ТРЕТ ОДДЕЛ
За разликата помеѓу возвишеното и убавото во меѓусебните односи на машкиот и женскиот пол
...На убавото
ништо не му е така спротивно како одвратното, а под возвишеното ништо не е
подолно од смешното. Затоа за мажот нема попогрден назив од будала, а за
жената ништо потешко неможе да се каже од тоа дека е одвратна. Англиски „Спектатор“
(познат англиски неделен весник, б.а.) држи до тоа дека за мажот нема поувредлив
прекор од тоа дека е лажго, а за жената дека не е чедна. Доколку за тоа се суди
строго според моралот, допуштам дека таа оценка може да биде точна. Само, тука
не станува збор за тоа што само по себе заслужува најостра оценка, ами за тоа
што најсилно ќе здоболи. И затоа го прашувам секој читател дали може во мислите
да не се согласи со мене. Госпоѓицата Нинон Ланкло (1620-1705, отмена француска
куртизана, ќерка на еден благородник од Турена, образована на Монтењ и Сарон,
чуена по својата убавина и дух; за да би била слободна, ги одбила сите свои додворувачи и ги привлекла
најдобрите духови на своето време во својот салон, б.а.) воопшто не
претендирала на почитување на својата чедност, но сепак би била тешко увредена
ако некој од нејзините љубовници, во својот суд за неа, би се огрешил по тоа
прашање; а познат е и
грозниот удес што го снашол Моналдески (Џовани Риналдо маркиз Моналдески,
Италијанец, љубимец на Христина Шведска; 1656 г. ја придружувал Христина на патот за Франција; погубен е 1657 г. во Фонтенбло зашто наводно на
Шпанците им го издал планот за освојување на Неапол, кој што го спремале
Христина и Мазарен, б.а.) поради навредливиот израз од тој вид пред една
кнегиња, на која не и било до тоа да ја сметаат за Лукреција (легендарна хероина на стариот Рим; според преданието, нејзе ја обезчестил синот на царот Тарквиниј Охолиот
– 6. век пр.н.е. – и таа поради тоа си го одзела животот. Тој настан, исто
според преданието, послужил како повод за прогонство на Тарквиниј од Рим и за
основање на Републиката – 510 г.пр.н.е., б.а.)...
Срамежливоста е тајна да се обуздаат како природата, така и
еден нагон кој е речиси нескротлив и, со оглед на тоа што повикот на природата
е секогаш на негова страна, секој пат изгледа дека е во склад со добрите,
морално-позитивните особини, иако е разуздан. Според тоа, срамежливоста како
дополна на принципите е неопходна; оти нема ниеден друг случај каде што нагонот толку лесно станува софист во
измислување на добри изговори, како овде, Од друга страна, срамежливоста служи
и за тоа да навлече таинственост врз нагонот, за неговото дознавање да не би
предизвикало одвратност или макар само рамнодушност према неговите крајни цели,
од што пак извираат најживите и најфините стремежи на човековата природа. Оваа
особина е посебено својствена на поубавиот пол и вонредно му прилега. Неотесано
е и грубо со простачки шеги, кои ги
викаме мрсни, да се доведува во прашање нечија чедност и да се предизвикува
нивното срдење. А, бидејќи половиот нагон
- можеме колку сакаме да заобиколуваме – сепак лежи во основата на сета
драж, и бидејќи жената е секогаш предмет на пристојна забава, можеби мажите си
допуштаат себе си слобода, низ палавоста на нивните шеги, провлечат некоја
алузија заради која ги нарекуваат лола
– оној што обесува; па
бидејќи немаат намера да вреѓаат со дрски погледи, ниту да ја напаѓаат честа на
жената, сметаат дека имаат право личноста што нивните шеги ги прима ладно или
нељубезно, да ја нарекуваат лажна светица.
Ова го наведувам само затоа што тоа обично се смета за дрскост во бонтонот; а што се однесува до судот кон строгата
моралност, тој не спаѓа тука, оти си поставив задача да ги посматрам и
разложувам само појавите.
Благородните
особини на поубавиот пол во кои, како што напоменавме, никогаш не смее да се
изгуби чувството за лепо, најјасно и најсигурно се покажува во скромноста,
оној тип на племенита едноставност и наивност. Од неа просјајуваат мирна
наклонетост и почитување кон другите, истовремено здружени со извесна благородна вера во себе и со оправдано
самопочитување, кое што секогаш се наоѓа во возвишениот карактер. Пошто оваа
фина мешавина со својата драж ги освојува другите, а во истовреме преку уважувањето
ги докоснува, таа на тој начин ги брани сите останати особини од атакот на
прекор и подсмев. Личностите со ваква нарав имаат срце и за пријателство, а тоа
кај жените никогаш не можеме доволно високо да го цениме, прво – затоа што е
многу ретко, а второ – затоа што мора во истиот замав да биде и мошне
привлечно.
Имајќи на ум дека
нашата намера е да расправаме за чувствата, ќе биде сигурно пријатно да се
обидеме под поим да ја подведеме различноста на впечатоците кои на мажот го
чинат цртите на лицето и стасот на поубавиот пол. Сета таа чар во основа е
испреплетена околу половиот нагон. Природата оди со својата велика цел и сите
финеси кои се придружуваат, колку и да изгледаат оддалечени од тоа, не се ништо
друго освен украсна рамка и својата драж ја црпат од ист извор. Здравиот и сиров вкус, кој секој пат се држи до
близу со овој нагон, не се обѕира многу на отменото држење, цртите на лицето,
очите на жената итн.итн., зашто му е само до полот, останатото се празни
„тричарии“.
Иако таквиот вкус
не е баш фин, сепка не треба да биде презиран, зашто огромно мнозинство на
луѓето, со неговат помош, го држи големиот поредок на природата на мошне прост
и релиабилен начин. Така доаѓа и до мнозинството бракови и тоа кај најмарливиот
дел од човечкиот род, па бидејќи на мажот не му се ројат низ глава нечии
прекрасни црти на лицето, „сањалачки“ очи, убави манири итн., ниту пак тој било
што од тоа разбира, ќе биде, од своја страна, дотолку побуден кон домаќинлакот,
штедливоста итн., а и према миразот. Што се однесува до оној со пофин вкус, тој
се врзува за она што во појавата или во изразот на лицето е морално или за она што воопшто и не
спаѓа во сферата на моралноста. Жената со ваква драж велиме дека е љупка. Убаво скроен стас, правилни црти,
боја на очи и тен за контраст – сето тоа е убаво исто онака како што букетот
цвеќе предизвикува ладно допаѓање. Самото лице не кажува ништо дури и да е
љупко и не му говори на срцето. Што се однесува пак до цртите на лицето, очите
и нивниот израз, тие се наклонуваат или кон чувството за возвишено или кон
чувството за убаво. Жената чија што драж е прикладна на нејзиниот пол и го
истакнуваат првенствено моралниот израз за возвишено ја нарекуваме убава жена во вистинската смисла на
зборот; онаа пак, во чиј
морален лик, доколку тој се огледа во изразот и во цртите на лицето, се
истакнуваат првенствено особините на лепотата ги нарекуваме привлечни, а кога тоа е на еден повисок
степен, тогаш неа ја викаме дражесна.
(Имануел Кант - О Лепом и узвишеном, Графос Белград, 1988)
No comments:
Post a Comment