Thursday, September 8, 2016

Владимир Јовановски: ПРВА ПЕТОЛЕТКА

Македонската транзиција од Падот на Берлинскиот ѕид до приемот во ООН
(или попрецизно: Македонија во печатот од времето на последната југословенска влада до воспоставувањето дипломатски односи со САД)

1991 – Кулминација
...Што се случува во Македонија, додека европјаните ја подготвуваат блиц-дипломатијата контра блиц-кригот на Милошевиќ? Ова е веќе доволно познато поглавје од нашата најнова историја. Летото и есента ’91 се во знак на референдумот за независност и донесувањето на првиот Устав на самостојна Македонија. Домашното јавно мислење се менува во сообразност со пресвртните настани ширум умирачката Југославија. Според испитувањата на јавното мнение во почетокот на 1991, 62% граѓани биле за федерација, 24% за конфедерација и само 11% за самостојна држава. Веќе напролет, опцијата „конфедерација“ добила поддршка од две третини граѓани, за разлика од опцијата „федерација“, која паднала на 30%. Додека во сондажата на „Нова Македонија“ две-три седмици пред референдумот на 8 септември, дури 84% се изјасниле дека ќе „гласаат за самостојна и суверена Македонија, со право да стапи во иден сојуз на држави“.
Референдумот ја потврди големата поддршка за македонското осамостојување, но резултатите потфрлија кај излезноста. Таа беше едвај 70%, а причината за нискиот одзив беше бојкотот на Албанците. Дел од причините, кои беа наведени за таквиот чекор ги наведовме погоре (укинувањето на албанските паралелки во средното образование; „диференцијацијата против иредентистите“ итн.). Како повод за бојкотот се споменува смртта на еден Албанец во просториите на МВР, ден пред 8-ми септември. Без оглед на сенката што ја фрли албанскиот бојкот, Македонија е воодушевена и пресреќна поради успешниот референдум. Од многумина тој го добива епитетот Нов Илинден, по Крушевскиот ‘903-та и Прохор-Пчинскиот ’44-та. И покрај тоа што се јавуваат интелектуалци кои го негираат таквиот каректер на плебисцитот – немал „ни елементарни квалификации да биде квалификуван како Трет Илинден“. Ние, кои бевме на Плоштадот Македонија, вечно ќе го паметиме величествениот миг кога претседателот Глигоров објави дека референдумот е успешен, по што пукна тапата на шампањското вино „Фрушкогорски бисер“.
По тие радосни моменти, продолжи македонскиот ‘од по пеколот на осамостојувањето. На 29 септември, Бугарија го дематира пишувањето на неделникот „Пулс“ дека извршила групирање на своите оклопни единици кон границата со Македонија. Официјална Софија соопштува дека итно ги свикала воените претставници на Грција и Југославија да извршат инспекција на пограничниот појас и да се уверат дека бугарската војска не се подготвува да ја анектира РМ. Премиерот Димитар Попов изјавува дека Бугарија не сака на ниеден начин да ја искористи сложената ситуација во СФРЈ и дека „искрено сака да биде почитувана вољата на народот во Македонија“.
Со тоа се намалени стравувањата од евентуален удар од исток, но многу поголема грижа создава можниот атак од север. Во бројот 37 од 3. октормври ’91, „Пулс“ објавува транскрипт од видео-касета со разговор на извесен Драгиша Вукчевиќ, наводен предводник на четнички одред „Павле Ѓуричиќ“. Содржината на интервјуто со тој човек, кој дотогаш бил директор на фирма „Слога“ од Пришина, е навистина заканувачка. Четникот Ѓуричиќ имено рекол: „...Денес некои Македонци сакаат некаква самобитност и самостојност, а тоа е непостоечки народ. Затоа треба ‘лепо’ да седнат Грција, Србија и Бугарија, што е и планирано, за да се подели Македонија. Се знае чие е Куманово и каде се српските територии“, кажал овој ултра-националист, додавајќи дека борби во Македонија не се очекувале, бидејќи ќе биде освоена за еден ден.
Исти или слични размислувања за Македонија изнесува и командантот на Книнскиот корпус на ЈНА Шпиро Никовиќ, инаку претходник на таа позиција на Ратко Младиќ. Тој јавно побарал „ослободување на Југославија од македонскиот баласт“ за потоа Србите да гледале сеир кога соседите ќе ја освојуваат...


(изд. Календар – Јован Владимир 2009 г.)

No comments:

Post a Comment