Thursday, June 8, 2017

ЏОРЏИНА М. МЕКЕНЗИ – АДЕЛИНА ПОЛИНА ИРБИ: Патувања низ славјанските провинции на Европска Турција


Глава 11
ГРАДОТ НА ЈУСТИНИЈАН

...Попладнето запревме во Каплан-ан и додека бевме таму почувстуваме дека времето ќе се менува. Кираџиите предскажуваа дека утредента ќе има грмотевична бура. Повторно се упативме во тактараванот при што наредивме да ни ги оседлаат коњите и да ги водат покрај колата. Набргу, со намалувањето на горештината и смрачувањето, почнавме да стравуваме дека ќе задоцниме во Скопје, па го загубивме трпението од бавното движење на носилката. Слеговме и се најдовме среде пуста рамнина оградена од ниски ридови. Над нашите глави – сиво небо, пламнато од огнениот залез, а во далечината – крепоста на Скопје. Осетот на необична ладовина беше многу пријатен, ама уште поосвежително беше ослобoдyвањето на нашите измачени краци. Дотогаш ги штедевме коњите, поради бојазностa да не ги истоштиме, но близината на ноќниот стан и релативно лекиот терен беше оправдание за галопот што со го дозволивме. И така ние се одделивме и кон крајот на тој ден го завршивме нашето патешествие во далеку подобро расположение и далеку помалку изморени отколку што се чувствуваме при нашето тргнување од Велес.
Од прозорчето на тактараванот гледавме кон селото Таор, именувано од Хан како Таурезиум – родното место на императорот Јустинијан. После, кога пристигнавме во Скопје и удобно се настанивме во чистата куќа на еден Цинцар-трговец, ги извадивме книгите и проучивме се’ што успеавме да најдеме за императорот и неговото детство. Готите, кои од почеток до крај биле кумови на толку многу постигања и големи личности на славјаните, долго време биле сметани за сонародници на Јустинијан. Се сметало дека вистинското име му произлегува од готска дума. За среќа, филологијата помогна да се оповргне тоа тврдење. „Правда“ веќе не е потребно да се деформира за да влезе во калапот на Aufrichtig“ (искрен, отворен н.з.), а претставува вистински славјански еквивалент на името Јустинијан. Дури името на таткото на императорот – Исток сега се оддава на славјанскиот му происход. Љубопитно е совпаѓањето дека прочуениот император од славјанско потекло, во исто време е император познат по составувањето на кодекс од закони, а во раната историја на сите славјански народи царот – законодавец имал повисока репутација од царот – предводник во војна или завојувач. Дали тоа ќе биде бохемијанецот Крок или кралицата Либуша, полскиот Кракус, словачкиот Свјатополк, српскиот Душан или најблизу до нашите дни Петар Велики во Русија и Св. Петар – владиката на Црна Гора, восхитувањето е насочено предимно кон реформаторот и законодател, додека воинствениот карактер се остава во втор план.
Јустинијан покажал почит кон родното место и натерал да биде изградена заштитна стена во форма на квадрат со четири кули – еден вид на крепост наречена тетрапиргос. Исто така ги построил и востановил градовите и селата в областа и особено град Скопје. Откако го обновил и украсил, му го дал името Јустинијана Прима, а го направил и седиште на архиепископот на Илирија. Градот си останал архиепископски центар, додека Самуил – цар на Бугарија, ја востановил својата резиденција в Охрид и таму го префрлил архиепископскиот престол. Изгледа тогаш името Јустинијана Прима, кое било идентификувано со епархијата на архиепископот, било префрлено во новата престолнина. (Духовните поглавари на Охридската архиепископија се потпишувале како архиепископи на Јустинијана Прима и Охрид. Охрид е древната Лихнида.)
Прокопиј кажува дека е трудно да се опишат црквите, величествените куќи, колонадните сали, пазарите и фонтаните со кои било украсено Скопје во деновите на Јустинијана Прима. Со помош на аквадукт градот бил добро снабден со вода. Неговиот процут бил така солиден, што за долго време градот продолжил да биде една од најубавите и најбогатите населби во тој дел од светот. Во време на српската управа, тој процветал под името Скопје како слободен град со голем еже-годишен пазар. Обрасци од неговите монети можат да се видат во Белградскиот музеј.
Во 1347 г. во Скопје се одржал оној голем српски собор или парламент на којшто Стефан Душан бил прогласен за цар и бил донесен кодексот од закони кој го носи неговото име. Тука е издигнат во ранг на патријарх и архиепископот на Србија.
Како што последниот српски цар се заштитувал од Турците на Косово поле на север од Скопје, тој град станал еден од првите пленови на завојувателите. Даже некои преданија говорат дека градот се предал без борба, како честица од наследството на Крали Марко. Сигурно е дека в годината на битката на Косово поле, султан Бајазид испратил турски доселеници во Скопје, така што градот паднал под директна турска управа долго пред другите делови на српското царство. Погубното влијание на колонистите се одразило на Скопје, иако на почетокот бавно. Тие изградиле џамии. Еден патешественик го опишува през 1686 г. како се’ уште процветувачки град. Дури во минатиот век дубровничките и венецијанските трговци често го посетувале и нивните имиња се запишани врз колоните на главниот ан. Но, Дубровник веќе не е слободен, Скопје е бедно селиште во опаѓање, а жителите му боледуваат поради нездравите испарувања и непресушените блата. Уште потажна е судбата што го снашла Ново брдо, град на два дни пат северно од Скопје, чиишто монети исто ги видовме во Белград. Во деновите на српското царство, Ново брдо било прочуено со богатите сребрени рудници, а го нарекувале „мајка на градовите“. Мајор Зах, кој го посетил през 1858 г. затекол само 16 куќи, од кои само една христијанска и 15 муслимански. Муслиманите – потомци на азијатските доселеници, кажуваат дека некогаш градот имал 6 иљади куќи. Христијаните од своја страна, велат дека тоа е само половина од вистинскиот број. Една од причините за назадувањето можеби се крие во урнатините на една крепост, која до скоро била резиденција на наследен управител. Подобни управители биле необуздани албански главатари, кои во време на размириците в Турската империја ги замениле планините со грабежи по српските градови и на крајот и самите загинале во бунтовите против султанот.
Во Скопје го најдовме нашиот стан, приготвен во куќата на еден Цинцар-трговец, кој живееше во најпријатниот дел од градот, имено на бреговите на реката Вардар. Нашиот домаќин беше стар мрморко, кој ги „учуди“ своите услуги со исклучителна стиснатост, која што наспроти значителните му богатства, ја пројавуваше по однос на сопствената храна. На денот на заминувањето, еден помлад маж и убавичка млада жена со богат костум влегоа во градината. Се покажа дека тој ден е семејниот празник. Изгледаше дека младите се готови за разговор, ама присуството на срдитиот домовладика ни ги сврза јазиците.
Пословично нездравата клима во Скопје не тераше да страхуваме да не се разболеме од треска за време на нашиот престој. Овој пат промената на метео не спаси, макар што нашиот гаваз беше постојано нерасположен и имаше сивоплава боја на лицето. За да не се изложуваме на излишни ризици, бевме решиле да останеме само еден ден и потоа да минеме преку проходот Качаник за манастирот Грачаница и градот Приштина на Косово. Но, кајмакамот на Скопје ни прати порака да останеме два дни оти не може да не снабди со кола за патот до Грачаница. Го примивме неговото барање и решивме втората вечер да ја посветиме за посета на замокот.
Цитаделата на Скопје се издига врз ниска платформа од скали, кои ќе да биле укрепени во далечните времиња. Всушност ни кажаа дека не би требало да ни дозволат да влеземе во крепоста на коњи, но се плашеа дека ние тоа ќе го сториме секако, поради непознавањето на обичаите. Внатре крепоста наидовме на неколкумина жалосни на изглед турски артилеристи. Целото место изгледаше запуштено и тажно. Тука до неодамна живеел кајмакамот, арно ама сарајот му изгорел и тој се префрлил во градот. Поцрнетите карпи на напуштеното живеалиште воопшто не придонесуваа за красотијата на цитаделата.
Кога се искачивме по столбот, издлабен во стената кон назабениот крај, се насладувавме на необичната, макар што не баш убава глетка кон без-дрвната рамнина и ниските ридови.
На североисток, рамнината на Скопје се опира на ниска планинска верига нарекувана од Турците Карадаг, или Црна планина, а од славјаните – „Бугарска Црна гора“. Заптијата ни кажа дека тие возвишенија биле делумно населени од Албанци, а делумно од Бугари. На север лежат паралелните вериги на Шар планина. Во неа се изворите на река Вардар, која тече низ долината на Скопје. Дел од долината е засеана со оризишта, додека источната половина е заземена од блатното езеро, кое што - според Хан - е еден час долго и исто толку широко. Тоа може лесно да биде пресушено, меѓутоа не е. Скопје е жртва на заразни маларии. Од позицијата на цитаделата можевме да ги проследиме двата главни друма, или поточно патеки, кои што го пресекуваат градот. Оној по кој што патувавме води од Македонија за Стара Србија и Босна, а другиот од исток кон запад и минува низ еден проход во Шар планина за Призрен, поврзувајќи ја Тракија и Северна Бугарија со Албанија и Јадранското море.
Единствената лична градба која што ја забележавме беше една џамија со особено впечатливо минаре. Водачот ни рече дека таа е стара „400 години“, а тоа приближно беше и срокот откога муслиманите владејат со славјанските земји. Што значи дека или била изградена од првите завојуватели, или ако се каже дека била „повеќе од 400 години“ – дека потекнува уште од христијански времиња. „Во нашево доба не прават веќе убави џамии – додаде заптијата – освен мали, тажни, варосани постројки“.
Следниот ден посетивме едно славјанско училиште, при што нашиот домаќин не увери дека во градот нема ништо грчко. Во таа насока го гледавме грко-цинцарското влијание и тоа до самата точка на неговото исчезнување.
...

(Georgina Mackenzie and Adelina Paulina Irby: Travels in the Slavonic Provinces
of Turkey-in-Europe, 
1861 г.)

No comments:

Post a Comment