Monday, April 25, 2016

Макс Хоркхајмер: ПОМРАЧУВАЊЕ НА УМОТ

IV
Устрем и пад на индивидуализмот

...Државното ограничување на правото на поседување злато е симбол на потполната промена. Дури и членовите на средната класа мораат да и’ се препуштат на несигурноста. Индивидуумот мора да се утеши со помислата дека неговата влада, корпорација, здружение, синдикат или осигурителен завод ќе се погрижи за него кога ќе се разболе или кога ќе дојде до пензионирање. Различни закони кои што забрануваат приватно поседување злато ја симболизираат пресудата против независниот економски индивидуум. Во либерализмот, питачот секогаш бил трн во окото на рентиерот. Во доба на великиот бизнис, просјакот и рентиерот исчезнуваат. Нема сигурносни зони на пространите улици на општеството. Сите мора да се засолнуваат. Претприемачот стана функционер, научникот професионален експерт, а филозофската максима Bene qui latuit, bene vixit е неускладлива со деловните циклуси. Секој е под камшикот на нечие више посредништво. Оние пак, кои заземаат командни позиции, имаат малку повеќе автономија отколку нивните подредени; ама нив ги попречува власта која што ја имаат в раце.
Секоја инструменталност на масовната култура служи за јакнење на општествените притисоци врз индивидуалноста, исклучувајќи секаква можност дека индивидуумот ќе успее да се сочува, наспроти атомизираната машинерија на модерното општество. Акцентот на индивидуалниот хероизам и на човек кој успеал да се издигне со сопствен труд во популарните романи и филмови не го обезвреднуваат ова посматрање на работите. Тие поттикнувања кон самоодржување, направени со машина, всушност го забрзуваат распаѓањето на индивидуализмот. Идентично како што паролите за непопустлив индивидуализам во суштина им користат на големите трустови во битката за нивно издвојување од општествена контрола, така и во масовната култура реториката на индивидуализмот, наметнувајќи обрасци на колективно однесување, го порекнува основното начело кое го проповеда. Ако според зборовите на Хјуи Лонг секој момок може да биде крал, зошто не би можела секоја девојка да биде филмска кралица, чија единственост се состои во тоа да биде типична?
Индивидуумот повеќе нема засебна повест. Иако се’ се менува, ништо не се мрднува од место. Нему не му требааат ниту Зенон, ниту Кокто, ни елејскиот дијалектичар ни парискиот надреалист, да му каже што мисли кралицата (...) кога вели: „Потребно е да трчаш колку што можеш за да останеш на исто место“ или како што во својата дивна песна се изрази Ломброзовиот лудак:
Приковани за својата гордост
Како тркала за својата оска
Во вечни кружења се губиме
Лутајќи секогаш и секогаш тука.

Забелешката дека индивидуумот, наспроти се’, не исчезнува сосема во новите имперсонални установи, дека индивидуумот е подеднакво непопуслив и необуздан, се чини дека не стои. Таа примедба, имено, содржи зрнце вистина, а тоа е дека индивидуумот е се’ уште подобар од светот во којшто живее. Па сепак, изгледа дека неговиот живот оди според следот што му одговара на формуларот што од поединецот се бара да го пополни. Неговата интелектуална егзистенција се исцрпува во изборите на јавното мнение. Особено таканаречените големи индивидуи на денешницата, идолите на масата, не се изворни индивидуи, тие се напросто креатури на сопствената популарност, увеличување на сопствените фотографии, функции на општествените процеси. Совршениот надчовек, на кого предупреди загрижениот Ниче, ест проект на потлачените маси, значи попрво Кинг Конг отколку Чезаре Борџија. Хипнотичката зачараност што ја предизвикаа таквите лажни над-луѓе, како на пример Хитлер, произлегува не толку од она што тие го мислат, говорат или прават, колку од нивните лакрдии што ги опчинуваа обичните лѓе, лишени од својата спонтаност низ индустриското процесуирање.
Опишаните тенденции веќе доведоа до најголемата катастрофа во европската историја. Некои од причините беа специфично европски. На други може да им се најде траг во длабоките промени на човековиот карактер под влијание на меѓународните текови. Никој не може да порекне дека тие разорни тенденции ќе бидат зауставени во блиската иднина. Меѓутоа, постои се` поголемо уверување дека неподносливиот притисок на индивидуумот не е неминовен. Треба да се надеваме дека луѓето ќе увидат оти тој не произлегува од чисто техничкиот процес на производство, него од општествената структура...
Фашизмот се послужи со терористички методи во настојувањето да ги сведе свесните човечки битија во социјални атоми, зашто се плашеше дека се’ поголемото разочарување во сите идеологии може да ги наведе луѓето да ги сфатат своите сопствени најдлабоки можности: и стварно, во некои случаеви, општествениот притисок и политичкиот терор искалија длабок човечки отпор кон ирационалноста – отпор којшто е јадро на вистинска индивидуалност.
Правите индивидуи на нашето време се мачениците кои минаа низ пеколот на страдањето и попнижувањето, во отпорот против подјармувањето и потлачувањето, а не личностите од поп-културата што се пуваат и конвенционалните достоинственици. Тие неопејани херои свесно ја изложија својата егзистенција како поединци на терористичкото уништување. Анономните маченици на концентрационите логори се симболи на човештвото кое настојува да се роди. Задача на филозофијата е да го преведе она што тие мартири го сторија во говор што ќе се чуе. Дури и тогаш кога нивните гласови ги замолчи тиранијата.


(„Eclipse of Reason, изд. Оксфорд јуниверзити прес 1947)

No comments:

Post a Comment