Wednesday, November 21, 2018

ЕНДРЕ АДИ: Песни



ЧЕТИРИТЕ ДИМЕНЗИИ НА АДИ

Ни потомок, ни среќен предок,
Ни роднина, ни познат сведок,
Не сум му никому,
Не сум му никому.

Ко секој човек јас сум: врв,
Северен пол, тајна, туѓа крв,
Призрачен, дален сјај,
Призрачен, дален сјај.

Не можам да останам ист,
Би сакал да се јавам чист,
Да ме види секој,
Да ме види секој.

Па затоа е сега мака:
Би сакал секој да ме сака,
И нечиј да бидам,
И нечиј да бидам.

Оваа четиристрофна песна е всушност една кратка, крајно збита поетска автобиографија на најголемиот унгарски поет на новите времиња Ендре Ади. Можеме да кажеме дека сите негови песни ја прават на извесен начин неговата автобиографија. Ади е поет, како и Шандор Петефи, што ја опишува врската меѓу своите интимни доживувања и карактеристичните настани на времето во кое живее. Но широката и длабоко прониклива опсервација на Ади не се задржува исклучиво врз актуелните настани на својата земја, иако тие се фундаментални, туку симболично ги апсорбира и големите светски настани – тој не е само најдобар набљудувач на унгарските општествени процеси во своето време, туку и на доминантните демократски движења во Европа; како публицист, а подобар публицист не постоеше во Унгарија, со големо умеење и храброст ги коментира, на пример, настаните во Франција и во Русија од 1905 година и во годините што следуваат.
Споменатата песна всушност е поделена на два дела: во првите две строфи, а тоа може да се земе и како прва половина на неговиот живот и творештво, поетот е неопределен, не му припаѓа никому, не е никому ни потомок, ни среќен предок, туку во својата осамена величина, во својот „ничеовски“ врв, тој е само „тајна“ и „туѓост“. Но во третата строфа доаѓа до пресврт. Тој се бунтува против таквата состојба, која всушност ја симболизира состојбата на својата заостаната земја, не се помирува со она што е, со лажната величина на својата грофовска, феудална татковина, и сака да се појави пред светот, да го види секој и да му припадне некому, да биде сакан од секого. Во песната Ади мајсторски, со својата симболична постапка спроведува неколку значења: таа може прво да се сфати како лична, интимно-автобиографска, потоа како мала поетска биографија на неговиот народ, на неговата земја, која сака да оди во чекор со другите земји, да биде забележана и прифатена од нив, ги одразува сите напори и маки што таа ги вложува за да се израмни со светот и соодветно да се експонира во него. Паралелно со овие две главни линии во песната Ади ненаметливо ја сугерира и својата жед, својата дрч за љубов, да биде сакан и со љубовта на некоја жена. Освен тоа, стихот „нечиј да бидам“ ја објаснува желбата на Ади и идеолошки да се определи. Познато е дека подоцна, неколку години по пишувањето на оваа песна, тој и ќе се определи: откога ќе види дека граѓанско-демократското движење на неговата земја не води никаде, измамено е и задушено од владејачката класа, откога ќе стане скоро сосем сам во борбата за радикална промена на својата земја, тој ќе се определи за стремежите на работничката класа, за идеите на социјализмот и пролетаријатот.
Но патот на Ади до тоа определување е долг, макотрпен, проследен со огромни внатрешни борби со наизменично и трагично сменување на оптимизмот со песимизам, со длабоки противречности, со иљада клетви против тие што го запираат прогресот на земјата и со громогласни пофалби кон народот што го носи пламентот на револуционерната преобразба, но и со библиски клетви против истиот народ (и во тоа е сличен со Петефи) што ја трпи власта на богатите и конзервативците. Нема во светската поезија ниеден друг поет кај кој толку остро и брзо се сменуваат и се судираат песимизмот и оптимизмот. Ади живее во едно време на полни општествени и национални контрадикции. Но тој е еден од ретките поети на своето време, не само во Унгарија, туку и во светот, што верува во силата на револуцијата. Но неговата револуционерност не е шематска, не е програмска, исто како и револуционерноста на Петефи, во неа се мешаат и спротивни созвучја, и песимизам и декаденција и очај. Оттаму се раѓаат, со истата спонтаност и скоро во исто време, да не кажеме во ист ден, со неговите револуционерни песни, и песните на смртта, песните за Бога и песните за господарот на времето: Парите.
Неговата поезија фактички не треба да ја делиме, неа треба да ја примиме како едно дијалектичко единство на сите противречности. А, ако се обидеме да правиме таква поделба, такво групирање, тоа треба да се сфати само како извесна постапка за што подобро осветлување на неговиот поетски опус.
Според тоа, поезијата на Ади можеме да ја поделиме во многу групи и подгрупи. Но сепак, според мое мислење, во четири основни циклуси можат да се распределат песните на овој огромен поетски опус: љубовта, парите, револуцијата и смртта. Но секогаш треба да ја имаме на ум мошне тесната поврзаност и заемност на четирите циклуси. Песните од првиот циклус иако првенствено се однесуваат на љубовното чувство или страст, сепак исполнети се со елементи од другите циклуси. Љубовта на Ади е борбена, револуционерна, во неа блеска сјајот на златниците, шушкаат парите и „паричниот живот“, тоа е љубов родена во капиталистички услови, и најпосле тоа е голема и смртна љубов. Над неговата љубов постојано лебди смртта. Песните што зборуват за парите, пред се’ ја одразуваат општествената и социјална состојба на времето на Ади, но во неа има јасни асоцијации за љубовта, за револуцијата и за смртта. Во циклусот со револуционерните песни исто така се провлекуваат симболи и чувства од другите циклуси. А последниот циклус, песните за смртта, којашто Ади секогаш ја пишува со голема буква, имено, којашто ја персонифицира, се гради врз песимизмот од другите мотиви: љубовта, парите и револуцијата. Но во песните за смртта, наоѓаме и многу елементи на оптимизам, на радост и среќа. Најпосле, Ади смета дека треба со смрт да се дојде до новиот живот, до новиот свет. Тој се нарекува „роднина на Смртта“ не од болни причини, барем не само поради нив, туку и поради својот неугаслив револуционерен гнев. Тој и’ дава ново, револуционерно значење на смртта, таа во неговата поезија е далеку од она значење што и’ го давале поетите пред него, далеку од „телесната“ смрт кај Хомер, од „светско-тажната“ смрт кај Бајрон, од „апстрактната и музикална“ смрт кај француските симболисти, далеку од „божествената, натчовечка и митска“ смрт кај Ниче, па дури и од романтичарското значење што и’ го дава на смртта Петефи. Кај Ади смртта, иако има по нешто од сите нив, не може да се идентификува со ниедна од нив; таа не треба да се сфати само како обичен човечки феномен, туку и како општ билошки и општествен факт. Смртта во поезијата на Ади го означува, покрај другото, и крајот на старото време, имено, на феудализмот и на општествената заостанатост, и почетокот на новото време, на социјалистичката револуција. Ади ја претпоставува смртта над животот, но над застарениот и корумпираниот живот, над животот во кој господари Парата, над животот на бедата, лагата и конзервативизмот. Значењето на смртта во неговата поезија е мошне блиско, да речеме, со значењето и смислата на оној трагичен лозунг „Слобода или смрт“ на македонските борци од Илинденското востание. Смртта во песните на Ади не е само лична, туку општа, па и општочовечка, светска. Токму зато мотивот на смртта во неговиот поетски опус е доминантен и главно преку тој мотив Ади станува светски, бесмртен поет.
...

ПАСКАЛ ГИЛЕВСКИ


(Изд. Македонска ревија – Скопје, 1977 год.)

No comments:

Post a Comment