Tuesday, August 15, 2017

ПЕТАР ГЕОРГИЕВ МАНЏУКОВ: Предвесници на Бурата


СПОМЕНИ
Првите стапки

...И тој ни го раскажа следново:
След кога тргнал од железничката станица вкуќи, тој го затекнал сопругот на газдарицата, еден типичен француски коњанички офицер, какви што среќававме на секој чекор додека лутавме низ Лион, барајќи стан под кирија. Тој бил мошне  љубезен и разговорлив, иако Мерџанов не разбирал ништо од она што тој му зборувал и през целата вечера Слави само гу мрморел она Ер-големо, тоест молчел како сом. Изутрината тој си бил во кревет, кога мадам Шилте му го донела доручекот и го зпрашала нешто кое тој не го разбирал, на што тој од тепка одговорил со Нон. После тоа повторно го опитала; тој пак ништо не разбрал и одговорил Уи! И така таа прашувала, тој ништо не разбирал и насумице одговарал со Уи! Или со Нон – како ќе му светнело. Прашањата на мадам Шилте зачестиле, зачестил и Мерџанов со одговорите, при што им давал различна интонација, кога бременита, кога како во вид на прашања. Тој разговор на неразбирливи вопроси и случајни одговори продолжил неколку минути, се’ додека после едно неговор Нон – мадам Шилте не ја подигнала покривката и не се вгнездила во леглото. Мерџанов веднага научил француски, а мадам Шилте бугарски, така што понатамошниот муабет станал еднакво разбирли за обајцата; со обострана согласност, тие му туриле рогови на храбриот хусарски капетан месје Шилте. И Мерџанов веднаш го донесе заклучокот:
-Од ова следува дека, не само Рачо Петров, Матров, Савов и другите офицери од храбрата бугарска армија носат рогови. Сите офицери, од сите армии на земјината топка – сите се рогоносци!
Тој ден тие му набиле на мр. Шилте неколку чифта рогови. Следниот ден, откако му покажала некакво сино петно на своите гради, за што Мерџанов сфатил дека околу тоа петно станало збор меѓу месје и мадам Шилте, за што бил даден „удовлетворителен“ одговор, така што мр. Шилте се успокоил – и со тоа докажал дека заслужено си ги носи роговите што му биле клавани. За Мерџанов оваа положба најпрвин била интересна, после тоа забавна, за потем да стане вносна – бидејќи мадам Шилте, која била голем мајстор во кулинарството - го ставила истото за да ги поддржи неговите мажјачки потенции. А, тие потенции морало да се поддржуваат, затоа што мадам Шилте ги трошела на безумен начин; таа станувала од ден на ден се’ по-„расточителна“; изискувала постојано да му наденува рогови на мажот је; ноќем, кога сопругот заспивал, таа станувала од неговиот кревет и одела во леглото на Мерџанов; кога видела дека нејзиното кулинарско искуство е надостаточно да го поддржува вечниот оган, таа прибегнала кон литература специјализирана за возбудување: фотографии, гравури и лекарства, коишто Мерџанов ни ги прикажа пред да ги уништи. Таа не го пуштала сам да излезе одкуќи и излегувала заедно со него. Поради тоа, положението му станало тегобно, одвратно, дури и неиздржливо; неколку пати одел на железничката станица за да бега, но таа го стасувала, го молела да остане, плачела, припаѓала – и тој отстапувал и се враќал. Најсетне позицијата му станала толку неиздржлива, што тој решил по секоја цена да раскине со неа; тој отишол на гарата, а таа одма по него; после една бура од плачења, клетви, ридања и молби, тој си купил билет, се качил во вагонот и ја оставил на перонот в рацете на двајца железничари, целата облеана во солзи и падната во безсознание.
-Кому му држат препоните да иде на моето место во Лион? – заклучи Мерџанов.
Тоа беше во втората половина на месец септември 1898. Време беше да заминеме во Македонија и да влеземе во „соприкосновение“ со Д. Коштанов в Солун, а истото се однесуваше на сите оние кои се интересираа за ситуацијата во Македонија. Не можевме повеќе да го чекаме М. Герџиков, кој можеше и да не дојде. Решивме следниот ден да се приготвиме за пат и следниот ден да заминеме: Мерџанов за Солун при Д. Коштанов, а ние двајцата со Калчев за Скопје; на тој начин, во тие два центра на Македонија ќе има по две души. Нашата најбитна работа ќе биде да образуваме анархистички кружоци помеѓу учениците на Солунската бугарска гимназија и во Скопското бугарско педагошко училиште; потоа – новите услови ќе ни кажат што треба да правиме.
Следниот ден јас го подготвив куферот, ставив во него отпечатени примероци на весникот „Отм‘штение“ поставен во корици, за да изгледа како томови книги; него јас ќе го прошверцувам во Бугарија, а оттаму преку учениците по други места. Договорено беше да патуваме со различни возови и по малку поразлични рути: Мерџанов и Калчев по железницата преку Виена, Будимпешта, Белград и Софија; а јас преку Виена, Будимпешта, Сегедин, Темишвар, Оршова и оттаму преку Лом, Кутловица, Берковица до Софија; определивме и собирен пункт во кафичот „Жална Македонија“ в Пловдив, на плоштадот на „Џумајата“; оние кои ќе пристигнеа порано, ќе наминуваат во меаната неколку пати дневно до пристигнувањето на останатите. Јас го избрав патот преку Лом за да го избегнам царинскиот преглед и конфискувањето на весникот „Отм‘штение“, затоа што цариникот при „митницата“ В. Мулетаров од град Брацигово, беше мој соученик од Пловдив; се токмев при пристигањето во Лом, да му бидам гостин и да преноќам кај него, во царинарницата.

*          *          *
Другиот ден рано изутрина, заминав прв бидејќи мојот пат беше најбавен. После мене заминаа Мерџанов и Калчев. Царинскиот преглед на куферот во Салцбург при пристигнувањето во Австро-Унгарија мина благопријатно; како и сите патници што идеа од Женева, јас бев подложен на детален распит; после убиството на императорката Елизабета, австро-унгарската полиција беше станала многу сомнителна кон сите кои доаѓаа од Женева. Во Лом мојот куфер не беше прегледан и јас преноќив во царинарницата, во собата на пријателот – оценител.
Мојот вујко (владиката Натанаил Кучевишки, н.з.) беше мошне непријатно изненаден од моето пристигнување. Природно, според него, моето поведение беше необјасниво: едвај пред три месеци толку настојчиво го молев да ме прати да учам во Женева, а сега се враќам оттаму без да му јавам и без воопшто да се запишам на универзитет. Уште кога ме виде, ме запраша:
-Зошто си дошол?
-Најпрвин кажете „Добредојде“ па после зошто сум дошол – се мачев да направам шега; а вујко ми пак строго повтори:
-Пак те прашувам: зошто си дошол?
-Ќе заминам во Македонија да учителствувам.
Собраните намрштени веѓи на вујко ми се дигнаа.
-Дете, врати се во Женева! В’рни се и сврши хемија!
-А, зошто да не идам во Македонија?
-Врати се во Женева. Сврши го универзитетот, стани самостоен човек – и потем врви каде што ќе пожелуваш, прави што сакаш. Кога ќе свршиш, ти ќе станеш самостален, полезен, баран човек, ти ќе бидеш релативно слободен оти нема да си тежина никому; а сега каков што си, зависиш од секого, па ќе станеш роб. Врати се во Женева!
-Но, ако не одам јас, ако не иде никој друг, ако не оди никој во Македонија – тогаш кој ќе ја извојува слободата на нашиот народ?
-Ти како си мислиш, а? – ако студираш неколку години – ќе задоцниш ли, што ли? Да не ги мериш животите на народите со должината на твојот живот? Ех, дете! Слободата е плод како секој плод; за да узрее, освен светлината, топлината и другите сили кои дејствуваат врз него, треба и време. Времето е тоа кое ги регулира силите; ако тие сили дејствуваат пократко одошто е потребно, плодот ќе се исуши, оти ќе изгори. Времето е најважниот од факторите. Ако е дошло време нашиот народ да се ослободи, тој ќе се ослободи и без тебе; ама ако не се созреани условите за неговата слобода, не ти, не 300, не 3.000, не 30.000 ами 300.000 души пак нема многу да направите за ослобдувањето на нашиот народ. Врати се во Женева!
-Значи вие сакате да ме убедите дека лозјето сака молитва, не мотика? Јас мислам дека е токму обратното.
-Не, туку сакам да го кажам токму она што е кажано од Соломон во Еклезиаст: има место, време и срок за секоја работа под сонцето; време за тага и време за радост, време за плач и време за смеа; време за рушење и време за градење; не бива да се радуваш кога е време за тага, или да плачеш кога е време за веселба; ниту пак да уриваш кога е време за градење. Но, ти си уште многу млад за да го разбереш ова што ти го кажувам. Јас знам мошне добро дека опитот и мудроста на старите не се во состојание да им користат на младите.
И така секој си остана на своите позиции.
Следниот ден во „Жална Македонија“ ги најдов Јордан Калчев и Слави Мерџанов, кои седеа на една маса со еден друг господин, 26-27 годишен, со широк плеќи, со јадро и мургаво лице, со црни мустаќи и црна, скоро бричена брада. Ме запознаа со него: Гоце Делчев.

*          *          *
Јас го имав видувано и порано тој господин. Пред 4 години, през месец септември 1894 година – истиот ден кога стапив во военото училиште како јункер во подготвителниот клас – јас се качував по скалите на северното крило на училишното здание, за да одам во интендантура и да земам алишта, за да ме облечат; од горе по скалите слегува тројца луѓе, од кои едниот јункер, а другите двајца – цивили; Оној во јункерската униформа ми беше доста познат: тоа беше Борис Ст. Дрангов, мој далечен роднина родом од гр. Скопје. Слегувачите и јас се разминавме – тие слегоа долу, а јас се качив горе. Малку потоа, Б. Дрангов дојде да ме види на што личам во јункерска униформа; од него дознав дека оние двајцата, кои тој ги испратил до оградата на училишниот двор, беа Гоце Делчев од Кукуш и Мише Развигоров од Штип. Пред две години, тие завршиле трети клас во школата и поради некакви демонстрации кои ги направиле за Нова година, кога се произведуват млади потпоручници, тројцава биле под казна испратени да служат во полковите како прости војници; Борис Дрангов ја издржал казната како војник на третиот коњанички полк во Пловдив, а другите двајца – во други полкови; сега веќе си ја отслужиле казната и се вратиле на воената школа за да бидат произведени како потпоручници. Дрангов останал, а Делчев и Развигоров откажале да станат офицери, облекле цивилки и го напуштиле училиштето. Јас ги бев сретнал баш кога си заминуваа накај своите домови.
Виничката афера пред турската управа разоткри дека во Македонија населението се организира и вооружува за да востане против турската власт. Поради таа афера паднаа под полициски надзор, а потоа и беа осудени, многу селани и неколку души учители: Григор Манасиев, Голомеов, Тодор Станков и др. Власта тури рака и врз едедн од главните организатори: Мише Развигоров, којшто беше осуден и пратен в Бодрум-кале во Мала Азија. Но, најглавниот организатор Гоце Делчев не беше уловен. После демонстрациите во Штип 1896 г. настанати за време на погребот на едно штипјанче убиено од Турчин, при што учителот Гоце Делчев одржал огнен говор против турската власт, положбата во тој град му станала невозможна; тој станал илегалец и се оддал на организирање на населението. Организирањето на Македонците се засилило, но за нивно вооружување недостасувале средства. Делчев решил да ги набави по чисто разбојнички начин: през летото 1897 г. Тој со четата во која влегувал и Врбан Килифарски, тој во Струмица го киднапирал богатиот Назлим беј и за негово ослободување побарал 3.000 лири.
Непознат автор – какви што се авторите на народните песни – за таа „отмица“ создал песна, која што веќе 1899 г. се пееше низ Струмица:
Дил ми ја ти кажав: седи, не оди
Де мори Селим аго, де!
...
Тој негов опит не вродил со плод, меѓутоа кај неговите погледи всадени во военото училиште, под влијание на споровите, разговорите и дружбата во четата на Врбан Килифарски, настана значителен прелом. Пред се’, тој беше научил дека, ако македонското население не ги симпатизира Турците, тоа не заради тоа што се тие иноверци т.е. инородни, туку затоа што се олицетворение на власта, упразнувана токму од Турците. Под влијание на Врбан Килифарски тој беше прозрел и разбрал дека Турците, земени како одделни личности или како човечка група, кои не се дресирани во власта, не се само еднакво добри како Македонците, ами се многу почовечни и со поголема култура од нив самите; така под негово влијание, Делчев не ги мразеше Грците и Србите, макар што во военото училиште најусрдно ја беа култивирале омразата кон нив.
За тоа дека врху погледите на Делчев било работено и дека и тој самиот работел врз нивното менување и оформување, стануваше јасно и од неговите симпатии кон нас – анархистите од Женевската група – со кои се запознаваше за првпат, како и од неговиот интерес за преведените анархистички брошури од моја страна, особено кон „Речта на Емил Анри“. Тој ми ги побара ракописите. Подоцна тој ги испечати и ги издаде тие брошури – нешто што најкрасноречиво говори за влијанието кое врз него го извршиле како Врбан Килифарски, така и анархистите од Женевската група, со кои тој помина четири месеци во летото и есента следната година.

*          *          *
Вечерта, истиот ден кога се запознав со Делчев, сосема сличајно ми падна в раце едно строго доверливо писмо од Скопската бугарска митрополија, потпишано од Скопскиот владика – неговото Високопреосвештенство митрополитот Синесиј, адресирано до пловдивскиот митрополит. Во тоа писмо, високопреосвештениот Синесиј му јавуваше на Пловдивскиот митрополит дека неколку души селани од село Бродац – Скопска Црна гора – заминале за Пловдив да бараат работа како лебарски работници; ...


(изд. Федерацијата на анархистите во Бугарија)

No comments:

Post a Comment