Thursday, December 22, 2016

ВАЛТЕР БЕНЈАМИН: Московски дневник

1926
30. декември

Божиќната елка се уште стои во мојата соба. Малку по малку, јас успевам да ги средам звуците кои ме опкружуваат. Увертирата започнува во раното утро со воведение на неколку лајтмотиви: првин со чекорење по степеништето крај мојата соба кое води до приземјето. Најверојатно вработени доаѓаат на работа. Потоа телефонот во ходникот почнува да ѕвони и речиси и да не престанува до 1 или 2  по полноќ. Телефоните во Москва се исклучителни, далеку подобри од Берлин и Париз. Изискува само 3-4 секунди да воспоставиш контакт. Често чујам детски глас да зборува на телефонот. Слушајќи ги мноштово цифри, увото почнува да ги распознава руските броеви. Потем, доаѓа човек околу 9 и чука на врата, за да провери дали е затворен прозорскиот трап. Тоа е затоа што започнува греењето. Рајх остава малку простор за вентилација. Ова, заради големата загушливост што владее за време на ноќта. Греењето се изведува од подот, којшто како некое вулканско тло, има свои вруќи точки овде-онде. Додека сте се’ уште во кревет, вашето спање е прекинато од ритмички тапи удари, како да се чукаат некакви замашни шницли; тоа цепаат дрва во дворот. И покрај тоа, мојата соба одишува со спокојство. Никогаш не сум живеел во соба во која е толку лесно да се работи.
-Неколку нотки околу руската ситуација. Во конверзација со Рајх, јас инсистирав на тоа колку контрадикторна е тековната состојбата во која се наоѓа Русија. Во својата надворешна политика, владата се залага за мир се’ со цел да склучи трговски договори со империјалистичките држави; меѓутоа на домашната сцена, таа првенствено се бори да го потисне милитантниот комунизам, за да воведе доба ослободено од класни борби, те да го деполитизира животот на своите граѓани што е можно повеќе. Од друга страна, руската младина е пуштена низ „револуционерна“ едукација од Пионерската организација до Комсомолот, што значи дека таа не се револуционира низ искуството, туку низ дискурс. Има обиди да се заустави динамиката на револуционерниот прогрес во животот на државата - ... со намера да се складира револуционерната енергија на младината како што се складира електричество во батерија. Не им поаѓа од рака. Гордоста комунистичка, за што постои и посебен збор на руски, мора да биде инсталирана кај припадниците на  младата генерација, кои често се и први кои добиле нешто повеќе од шкарт-образование. Екстраординарните проблеми во реставрацијата на нормалноста се исто доста присутни во образованието. Во обид а се справи со катастрофалниот недостиг од наобразба, со декрет е наредено ширење на руските и западноевропските класици. (Парентетички, ова е причината зошто толку важност и’ се придава на Мејерхолдовата адаптација на Општ инспектор и на нејзиниот неуспех.) Може да сфатите колку е овој декрет важен од податокот дека, во дебатата со Рајх околу Шекспир, Лебедински велеше оти живеел пред постоењето на печатница. Од друга страна: навлегувањето на буржоаските вредности се поклопи со екстремната фаза на опаѓање на буржоаското општество. ... Овие вредности, како прециозна чаша, ќе мора да бидат подложени на долга „влеча“ и нема да го издржат патувањето ако не се добро спакувани. Пакувањето треба да се направи да биде невидливо, што пак е спротивно од Партиското официјално промовирање на популаризацијата на тие вредости. Поради сево ова, во Советска Русија популаризацијата на тие вредности изгледа бледо, извртено, за што на крајот од краиштата, заслужен е империјализмот. Човек од типот на Валцел е поставен за член на Академијата, а нејзиниот председател Коган пишува статија во Вечернаја Москва за западната литература во која прави арбитрарни и тотално игноратски конекции (Пруст и Бронен!), обидувајќи се да ги „информира“ читателите во врска со странската книжевност. Единствена културна сцена од Западот, за која Русија има доволно разбирање со кое човек може да аргументира, е онаа на Америка.
...


(Moscow Diary, author: Walter Benjamin, Source: October, vol. 35, Moscow Diary Winter, 1985; published by: The MIT Press; http://www.jstore. org/stable/778471)

No comments:

Post a Comment