III дел
Македонската Католичка Црква меѓу двете светски
војни
3. КАТОЛИЦИТЕ МАКЕДОНЦИ ВО РАМКИТЕ НА
КРИЖЕВАЧКАТА ЕПАРХИЈА
г) Последните
години во старата Југославија
Кој би можел да ги преброи сите акти кои се напишани и интервенциите кои се
преземени од страна на крижевачкиот и скопскиот владика за заштита на основните
граѓански права и верската слобода на католиците Македонци како и за нивното
душозаштитништво? Локалните власти, заедно со православните свештеници сториле
се’, за сите ветувања на министерството, па дури и на самиот крал, да останат
само мртво слово и куп хартија. Молбите на малобројните католици во Македонија
нарочно од гевгелискиот котар не престанувале. Преостанатото мало стадо преку
огнени искушенија и маки молело за свој духовен пастир, кого непријателите им
го скратувале, во надеж дека така најлесно ќе го ликвидираат „стадото без
пастир“.
Од 31 ноември 1931 година до 30 април 1933 со еноријата во Гевгелија –
Богданци управувал о. Јанко Будински од Белград, а на 30 мај истата година бил
именуван парох о. Георги Капсаров кој семнинаријата ја завршил во Зејтенлик и
на стари години ги примил свештеничките чинови за да им помогне на своите браќа
по нација и вера. Тој не становал во Гевгелија, но со еноријата управувал од
Скопје, а во 1933 и 1934 година повремено управувал и со еноријата во Богданци.
Ниту тој не поминал без потешкотии, имал низ неприлики и тоа се’ врз основа на
„братска“ денунцијација.
Со оглед на тоа што тој со еноријата управувал од оделеност, недостатокот
бил голем. На молба на верниците од Богданци, крижевачкиот владика др. Дионезие
Њаради, после кус теолошки течај, на 4. декември 1934 година го посветил за
свештеник тамошниот верник Кирил Попов, родум од Паљурци, кој поради јавното
наступување како католик многу страдал. Така еноријата во Богданци, после
прекин од 19 полни години, од 1. март 1935 година имала свој парох се’ до 1944
година, кога емигрирал во странство (Аргентина).
Кога во време на општите политички прилики, силите на велесрпството и
доминацијата на светосавското православие малку попуштиле, еноријата во
Гевгелија и Богданци, по толку борби и жртви, биле правно признати, а постоеле
веќе во турско време. Верниците донекаде биле осигурани, духовно послужени, но
општиот притисок не изостанувал, што било причина опаднатите верници да не се
вратат во крилото на Католичката црква, иако тоа јавно го изјавувале.
Во Струмица на парохот о. Атанас Иванов не само што не му одобрувале
катихизација на школската младина, туку безброј пати го повикувале на
сослушување поради непрестанните „братски“ пријави за бугарска пропаганда. Иако
секој пат морале да признаат дека тоа со ништо не се потврдува. Многу пати му
ги одземале матичните книги и правеле куќни и канцелариски претреси, а еднаш
поради „итно“ сослушување, на температура од 39 степени, го влечеле по срезот,
иако таму на тоа „итно“ сослушување, морал да чека од претпладне до доцна
попладне.
Сличното го доживувале и останатите католички свештеници во другите
католички енории во струмичката околина, а верниците никогаш неможеле да
добијат дозвола за градба или поправка на црква, туку сето тоа морало да е
прави кришум и со казнувања.
4. КАТОЛИЦИТЕ МАКЕДОНЦИ ПОД
ЈУРИЗДИКЦИЈА НА АПОСТОЛСКИОТ ЕГЗАРХАТ ВО СОФИЈА (1941 – 1945)
По нападите на фашистичките трупи и нивните сојузници во 1941 година се
распаднала стара Југославија. Голем дел од Македонија потпаднал под Бугарија, а
со тоа и поголем дел од католиците. Католиците биле поверени под јуриздикција
на Апостолскиот егзархат во Софија, створен 1926 година, со потфат на тогашниот
Апостолски визитатор монсињор Ронкали, подоцна Папа Иван XXIII.
Свештениците кои некогаш поради велесрпскиот шовинизам биле присилени со
мноштво верници да заминат во Бугарија, сега после толку години, можеле да се
вратат во Македонија. Така се вратил последниот македонски намесник о. Неделко Стојчев и о. Трпчо Јорганџиев, кои
после Војната умреле меѓу своите верници за кои толку страдале целиот свој живот.
Меѓу своите се вратиле и некои сестри Евхаристинки, кои дотогаш биле во
Бугарија, но после Војната повторно ја напуштаат Македонија односно струмичкиот
крај и се повлекуваат во својата матична куќа во Софија.
Бугарскиот окупаторки трупи, и покрај тужбите од страна на некои
православни свештеници, не правеле нарочни потешкотии на католиците во
Македонија.
Во едно свое писмо од 26. февруари 1946 година о. Неделко Стојчев, парох во
Струмица и викар на софискиот епископ Иван Гаруфалов, за католиците во Македонија
пишува до крижевачкиот епископ монс. Јанко Шимрак: „Среќен сум што примив до
знаење, со декрет од ‘Светата конгрегација на источните цркви’ во Рим, дека
католиците Македонци, токму овие окрузи – Струмица и Гевгелија – повторно се
правно припоени кон Крижевачката епархија. Ние сме среќни уште повеќе бидејќи
почувствувавме што значи изолација за одвоеното стадо од својот пастир. Не беше
можна кореспонденцијата, ниту врската меѓу верниците и нивниот духовен
поглавар, бидејќи меѓу Македонија и Бугарија беа затворени границите. Ова е чин
(“Factum“) дека ние сега
имаме пастир во Вашата Персона.
Значи, католиците Македонци останале под јуриздикција на Апостолскиот
егзархат до 1945 година, кога во новостворената Југославија повторно биват
припоени под јуриздикцијата на Крижевачката епархија.
Заклучок
Животот на католиците Македонци помеѓи двете светски војни бил навистина
крајно горчлив, првин под притисок на Грците, а потоа од страна на Србите, што
било причина и јуриздикцијата да варира над тие католици.
На македонскиот апостолски викар, епископот Епифан Шанов кој резидирал во
Солун, од Грците му било скратено секакво движење, како не би дошол до своите
верници. Поради протестот што тој го вложил до грчката влада, наишол на критика
готово во сите грчки новини, па 1915 година бил интерниран на островот Наксос,
со што неговата јуриздикција над македонските католици престанала. Католиците
кои поради грчкиот терор емигрирале во Бугарија, потпаднале под администрација на
Апостолскиот викар за Тракија, монсињор Михаил Петков. А, католиците верници
кои потпаднале од власт на Србите биле поверени во грижа на скопскиот латински
архиепископ Лазар Миеда, кој тогаш резидирал во Призрен. По Првата светска
војна во негова грижа се поверени и верниците од струмичкиот крај, кои дотогаш
биле под Бугарија.
Во 1923 година католиците Македонци се припоени во јуриздикција на
Крижевачката епархија. Дознавајќи за тоа, со молба се обраќаат до крижевачкиот
ординариј за испраќање свештеници од источен обред, како би можеле да ги
обавуваат своите верски обврски. Крижевачкиот епископ им излегол во пресрет на
тие верници и неколку пати го именувал о. Христофор за парох во гевгелија и
Богданци, но тој бил секој пат истеруван со изговор дека во тој котар нема
католици и дека е бугарофил. Како би бил избегнат тој неопрадан факт,
крижевачкиот владика др. Дионезие Њаради праќа во Македонија свештеници
немакедонци, но и тие биле истерани со исти методи од котарот. Тогаш
крижевачкиот владика се обратил со молба до скопскиот владика др. Гнидовец да
прати свештеник кој привремено ќе се погрижи за тие верници.
Во 1941 година поголемиот дел од Македонија потпаѓа под Бугарија, а со тоа
и католиците Македонци биле припоени под јуриздикција на Апостолскиот егзарх во
Софија, се’ до 1945 година, кога повторно се вратени во јуриздикција на
Крижевачката епархија.
IV дел
Македонската Католичка Црква
повторно во рамките на Крижевачката епархија (1945 – 1995)
1. АРХИЕРЕЈСКО НАМЕСНИШТВО
Жалосната трагедија на македонските католици била во тоа што немале
свештеничка генерација, освен еден единствен Кирил Аврамчев, за кого се
надевале дека ќе може многу да направи за консолидација на верскиот живот.
Навистина, во 1944 година тој бил поставен за парох на Богданци, каде со
својата работа, доброта и убавите постапки ги освоил срцата на своите верници.
Но во 1947 година е осуден од народните власти, а од истите во 1952 е
помилуван. Во Гевгелија дошол на заздравување, но неговото здравје ненадејно се
влошило и туберкулозата, која го подгризувала и во пораните години, го сторила
своето. На ден 26. јануари 1953 г. преминува во вечноста на само 40 години
живот.
После неговата смрт, грижата за сите католици од источен обред во
Македонија останува само на четворица домашни светштеници, од кои тројца веќе
биле во подоцнежни години на животот, болежливи и исцрпени од непрестајните
страдања. Најтешко сепак биле погодени католиците од Гевгелискиот крај, каде
грижата за сите католици во тој крај останала на стариот и изнемоштен о.
Капсаров, кој со нив управувал од Скопје. Бидејќи управувањето поради
оддалеченоста било недостатно, верниците повторно барале да им се испрати
стален свештеник, зашто поради болезливоста на именуваниот, останувале често
токму на празници без богослужба, а уште потешко било во случај на болест или
смрт.
Со оглед дека немало надеж за скоро доаѓање на домашни свештеници, на молба
на крижевачкиот владика др. Габриел Букатко, двајца свештеници – Бранко Содја
лазарист и Алојзие Турк свештеник на скопско-призренската епархија, го
прифаќаат источниот обред и во 1954 г. отишле на помош на домашните свештеници.
Бранко Содја бил именуван за управител на еноријата во Богданци, а Алојзие Турк
за управител на еноријата во Нова Маала во Струмица. Едната и другата енорија
биле веќе со години без стален парох. Должност на овие свештеници била за
опслужување на верниците додека не дојдат помлади домашни свештеници.
Крижевачкиот епископ во 1954 год. го обновил македонскиот епископски
викаријат – архиерејското намесништво – и го именувал на тоа место поранешниот
генерален викар на скопско - призренската епархија. Впрочем, 1. август 1954
Алојзие Турк бил разрешен од должноста генрален викар на скопско - призренската
епархија, а на 1. септември 1954 бил именуван за архиерејски намесник на
католиците Македонци од византиско–словенски обред. Намерата била за
организирање на автономен викаријат, како што биле викаријатите во Жумберак,
Босна и Бачка. Заслужниот белградски архиепископ во пензија монс. Алојзие Турк
во своето писмо од Воскресение 1989.
пишува: „Според замислата и изјавите на епископот ординариј Крижевачки, требало
архиерејскиот намесник како генерален викар, во целост да го застапува
ординаријот. Беа значи, дадени најголеми овластувања на генерален викар во
Македонија“. Понатаму во своето писмо архиепископот Турк продолжува: „Желба на
епископот беше како архиерејски намесник да се населам во Струмица, но за
пребивалиште ја избрав еноријата во Нова маала, која беше без свештеник и
запоставена во пасторален поглед“.
Се случува тоа што никој не се надевал, на крајот на 1954 г. и Бранко Содја
и Алојзие Турк, како архиерејски намесник, мора да ја напуштат Македонија во
рок од 48 часови поради „верска нетрпеливост“.
Значи, замислите на архиерејското намесништво скоро воопшто не се
исполниле, ниту можело да се даде голема помош на домашните свештеници.
Католиците повторно останале со своите изнемоштени свештеници.
Во 1961 г. преминува во вечноста првиот декан на Деканатот св. Крили и
Методи, створен во 1924 година о. Христофор Димитар Назов. На 22. февруари 1962
г. деканот на Деканатот св. Кирил и и Методи, архиепископот др. Габриел Букатко, го именувал монс. Атанас
Иванов за парох во Струмица, кој останал на тој положај до својата смрт,
односно до 11. април 1971 година.
Архиерејското намесништво поради принудното заминување на архиерејскиот
намесник Турк, неможело да се реализира, а во 1972 год. бил именуван апостолски
визитатор.
2. АПОСТОЛСКИ ВИЗИТАТОР
Со декрет на Конгрегацијата за Источните цркви од 3. јули 1972 г. скопско –
призренскиот бискуп Јоаким Хербут, со седиште во Скопје, е именуван за
апостолски визитатор за католиците од византиски обред кои живеат во
Македонија, со полна јуриздикција над нив. Од тогаш, католиците од византиски
обред потпаѓаат под полна јуриздикција на апостолскиот визитатор во личноста на
епископот Јоаким Хербут во Скопје.
...
(печатено: Украинска Колегија Св. Јосафат; Рома 1995)
No comments:
Post a Comment