Saturday, August 6, 2016

Никола Киров Мајски: БИТКАТА НА МЕЧКИН КАМЕН

Сражението кај Мечкин Камен започна во 10 часот претпладне и траеше до вечерта. Во него земаа учество оклу 370 души бојци под главно командување на легендарниот војвода Питу Гулев. Одредот на Питу се делеше на 9 групи, а имено: една група под шефовство на војводата, а другите под тоа на следните селски милициони војводи: Ангеле Тасев од с. Света, Корун Блажев од с. Свето-Митрани, Ангеле Танушев од с. Бела Црква, Нове Јанкулов од с. Обршани, Нечо Трифунов и Тале Толев од с. Иваневци, Блаже Крстев од с. Бирино и Милан Ѓорлука с. Кривогаштани. Секретар на одредот беше Крсту Божинов, а негов помошник – Ставре Косте Андрееевски. Знаменосецот Георги Димов ги имаше за свои помошници Ванчу Томов (Оана) од Крушево и Нове Смугрев од с. Обршани.
Војводите Блаже Крстев со 40 души и Милан Ѓорлука со 120 души кривогавци имаа за задача да ја пресретнат настапувачките војски од кај с. Бирино – Трстеник: останатите војводи требаше да го пазат патот на Журечко – острилечкиот проод.
Кога Питу демонстративно го напушти заседанието на војводскиот совет и отиде со својата група кај одредот, веќе беа започнати битките на „Којов трн“, на „Кале“ и на „Св. Спас“. При с. Бирино, Блаже и Ѓорлука биле нападнати од многубројна војска и башибозук и биле принудени да се повлечат кон Црни врв, за да се присоединат кон Питуовиот одред; истото го направил и Нове Јанкулов, кој бил нападнат кај Острилешкото земјиште, а Нечо Трифунов, под притисок на силниот непријател, ги напуштил позициите при с. Журче и се установил кај манастирот Св. Атанас, арно ама непријателот не му дал можност да се окопити и го принудил да се дрпне уште погоре, каде што исто така се присоединил кон Питуовиот одред.
Питу се сретнал со групите што се прибирале накај него на месноста Мечкин Камен и наредил да се заземат згодни места из скалестото плато, кое во тој момент го оценил како најпогодна стратешка позиција. Таму војводата одржал пламена реч, ги потсетил другарите на дадената клетва и им препорачал да го запазат спокојството на духот, кое е најважен услов за продолжителност на бојот, те да стрелат само во нужда и само в месо, што пак е најважен предуслов најскапо да ја продадат својата крв и живот. Знаменосецот го раздиплил црвеното копринено знаме и го забил во земјата до себе си; крај него застанале двајцата помошници-знаменосци. После ова, сите се избакнале и зазеле погодни позиции. На средината залегнал војводата, а коњот си го врзал за едно дрво.
Турците бавно и систематично напредувале кон востаничките позиции од три страни – од кај Бирино, Журче и Острилци. Пред аскерот врвеле башибозучките команди. Последниве, штом го забележале знамето, започнале да викат „ура“, за да помислат востаниците дека им идат на помош другари од други реони, зашто другари не се пречекуваат со куршуми. Востаниците не подлегнале на таа уловка и спокојно го пречекувале нивното приближување, за да ги поздрават како врагови на Родината. Кога башибозуците достаточно се приближиле и се чула наредба да залегнат, Питу грмнал со малихерата. Тоа било знак за почнување на стрелбата. Вистаниците нанишаниле и го испукале првиот плотун. Ефикасниот оган ги смутил башибозузуците и тие почнат непоспокојно да се растекуваат и заземат позиции. Востаниците со вториот и третиот плотун ги смушиле уште повеќе, но и ги исплашиле и ги расколебале во нивната сила, поради што некои од нив удриле во бегство. Кога аскерот стасал на бојното поле, затекнала хаос среде башибозучките редови, меѓу кои се тркалале многу трупови на мртви и ранети. И додека војската и башибозукот ги отстапувале местата, востаниците спокојно им нанесувале порази та им го убивале куражот за борба. Првите успеси со крајна мерка ги окуражиле македонските бојци и со песни продолжила битката со многубројниот аскер. Смутот и стравот на башибозуците повлијаеле и на духот на војската од чиишто први редови почнало повлекување. Војводата восхитен од победничката борба, се исправил простум за да стрела по отстапувачкиот непријател. Еден куршум го откинал магацинот на неговата пушка, но тој не очајувал – се послужил со револверот маузер, додека не се снабдил со пушка од еден паднат другар. Аскерската трубата многу често свирела за атак, војската се втурнувала во нов „уџум“, но сепак била отфрлана назад. Чак вечерта околу 7 часот бојците забележале дека ќе бидат опколени од зад тилот, па се разбрало дека положбата е неодржливо и безнадежно. Сега веќе востаниците се бореле не за своето спасение, ами за што поскапо продавање на својот живот. Бојот бил ужасен и крвопролителен. Настапувачкиот непријател се приближил на 5-10 метра растојание. Кај чешмата паднал отепан знаменосецот. Веднага го заменил помошникот Нове Смугрев, кој исто паднал убиен со знамето в рака. Куршум ги пронижал градите на војводата. „Не бојте се“ извикал Питу „и продолжете со битката. Приберета ми ја пушката“. „А кој ќе ги прибере нашите?“ - запрашал еден од другарите. „Македонија“ – одговорил друг... Бојот продолжил со невидена жестокост и јарост. Кога Турците се приближиле на 2-3 метра растојание, востаниците инстиктивно искочиле и се втурнале напред, ама не со „ура“, туку со еден нечовечки рев и не на нож, ами на безумна саморасправа. Во еден миг, сразот се претворил во бој со голи раце: удари со кундаци, со ножеви и ками, удари со ранци и патрондаши, со матарки и појаси-упртачи, давење за гуша, гребење со нокти, гризење по лице и раце, борење во прашината, смачкување до изнемоштеност... борба на живот и смрт... Војската и востаниците така се изгужвале, што не се знаело всушност кој кого победува. Само се слушало р’жење, офкање, пиштење и пцуење на бугарски и турски. Пукотницата била сопрена, меѓутоа настапил целосен хаос...


No comments:

Post a Comment