I БИОГРАФИЈА И ДЕЛО
Биографија: Анселмо е роден
1033 г. во Аоста, алпска долина во бургундско-ломбардиското погранично
подрачје. Неговиот татко Гундулф и мајка Ерменберга биле од старото
благородништво. Судирајќи се со татка си, го напуштил родниот крај, со години
живеел номадски во Франција, се’ додека 1060 г. не станал монах и ученик на
опатот Ланфранк во бенедиктинскиот манастир Бек (во Нормандија). Годината 1063 станал
станал приор, 1078 опат на тој манастир, а 1093 кантербериски надбискуп. Во
текот на својата борба за правата на црквата со кралевите Вилијам II и Хенри I двапати морал да
оди в егзил, живеел во Рим, Лион и на други места, се’ додека, по окончување на
спорот, не уследило неговото враќање во Кантербери (1106), каде умрел 1109 г.
во 75 година од животот. Покажал подеднаква велична во својата побожност како
монах, во храбрата одбрана на црковните права како црковен поглавар, како и во
изворноста, длабочината и јаснотијата како мислител.
Дело: Претежно
настанало во текот на неговиот живот во манастирот Бек. Тие списи расправаат за
Бога (Монологион, Прослогион), за Господ и Човекот (De
veritate, De libero arbitrio, De casu diaboli). Како надбискуп, размислувал за големите догматски
прашања (во борбата со Roscelin: De fide trinitatis
1093, по повод синодот во
Бари со Грците: De processione Spiritus Sancti, во егзил: Cur deus
homo и De conceptu verginali et originali peccato, најсетне последните години пред смрт: за складот меѓу
предестинацијата и слободната воља).
Ситуација на времето: Грото луѓе во
Европа тогаш живеела по селата, препречувани од граници кои ги наметнувала
природата, прометот бил беден, а отсуствувало образование. Влијанието на
западњачката католичка црка на таа маса било благотворно. Благодарение на
монашките редови, таа ја средувала, и’ удирала печат. Црквата имала надсветовен
карактер. Со релативно малубројни истакнати претставници, таа поседувала
величествено единство во јазикот (латински), знаење и вера. Додека простиот
човек никогаш не излегувал од својот најтесен роднокрај, ниту можел да види
нешто подалеку, монашките редови воделе необично бурен живот, којшто ги водел
преку други земји. Човек ала Анселмо
можел да се роди в Италија, да стане монах во Франција и кантербериски
надбискуп во Англија.
Норманите,
носителите на францускиот начин на живот и јазик, прешле 1066 г. во Англија и
опфаќајќи ја Нормандија и Англија, основале држава која под Вилијам
Освојувачот, била поцврста, помоќна и поединствена од било која друга политичка
творба од тоа доба. Тоа бил варварски народ, енергичен и свиреп. Неговите
великани не знаеле да читаат и пишуваат, заедно со целото население, биле приврзани
на црквата. Само духовниците го познавале преданието и учењето, тоа биле луѓе
кои го организирале и усмерувале општеството. Освојувачите ја одзеле целата
земја од сопствениците и поставиле нормански благородници како нова властела.
Ова благородништво говорело француски, духовниците пишувале латински, а народот
зборувал на презрениот јазик на потлачените, од кој подоцна ќе настане
англискиот.
II. АНСЕЛМОВАТА ОСНОВНА ФИЛОЗОФСКА МИСЛА
а) Излагање
на мислата. –Глупаците кажуваат: Бог не е. Верниците веруваат дека Тој е. Дали чистата мисла –
непоматена со глупост и без верска покорност – кадра да стекне извесност за
божјето бивство? Да, вели Анселмо и ја изведува оваа мисловна операција:
Мислам: Бог е битие над
кое не може да се замисли некое поголемо (quo maius
cogitari non potest).
А, ако глупакот
вели: Бог не е, затоа што мислата за најголемото е само уште една мисла во
разумот; неговата содржина не е стварност (затоа што и тој е замислен) – тогаш
треба вака да се одговори:
Всушност, секаде
во светот тоа е двоструко: или може да се биде во разумот или во стварноста.
Така, сликарот уште не ја направил сликата чија што замисла ја има. Но, поинаку
е во мислата за Бога. Глупакот мора да признае дека, барем во мислата, постои
ствар доволно велика, што ништо поголемо не може да се замисли...
б) Интерпретација: Анселмовата основна мисла не е никаков
математички пресметковен пример со категоријата кванитет. Одвоена, таа можно е
погрешно да се земе како доказ во однос на некој предмет којшто се „докучува“,
како на пример невидливата половина на Месечината; тогаш, таквиот доказ веднаш се оповргнува,
бидејќи нема никаква возможна потврда во искуството. Поради тоа што Анслемовата
мисла во оваа смисла е беспредметна, таа може да делува како логички трик чија
„смицалица“ вреди да се проѕре. Против ваквото неразбирање на тоа за што стаува
збор кај Анселмо, треба да се брани со земање на сите околности, кои допрва ја
разјаснуваат смислата на таа мисла.
1. Мир на внатрешноста, не мистика: Анселмо го
почнува излагањето на својата мисла со барањето да се влезе во мир на
внатрешноста; избегнувај го она со што се бавиш – отфрли ги грижите кои те оптоваруваат
и остави ги своите макотрпни скршнувања – сокриј се од своите збркани мисли –
ослободи се за Бога и отпочини си во Него – влези во одајата на својот дух,
исклучи се’ - со искучок на Бога и, покрај затворните врати, прашај за Него.
Тоа е повеќе
отколку барање за пуко внимание,
повеќе упатство за самоспокоен мисловен труд. Со најдлабока концентрација, во
потајност, со свртен грб кон светот, животот и скрбта, се укажува на патот на
кој нема Ништо, освен што може да се праша за Господ и да се стекне сопствена
извесност за Него.
Ако ги споредиме
упатствата на мистиците, пресудната разлика е во тоа што Анселмо не прави
никаква подготовка за некоја техника на медитација, нема степени на медитирање,
целта не се визии, не се екстази. Станува збор за чисто мислење. Не е во
прашање некое патетично доживување, ниту опиеност со чувства, ами за трезвена, макар
што заводлива јаснотија во поглед на она што е единствено важно.
2. Она што се осознава и празната мисла: Анселмо бил свесен што е тука мислење,
вистинско мислење, наспроти обичното рационално, празно мислење, кога рекол: „Поинаку се
замислува некој ствар ако се замисли гласот која неа ја означува, а друкчие ако самата ствар се увиди со
очи.“...
в) Историја
на Анселмовата основна мисла. –Во личноста на Анселмо наново се раѓа
западњачката филозофија. Тој стои како Парменид, на почетокот. Ама повесната
разлика помеѓу нив е следнава: неспречуван од историско-верски претпоставки,
Парменид одма предизвикал големо движење во филозофирањето; додека Анселмо,
врзан за својата црковна религија, не ги дозрел консеквенциите на сопственото
мисловно дело. Правиот филозофски импулс воопшто не делувал благодарејќи на
него. Го преплавила буица на од специфично верско мислење, која раснела со
векови.
Анселмовото
уверување во стварноста божја, веќе никогаш не можело да се повтори на ист
начин, но можел да се повтори во нешто ново, изворно. Анселмо е се’ до денес,
убедлив само за со-мисловен читател на неговиот текст, а не во гол рационален
облик, искорнат од целината. Така Анселмовата основна мисла е претворена во
прост рационален доказ, со којшто Бог, како предмет, конечно доспеал во сферата
на дефинитивно сознавање. Во таква форма (при што се’ уште се чувствуваат
остатоците на Анселмовата супстанција), него го потврдиле Бонавентура, Данс
Скот, Декарт, Лајбниц, Хегел, а го отфрлиле Тома Аквински, Кант.
No comments:
Post a Comment