски журналист, кој подоцна
стана познат политичар во својата земја. Штом пристигнале на станицата во Качаник,
Англичанецот слегол од возот за да побара водич со кого би се искачил на врвот
Љуботен. Исмаил Талат ѕирна дека овој преговара со некаков Албанец, ми се
приближи – зашто и јас патував во нивното купе – и ми прошепна: „Ако двајцана луди – Англичанецот и Албанецот
– се договорат, ќе треба да одам со нив и да кршам глава по Шар-планина!“
Покасно, со
создавањето на Финансиската комисија, преведувачката служба се рашири уште
повеќе и главниот секретар Виталис ефенди ја надополни чудесно. Тој беше
големиот трудохоличар и душата на таа комисија. Надворешната служба се состоеше
од инспектори. Тоа беа видни луѓе, како Оскан ефенди и Фаик бег, чиишто заслуги
и квалитети подоцна беа наградени со поверените министерски портфељи во
Стамбол.
На крајот на
краиштата, главниот инспекторат на трите вилаета постигна можеби најголем
организационен успех на кој што Турција било кога му се радувала. Меѓутоа, штом
сите тие способни луѓе и чудесни органи не успеаја да го сопрат развојот на
настаните, очигледно „усудот“ беше предодредил да настапи крајот на турската
власт во Македонија.
(„Во земјата на мачениците“ – спомени на
Алфред Рапопорт, ген. конзул на Австро-Унгарија во Македонија, Париз 1927)
No comments:
Post a Comment