СЕЛО
Надоаѓа река, за малку да ја слиста Голема Заседа
7.
Водите, надојдени
од силниот порој, растеа од изворот на Змиска река, надојдени како планина и се
разлеваа. Тогаш реката се излеа од коритото, рикајќи како ѕвер и носејќи се’
пред себе. Иако од памтивек беше скротена со брегови, реката сега нив ги проби
и поплавата ја проголта Голема Заседа. Стравотија, се сеќаваше подоцна Турчинот
Фадул.
Во поплавената
шума, преплашените животни бегаа на сите страни, ползејќи покрај стеблата,
риејќи земја, во сеопшто бегање, каде што се беа измешале змии и јагуари, птици
и мајмуни, диви свињи, оклопници и мравкојадци, а тропрстите мрзливци се
преместуваа од гранка на гранка. Тие кои не беа избегале навреме, напразно се бореа
со стихијата и набргу многубројни и разновидни мрши пливаа низ вода, диви
ѕверки и домашни животни.
Ослушнувајќи го
тресокот, оној што спиеше – се разбуди, а кој беше буден, очекувајќи го
најстрашното, срипа на нозе, сите истрчаа на врата. Реката се разулаве како
бесна, водата растеше од час в час и се ширеше, уништувајќи се’ на што ќе
наидеше. На реката и’ се придружи и ветрот, со горопадни фиучења, збришувајќи
го селото засекогаш. Во темницата се наѕираа човечки прилики, некои носеа
фенери в рака, коишто веднаш се гасеа, другите извикуваа поздрави, наредби,
повици за помош, што уште не: непогодата ги бришеше зборовите и светлината од петролејките. Ништо не се
препознаваше освен застрашувачкото татнење на водата и морничавото беснеење на
бурата.
Некој протрча, беше
тоа столарот Луписинио, иташе кон мостот. Да не помислил можеби дека со раце ќе
го потпре, а со тело ќе го одбрани? Приоѓаа изобличени жени од Брегот на Краставите Жаби. Се собра народ од Магарешкиот пат, сите се збраа на ледината, во
метеж и ужас, среде повици и солзи. Никој не знаеше каде да тргне ни што да
прави.
Појак од ужасот и
очајот, гласот на Арапинот Фадул Абдул го загуши за час фиукањето на ветрот и
беснеењето на водата. Со кренати тупаници го проколнуваше небото.
8.
Првата зграда
која што се сруши и беше проголтана од водената стихија, стари јасли од слама,
изгниена од други времиња, ги однесе со себе спомените на радосните и тажни настани. Кога се играше на подот од натапкана земја, цврст како од цемент,
Турчинот Фадул користејќи се со кабаретски речник, ја нарекуваше накитена
балска дворана. Зградата исто така служела и како коначиште за
гоничите на стадата и за патниците кои тука палеа скара за да печат суво месо
и да варат кафе. Се собираа тука за да играат карти: беше коцкарница, обложувалница, поприште на
подвали и кавги, каде што често блескаа ножеви и ками. Беше дебатен и музички
клуб: со догодовштини,
сплетки, клевети, народни песни, звуци на гитара и тамбура, сретсела... Па беше
амбуланта, каде што се одмараа болните на патот за Итабуна, во потрага за лекар
и лек. Па и мртовечница, во која роднините и пријателите беа крај покојниците,
сеќавајќи се на нивните добри страни, ама загреани со ракија...
9.
Со скапаните
гранки и слама што ги носеше водата, многумина ги распознаа и работите на
господинот Сисеро Моура:
манжетните од целулоид, тврдиот околувратник, лептир-машната, кошулата и
панталоните. Којзнае каде исчезна капутот и чизмите, предметите од вредност? Па
и купувачот на какао, со глава и брада, уважен граѓанин, застапник на фирмата
„Коифман & Циа“, каде ли
замина? Ако спиел во јаслите, сигурно го навлекол капутот и чизмите, па излегол
надвор да го гледа пропаѓањето на светот.
10.
Набргу после
шталата, во матните води на реката, исчезнаа колибите на курвите, остатоците од
шутот на бедните им страчари. И заедно со нив, онаа мизерија која тие
скитнички ја поседуваа:
сламарици и партали, искинати и прљави прекривки, грнчарија, лимени лончиња за
различни намени, сиромашки алишта и дребулии.
На свое место
остана единствено една барака од даски која своевремено била подигната по налог
на капетанот Натариј де Фонсека, за смештај на Корока и Бернарда, првата ислужена
маторица, другата млада девојка. Но, и таа беше поплавена, парталите од алишта и
покуќнината исчезнаа во вртологот. Кутијата за керозин и бебешка колепка се
разбија во парампарче од едно дрво, донесено од буицата.
Не остана цела ни
бараката соградена за Епифанија, тогаш кога Црнкињата дојде во оваа Недојдија,
онака сета мазна, а мажите од селото, на две-на три, ги засукаа ракавите и се
зафатија за штиците и калта. Одолеваше малку повеќе од останатите, но најпосле
се урна и се претвори во глиб. За момент исчезна курвинското сврталиште, од
Брегот на Краставите Жаби остана само името.
11.
Штом го чу
тресокот, Корока побрза дома и влезе, довикувајќи ја Бернарда. Не чекаше оваа
да го испрати муштеријата, го зграпчи детето и излета надвор, цапајќи низ вода,
свиткувана од ветерот. Излегувајќи, рече:
-Ојдов јас до
капетанот, го зедов и Надињо. А ти побрзај.
Бернарда ја стаса
на степеништето, сета задишана:
-Каква е оваа
дождурина, кумо? Тоа уште не сум го видела...
Корока и’ го
предаде детето:
-Камо среќа да е
само дожд... Него е поплава, зарем не забележа?
-Бев зафатена.
Каде одите сега?
Корока се сврте,
Бернарда ја фати за рака: блатото
им лизгаше под нозете, ветрот ги занесуваше:
-Зеферина
пред малку се породи, идам да ги видам неа и малечката. Да помогнам колку можам.
Во подножјето на
брдата се движеа неодредени прилики. На Бернарда не и’ паѓаше на ум да ја
задржува старата, и’ ја пушти раката, го приви детето во прегратка и пред да се
упати узбрдо рече:
-Ќе го оставам
Надињо со кумата Зилда и се враќам кај вас.
-Подобро би ти
било да останеш овде. Ќе треба некои работи да се направат.
-Можеби имате
право.
Корока слегуваше
по лизгавото степениште едвај одржувајќи рамнотежа, а Бернарда тргна узбрдо. Еди и’ доаѓаше во пресрет:
-Да ти помогнам.
Дај ми го малиот. Мама те чека.
-Не треба. А ти
кај си пошол?
-Одам да го
оседлам магарето, тато е на „Аталаја“ и нема ппоим што се случува, морам да му
јавам.
Слушнаа тресок на
бараката што се сруши. Застана, обидувајќи се да разузнаат нешто во мракот,
ветерот сечеше како брич. Еди сјури низ падината:
-Морам да летам!
Бернарда продолжи
да се качува; детето кенкаше.
Од правец на верандата се издвои Зилдината фигура, се упати итро кон Бернарда,
ги рашири рацете и го прифати детето:
-Дај ми го моето
дете.
Тек тогаш, кога
се смести во кумовата куќа, Бернарда се стресе од страв од поплава, страв од
смрт. Уште полошо: се уплаши
од добрината, од одрекувањето на животот. Убаво Корока ја предупредуваше: кога проститутка ќе донесе дете на свет,
едно од нив две мора да биде спремно на страдање. Или детето, кое расте среде
блуд и разузданост на куплерајот, или мајката, располутена надве, со срцето вон
градите.
12.
Збиднувањата,
крупни и ситни, сите подеднакво важни, се одвиваа истовремено со неописива
брзина, онака како што се разлеваа водите и надоаѓаа, прикривајќи ја целата
долина и падините на ридовите. Ова единствено може да се мери со море – рече стариот
Жерино, кој никогаш морето не говидел, но знаеше дека е бескрајно.
Напуштајќи ги
своите живеалишта пред бесните надоаѓања на реката која се беше излеала од
коритото, мештаните востановија дека водата веќ им допира до половина
потколеници, па до колена, но не стигнаа ни да се зачудат затоа што водата
продолжи да се искачува кон бутовите, па преоѓаше преку појасот, за да стигне
до градите, а на најниските лица и до брада. Највисокиот водостој е измерен
утрото, при неодредена светлост, како денот да се двоумеше да се раздени: водата допираше до Фадуловите гради.
Луѓето сед повлекуваа во брдата, се нишаа уз
камените скали до капетановата куќа.
Таа кошмарна ноќ
стравот за малку не прерасна во паника. Едвај го сопреа, па беше можно нешто да
се преземе пред водата да ја премавне просечната висина на возрасен човек. Како
избезумени, курвите шпартаа помеѓу ковачницата и дуќанот, на сиот глас ги
довикуваа Кастор и Фадул, а оние најслабите добиваа хистеричен напад и
објавуваа смак на светот. Другото население поита на ледината да гледа со очи
кои наскоро ќе ги проголта земја, страчарите на Магарешкиот пат исчезнуваа од
час во час. Матицата носеше колиби и бараки како гнило овошје кое паѓа од дрво.
Куќарките подигнати покрај брзата река, привремени скривалишта на луѓето кои
тука доаѓаа без намера да се задржуваат, само да извршат некоја работа што ја
наумиле – но тука пуштиле корења – и нив ги снема. Одолеаја само зградите од
тврда градба – од камен, вар и цигла; обиколени со вода која надоаѓаше низ прозорците и вратите, исфрлувајќи ги
домаќините надвор.
Отрпнати на
страв, одважни и фалбаџии, навикнати да живеат заедно со дивите ѕверки и со
змиите отровници, да предизвикуваат смрт на патиштата кои вријат од заседи,
разбојници, револвераши, наеднаш се најдоа загрозени од виша сила, разбеснети
води кои рушат куќи, носат животни, со луња која што корне дрва и ги крева во
воздух – и не знаеја како да и’ се спротивстават, беа разоружани, немоќни.
Огненото оружје – пиштоли, пушки, карабинки, како и ладното оружје – бодежи и ками – не
вредеја ниту пребиена пара, беше потребна поинаква храброст.
Унеѕверени,
колебливи, обесхрабрени, се тискаа околу Фадул, не знаејќи што да прават. А,
имаше што да се прави, под услов да се соочат со ноовонастанатите прилики и да
се согледаат последиците:
доволно беше само да се осврнат околу себе, следејќи го заповедничкиот Турчинов
став, кој стоеше пред нив со испружена рака. Фадул не се стеснуваше: штотуку му ја „скреса“ на Господ
вистината в лице и беше подготвен на се’, па кај ќе пукне нека пукне.
Најпрво го
поврати својот помошник Дурвалин и го стави в ред: тој драгуљ
за малце не ја загуби главата и не се обрука. Кога ги здогледа работите на
г-дин Сисеро Моура што ги носеше водата, сиот пребледе и почна да се тресе. Со
ококорени очи, покажувајќи со прст на кошулата и пантоланите, почна да плаче
како новороденче, со јасни симптоми на нервен напад, како курвите да не беа
доволни. Под итно требаше да се отстрани тој лош пример, за останатите да не почнат
да го имитираат, па да настане општа паника. Фадул не губеше време со „нагваждања“
и совети, та пристапи кон еден испробан лек: со сета сила ја прилепи својата рака на увото на
оној шљам и почна да му вика:
-Држ’ се слабаку!
No comments:
Post a Comment