II
ФИХТЕ
Откривањето на апсолутното
Јас
...Како е можна
слободната воља?
Кога непосредното
видување се разбира, тогаш во нашето Јаство се гледа „пра-нагонот“, којшто се
диференцира во природен и чист нагон, а последниов се артикулира како „обичаен
нагон“, како „апсолутна тенденција кон апсолутот“, „кон самодејност за воља на
самодејноста“. Во животот затекнуваме – ќе рече Фихте – „одредена дејност и
слобода како каузалитет којшто нема каузалитет... Верувам дека секој тоа го
нарекува нагон“. Оваа тенденција
натаму се опишува како тежнеење кон самодејност, независност и самостојност, на
што е упатено умното битие, кое се’ што треба да биде мора „само да го
произведе“. Гарантот за вистинитоста на тие свои чинови ги има во совеста: „Единствено од совеста потекнува
вистината. Она што нејзе и’ противречи, како и на можноста ем одлучноста таа да
се слуша, сигурно е погрешно и за тоа не е возможно никакво уверување“.
Овој последен
збор ја оддава тајната на целокупната Фихтеова дедукција: таа на крајот се сведува уверување, на вера дека
тоа е така. Слободата, самосталноста, самодејноста и моралноста се ствар на
сакање, зашто само ако сакам да бидам слободен, самостоен, ...ќе држам дека тоа
и сум.
Од „разбирачкото
гледање“ натаму се увидува дека ние себе се затекнуваме како некој кој нешто треба да
сака, доколку пожелува тоа да биде, како и дека сакањето да се делува е наша
главна одредница. Резимирајќи ја главната содржина на „дедукцијата“ Фихте вели:
„Умното битие,
посматрано како такво, е апсолутно, самостојно, тоа е напросто разлог сам за
себе. Исконски, без своето делување, тое едноставно е ништо: она што човекот треба да постане, тој тоа
треба да го стори сам, преку своето сопствено чинење“.
Чуму се кажува
дека уверувањето за слободна дејност е извор на целокупниот вистински реалитет.
Каде затекнуваме способност за таква слободна дејност и гаранција дека таа
способност ќе се упразнува?
Видовме дека Фихте
поаѓа од „пра-нагонот“, кого тој уште го одредува и како „природна форма на
слободата“. Патот до нејзината обичајна форма води преку природниот нагон,
којшто изгледа не и’ прави големи потешкотии. Уште повеќе, односот помеѓу
нагонот и слободата (на оваа точка Фихте почнува на големо да се разликува од
Кант) е така востановен што едното со другото не само што не се исклучуваат,
ами преку нивното истовремено постоење допрва се ствара простор за слободно
делување. „Јас навистина го следам нагонот, ама сепак со мисла и дека не би можел
да го следам. Само под тој услов исполувањето на мојата сила станува делување; само под овој услов е можна самосвест и свест воопшто“. Потајната мала престаблирана
хармонија меѓу чулноста и духовноста веќе се наѕира овде. Таа ништо помалку не
се наѕира и во натамошниот говор околу односот меѓу слободното делување и
законот. Делувањето е делатност во слобода, која е река без брегови, се’ додека
не се постави вистински закон. Затоа што слободата може да се мисли само „под
закон“. И додека Кант овој однос го земал како однос на два релати кои заемно, смислено
или онтички, се имплицираат, Фихте слободата и законот ги зема како едно.
„Слободата следи од законот толку малку колку што законот што следи од
слободата. Не се тоа две мисли од кои едната би била мислена како независна од
другата, него тоа е Една та иста мисла“. Ако низ слободата проговорува
апсолутното Јас, ако е таа индивидуализирање на апсолутното сакање, ако низ
законот проговорува апсолутното знаење, а да се сака и да се знае се функции на
умното битие, на Јаството, та ако се тие Едно, тогаш во тоа битие мора да
постои и некаква инстанца која што ја гарантира витинитоста и делотворноста на
Едното. Фихте мисли дека во поимот на умното битие и се наоѓа таквата инстанца: тоа е совеста, оти во неа „субјектот на
свеста и принципот на делотворност се Едно“. Совеста е гарант не само на
моралната вистина (уверувањето) туку и на секоја друга вистина. Зашто, кога
Фихте вели дека „Она што ги исклучува сите прашања за некоја виша причина е тоа
што ние сме НИЕ; ести Јаството во нас“, тогаш
најдлабоката длабочина на тоа Јаство го прави токму совеста. Таа ќе ја толкува
онаа длабочина и како Бог и како „морален поредок на светот“, а гласот на
совеста како глас на Бога...
Било како било,
извесно е дека Фихте мисли оти по совест може да осознава само поединецот. И
тука Фихте конечно се одвојува од Кант. Имено, Фихте меѓу првите му приговорил
на Кантовото морално учење поради божемниот формализам на моралниот закон.
Вистина, тој ја задржал општоважноста на моралниот закон (она како), додека материјата на законот (она
што) ја претворил во работа на
поединецот. До она што е добро за поединецот не се стигнува – мисли Фихте – со
употреба на Кантовите формулации и преку категоричкиот императив. Посредувањето
помеѓу универзалниот закон и индивидуалната максима не може да биде некој вид
на правничко просудување, демек од теоретска природа; моралното не е нешто во што сите треба да се
уверат, туку тоа според совеста може да го знае само поединецот.
Најчесто
наведуваната Кантова формулација на категорички императив – онаа од Критиката на практичниот ум – во
Фихтеовите очи е недоволна баш затоа што не го содржи она Што на мојата/твојата максима, а таа би требало да биде принцип на
општото законодавство. Содржински празна останува, демек, и мојата максима и
принципот на општото законодавство. Фихте смета дека тоа е зашто Кантовата
формула и не од конститутивна, туку од хеуристичка природа; со неа може да само се тестира
исправноста на веќе преземеното дејствие. Таа и не може да биде принцип,
бидејќи всушност е заклучок од „вистиниот принцип, од заповедта на апсолутната
самостојност на умот“. Кај Кант дошло до своевидна инверзија: не може нешто да биде принцип на мојата
максима затоа што е принцип на општото законодавство, туку обратно, на општото
законодавство мора да му претходи правило на мојата воља. Фихте како да го
коригира Канта во негово име: „Просудувањето поаѓа апсолутно од мене, како што е тоа јасно и во
Кантовата поставка, оти кој пак ќе просудува дали нешто може да биде принцип на
општото законодвство? Природно – самиот јас. А според кои принципи? Естествено,
според оние кои лежат во во мојот сопствен ум“. Во име на ваквото уверување,
Фихте го преформулирал категоричкиот императив во правец на едно засновање на
моралот при кое принципот на општото законодавство го заменува принципот на
„индувудуална заповест на поединецот“, што ќе рече принципот на совеста на
поединецот. Во таа смисла, принципот на индивидуалната совест е инаугуриран во
врховен авторитет. Две нови формулации на категоричкиот императив треба посебно
да се истакнат, како би можеле да ја изречеме „конечната“ реч за Фихтеовото
морално учење: „Работи така
што максимата на твојата воља можеш за себе да си ја мислиш како вечен закон“ и: „Работи
секогаш според најдоброто уверување за својата должност“ или пак „работи според својата совест“.
No comments:
Post a Comment