Monday, November 26, 2018

ЦВЕТАН ГРОЗДАНОВ: Нови прилози за историјата и живописот на црквата Богородица Перивлепта (Св. Климент) во Охрид



Откривањето на фреските од 1295. во Перивлепта, дела на Зографите Михаил и Евтихиј по 1951 година, предизвика голем интерес кај проучувачите на средновековната култура во светот, особено кај историчарите на уметноста. Ликовната постапка и стилската анализа покажа дека фреските на овој храм ја претставува еволуцијата помеѓу пластичниот стил на Палеолозите на XIII век (Сопоќани) и класицистичкиот стил на Палеолозите од првите децении на XIV век. Таа појава, и покрај новоткриените ансамбли на живопис, се’ уште претставува загатка поради особеноста на стилскиот приод на мајсторите којшто, ни пред ни по Первивлепта, така силно не е манифестиран. Независно од тоа што некои историчари на уметноста за фреските во Перивлепта зборуваат како за архаични, а за духот на сцените како патријархален, никој не ја оспорува величината на споменикот со речиси 10 авторски потписи на зографите Михаил и Евтихиј кога тоа се споредува со Старо Нагоричино и со Никита, како и со Богородица Левишка или со Кралева црква во Студеница. Истата релација се проучува и со Протатон во Света Гора, Св. Апостоли во Солун, вклучувајќи го храмот Хора во Цариград. Овој живопис во олтарот, наосот и нартексот и денес го обележуваат ликовниот придонес на Перивлепта во светските токови на ликовната уметност.
Следната етапа во откривањето на живописот во Перивлепта се однесува на фреските во тремот, неговото северно, западно и јужно крило во XIV век со кои се покриени фасадните ѕидови. Овој трем е затворен дури во XIX век, така што денес се пројавува како затворена припрата.
Фреските од XIV век во тремовите на храмот се откриени дури во 1960-1961 при дефинитивната презентација на овој угледен охридски храм за госите на Дванеаесеттиот византолошки конгрес во Охрид. По тој повој тие се проучувани, а тогаш се објавени и првите извештаи за тематиката и стилот на ова ѕидно сликарство.
Во првите објавени прилози, особено во 1961, направени се низа пропусти кои и денес имаат влијание врз презентацијата во науката.

1. ИДЕНТИФИКАЦИЈА И ХРОНОЛОГИЈА ВО СЛИКАРСТВОТО ОД СЕВЕРНИОТ ДЕЛ НА ТРЕМОТ
Во северниот дел на Перивлепта, на фасадата од параклисот С, Глигориј Богослов, како и на дел од фасадата на северниот трем, насликана е галерија историски личности на кои ќе се осврнеме во следните редови. Тука се насликани од север кон југ следните историски личности: Вук, син на севастократорот Бранко, Гргур, син на севастократорот Бранко, цар Урош, над надвратникот од вратата на параклисот Св. Грирориј Богослов, архиепископ Григориј II, веројатно епископ Григориј Деволски и на соседниот ѕид Јован, архимандрит на манастирот Св. Климент. Во првиот извештај за нивното откривање се истакнува дека до царот Урош е насликан „севастократор Волкашин“. Од сигнатурата произлегува дека тука не е насликан Волкашин, туку Бранковиот син Гргур. Потоа, епископот деволски Григориј се презентира како архиепископ Григориј Деволски, каков што, всушност, не постои. Датирањето на овие фрески произлегува од ктиторскиот натпис во параклисот на св. Григориј Богослов каде што е прецизно посочен датумот на неговото завршување во 1364-1365. Сликањето на синовите на севастократорот Бранко е времето кога тие се се’ уште во Охрид, каде што нивниот татко, севастократорот Бранко Младеновиќ, управувал со градот и тоа е фаза на нивното иселување на Косово. Во науката е добро познато дека Волкашин во тоа време не владеел со св. Климентовиот град. Одамне е укажано дека првиот податок за Волкашин се наоѓа во пештерната црква Св. Богородица од 1369 година во Преспа на островот Мали Град, а подигната од кесарот Новак. Во ктиторскиот натпис се споменуваат владеењето на кралот Волкашин и јурисдикцијата на Охрид и на охридскиот архиепископ, т.е. архиепископот на Прва Јустинијана.
Очигледно е дека предизвикувал интерес и грчкиот натпис над вратата од тремот во нартексот на храмот којшто бил порано непознат поради дрвениот покрив. Тој натпис е инкорпориран во илустрацијата на Акатистот на Богородица и е познат под називот „На избраната Војвотка“. Врз оснона на овој текст, познат како проимон, подоцна е вообличена сцената Опсадата на Цариград што е насликана на островот Голем град во Преспа во рамките на илустрираниот Акатист и речиси во исто време како и примерот со натписот во Охрид. Охридските мајстори немале простор на ѕидот да ја вклопат оваа тема, па ги испишале уводните редови од стиховите на Акатистот. Познато е дека близок на охридскиот примерок е илустрираниот Акатист од Хиландар, изведен од Ѓорѓе Митрофановиќ. Во другите примери Богородица се слика како оранта заедно со стиховите „На избраната Војвотка“, додека во романските земји, во времето на Петру Рареш, повеќекратно се илустрира композицијата. Веќе е искажано мислење дека молитвата за спас на Цариград од непријателите во Охрид е актуелна кога, во времето спроти Маричката битка, се појавуваат молитвите до Богородица да го спаси градот. Впрочем, и самиот постанок на проимионот се смета како молитва за спас на Цариград, за што авторот на овие редови веќе пишувал.

2. НЕБЕСКИОТ ДВОР НА ЗАПАДНИОТ ЅИД ОД ПЕРИВЛЕПТА
На западниот ѕид од Перивлепта насликани се два слоја фрески, еден по друг. На цела површина од овој ѕид се’ уште добро е зачувана претставата на Страшниот суд од 1595. Тоа е и последната етапа во украсувањето на храмот, веќе во време кога тој служел како охридска катедрала (по трансформацијата на црквата Св. Климент во џамија). Во завршните работи на конзервацијата во Перивлепта стана јасно дека под Страшниот суд се протега првиот слој од фрескоживописот којшто припаѓа на времето од 1365 година. Во северниот крај на ѕидот, по испаѓањето на фрагменти од вториот слој, откриена е фигура на свет воин во велмошка облека. Во исто време, неколку сонди изведени на површината на Страшниот суд покажаа дека на целиот простор се протега композицијата на Небескиот двор, која ја нареков „Повик до избраните“. Фигурата на светиот воин којшто се упатува кон средиштето на овој простор, ги има сите типолошки и физиономски одлики на св. Теордор Стратилат. Тој носи велмошка капа и држи жезол со топчест врв. Пред него бил најверојатно св. Теодор Тирон или некој од светите воини (св. Ѓорѓија, св Димитрија), но секако симетричен пандан од другата страна претставуваат некои од светите воини, исто во велмошка облека со жезла во рацете. Средишниот дел бил покриен со фигурите на Христос цар и Богородица царица, како и на св. Јован Претеча, а блиску до нив бил и старозаветниот цар Давид. Иконографијата на сцената ја споредуваме со сродна сцена од западната фасадна страна на Св. Богородица Заумска, како и со други сродни композиции во живописот на Македонија, Србија, Света Гора и на Русија. Во прво време претставите на Богородица царица се именуваа како што е случај со Минхенскиот псалтир, илустриран според псалмот 44, но подоцна се констатира дека почесто се јавува покрај неа испишан текст од псалмот 93, 1: „Господ се зацари; се облече во величественост. Господ се препаша со сила. Тој вселената ја зацврсти и нема да се разниша“ (Свето писмо, Скопје 2007, ед. МПЦ). Оваа појава првпат ја забелажав во протезисот на црквата Св. Никола во селото Вранештица кај Кичево, а потоа и во други споменици во регионот на Охрид и во диецезата од Костур до централна Србија и до Света Гора. Спецификата на сродната тема во Заум е во тоа што на целиот западен ѕид под Христос цар се сликаат разни светителски редови – апостоли, маченици, монаси – прашање што го проучуваше Г. Мије во студијата Ватиканска Далматика. Може само да се претпоставува дека со симнувањето на Страшниот суд, кога за тоа ќе постојат конзерваторски можности, ќе бидат откриени нови историски и ликовни податоци за зографирањето на Перивлепта во XIV век. Помислата дека старата композиција на Страшниот суд во јужното крило на Перивлепта, подоцна покриена со вар, е во тематска врска со небескиот двор, нема научна основа. Постоењето на други примери со Христос цар и Богородица царица во руската уметност во средината на XIV век В. Н. Лазарев го поврзуваше со јужнословенските влијанија и врски и тоа прашање засега останува отворено. Познато е дека на чело на Охридската архиепископија во средината на XIV век бил архиереј Григориј II, личност со широка култура и со постојани контакти со екуменскиот патријарх во Цариград. Впрочем, се знае и дека тој правел напори за поврзување на црквата во Цариград и во Србија во времето кога се’ уште бил во сила спорот со Душановата узурпација на царската титула. Тој бил канет на собирите во Цариград, во патријаршијата, и претпоставувам дека имал битно влијание врз тематската концепција на уметноста во Македонија. Надвор од нашиов прилог, само ќе го споменеме прашањето за улогата на охридскиот архиепископ во Серската област и врз правните односи со Света Гора.

3. БЕЛЕШКИ ЗА ЖИВОПИСОТ ВО ЈУЖНОТО КРИЛО НА ТРЕМОТ НА БОГОРОДИЦА ПЕРИВЛЕПТА
Големи оштетувања на фреските во јужниот дел на тремот на Перивлепта поставија прашања кои и по чистењето на живописот останаа отворени. Во голем дел уништените фрески беа покриени со вар, чие отстранување покажа само дека деловите од живописот биле уништени во поранешниот период. Тоа треба да се разбере со оглед на фактот што некогаш отворената јужната страна на тремот била изложена на дождови од езерската страна на објектот. Во нашата сегашна ревизија на фреските на јужниот параклис, како и порано, при прочувањето на храмот, не забележав траги од делумно или целосно зачувани остатоци од св. Никола кому се смета дека му била посветен овој дел од црквата. Порано веќе укажав над заданата врата од параклисот е оставен празем простор за испишување ктиторски натпис, но просторот и денес е празен, што индицира дека постоело колебање околу посветата или околу ктиторот на параклисот. За една друга претпоставка, дека овој јужен параклис е посветен на св. Климент, не добив никаква потврда. Сепак, факт е дека над влезот во параклисот е насликана голема композиција Успението на св. Никола со добро зачувана сигнатура на грчки јазик. Во долниот дел од Успението и во завршниот дел на јужниот ѕид, насликана е една лаичка личност со доста оштетена облека, која и’ се обраќа на Богородица за застапништво пред Христос. На овој тесен простор покрај влезната врата во параклисот, насликани се двајца архиереи со молитва кон Христа.
Останува едно отворено прашање: Зошто во досега откриениот живопис не е никаде насликан постариот брат на Гргур и Вук, Никола?
...


(Изв. ГЛАСНИК ИНИ, год. 58, бр. 1-2, Скопје 2014.)

No comments:

Post a Comment