Friday, May 10, 2019

Стојан Ристески: СОЗДАВАЊЕТО НА СОВРЕМЕНИОТ МАКЕДОНСКИ ЛИТЕРАТУРЕН ЈАЗИК


I
ОД ОЗАКОНУВАЊЕТО ДО УНИФИЦИРАЊЕТО НА СОВРЕМЕНИОТ МАКЕДОНСКИ ЛИТЕРАТУРЕН ЈАЗИК

Првиот филолошки зафат за кодификација на македонскиот литературен јазик
...Првиот референт, Ѓорѓи Киселинов, истакнал дека литературниот јазик го прават писателите и новинарите, а филолозите имаат само задача да ги установат неговите форми. Бидејќи потребата наложува итност во разрешувањето на македонското јазично прашање, нема време за чекање, па предлага за основа на македонскиот литературен јазик да биде земено централномакедонското наречје со дополнувања и од другите македонски наречја. Се застапува за фонетски правопис, макар што е неможно да биде доследно таков.
Централномакедонските говори веќе ги посочила македонската литературна историја,  а на нив се создавало и најновото творештво. „Делата на Венко Марковски и Коста Рацин ни даваат голема основа да сметаме дека е разрешен проблемот на македонскиот литературен јазик“, вели Ристо Зографов.
Во прилог на централномакедонските говори се искажале и: д-р Ѓорѓи Шоптрајанов, Мирко Павлов Непроштенски, д-р Милка Балванлиева, д-р Михаил Петрушевски, Даре Џамбаз и Васил Иљоски. Блаже Конески бил за западномакедонските а-говори. „Јас мислам оти тој термин е поправилен“, вели тој.
Се прифатил терминот „централномакедонско наречје“, со образложението дека него го сочинуваат народните говори во кои Ѫ > а, Ъ >о и имаат третосложен акцент. Од сите учесници при определувањето за централномакедонското наречје единствено Венко Марковски се послужил со научните поставки на Крсте Петков Мисирков. Меѓу другото, тој изнесол: „За това централно македонско наречје прекрасно разбиране произнесе Крсте Мисирков, роден во Ениџе Вардар, кој постави како принцип, оти македонскиот јазик не е ни болгарски ни сЪрпски јазик. Мисирков водел околу тоа голем спор во 1903 година. Него во Болгариа го правеле луд, СЪрбите го држеле за ненормален.“
Прашањето за азбуката предизвикувло бурни дискусии и полемики. Тоа го предизвикало излагањето на д-р Милка Балванлиева, која го завршила со ставот: „самото време ни налага да ги земеме буквите од сЪрпско-хЪрватската кирилица, дека во поновата наука се избегава да се прават дифтонзи. Ако пак не се прима сЪрпско-хЪрватската кирилица, да се направат букви со кукучки, зашто това е чест случај во старата наша книжевност. Со сЪрпско-хЪрватската кирилица ќе имаме југословенска азбука“.
„Да збориме за некоја југословенска азбука , това е сосема нереално. Нашиот народ бил и досега како народ, но јазикот не му бил оформен. И сега, нас не може да ни биде цел да се нашиот народ слее во југословенскиот народ, но да запази својата националност... Кога е работа за македонскиот јазик, ние треба да имаме наша, македонска азбука, со која адекватно ќе можеме да ги изразиме тие гласови што се слушаат во нашиот говор“, реагирал Венко Марковски. А Ѓорѓи Киселинов аргументирано го образложи неговиот став: „Југословенски јазик е илузија и никој пат не може да се направи. Зашто? Зашто и сЪрбите и болгарите си имаат своја литература, сЪрбите од пред 200 години, а болгарите од пред 150 години. Сега, ако сакаме да направиме нов југословенски литературен јазик тие треба да се откажат од својата литература и од својот литературен јазик и да го примат новиот југословенски литературен јазик. Ама такво никогаш нема да биде. Ние, Македонци, што до сега немаме литература, немаме општ книжевен јазик, не сакаме да се откажеме од своето, а како ли ќе се откажат сЪрбите и болгарите“. Киселинов, како противтеза, отишол и подалеку: „Но, ако не можеме да го направиме општ југословенски, можеме да го направиме општ славјански, а това ќе биде руски јазик...“
Во прилог на српската азбука се искажал и Блаже Конески. Тој негов став се среќава уште во два труда: За азбуката и За уединачуене на македонскиот литературен јазик и правопис, кои се без потпис, но од Стенографските белешки и од прилогот За азбуката што е презентиран пред Третата комисија се гледа авторството.
Мислењето за општојугословенски јазик го отфрлил и Даре Џамбаз, но се искажал и против правењето концесии кон едни или други, нагласувајќи дека „денеска македонскиот народ се стреми да создаде своја национална држава, која ќе има покрај другото и свое обележје во својот национален јазик... Тука нема место за концесии и ние никому нема да (му) правиме никакви концесии“.
Од 12 присутни 10 души се искажале за тоа македонската азбука да има свое посебно, национално обележје. Главната дискусија се свела на ќ, ѓ, љ, њ, џ, ј, ѕ и Ъ.
За меките консонанти се зел став да се применува ист принцип. Бидејќи мекоста во старата македонска збука се постигнувала со малиот ер, се истакнало мислењето тоа пак да се обележува со него, со тоа што на соодветните да им се додаде неговиот елемент – полукругот...
Македонската азбука Конференцијата дефинитивно ја усвоила на 28.XI 1944 година попладнето. Утврдената азбука Ристо Проданов ја напишал на таблата (печатено и ракописно), а потоа им се обратил на присутните: „Азбуката ни е готова и нека ни е честита и долговечна. Таја голема работа ја направивме...“ Потоа Комисијата го овековечила тој чин со колективна фотографска снимка.
Утврдената азбука, покрај од приложените Стенографски белешки во вториот дел на книгава, најдобро може да се долови од фотографијата на стр. 148. Како што се гледа на неа, кругчето (елементот од малиот ер) е сосема мало. Така, кај њ тоа не е на висината на хоризонталната цртичка на н, туку е двојно помало. Од денешните ракописни се разликуваат и графемите б, д и џ.
На 29.XI 1944 година Филолошката комисија имала одмор. Работата ја продолжила на 30.XI 1944 год. Четири и пол дена (30.XI – 4.XII попладне) Комисијата, во отсуство на Блаже Конески и Милка Балванлиева, ја разгледувала фонетиката, правописот, морфологијата и воопшто граматиката, но доверувајќи ја дефинитивната работа на две комисии:
„1) За изработуене елаборат за раководство по македонскиот јазик и 2) За изработуене на македонска номенклатура“.
Првата комисија ја сочинувале : Ѓ. Киселинов, д-р М. Петрушевски, Д. Џамбаз, Венко Марковски и Ристо Проданов, а втората: д-р Ѓ. Шоптрајанов, Р. Зографски, Васил Иљоски, Мирко Павлов и Круме Тошески.
Попладнето на 4.XII 1944 година филолошкиот собир ја завршил работата со усвојување на Резолуција, во која се вели дека за основа на современиот македонски литературен јазик се земаат централномакедонските говори, а азбуката ги има следниве 32 букви: а, б, в, г, д, ѓ (со кругче, б.з.), е ж, з, ѕ, и, ј, к, ќ (со кругче, б.з.), л, љ (со кругче, б.з.), м, н, њ (со кругче, б.з.), о, п, р, с, т, у, ф, х, џ, ч, џ, ш, Ъ. Во Резолуцијата нема никакви алтернативи, едногласно била усвоена од сите присутни на 4.XII 1944 година.
Президиумот на АСНОМ на својата XIV седница од 7.XII 1944 година како III точка од дневниот ред имал „Доклад по резолуциата на комисиата за македонска азбука“. Иако повереникот во своето образложение изнесол дека Комисијата „достојно ја исполни задачата и можеме да бидеме задоволни од нејзината работа“, на предлог на Страхил Гигов било решено привремено Резолуцијата да не се публикува додека зад неа не се најде авторитетот на С. Б. Бернштејн и Н. С. Державин. Веќе следниот ден, на 8.XII 1944 година, ЦК на КПМ со писмо бр. 30 се обратил до ЦК на КПЈ за да помогне да дојдат во Македонија советските филозофи Н. С. Державин и С. Б. Бернштејн во врска со конечното решавање на македонската азбука и литературниот јазик. А до нивното доаѓање „не би било лошо да ни испратите некој добар филолог од Белград, кој би работел извесно време со нашиве“.
Дали со писмо, со телеграма или телефонски се обратил ЦК на КПЈ до ЦК на КПМ по добивањето на писмото, не може документирано да се каже, но во секој случај тој брзо реагирал, презел конкретни чекори да му излезе во пресрет на Президиумот на АСНОМ за разрешување на јазичното прашање. Тоа се гледа од писмото бр. 40 од 16.XII 1944 година на ЦК на КПМ што го упатил до ЦК на БРП(к) во Софија. Во него се вели: „По порака од Централниот комитет на Комунистичката партија на Југославија се делегира другарот Густав Д. Влахов во Софија за да го покани од името на Маршалот на Југославија, Народниот херој Јосип Броз – Тито, другарот академик Н. С. Державин за да дојде во Македонија и да помогне во изработувањето на македонскиот литературен јазик“.
Густав Влахов за оваа негова посета во Софија ни рече: „Во Софија бев на 19 и 20.XII 1944 година, во кабинетот на Трајчо Костов, во ЦК на БРП(к). Таму случајно се сретнал со Цола Драгојчева. Державин, со кого лично се познавав, требало да дојде во Софија, но не дошол. Поканата ја оставив во кабинетот на Костов и во врска со неа подоцна, во 1945 година, Державин дојде во Белград“.
Веројатно по враќањето на Густав Влахов од Софија, во Канцеларијата на Маршалот на Југославија била испратена телеграма до Сесловенскиот комитет во Москва со која се моли Комитетот да преземе се’ што е можно заедно со нашата воена мисија и советските власти за да бидат испратени во Македонија академиците Н. С. Державин и С. Б. Бернштејн, за кое се договориле со Влахов.
Формираната комисија изработила Елаборат на комисијата за установуене на македонски литературен јазик, азбука и правопис.
Првиот дел е синтеза на историскиот пат на македонскиот народ и неговиот јазик, при што се потенцира улогата на делата и документите што биле презентирани на централномакедонското подрачје до 1944 година, а потоа се одредува: „Македонскиот јазик, како еден од битните белези на македонскиот индивидуалитет, ја диференцира и характеризира Македонија, но во исто време, тој јасно говори за блиската и тесната поврзаност со братските југословенски народи и со великиот руски народ. Во иднината, политичката и културна поврзаност помеѓу братските народи, ке биде се потесна. Таја поврзаност ке се одрази и во јазиците и во нив ке настане еден убрзан процес на мегусобно преливуене и уеднаквуене.
...Македонскиот литературен јазик е оформен како една реална потреба по силата на обективни фактори и по законите на јазиковата еволуција како и (кај) многу јазици; еден од диалектите на современиот народен јазик влегуе во основата на литературниот. Това е централниот диалект... А не малу елементи и од другите диалекти влегуваат во литературниот јазик, та затова, он е многу близок со народниот јазик во неговата целост.
Така, под терминот македонски литературен јазик се разбира македонскиот денешен народен јазик литературно обработен, а близкоста и единството измегу народниот и литературниот јазик, како и неговата самобитност, се означуе со општиот термин македонски јазик“.
Основните белези и форми на македонскиот литературен јазик Комисијата ги одредила според македонската народна и уметничка литература, од научните трудови за македонскиот јазик и преку непосредното познавање на народниот јазик. Тоа е предмет на вториот дел. Прво станува збор за фонетика и азбуката, па морфологијата, синтаксата и речникот.
Фонетскиот дел е предаден во 11 точки, зборувајќи за третосложниот акцент, рефлексите на Ѫ, Ъ, тј, дј, и за изговорот на ќ, ѓ, љ, њ, џ и Ъ.
За азбуката се вели дека Комисијата застанала на мислење оти треба да биде фонетска, па утврдува 32 букви. Се даваат појаснувања за џ, и Ъ, а „за омекнатите к, г, л, н, кој по својот изговор се специфични македонски, се комбинираат нови букви по принципот на слевание на основните букви со Ъ, како знак за омекнуене, слично на Вуковите Љ, Њ, така сите четири гласови се пишуваат со едно мало тркалце...“.
Од морфологијата се разгледуваат: иминја, придеви, местоимениа, бројеви и глаголи. Именувањето на зборовните групи и нивните видови е според српската и руската граматика. Речникот се вели дека ќе се обогатува од народните говори, ќе се врши зборообразување, додека готови заемки ќе се земаат од рускиот јазик за апстрактните поими, од кој зеле и другите словенски јазици. „Не само во лексиката, но и во својата целост новиот македонски литературен јазик ќе се развива под воздејствието на рускиот јазик, како и целата млада македонска култура заедно со културите на братските јужнославјански народи под упливот на високо-прогресивната и хумана култура на Совјетскиот Сојуз“, се вели во завршниот дел на Елаборатот.
Резултатите од работата на Комисијата нестрпливо се очекувале. На нив многу се полагало. Така, повереникот за просвета на конференцијата на обласните НОО, меѓу другото, изнесол: „Колко за нашата мак.(едонска) азбука образована е комисија која работи уште и нејната работа во една резолуциа ке се донесе скоро.
Со установуенето на азбуката ке може да се состави буквар и ке можеме да печатиме учебници...“
Во извештајот на Поверенството за народна просвета од 24.XII 1944 год. е запишано: „...Но сега работи нова комисија от 10 души наши филолози кои ке установат нашата македонска азбука и нашиот македонски литературен јазик.
По завршената работа на комисијата ке се пристапи кон изработуење на првиот македонски буквар...“.
Со донесувањето на Резолузијата и изработувањето на Елаборатот, Комисијата практично ја завршило доверената задача, но за тоа не било објавено ништо во јавноста поради заклучокот на Президиумот. За тоа објаснување се дава во извештајот на повереникот за народна просвета од 29.XII 1944 година, каде што се вели: „Но ние уште немаме буквар, а за да го имаме треба да имаме установена азбука. Има еден месец како е образувана комисиа за изработуење на азбуката и литературен македонски јазик. Комисиата скоро ќе приврши својата работа и чека се помошта на двајца советски учени, Державин и Бернштајн, кој требе да ја поткрепат работата на комисиата...“.
Документацијата зборува дека работата на Комисијата за кодификација на македонскиот литературен јазик била позитивно оценета. Меѓутоа, нејзините ставови вткаени во Резолуцијата и во стручните резултати на Елаборатот не биле публикувани по решение на Президиумот додека зад нив не застане „поголем научен авторитет“. Досега немаме најдено документ во кој Комисијата да не го дава својот предлог за дефинитивен додека не дојдат советските научници.
{фуснота: Блаже Конески во трудот За донесувањето на македонската азбука и правопис („Македонски јазик“ I, 5, 1950, 101) а истото е застапено и во уводот на неговата Граматика на македонскиот литературен јазик I дел, (Скопје, 1952, 46) пишува: „Првата јазична комисија отиде и подалеку, изнесувајќи во своето образложение до Поверенствто за народна просвета, од 20 јануари 1945 година, дека таа го дава предлогот не во дефинитивна форма, ами крајно решение за нашето јазично прашање треба да се земе дури кога ќе дојделе да ни поможат некои руски научници“.}
(изд. НИО „Студентски збор“ 1988 г. – Скопје, стр. 142-153)


No comments:

Post a Comment